Со евроинтеграциите се добиваат силни институции, наместо силни лидери


Битола, 14 септември, 2018 - 14:53 (META) 

Во Хрватска пред десет години никој не прашуваше со чиј превоз политичарите одат на Светско првенство и кој им ги плаќа картите за натпреварите. Денес тоа сите ги интересира. Луѓето развија свест за корупција, за одговорност, за владеење на законите, нагласи хрватската амбасадорка Данијела Баришиќ на трибина „Перспективите од НАТО интеграцијата – што ќе донесе пристапниот процес за Македонија и нејзините граѓани“, што се одржа денеска во Битола.  Трибината е дел од проектот на УСАИД за граѓанско учество.

– Имате упатство од 28 земји, и ја имате Хрватска за пример. Луѓето денес се свесни што политичарите можат, а што не можат. Имате институции кои работат по закон, без разлика кој е на власт – нагласи Баришиќ.

Националниот координатор за членство во НАТО Стево Пендаровски рече дека постојат неколку алтернативи на членството во НАТО, главно централноазиски воено-политички сојузи, но ниедна друга не е подобра за нас.

– НАТО и ЕУ се школи за демократија – порача  Пендаровски, истакнавајќи дека најбитен проект во процесот на интеграции е создавање професионална, а не партиска администрација.

На трибината учествуваа и Исмет Рамадани, претседател на Евро-атлантскиот совет на Македонија, Горан Илиќ, декан на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и претставници на невладини организации, образовни и културни институции.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев бега од дебата бидејќи не може да го оправда губењето на идентитетот


Скопје, 12 септември, 2018 - 13:40 (META) 

Зоран Заев мора да го надмине стравот и да престане да бега од дебата, која е основно демократско средство во политиката и на која што ќе се разговара за суштински прашања кои задираат во идентитетот на државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на ставот на премиерот Заев да не прифати ТВ-дуел со опозицискиот лидер Мицкоски доколку тој јавно не каже дека е против бојкот на референдумот.

„Заев знае дека е многу потешко кога ќе се соочи со вистината за неговата капитулација и кога ќе му бидат предочени сите аргументи за злото што и го нанесува на државата. Затоа Зоран Заев се плаши од дебата. Тој е свесен за економскиот пустош и антидржавните политики кои ги спроведе. Заев бега од одговори бидејќи не може да го оправда губењето на идентитетот, историјата, културата и традицијата на Република Македонија“, велат од партијата.

Заев, според ВМРО-ДПМНЕ, бега од дебата „бидејќи не може да ја оправда штетата што и ја причинил на државата“. Од таму додаваат дека тој трајно ја нарушил преговарачката позиција на Република Македонија, кои биле градени од страна на сите влади од независноста до сега.


„Го сакам Водно“: Денешната дебата не е замена за јавно соочување на телевизија


Скопје, 3 септември, 2018 - 13:44 (META) 

Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ смета дека дебатата што денеска се одржува во Град Скопје е далеку од она што тие го бараат – соочување на факти на неутрален терен, со непристрасен медијатор.

Од таму додаваат дека „доаѓање на терен на еден од учесниците во уништувањето на Водно и главните актери, ги става граѓаните бранители во инфериорна позиција.“

„Сепак ние како активисти, нема да одбиеме ниту една можност на граѓаните да им дадеме можност да ги слушнат сите аргументи против гасоводот низ Водно. Нашето присуство денеска на терен на градоначалникот, кој всушност ја има издадено дозволата за сеча низ Водно, не е никаква замена за уште едно соочување на национална телевизија, во нормално време кога граѓаните ќе можат да нè следат, и во која ќе учествуваат сите засегнати институции вклучително градоначалникот Шилегов, Јани Макрадули од Министерство за животна средина и просторно планирање кој се согласи за дебата, и ни е чудно што не е денеска овде“, велат активистите.

Од таму додаваат дека „овој проект кој е почнат во 2010 година, јасно е дека е на штета на природата, на штета на Водно и не е во најдобар интерес на граѓаните“.

„Вие самите, во неколку наврати, при некои од многуте средби што ги имавме изминативе четири месеци, кажавте дека сме 95 проценти во право, па затоа ни е чудно зошто не го прекинете? Зошто наместо во овој период да се посветите и времето да го потрошевте во барање на најдоброто решение и алтернативна траса, го посветивте во создавање непријатели од нас граѓаните? Ние немаме никаков интерес, освен најдоброто за нас како граѓани. Своето слободно време, свои лични материјални ресурси, ги посветуваме работејќи ја работата на државните институции, чија основна цел е да се грижат и да работат во најдобар интерес на нас граѓаните. Наспроти тоа, нè претворивте во условно „друга страна“. Ние не се откажуваме, но во моментов дали Македонија е на вистински пат кон ЕУ граѓанска држава зависи од вашите одлуки и вашиот пристап токму и по ова прашање“, се вели во соопштението.


