УЈП ја објави новата листа на должници


Скопје, 12 јули, 2018 - 11:46 (META) 

Управата за јавни приходи ја објави најновата листа на должници брoj седум, за долгови доспеани до 31 март и неплатени до 30 јуни по основ на данок на додадена вредност (ДДВ), данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

На листата на должници објавени се 2.069 правни лица и 1.812 физички лица. Вкупно објавениот нето-долг изнесува околу 164 милиони евра, што е повеќе за 1,5 милиони евра од претходната листа.

На листата се најдоа и голем број јавни претрпијатија и државни компании помеѓу кои „Македонија пат“ (383 милиони денари), „Еурокомпозит“ (129 милиони денари), „Македонската радио телевизија“ (101 милион денари), „МЖ-инфраструктура“ (36 милиони денари), Општина Карпош (32 милиони денари).


ССК и УЈП заеднички ќе се борат против нерегистрираните бизниси


Скопје, 11 јули, 2018 - 16:43 (META) 

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Управата за јавни приходи (УЈП) денеска потпишаа Меморандум за соработка за заеднички да се координираат за регистрирање на субјектите кои немаат регистрирано фирма, a со цел намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција

Меморандумот за соработка помеѓу институциите го потпишаа претседателката на ССК, Данела Арсовска и директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

„Неформалната т.е сивата економија е еден од најголемите проблеми бидејќи оние кои учествуваат во неа неправично и незаконски ги става во повластена положба во однос на оние што си имаат регистрирано фирми и ги исполнуваат законските обврски. Според последните податоци на меѓународните организации, во земјава секоја година фирмите губат до 15 проценти од профитот поради сивата економија во сите сектори. Инспекциските служби треба да практикуваат тие што ќе ги затекнат на терен по службена должност да ги регистрираат за да се воведат во системот, да плаќаат даноци и бидат лојална конкуренција“, изјави Арсовска.

Таа појасни дека тие субјекти никаде не фигурираат, прават милионски профити на црно, а не се регистрирани и работат со готовина.

Анализите на ССК покажаа дека оние кои работат без фирма во старт се повеќе од 50 проценти поконкурентни од регистрираните фирми, поради тоа што не плаќаат ДДВ, не плаќаат продонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци ги плаќаат како лица, наместо да плаќаат индустриска струја и вода како регистрираните фирми, со што, не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени пониски и до 50 проценти, кои, регистриран бизнис што ги плаќа сите давачки, не може да ги постигне.

Според извештајот на ОЕЦД во Македонија има 25 отсто учество на сивата економија во вкупната економија, а што се потврди и во извештајот на ЕУ во кој се вели дека сивата економија останува главна пречка за бизнисот и влијае на конкурентноста на формалниот приватен сектор. Просечното ниво во европските земји се движи од 12 до 15 проценти.


ЦЕА: Владеењето на правото треба да овозможи амбиент за економски раст


Скопје, 2 март, 2018 - 11:03 (META) 

Македонија бележи назадување во владеењето на правото во последните години, но овие движења не се неочекувани, имајќи ја предвид долгата политичка криза која на површина го исфрли селективното спроведување на правото во подолг временски период, велат од Центарот за економски анализиа ЦЕА.

Од таму додаваат дека владеењето на правото треба да овозможи амбиент за ефикасна пазарна економија, за економски раст и развој, а системот на јавни финансии треба да почива на транспарентни процедури и правила, со цел да се намали можноста од дискрециско водење политики.

„Неодамнешниот случај на толкувања одредби од Законот за данок на додадена вредност (ДДВ) и обидот за нивна примена врз физички лица во услови на недостаток на правила и процедури, при иста даночна база и правна инциденца, е пример за недостиг од и/или нарушување на владеењето на правото“ се вели во брифот за политиките на оваа тема, подготвен од Центар за економски анализи (ЦЕА) заедно со Институт за економски истражувања „Фајненс тинк“.

Во заклучокот се вели дека владеењето на правото треба да обезбеди праведно општество, недвосмислени толкувања и неселективно спроведување на законите, кое пак е основа за добро економско владеење и овозможување услови за споделен економскиот раст и развој.


Лукаревска: Владата нема да менува ништо во плаќањето ДДВ


Скопје, 1 февруари, 2018 - 16:08 (META) 

Новата Влада нема направено никаква законска измена во поглед на данокот на додадена вредност (ДДВ) за физички лица, а во постапувањето на Управата за јавни приходи (УЈП) не постои промена по ова прашање, појасни денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

– Не сите физички лица се обврзници за цели на ДДВ. Напротив, станува збор за многу мал број на лица. Платите, независно од висината не се одданочуваат со ДДВ. Исто така платите не се земаат предвид при пресметување на вкупниот промет за цели на регистрација на ДДВ обврзник. Обврската ги опфаќа физичките лица кои самостојно вршат стопанска дејност, односно вршат испорака на добра и услуги и тоа во континуитет, и притоа го надминуваат пропишаниот праг од еден милион денари на годишно ниво. Или, на месечно ниво во просек остваруваат повеќе од 83.000 денари, не вклучувајќи ја платата – изјави Лукаревска.

