Мицкоски: Подготвуваме закон за амнестија за притворените за 27 април


Скопје, 4 јануари, 2018 - 21:35 (META) 

Новиот лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во интервју за јавниот сервис – МТВ – најави дека партијата подготвува закон за амнестија за притворените за насилствата во Собранието од 27 април минатата година, кој ќе го поднесе во Собранието.

– Во моментов има една сериозна дебата во партијата како да дејствуваме како пратеничка група, институционално и вониституционално. Пратеничката група предвидува неколку чекори и постапки, а едно од сценаријата што се разгледува е поднесување на закон за амнестија на притворените – изјави Мицкоски.

Прашан дали било можно да се избегне насилството на 27 април, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека целиот револт кај народот бил предизвикан од „недемократкиот и насилнички чин за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието“.

– Ако имаше разум кај пратениците на СДСМ и на ДУИ и на сите кои го поддржаа тој насилнички гест кога Талат Џафери беше избран за т.н. претседател на Собранието немаше да се случи тоа што следуваше – рече Мицкоски.

Тој посочи дека конструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ во наредниот период не треба да биде доведена во прашање, но, како што додаде, таа конструктивност треба да биде двонасочна, односно треба да дојде и од владејачкото мнозинство, кое, како што рече ја има најголемата одговорност.

Прашан дали пратениците ќе се вратат во собраниските клупи, Мицкоски рече дека „во периодот што следи јавноста ќе биде известена за следни чекори на партијата“.


Путин бара мониторинг на работата на компаниите на социјалните мрежи


Москва, 26 декември, 2017 - 10:08 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека, руските власти треба да ги набљудуваат активностите на некои компании на социјалните мрежи следната година, кога се одржуваат претседателските избори, и да се процени нивната вмешаност во домашната политика.

Путин, говорејќи за новиот закон за странски агенти во парламентот, не спомнал на кои компании мисли, ниту дали станува збор за домашни или странски, но потсети дека Русија била обвинета од страна на САД и другите западни земји поради мешање во нивните избори.

Рускиот претседател минатиот месец потпиша закон со кој овозможи, странските медиуми во таа земја да се квалификуваат како „странски агенти“, како одговор на тоа што за Москва е неприфатлив притисокот врз руските медиуми во САД.

„Треба внимателно да се анализира како тие дејствуваат и како ќе работат за време на претседателските избори“, објасни Путин и додаде дека тоа не значи дека треба да се ограничи просторот на слободата на интернетот.


Самит посветен на бегалската криза ќе се организира во ОН, в понеделник


Њујорк, 16 септември, 2016 - 19:18 (META) 

Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) ќе организира самит посветен на бегалската криза во седиштето на ОН во Њујорк на 19 септември, в понеделник.

На самитот ќе се разговара за стратегијата за дејствување на државите на интернационално ниво, во врска со овој глобален проблем.

На овој настан ќе присуствуваат и претставници од Меѓународната организација СОС Детско село, за да се презентираат добри практики за работа со бегалците, посебно со децата и како оваа организација дејствувала за време на бегалската криза.

Една од клучните пораки ќе биде почитување на децата и детските права, без разлика на статусот на нивните родители.