Учеството во Давос беше плодотворно и успешно, оцени Заев


Давос, 26 јануари, 2018 - 16:39 (META) 

Премиерот Зоран Заев, учеството на македонската делегација на Светскиот економски форум во Давос го оцени како плодотворно и успешно, информираат од Владата.

„Политичките пријатели на Македонија и потенцијалните бизнис-инвеститори ни упатија јасна порака дека реформите се клучни за економски просперитет. Како што истакнуваат светските лидери, мораме да внимаваме на развојот на локалните заедници. Мораме да вложуваме во вештините на луѓето и да гарантираме безбедна работа дома. За тоа се зборува овде во Давос. За тоа ќе работиме и кај нас дома“, изјави Заев по завршување на Самитот во Давос денеска.

Тој додаде дека Форумот е од особено значење за државата, бидејќи по повеќегодишна изолација, политичките лидери на Македонија и на регионот повторно присуствуваа на глобалната економска и политичка сцена.

„Нашиот став тука е слушнат, Западен Балкан создава сплотена иднина во ЕУ и НАТО. Овде во Давос, земјите кои се во развој имаат уникатна можност да учат и да добијат инспирација од светските економски лидери, односно од оние кои го трасираат патот на развојот на светот. Интеграцијата на Македонија надвор, реформите и економските мерки дома, се клучни за развој и за внатрешен напредок на нашата држава“, додаде Заев.

Во рамките на Светскиот економски форум во Давос, тој се сретна со премиерите на државите од регионот како и со претставници од Европската банка за обнова и развој, Светска банка, „Мајкрософт“, „Филипс“ и со еврокомесарот, Јоханес Хан.


Амбасадата на САД му понудила експертска помош на Судскиот совет за реформите


Скопје, 18 јануари, 2018 - 13:18 (META) 

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски вчера имал средба со претставниците на Амбасадата на САД во земјава, Дејвид Стивенсон – шеф на политичкиот и економскиот сектор и со Џон Т. Мекнил – правен советник.

На состанокот, како што информираат денеска од Советот, било разговарано за начинот на избор на судиите, како и за одговорноста на сите субјекти во судството, вклучувајќи ги судиите и членовите на Судскиот совет.

„Делегацијата од Амбасадата на САД изрази желба за соработка и нивна поддршка за подобрување на законските решенија за избор на судии и водење на дисциплинските постапки, како и за транспарентноста на Судскиот совет на Република Македонија, а воедно понудија и можност за активна помош на експерти од САД“, стои во соопштението.


Заев ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос на 25 и 26 јануари


Скопје, 12 јануари, 2018 - 11:57 (META) 

Премиерот, Зоран Заев и владина делегација ќе учествуваат на Светскиот економски форум кој се одржува во Давос, Швајцарија на 25 и 26 јануари.

Проектите и програмските иницијативи кои ќе бидат презентирани на 48-от годишен состанок на Светскиот економски форум се на темa „Креирање на заедничка иднина во поделениот свет“.

Светскиот економски форум е меѓународна организација која што на светско ниво работи за воспоставување на модел на корпоративно управување, во кој вредностите се почитуваат еднакво како и правилата.

На овој форум, Македонија последен пат беше претставена во 2003 година.


Владата и СДСМ ја одбележаа годишнината од смртта на Киро Глигоров


Скопје, 1 јануари, 2018 - 18:11 (META) 

Со положување цвеќе на гробот на Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија, Владата и СДСМ денеска ја одбележаа шестгодишнината од неговата смрт.

Во владината делегација на гробиштата Бутел беа министерот за култура Роберт Алаѓозовски, министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска и заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески. Делегацијата на СДСМ ја сочинуваа Миле Зечевиќ, организационен секретар на СДСМ, Цветанка Ласкова, координаторка на Форумот на жени на СДСМ и Љубица Јанчева, претседателка на Советот на Град Скопје.

Киро Глигоров почина на денешен ден во 2012 година. Беше избран за претседател на Република Македонија на 27 јануари 1991 година и функцијата ја вршеше во два мандати, до 19 ноември 1999 година.


Македонска делегација по погребот на романскиот крал Михаи Први


Букурешт, 16 декември, 2017 - 15:40 (META) 

Делегацијата на Република Македонија предводена од претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска му оддаде почит на починатиот крал, Михаи Први на Романија на миса што се одржа во Кралската палата.

Во македонската делегација е и вицепремиерот Кочо Анѓушев, како и македонската амбасадорка во Романија, Наташа Николова.

На мисата присуствуваа високи гости од државата и странство, како и Кралот на Шведска Карл Шеснаесетти Густаф, Кралот на Шпанија Хуан Карлос Први, Принцот на Велс, Чарлс и претставници на кралските семејства од Европа.

Крал Михаи Први денеска ќе биде погребан со највисоки државни и воени почести.


Заев се обрати пред студентите на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк


Њујорк, 23 септември, 2017 - 16:04 (META) 

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот на надворешни работи, Никола Димитров, и од министерот за дијаспора, Едмонд Адеми, беше почесен говорник на Универзитетот „Колумбија“, каде што во организација на УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка, имаше обраќање на тема „Свеж старт на Балканот: Демократско обновување и еколошко обновување на линија на одржливи развојни цели.“

„Новата Влада ја отвори Македонија во земја на можности за сите, за граѓаните, цивилното општество и граѓанскиот сектор, политичките партии, за заедно да ги постигнеме стратешките цели, економски развој и евроатлантски перспективи“, изјавил Заев.

