Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево остана без уште еден советник


Делчево, 9 октомври, 2018 - 16:21 (META) 

Советникот од ГРОМ, Вице Стоиловски, дел од локалната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Советот на Општината Делчево, соопшти дека ја напушта коалицијата. Стоиловски поднесе и изјава до претседателот на делчевскиот Совет, Драган Маневски, во која наведува дека во иднина во Советот ќе делува како независен советник.

Стоиловски е втор советник од делчевскиот Совет кој ја напушта опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Пред два месеци, советникот од ВМРО НП, Николчо Ситновски, исто така, ја напушти коалиција.

Со тоа, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ остана со пет советници во Советот, СДСМ го има мнозинството со осум советници, а двајца се независни.


УСАИД превенира урбани поплави во Делчево


Делчево, 16 февруари, 2017 - 13:30 (META) 

Мисијата на УСАИД во Делчево го одбележа завршувањето на мерката за намалување на ризикот од урбани поплави во Милково Брдо. Оваа мерка беше завршена како дел од учеството на општината во Проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени, спроведен од „Милиеуконтакт Македонија“.

Од мисијата на УСАИД информираат дека пилот проектот вклучувал изградба на нова атмосферска канализација во урбаната населба Милково Брдо во Делчево, која ги собира и одведува атмосферските води подалеку од населеното место. Со оваа мерка, додаваат од УСАИД, се зголемил капацитетот на жителите на Делчево да се прилагодат на климатските предизвици и да се заштитат од потенцијалните штети од поплави.

-Во текот на изминатите четири години, работевме заедно со нашите партнери во Македонија на идентификување и ефективно управување со ризиците поврзани со промените на климата. Меѓу најопасните од овие ризици се оние поврзани со екстремни временски настани, вклучувајќи суши, топлотни бранови и силното – изјави директорот на мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн.

Мисијата на УСАИД во пилот проектот придонела со 3.300.000 денари односно 58.930 долари, а Општина Делчево придонела со 1.734.792 денари односно 30.978 долари.


Народот ќе каже „не“ на сценариото на Заев, порача Груевски


Делчево, 6 декември, 2016 - 22:48 (META) 

„Сите ние поминавме еден тежок период и сценарио од страна на СДСМ, а сега веќе сè е јасно, народот ќе каже „не“ на сценариото на Заев кое предвидува промена на уставноста, јазикот, федерализација и кантонизација на државата,“ изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на митингот на Коалицијата за подобра Македонија вечерва од Делчево.

Тој додаде дека „секој што сака да гласа за СДСМ треба да се потсети како владееле и каков бил животот во тоа време“.

Груевски потенцираше дека гаранција за мирна држава се освоени 63 пратенички места, бидејќи, како што истакна, ДУИ и ДПА ќе сакале да го предложат следниот премиер на Владата на Македонија.


Дождот го отсече делчевско Разловци од светот


Делчево, 9 ноември, 2016 - 18:51 (META) 

Наjголемото делчевското село Разловци остана без единствениот премин што води кон градот и околните места. Интензивните дождови изминатата ноќ го однесоа привремениот премин по кој поминуваа жителите. Во водите останаа заглавени два автомобила, а во калта остана и еден трактор. Претпладнето се влечеа возилата од реката.

Мостот кон Разловци не се употребува од февруари годинава, кога го однесе надојдената река Брегалница. Граѓаните се револтирани од Општина Делчево, која не направила ништо и за утре најавија протести.

– Сосема сме отсечени, веќе сме на Господ зад грбот. Нема каде да одиме. Еден болен човек да се разболи, тука ќе умре – вели револтиран жител на Разловци.

Иако Општината Делчево доби пари од Европската Унија за реконструкција, градежните работи на мостот, доцнат со месеци. Жителите како алтернатива, предлагаат оспособување на стариот пат во должина од околу пет километри.

До политичарите имаат една порака – пред избори да не им ги бараат гласовите.

– Со кој образ ќе дојдете во селото да водите кампања?! – им порача еден од постарите жители.

Дел од Делчевско, во текот на овие 24 часа со силен ветер и врнежи од дожд, речиси 16 часа беше без струја. Две паднати тополи го прекинаа регионалниот довод со струја. Екипи на ЕВН во текот на денот сечеа и здрави тополи за да спречат нови прекини на струјата. Регистирани се и повеќе одрони на карпи и камења што го попречуват нормалното одвивање на сообраќајот.


