!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заврши расправата за законот за јазиците, седницата продолжува утре


Скопје, 14 ноември, 2017 - 16:37 (META) 

По само 13 минути дискусија по паузата за ручек претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина седницата на Собранието на која се разгледуваше предлог-законот за употреба на јазиците. Тој констатира дека е исцрпена листата на пратениците што се пријавил за збор, па најави дека таа ќе продолжи утре во 12 часот.

Претходно во расправата реплицирајќи му на Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ, новиот пратеник Костадин Ацевски од СДСМ, кој влезе во собраниската фотелја на 8 ноември, „го пофали“ Данев за желбата за јавна расправа и консензус, велејќи дека тоа го немало додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле претставници на власта.

– Да не беше промената на власта, граѓаните немаше да бидат свесни за вашата желба и потреба за јавна расправа, консензус. Јас мислев дека за вас тоа беа мисловни именки или придавки. Да не поминевте во опозиција, граѓаните исто немаше да бидат свесни колку ги познавате Деловникот на Собранието и неговите одредби – рече Ацевски.

Веднаш откако ја прекина седницата за законот за јазиците, Џафери го почна шестото продолжение на 12-тата седница, на која прва точка е Предлог-закон за дополнување на Законот за исплата на платите, по скратена постапка, поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, Драган Данев и Невенка Стаменковска.