Јавна дебата за изградба на гасоводот на Водно денеска во Град Скопје


Скопје, 3 септември, 2018 - 9:46 (META) 

Град Скопје денеска во 13 часот организира јавна дебата за изградбата на гасоводот на Водно на која ќе присуствуваат претставници на надлежните државни органи, како и граѓански здруженија и активисти кои се против изградбата на гасоводот на Водно.

Во петокот, сите градежни активности за изградба на гасоводот се прекинати до завршување на процесот на дијалог и дебата.

– Изградбата на гасоводот на Водно предизвикува загриженост и реакции во јавноста. Пред почетокот на градежните активности претходеа интензивни разговори со активистите и со загрижените граѓани и се бараа заеднички алтернативни компромисни решенија. Токму како резултат на овие разговори успеавме да се избориме за намалување на ширината на трасата на гасоводот од 25 на 10 метри и измени на трасата во еден дел од четири километри. Но, и покрај тоа, очигледно е дека во јавноста сè уште постои загриженост за ваквата траса и за изградбата на гасоводот – изјави Шилегов.

Од иницијативата „Го сакам Водно“ пак велат дека присуството на трибината во Град Скопје, под изменети услови, нема да биде замена за дебатата што ја бараат на една од националните телевизии.

– Со оглед дека парк-шумата Водно се наоѓа под надлежност и управување на Град Скопје и со оглед дека од таму е издадено Решение за сеча за изградба на гасоводот, не можеме да го прифатиме градоначалникот Шилегов за модератор на дебатата, бидејќи со таков акт веќе одбрал страна, и веќе не е непристрасен – велат од оваа иницијатива.


Прекината изградбата на гасоводот на Водно, Шилегов повика на дебата в понеделник


Скопје, 31 август, 2018 - 13:42 (META) 

Градоначалникот на Скопје,Петре Шилегов, денеска информираше дека се прекинати сите градежни активности за изградба на гасоводот на Водно сè до завршување на процесот на дијалог и дебата. Тој ги повика претставниците на надлежните државни органи, како и претставниците на граѓанските здруженија на дебата в понеделник во 13 часот во просториите на Советот на Град Скопје.

– Изградбата на гасоводот на Водно предизвикува загриженост и реакции во јавноста. Сакам да потенцирам дека пред почетокот на градежните активности претходеа интензивни разговори со активистите и со загрижените граѓани и се бараа заеднички алтернативни компромисни решенија. Токму како резултат на овие разговори успеавме да се избориме за намалување на ширината на трасата на гасоводот од 25 на 10 метри и измени на трасата во еден дел од четири километри. Но, и покрај тоа, очигледно е дека во јавноста сè уште постои загриженост за ваквата траса и за изградбата на гасоводот. Јас како градоначалник не можам мирно и немо да го набљудувам овој процес – рече Шилегов.


„Го сакам Водно“ побара дисциплинска постапка против насилникот и јавна дебата


Скопје, 30 август, 2018 - 14:36 (META) 

Иницијативата „Го сакам Водно“ по вчерашниот инцидент на Водно, кога еден од луѓето што работеа на изградбата на гасоводот даде наредба на багерите да ги прегазат активистите, побара виновникот да биде отстранет и веднаш да се почне дисциплинска постапка против него. Истовремено, екологистите побараа дебата со директорот на МЕР, градоначалникот на Скопје и заменик министерот на Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Бараме ревизија на проектот, бараме постапување на институциите по доставените претставки, нивна меѓусебна соработка, а не изземање од надлежности и неделување,
бараме одговорноста за сите наведени пропусти и прекршени законски обврски, казнивост. Нулта толеранција за изигрување на законот и нерегуларно спроведување на целата постапка“ се вели во соопштението.

Екологистите обвинуваат дека на изградбата на гасоводот на Водно се работи речиси „на диво“.

„Се работи без почитување на цела листа на прописи, законски обврски – нема ознаки, нема обележан заштитен појас околу градежните работи, нема знак за предупредување дека работи тешка машинерија, нема документација на терен, работниците се без адекватна униформа и заштитна облека, нема мобилни тоалети, нема соодветен надзор, нема полнење бензин на строго определени места кои се водонепропусни, а се отстрануваат грмушки во период кога не смеат, пред 30 септември“, се вели во дописот од „Го сакам Водно“.

Активистите велат дека не се врши строго и прецизно набљудување од страна на МЖСПП.