Изградбата на експресниот пат Кочани – Штип ќе почне во јуни


Кочани, 21 март, 2016 - 16:34 (META) 

Изградбата на новиот експресен пат Кочани – Штип ќе почне во јуни. Должината на патот ќе изнесува 26 километри, а вредноста на проектот е 53,4 милиони евра.

Ова денеска го најави техничкиот премиер Емил Димитриев, кој беше во работна посета на Кочанско.

Освен експресниот пат до Штип, од Кочани до Македонска Каменица и до Делчево ќе се изврши рехабилитацијата на патната делница во должина од 30 километри.


Загина тракторист од Делчево


Делчево, 6 јуни, 2015 - 14:32 (META) 

Дваесет и едногодишниот Дарко Т. од Делчево вчера загина во тракторска несреќа.

Како што соопшти МВР, возејќи низ шумски пат кај месноста Киселица, на планината Огражден, од лежиштето на тракторот со кој управувал Дарко Т., а чиј сопатник било 16-годишно момче од село Василево, излегло предното лево тркало.

Момчињата го информирале сопственикот на тракторот за инцидентот, по што тој ги советувал да го остават возилото и да тргнат пеш кон Палазлија, од каде ќе ги земел со возило. Момчињата не го послушале и продолжиле со движење на три тркала. Подоцна изгубиле контрола, тракторот се превртел, при што Дарко Т. бил пригмечен од кабината во пределот на градниот кош и починал на местото на настанот.


Груевски: Македонија има пораст од 223 проценти по бројот на новоотворени работни места


Делчево, 30 мај, 2015 - 16:10 (META) 

Македонија е на прво место со пораст од 223 проценти според бројот на новоотворени работни места по жител во Европа, а втора е Словачка со пораст од 128 проценти или речиси двојно помалку, изјави премиерот Никола Груевски, прашан за коментар за последниот извештај на „Ернст енд Јунг“ во кој се анализираат 43 земји во Европа во поглед на тоа колкав пораст имаат во бројот на новоотворени работни места по жител во 2014 година споредено со 2013 година, по поставувањето камен-темелник на ТИРЗ во Делчево.

Тоа, како што нагласи Груевски, укажува дека напорите на Владата и инвестициите кои беа направени во правец на отворање нови технолошко-инудстриски развојни зони и индустриски зони даваат резултати поголеми од очекуваните.

– Охрабрени сме да продолжиме со изградбата на новите технолошко-индустриски развојни зони за на многу места во Македонија и во близина на многу градови да има подготвени парцели со целосна инфраструктура за да примаат нови инвеститори – рече Груевски.


Реконструирано киното во Делчево


Делчево, 5 февруари, 2015 - 9:51 (META) 

Во Делчево повторно ќе биде ставено во функција киното кое со финансиска поддршка на Министерството за култура, од околу два милиони денари, лани беше реконструирано и доби нова фасада, нова покривна конструкција и уредени санитарни јазли.

Министерката Елизабета Канческа-Милевска вчера ја посети Општина Делчево и кино-салата, која е во надлежност на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“. Рече дека од 1933 година, кога бил направен, ова е прва крупна интервенција на објектот, кој од руина и од грда слика на градот, сега ќе биде место за филмски проекции, но и за други културни настани.

– Изминатата година, со поддршка од Министерството за култура, кино-салата е целосно реконструирана. Претходно, за потребите на кино-салата во Делчево, беше обезбедена и нова дигитална филмска опрема, како и нов дигитален проектор. Делчево со овој проект доби нов современ простор, кој освен за презентација на филмовите од богатата македонска и светска кинематографска продукција, ќе се користи и за други културни настани – изјави Канческа-Милевска, која објектот го посети заедно со делчевскиот градоначалник, Дарко Шехтански.

Таа посочи дека во разговор со градоначалникот договориле оваа година Министерството да помогне и со мали интервенции во ентериерот во салата, за кој Центарот за култура има проект.

– Делчево повторно ќе го добие киното во сјајот кој некогаш го имало, а со тоа и центарот на градот го добива ликот кој треба да го има – рече Шехтански.

