Автопатот Демир Капија – Смоквица треба да обезбеди економски развој и безбедно патување


Гевгелија, 23 април, 2018 - 15:02 (META) 

Со отворањето на 28,2 километри од автопатот Демир Капија – Смоквица го додадовме делот од Коридор 10 кој недостасуваше во земјата, рече генералниот директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон.

Тој додаде дека овој автопат ќе го олесни движењето, ќе го поттикне економскиот развој и ќе обезбеди одржливо и побезбедно патување.

Новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, која е во рамки на Коридорот 10, е дел од вкупните вложувања на Европската Унија во транспортната инфраструктура на земјата, кои во изминатите неколку години достигнаа речиси 325 милиони евра. Со нив се изградени и обновени над 100 километри автопатска мрежа, 64 километри патишта во повеќе од 40 општини и 60 населени места, 16 километри железничка пруга и 11 железнички станици.

Премиерот Зоран Заев рече дека овој автопат поврзува и води кон ЕУ.

– Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено и искрената приказна за поддршка и соработката. Нашата темелна вредност и определба, да ги издигнеме капацитетите на нашата земја на ниво достојно за да биде членка на ЕУ, е силна мотивација за усогласување на нашата, национална патна инфраструктурна стратегија, со онаа на Европската Унија – рече Заев.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека оваа автопатска делница е прва од овој тип на Балканот.

– Автопатот ги содржи сите потребни каректеристики за сообраќајна безбедност што ни дава сигурност дека сообраќајот по оваа делница ќе се одвива побезбедно за сите учесници. Истиот е проектиран и изграден согласно нормите и стандардите на Европската унија за заштита на животната средина, што дополнително влијае на намалување на емисијата штетни гасови – рече Сугарески.

Продолжување на поддршката и инвестициите кои треба да обезбедат поефикасно инфраструктурно и енергетско поврзување на целиот регион е една од шестте приоритетни иницијативи во новата Стратегија на Европската Унија за поддршка на трансформацијата на Западен Балкан. Со неа се предвидуваат дополнителни инвестиции на ЕУ од над една милијарда евра во натамошниот развој и инфраструктурата на земјите од Западен Балкан.

На настанот беше означен стартот на „ЕУ за тебе“ кампањата за инвестициите на Европската Унија во транспортната инфраструктура“, велат од Делегацијата на ЕУ во Македонија.

На отворањето на автопатот, присуствуваше и министерот за транспорт и врски на Грција, Христос Спирцис.


Автопатот Демир Капија – Смоквица денеска ќе биде пуштен во употреба


Скопје, 23 април, 2018 - 9:58 (META) 

По неколку одложувања, автопатот Демир Капија – Смоквица, денеска и официјално ќе биде отворен во 12 часот од страна на премиерот Зоран Заев, евроамбасадорот Самуел Жбогар, како и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

На автопатот, наместо три, како што беше предвидено, ќе има две патарини – eдната кај Гевгелија, другата кај Демир Капија.

Како што претходно информираше директорот на Агенцијата за патишта, Зоран Китанов, новите две наплатни рампи ќе бидат изградени за осум до десет месеци.

„Од моментот на давање на дозволата за градба, рокот за изградба е осум до десет месеци. Две патарини ќе има, една кај Гевгелија, една кај Демир Капија. Со најсовремен систем со сите светски мерила, да немате веќе застој“, изјави Китанов.

Новите 28,2 километри автопат од Демир Капија до Смоквица ја чинат државата 270 милиони евра. Од нив, 107 милиони евра се обезбедени  со кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), 130 милиони евра од Европската инвестициска банка, 45 милиони евра се грант од ЕУ, а шест милиони евра преку буџетот.

На настанот ќе биде промовирана и Кампања за инвестиции на ЕУ во транспортната инфраструктура на земјата.

Автопатската делница ја градеше грчката компанија „Актор“, а за неа, СЈО почна истраги  за тендерот како и за извлекувањето големи суми пари од вработени во компанијата.

Првоосомничен во овој случај е тогашниот премиер Никола Груевски, а второосомничен тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и тројца членови на комисија во Министерството и одговорни лица во грчки „Актор“, неговото македонско претставништво и уште две компании за перење пари.