„Сите неправилности кои ние ги предочивме, се игнорираат како да не постојат. Ниту еден
механизам кој институциите, државата, ги има на располагање,  не е покренат. Проектот наместо да претрпи сериозна ревизија, се тера на сила, на диво. Кога институциите остануваат глуви, што преостанува освен жив штит?“, велат активистите.


ТВ дуелот помеѓу Заев и Мицкоски ќе трае час и половина


Скопје, 23 мај, 2018 - 11:45 (META) 

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска на прес-конференција во Владата рече дека вечерашниот дуел меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе трае час и половина.

Ова е прво вакво соочување по речиси две децении меѓу првите луѓе на власта и опозицијата. Дебата ќе почне вечерва во 20 часот на Македонската радио телевизија.

Заев и Мицкоски во ТВ дуелот, под работен наслов „Една година власт, една година опозиција“, ќе се соочат за повеќе теми – преговорите за името, надворешната и внатрешната политика, економијата, реформите, долговите и други актуелни теми.


Османи: Клучно е дебатата за спорот за името да не се одвива преку медиуми


Скопје, 15 февруари, 2018 - 13:39 (META) 

Постои придвижување и не гледам друга алтернатива во однос на решавањето на прашањето за името. Клучно за успехот на овој процес е дебатата да не се одвива преку медиуми туку во рамки на преговарачките тимови, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи пред отворањето на Националната трилатерална конференција „Евроинтеграцијата на Македонија и иднината на Европската унија“.

Тој препорача дека ова се однесува и за, како што вели, пријателите од грчката страна и за нашите претставници.

– Ако сега почнеме да лицитираме тоа ќе биде модел за неуспех на прашањето. Знам дека граѓаните очекуваат, но верувајте, дека модел за неуспех е јавно преговарање. На ниту еден начин нема да му помогне на процесот преку дебата во медиумите. Затоа треба да ја држиме оваа дебата во рамки на преговарачките тимови, а во моментот кога ќе имаме начелно некоја согласност, тогаш можеме да излеземе во јавноста и да побараме мислење од граѓаните и од другите општествени слоеви – рече Османи.

Тој на конференцијата на која пред невладините организации ја презентираше Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година рече дека граѓанскиот сектор претставува нераскинлив дел од изградбата на демократско општество. Османи потенцираше дека Владата создава услови за синергија помеѓу власта и невладините организации.


„Социетас цивилис“: Потребна е јавна дебата за Законот за јазиците


Скопје, 19 јануари, 2018 - 13:38 (META) 

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ ја повика Владата Законот за употреба на јазиците да се даде на мислење на Венецијанската комисија и нејзините забелешки да се вградат во текстот на законот како што е предвидено во планот „3-6-9“.

„Потсетуваме дека од 2001 година, Уставот на Република Македонија предвидува употреба на албанскиот јазик на централно ниво, во јасно одредени сфери на употреба. Сметаме дека е особено важно државата да посвети внимание на имплементацијата на јазичните права и сметаме дека овој закон треба да ја има таа функција. Воедно, укажуваме и дека при носење на законот е потребна поголема транспарентност и јавна дебата, принципи за кои јасно се залага оваа Влада и Собранието“, велат од „Социетас цивилис“.

Оттаму апелираат до пратениците во Собранието да ја искористат можноста за повторно разгледување на законот и да ги отстранат евентуалните недостатоци со вклучување на стручната јавност во дискусијата, со што „воедно ќе се намали и можноста за манипулација со јавноста“.


Трајчевски: Порталите нема потреба да се регулираат, туку само да се регистрираат


Скопје, 22 декември, 2017 - 16:15 (META) 

Невозможно е регулирање на интернет порталите, порача Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на денешниот јавен состанок на кој ги презентираше активностите за четвртото тромесечје со фокус на медиумскиот мониторинг за локалните избори.

– Не станува збор за регулирање, туку најмногу за регистрирање и нотификација. Сметаме дека е невозможно да се спроведе регулирање на овој вид медиуми. Ние како Агенција имаме нарачано истражување во однос на овие нови медиуми за тоа каква е состојбата споредено со другите држави. Требаше да го плати Агенцијата преку јавна набавка меѓутоа добивме одобрение од Советот на Европа и тие ќе го спроведат во еден краток разумен период, можеби до крајот на првото тромесечје од идната година и тогаш ќе имаме објективно, непристрасно мислење од експерти коишто ќе ни понудат не решение, туку ќе ни дадат слика каква е состојбата на ова поле во другите држави – рече Трајчевски на четвртиот и последен јавен состанок за 2017 година на Aгенцијата.

Toј потсети дека и досега наведувале дека ААВМУ не може да спроведе изборен мониторинг на известувањето што го вршат порталите.

Темата за интернет порталите се актуелизираше вчера на дебатата „Утврдување на потребата за можни измени во Законот за медиуми“, која ја организираа Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.
foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.