Министерката соопшти дека оваа година ќе се реконструира и уреди поставката во Музејот во село Разловци посветена на Разловечкото востание, за што минатата година е изработен проект. Додаде и дека Министерството, преку годишната програма, поддржува манифестации и дејности во Делчево кои се во функција на локалниот развој и на богата културна понуда. Ги издвои копаничарството и резбата кои во овој крај се автентични и добиваат финансиска поддршка преку проектот за креативни индустрии.

Канческа-Милевска беше и во селото Драмче, од каде потекнува соборното оро „Копачка“, кое УНЕСКО лани го впиша на репрезентативната листа на нематеријално културно наследство. Таму ја отвори Спомен-собата на дедо Митко (Димитар Станоевски), кој 60 години бил ороводец на „Копачка“, а починал во 2009 година, на 93 години.

Министерството за култура го финансираше уредувањето на чардакот, ходникот и на собата на дедо Митко во неговиот дом во Белчанска маала во Драмче. Во рамките на постановката, изложени се стари фотографии, текстови објавени во домашни и во странски весници, предмети и инструменти што ги употребувал, народните носии во кои ја играл и ја предводел „Копачка“, а на дрвени табли се ставени познати изреки на дедо Митко за орото. Играорците денеска ја изведоа „Копачка“ – игра која ја симболизира обработката на земјата.

– Орото „Копачка“ е нашата гордост. Благодарение на нивната љубов и посветеност, Македонија стана дел од листата на светското културно наследство. Благодарение на нивните огромни желби, куќата на дедо Митко ќе прерасне во една Спомен-соба. Таа е автентично сочувана и има многу вредни прдмети – изјави Канческа-Милевска.

Традиционалното оро „Копачка“ стана второ македонско нематеријално културно наследство под заштита на УНЕСКО. Во 2013 година, Македонија на листата на УНЕСКО го впиша и уникатниот верски обичај „Четрсе“ од Штипско.

За време на работната посета на Делчево, министерката Канческа-Милевска положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во центарот на градот, по повод 143 години од неговото раѓање.


Вработените во делчевската гимназија се без плата – нема кој да потпише


Делчево, 4 ноември, 2014 - 17:36 (META) 

Училишниот одбор на делчевската гимназијата „Методи Митевски – Брицо“ синоќа не успеа да го реши проблемот со разрешувањето на претходниот директор и со назначувањето нов в.д. директор. Вработените во гимназијата, поради овој проблем, сè уште ја немаат примено септемвриската плата.

Училишниот одбор вчера ја завршил седницата без да постигне договор. Според Ванчо Новоселски, член на УО, дел од членовите не сакале да разговараат за оставката на в.д. директорката Билјана Петровска.

– Државниот просветен инспектор издаде решение со кое се бара во рок од три дена училишниот одбор да констатира дека в.д. директорката Петровска не ги исполнува условите за в.д. директор и да побара од градоначалникот во рок од осум дена да именува нов. Меѓутоа, претседателот на УО не сакаше да дискутираме за решението на инспекторатот. Делчевската гимназија останува единственото училиште во земјава што нема примено плата за септември – изјави Новоселски.

Државниот инспекторат претходно бара градоначалникот да ја разреши в.д. директорката Петровска бидејќи нема положен испит за директор.

Советот на Градот пред неколку месеци ја именуваше Петковска за в.д директор на гимназијата. По доаѓањето на функцијата, Петковска побарала ревизија за работењето на нејзиниот претходник, при што утврдила дека на одредени вработени незаконски им било исплаќана повисока плата. Според Петровска, тоа е причината за книговодствени проблеми поради кои не може да се исплати плата.

Петровска вчера ги суспендирала од работа благајникот и секретарот на училиштето, бидејќи давале отпор за примена на новите коефициенти за плата утврдени од Министерството за образование и наука и од СОНК.

– Неможноста да се подели платата на вработените за септември е поради проблеми создадени пред моето именување за вршителка на должноста директор, односно поради отпорот на благајникот и на секретарот да ги применат коефициентите за пресметка на плата утврдени од СОНК и од Министерството за образование и наука, поради што се суспендирани – изјави Петровска.

В.К.