Пратеничката Лазарова од СДСМ повредена во верижна сообраќајка


Скопје, 11 февруари, 2018 - 13:25 (META) 

Пратеничката Мери Лазарова од СДСМ, вчеравечер била причинител на верижна сообраќајка на патот Демир Капија – Удово, во која добила тешки повреди. Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, бил со неа, а во несреќата задобил лесни повреди, соопштуваат медиумите.

Според официјалното соопштение, пак, од МВР, вчера околу 17.50 часот на патот Демир Капија – Удово, на место викано „Маркова чешма“, се случила сообраќајна незгода во која М.Л. (33) од Валандово, управувајќи автомобил „опел корса“ со гевгелиски регистарски ознаки удрила во одрон од камења на коловозот.

Веднаш потоа, А.М. (57) од Богданци, управувајќи товарно возило „Волво“ со гевгелиски ознаки, кој возел зад автомобилот на пратеничката, удрил во опелот, па пратеничката и сопатникот во автомобилот, П.К. (30) од селото Удово , со возило на Итна медицинска помош биле пренесени во Општа болница Кавадарци. Кај П.К. биле констатирани телесни повреди, додека кај М.Л. биле констатирани тешки телесни повреди.

Поради сериозноста на повредите, М.Л. била пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Неготино.


Млад демиркапиец загина во сообраќајка во Демиркаписка Клисура


Демир Капија, 9 декември, 2017 - 13:43 (META) 

Во директен судир што се случил ноќеска на автопатот Скопје – Гевгелија, во Демиркаписка Клисура животот го загубил 24-годишен жител на Демир Капија.

Како што соопшти полицијата, во 3.50 часот денеска се судриле автомобил „сеат леаон“ со неготински регистерски таблички, управуван од С.Ј.(24) од Демир Капија, и автомобил „мерцедес“ со скопски таблички, управувано од Ѓ.Ч. (65) од Скопје.

Во судирот животот го загубил младиот демиркапиец, а возачот на „мерцедесот“ бил повреден.

Се работи на целосно расчистување на случајот.


Алпинист од Чешка загина во Демиркаписката Клисура


Демир Капија, 25 октомври, 2017 - 11:05 (META) 

Петр Шпеган, алпинист од Чешка, вчера го загубил животот откако, околу 12 часот, паднал од карпите кај тунелите кај Демир Капија, информираат од полицијата.

Алпинистот паднал качувајќи се со јаже по карпите десно во кањонот, во тунелите на секторот Малчек Спалчек и починал на самото место.


Кривична пријава за жител на Корешница кој нудел поткуп за глас во Демир Капија


Неготино, 14 октомври, 2017 - 13:20 (META) 

М.С. од село Корешница, Демир Капија, во Полициската станица Неготино пријавил дека С.Б. (43) од село Корешница му понудил пари за да гласа за еден од кандидатите за градоначалник на Демир Капија.

Во Полициска станица Неготино во врска со настанот повикани биле неколку лица, а бил известен и јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Кавадарци и од Основно јавно обвинителство Велес, по што пријавениот добил кривична пријава.


ВМРО-ДПМНЕ реагира за унапредување полицајци во Гевгелија и за автопатот Демир Капија – Смоквица


Скопје, 12 октомври, 2017 - 16:39 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска на две прес-конференции го обвини владејачкиот СДСМ дека е во паника и за партиски интереси деградира и унапредува полицајци, како и дека намерно не го пуштил во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица, иако бил готов.

– СДС ги губи изборите и во Гевгелија. Затоа Спасовски е во паника и носи решенија спротивни на закон за да ги задоволи партиските послушници. Со издавање „писмени наредби“ со важност од 30 дена во екот на предизборната кампања, на само четири дена дена до изборите, се унапредени и разрешени полициски службеници по неколку скалила од системот на кариера. Ова е беззаконие и за ваквите предизборни партиски комбинаторики ќе следи одговорност – рече Милан Стефаноски на прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

На друга прес-конференција Крсте Јовановски, пак, ја обвини Владата на СДСМ дека беспотребно ќе потрошела 850.000 евра преку нов анекс-договор за надзор, иако, како што рече тој, автопатот веќе бил готов.

