!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Градоначалничките кандидати за Струга за проблемите со водата и во сообраќајот


Струга, 4 октомври, 2017 - 16:04 (META) 

Лавдрим Елмази од Беса, Васил Ашталкоски од СДСМ и Зијадин Села од Алијанса за Албанците на вчерашната дебата на дебатниот карван „Живот во Македонија“ (#Debatpernime), кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“ и „Вистиномер“, порачаа дека имаат решенија за најгорливите проблеми на Струга. Понудија неколку решенија за кои ветуваат дека ќе ги реализираат ако граѓаните им ја дадат довербата и освојат градоначалнички мандат.

Во дебатата што ја водеше новинарката Јета Џара, за сообраќајниот хаос што се случува во текот на летната сезона, кога возила се паркираат насекаде, Зијадин Села вети подземно паркиралиште кај плажата Караорман, Васил Ашталкоски ветува катна гаража, а Лавдрим Елмази мисли да го реши проблемот со воведување плаќање за паркирање.

За проблемите со водата, Ашталкоски вели дека треба да се направи комплетна реконструкција на водоводниот систем, а Елмази вели дека проблемите со јавното претпријатие „Проаква“ ќе се решат ако се постави професионалец, а не партиски кадар за директор, а со пари од јапонски инвеститори би се направиле подобрувања на системот.

И двајцата нудат решенија за проблемите со струшката депонија, која е голем извор на загадување на воздухот, бидејќи на неа честопати се случуваат пожари.

Дебатите се организираат со поддршка од телевизијата „Арт“ и од „БИРН Македонија“.

Вечерва „Живот во Македонија“ одржува дебата во Сарај.

Дебатата може да се следи во живо на „Порталб“, со почеток во 18 часот.


Градоначалничките кандидати за Тетово ветуваат решавање на сите проблеми


Тетово, 3 октомври, 2017 - 13:20 (META) 

Ветувајќи целосна транспарентност и посветеност на доброто на граѓаните, кандидадите Албанци за градоначалници на општина Тетово во вчерашната дебата на дебатниот карван „Живот во Македонија“ (#Debatpernime), кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“ и телевизијата „Арт“, порачаа дека ако го освојат мандатот, конечно ќе прекине легализирањето дивоградби, урбаниот и сообраќајниот хаос и дека ќе го надминат проблемот со водоснабдувањето.

Теута Арифи, досегашен градоначалник на Тетово и градоначалнички кандидати на ДУИ, Аднан Незири, кандидат на Алијанса за Албанците, Бардил Даути од ДПА и Биљал Касами од Беса, во дебатата водена од новинарката Јета Џара, зборуваа и за своите идеи за решавање на проблемот со отпадот во Полог, извести „Порталб“.

Речиси сите се за поголемо рециклирање на отпадот и за градење модерна фабрика за отпад.

Денеска дебатниот карван „Живот во Македонија“ е во Струга. Дебатата може да се следи во живо на „Порталб“, со почеток во 18 часот, како и на телевизијата „Арт“ и на „Калѕо“.


Денеска на „Порталб“ дебата на кандидатите за градоначалници на Тетово


Тетово, 2 октомври, 2017 - 14:22 (META) 

Дебатниот карван „Живот во Македонија“, кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“ и телевизијата „Арт“, по вчерашната дебата на која за своите програми зборуваа кандидатите за градоначалници на општина Чаир, денеска ќе биде во Тетово.

Пред тетовци на дебатата за своите планови ќе зборуваат кандидатката на ДУИ, актуелната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, потоа Аднан Незири, кандидат на Алијанса за Албанците, Бардил Даути од ДПА и Биљал Касами од Беса.

Дебатата ќе ја модерира новинарката Јета Џара.

Дебатата може да се следи во живо на „Порталб“, со почеток во 18 часот, како и на телевизијата „Арт“ и на „Калѕо“.

Граѓаните може да испраќаат прашања за кандидатите преку фејсбук-страниците на „Порталб“ и на „Калѕо“, како и на апликацијата за мобилни телефони на „Калѕо“.

Утре дебатата ќе се одржи во Струга.