На настанот присуствувале и говореле директори од Универзитетот „Колумбија“ и од УНДП во САД.

Со присуството на Универзитетот „Колумбија“ премиерот Зоран Заев и владината делегација ја заокружија официјалната посета во Њујорк и учеството на 72. Генерално собрание на Обединетите нации.


Бектеши го промовира туризмот во Кина, а со Рифаи разговарал за негово унапредување


Ченгду, 11 септември, 2017 - 12:27 (META) 

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска ја почна официјалната посета на Кина, а воедно ја предводи и македонската делегација на 22. седница на Генералното собрание на Светската туристичка организација (UNWTO) што се одржува во градот Ченгду, Кина.

На конференцијата, на која присуствуваат министрите за туризам од целиот свет, ќе се разговара за развојот на светскиот туризам, новите трендови во туризмот, подобрувањето на туристичките услуги и за одржливиот туризам. Бектеши на самитот ја претставил стратегијата за туризам на нашата земја.

Тој се сретнал и со генералниот секретар на UNWTO, Талеб Рифаи, со кој договориле реализација нa одредени проекти.

„Меѓу проектите што Бектеши и Рифаи се согласија да ги реализираат се и поддршката на експерти за измени на законите за туризам и за угостителство, прописите за категоризација на угостителските објекти, поддршката за имплементација на системот за одзив на туристи ТСА (tourist satellite account), обуки за вработените во секторот туризам во седиштето на UNWTO во Мадрид, како и обука на студентите кои се запишани на универзитет за туризам“, се вели во соопштението од Министерството за економија.


Владина делегација од 2 до 4 септември во официјална посета на Израел


Тел Авив, 2 септември, 2017 - 17:48 (META) 

Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерите Кочо Анѓушев и Оливер Спасовски и со министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бекташи и Љупчо Николовски, од 2 до 4 септември ќе престојува во официјална посета на Израел на покана на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

На 3 септември Заев ќе има средба со израелскиот претседател Рувен Ривлин, ќе положи венец на меморијалниот споменик на жртвите од холокаустот Јед Вашем, по што ќе следува работен ручек со членовите на израелскиот Совет за надворешни работи, на кој ќе се обрати македонскиот премиер.

Владината делегација ќе присуствува и на Македонско-израелски бизнис-форум, кој ќе се одржи на тема „Интензивирање на бизнис и економската соработка меѓу Израел и Македонија“.

В понеделник, на 4 септември, Заев ќе има работен ручек со премиерот Нетанјаху, а ќе се сретне и со лидерот на опозицијата, Исак Херцог.

Одделни средби со нивните колеги од Израел, ќе имаат и министрите за внатрешни работи, за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Владината делегација денеска, по пристигнувањето во Израел, ќе присуствува и на фудбалскиот натпревар Израел – Македонија.


Османи: Се подготвува план за подобро искористување на ИПА-средствата


Скопје, 20 август, 2017 - 10:47 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи се сретна со Никола Бертолини, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје (ДЕУ). На средбата разговарале и размениле податоци за состојбите околу реализацијата на проектите и искористувањето на ИПА-средствата.

Османи го известил Бертолини дека се подготвува обемен мастер-план, кој ќе биде поделен според итноста на мерките, а со кој се планира ревизија и унапредување на работата на ИПА-структурата, со цел подигнување на искористеноста на ИПА-средствата.

„Остварив работни средби со министерствата, градоначалниците и други претставници на институции, со цел директно да се информирам за предизвиците и пречките во реализација на проектите финансирани од ИПА“, изјавил Османи.

За овие реформи, Османи очекувал поддршка како од делегацијата на ЕУ во Скопје, така и од институциите задолжени за ИПА во рамките на Европската Унија.

Двајцата соговорници констатирале дека искористеноста на ИПА-фондовите во Македонија може значително да се подобри.


Таравари од денеска е во петдневна работна посета на САД


Скопје, 25 јули, 2017 - 9:44 (META) 

Министерот за здравство, Арбен Таравари, заедно со делегација од кабинетот, од денеска е во петдневна работна посета на Соединетите Американски Држави, информираат од кабинетот на министерот.

Работната посета ќе почне во Вашингтон, каде што министерот ќе се сретне со претставници на американскиот Конгрес, Стејт департментот, како и на Амбасадата на Македонија во САД.

„За време на престојот во Вашингтон, министерот ќе има средба со менаџментот на водечките американски болници, како и на интернационални организации од областа на здравството, заради размена на искуства и формирање стратешки партнерства за реформи во здравството. Во рамки на работната посета на САД, министерот ќе престојува и во Њујорк, каде што ќе се сретне со претставници на Светската здравствена организација, како и со раководството на реномирана њујоршка болница“, се вели во соопштението.

Од Министерството за здравство велат дека оваа посета е од клучно значење и дека со овие средби ќе се овозможи размена на искуства кои потоа ќе бидат применети како темел за реформи во здравствениот систем.