– Значи, готов автопат, намерно го одолжуваат пуштањето во употреба поради изборите, а граѓаните тоа ќе го платат со 850.000 евра. Скандалозен анекс кој не се однесува на градежни работи, туку на надзор. Со ова, почитувани граѓани, се врши директна злоупотреба на вашите пари и се отвора сомнеж за тежок криминал кој СДС, Заев и Сугаревски свесно сакаат да го направат – обвини пратеникот Јовановски.


Автопатот Демир Капија – Смоквица ќе биде завршен до 28 февруари


Скопје, 10 октомври, 2017 - 20:47 (META) 

Владата денеска го усвои предлогот за потпишување анекс на договорот за изградба на автопатска делница Демир Капија – Смоквица, со кој се продолжува времетраењето на договорот за изградба до 28 февруари 2018 година.

Како што соопшти владината прес-служба, освен продолжувањето на рокот, анексот не предвидува дополнителни средства за градежните работи што треба да бидат изведени за завршување на автопатот.

Градежните зафати се однесуваат на дислокацијата на далноводот на МЕПСО и на изградбата на контролниот центар.

„Со продолжувањето на времетраењето на договорот за градежни работи до 28 февруари 2018 година, ќе се продолжи и времетраењето на договорот за надзор. Во согласност со првичните пресметки направени од надзорниот орган, за надзор на градежните работи се потребни околу 850.000 евра, средства кои се обезбедени во рамки на тековниот заем наменет за реализација на проектот. Со потпишување на анексот ќе се овозможи завршување и пуштање во сообраќај на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, како дел од Паневропскиот коридор 10, најдоцна на почетокот на март 2018 година“, стои во соопштението.


Ќе се тргне тајноста од договорите со странските инвеститори


Скопје, 26 јули, 2017 - 11:23 (META) 

На вчерашната 16. седница, Владата усвоила барање за декласификација, односно симнување на тајноста, на сите договори склучени како државна тајна помеѓу поранешната влада и странските инвеститори во економските зони. Сите податоци по декласификацијата, ќе бидат целосно и транспарентно достапни на јавноста, порача Владата.

Истовремено, на седницата е усвоена информација за пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и град и причинети штети на земјоделски култури на 20 јули 2017 година во Ресенскиот и во Тетовскиот Регион. Задолжено е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира комисии што ќе предложат решенија по поднесените барања за утврдување на настаната штета од земјоделците или организациите на производители.

За да овозможи продолжување на работите за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, Владата усвоила одлука да се помогне на МЕПСО да обезбеди имотен лист за далеководите што се наоѓаат на трасата и коишто има потреба да бидат поместени. Владата истовремено ги задолжила надлежните државни претпријатија, заедно со ЕВН, да предложат системско решение за овој и другите проблеми што ја следат изградбата.


„Актор“: Судските власти во Скопје, предметот со автопатот го ставија во архива во 2014 година


Атина, 10 јуни, 2017 - 12:23 (META) 

Грчката компанија „Актор“ нема сознание за постоење кривично гонење во врска со договорот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, соопштуваат од компанијата.

Оттаму велат дека по извршената ревизија судските власти во Скопје, предметот го ставиле во архива во 2014 година. Според нив, договорт за изградба на автопатот е потпишан врз основна на добиен меѓународен тендер.

Грчките медиуми „Прототема“ и „Катимерини“ пишуваа дека Европската агенција за борба против корупција (ОЛАФ) ја обвини оваа компанија за измама и за перење пари во износ од 50 милиони евра при изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица.

Од „Актор“ негираат дека се переле пари при изградбата на автопатската делница и посочуваат дека немало никаква измама при одвивањето на градежните работи.

На прашање на „Мета“, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција пред две години изјави дека презема активности и прибира докази кои се неопходни за расветлување на случајот „Актор“.

„Со оглед на комплексноста на случајот, во надлежното обвинителство се преземаат дејства за прибирање докази, неопходни за утврдување на околностите на извршување на конкретниот кривично-правен настан“, одговорија на 24 март 2015 година од Обвинителство.