!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Директорот на ФБИ ги отфрли нападите на Трамп


Вашингтон, 7 декември, 2017 - 21:00 (META) 

Директорот на американското Федерално истражно биро (ФБИ), Кристофер Реј, ги отфрли нападите на претседателот на САД, Доналд Трамп, наведувајќи дека „нема пофина институција од ФБИ“, јавуваат светските агенции.

Реј денеска сведочеше пред правосудниот совет на Претставничкиот дом на САД, додека демократите и републиканците се расправаа околу важноста на нападите на Трамп упатени кон федералната полиција.

Пред неколку дена американскиот претседател преку серија објави на „Твитер“ го нападна ФБИ, тврдејќи дека тоа е пристрасна институција чија репутација е „најлоша во историјата“ и го повика Реј да ја „исчисти куќата“.

– Можам да ви кажам дека ФБИ, онака како што јас го гледам, се десетици илјади агенти, аналитичари и работници кои се убиваат од работа за да бидат Американците безбедни – рече Реј, кој е на чело на ФБИ четири месеци.


Републиканците и демократите постигнаа договор за санкции кон Русија


Вашингтон, 23 јули, 2017 - 12:20 (META) 

Претставници на Републиканската и на Демократската партија во американскиот Конгрес објавија дека постигнале договор за широк пакет санкции кон Русија.

Како што се наведува, целта на тој пакет санкции е Москва да биде казнета за наводното мешање во минатогодишните претседателски избори во САД и заради руската воена агресија во Украина и во Сирија.

Конгресменот на Демократската партија во Претставничкиот дом, Стен Хоер, од Мериленд изјави дека се усогласени сите прашања во врска со санкциите кои освен кон Русија, предвидуваат и економски казни за Иран и за Северна Кореја.

– Осигурано дека е мнозинството (републиканци) и малцинството (демократи) ќе бидат во состојба да надгледуваат како администрацијата на претседателот Доналд Трамп ќе ги применува санкциите – изјави Хоер.

Претставничкиот дом ќе гласа за законот во вторник на 25 јули.


Поднесено првото официјално барање за отповикување на Трамп


Вашингтон, 13 јули, 2017 - 10:29 (META) 

Демократoт Бред Шерман од американскиот Претставнички дом го поднесе првото официјално барање за отповикување на Доналд Трамп од функцијата претседател на САД.

Шерман во барањето го обвини Трамп за попречување на истрагата за вмешаноста на Русија во претседателските избори во САД во 2016 година, отпуштајќи го директорот на ФБИ, Џејмс Коми.

– Таквото однесување бара отповикување, судење и отстранување од позицијата претседател – рече Шерман, додавајќи дека тоа е прв чекор на многу долгиот пат.

Демократот од Калифорнија ја има поддршката на Ал Грин, кој е член на Претставничкиот дом и кој прв јавно го повика Конгресот да гласа за отповикување на претседателот.

Раководството на демократите се дистанцираше од обидот за отповикување на Трамп, тврдејќи дека со тоа само му се зајакнува позицијата на американскиот претседател.

За отповикување се потребни 218 гласови во американскиот Конгрес, каде мнозинството го имаат републиканците, поради што американските медиуми претпоставуваат дека мала е веројатноста барањето да биде прифатено.


Клинтон ја прифати номинацијата за претседател: Ќе бидеме поголеми од кога и да е


Вашингтон, 29 јули, 2016 - 11:00 (META) 

Хилари Клинтон ја прифати номинацијата на демократите за претседател на САД и во завршниот говор на партиската конвенција повика на единство и на слога.

– Светот набљудува што правиме. Да, судбина на Америка е да избираме. Значи, да бидеме посилни заедно, гледајќи во иднината со храброст и со доверба. Да градиме подобро утре за нашите деца и за саканата земја. Кога тоа ќе го направиме, Америка ќе биде поголема од кога и да е – рече поранешната прва дама и поранешна државна секретарка.

Клинтон влезе во историјата како прва жена кандидат за претседател на САД.

Кандидат на републиканците е милијардерот Доналд Трамп, а изборите се закажани за 8 ноември.


Хилари Клинтон со убедлива победа во Вашингтон


Вашингтон, 15 јуни, 2016 - 11:44 (META) 

Поранешниот државен секретар на САД, Хилари Клинтон, победи на последните внатрепартиски избори на демократите во Вашингтон и сега подготвено ќе ја чека партиската конвенција, која треба да се одржи кон крајот на јули во Филаделфија.

На конвенцијата Клинтон и официјално треба да ја добие номинацијата за кандидат за претседател на САД на Демократската партија.

Клинтон на изборите во Вашингтон освоила речиси 80 отсто од гласовите. Нејзиниот противкандидат, Берни Сандрес, синоќа повторно порача дека ќе направи сè да го спречи републиканскит кандидат Доналд Трап да стигне во Белата куќа.

Двајцата кандидати на демократите, Клинтон и Сандерс, синоќа имале средба која траела час и половина и на која, како што е соопштено од нивните изборни штабови, тие разговарале за обединување на партијата и за опасноста што ја претставува Доналд Трамп за американската нација.


Европските социјалисти со силна поддршка за демократска Македонија


Љубљана, 29 мај, 2016 - 12:00 (META) 

Претседателот на Социјалдемократската младина и пратеник (СДММ), Стефан Богоев заедно со секретарот на СДММ, Трајче Нешковски учествуваат на одбележувањето на 120 години – социјалдемократија во Словенија.

Богоев оствари средба со претседателот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), Сергеј Станишев и со потпретседателот на групата на социјалисти и демократи во Европскиот парламент, Кнут Флакенштајн.

-Потребно е целосно повлекување на аболицијата. Селективната правда придонесува само за продлабочување на кризата, за која одговорни се Груевски, ВМРО-ДПМНЕ и Ѓорѓе Иванов. Решенијата понатаму треба да се бараат врз основа на принципите договорени во Пржино што значи враќање на правдата и создавање на потребни минимум услови за фер, слободни и регуларни избори – рече Богоев.

Богоев и Нешковски учествуваа и на Конгресот на Форумот на млади на СДП Словенија.

– Сестринските подмладоци од Балканот и регионот даваат голема поддршка за Македонија, и сите граѓани. Македонија мора да се врати на европскиот пат, а тоа е можно само со заминување на оваа власт и одговорност за сторениот криминал – се вели во соопштението на СДММ.