Таа додаде дека независно од остварениот промет, физички лица кои изнајмуваат станови за домување, не подлежат на обврската за плаќање на ДДВ. Исто така, определни услуги кои што се вршат спрема странски субјекти, на пример програмерски, не подлежат на обврската за ДДВ.

– Во согласност со регулативата на ЕУ, не смее да се прави разлика помеѓу физички и правни лица кои вршат промет од иста природа, инаку би се отворил простор за даночно затајување. Имајќи предвид дека годишниот фискален циклус е веќе започнат, УЈП и Министерство за финансии ќе направат сериозна анализа за реализација на измени од следната фискална година. Измените можат да бидат дел од даночната реформа и во правец на остварување на барањата и интересите на граѓаните -додаде таа.

Бројот на физички лица кои се регистрирани за цели за ДДВ во 2015 година бил 761, 1.059 во 2016, 1185 во 2017 година. Според првичните информации на УЈП, бројката за оваа година нема драстично да се разликува од претходната година.


Граѓанските организации бараат дефинирање за кои авторски договори ќе се плаќа ДДВ


Скопје, 29 јануари, 2018 - 16:12 (META) 

Центарот за економски анализи (ЦЕА), заедно со уште 12 други граѓански и невладини организации, сметаат дека оданочувањето на физичките лица со данок на додадена вредност (ДДВ) во постојната рамка е проблематично од неколку аспекти.

„Законот за ДДВ, ниту кој било друг закон, не дефинира што претставува самостојна стопанска дејност на физички лица. Авторските договори не може да подлежат на ДДВ, по дефиниција. Договорите за дело, авторските договори и останатите консултантски договори за физичкото лице немаат континуитет како кај правен субјект регистриран за објавување на одредена дејност со цел остварување на профит“, велат од ЦЕИ.

Од таму предлагаат со посебен подзаконски акт да се допрецизира самостојна стопанска дејност во Законот за ДДВ и да се усогласи со другите релевантни закони.

„Јасно да се разделат авторските договори кои се надвор од опфатот на ДДВ (создавање авторски дела за „општо добро“ – по примерот на ЕУ), од оние авторски договори кои по природа се консултантски договори и кои може да бидат предмет на ДДВ цели“, препорачуваат од ЦЕИ.


ВМРО-ДПМНЕ: Наместо враќање на парите од ДДВ, СДСМ воведува дополнителни давачки


Скопје, 20 јануари, 2018 - 17:45 (META) 

СДСМ уште еднаш ги излажа граѓаните и наместо да работи за да го подобри стандардот повторно им удри по џебот. Наместо намалување на давачките и враќање пари од данокот на додадена вредност како што ветуваа, тие сега на граѓаните им воведуваат дополнителни давачки, изјави денеска на прес-конференција Слободанка Алексовска од ВМРО-ДПМНЕ.

-СДСМ почнува да ги оданочува сите физички лица кои имаат годишни приходи од 1 милион денари. Секој оној кој заработува годишно над 16.000 евра, СДСМ одлучува да го казни и да го задолжи да се регистрира и како ДДВ обврзник. На тој начин за секој остварен приход каде е исклучен персоналниот данок на доход ќе се плаќа и ДДВ. На овој начин физичките лица се ставаат во нерамномерна положба во однос на компаниите, бидејќи ќе бидат двојно оданочени, и со персонален данок на доход и со ДДВ. Значи секој оној кој што заработува екстра околу 80.000 денари месечно, со двојното оданочување од персонален данок и ДДВ, на крајот на годината ќе биде оданочен со над 250.000 денари на вкупната сума од 12 месеци – вели Алексовска.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека ваквиот начин на водење економска политика која е на штета на народот, само дополнително ќе ги дестимулира квалитетните кадри да продолжат својата егзистенција да ја гледаат во Македонија, а државата ќе почне уште повеќе да тоне во бесперспективност.


УЈП објави нова листа на должници, прва годинава


Скопје, 11 јануари, 2018 - 10:31 (META) 

Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави првата листа на должници за оваа година на која се најдоа вкупно 3.964 физички и правни лица.

Нивните долгови се доспеани до 30 септември и неплатени до 31 декември лани, а се по основ на данок на додадена вредност (ДДВ), данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси за задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

Кај физичките лица и самостојни вршители на дејност, долгот надминува 120.000 денари, додека кај правните лица тој износ е повеќе од 300.000 денари.


Кривична пријава против Канческа – Милевска и нејзини поранешни соработници


Скопје, 28 декември, 2017 - 13:22 (META) 

Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави против поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, нејзиниот заменик Драган Недељковиќ и против Ѓ.Т., државен советник за финансиски прашања и раководител на сектор за финансии во Министерството за култура, информираат од таму.

Кaнческа-Милевска и нејзините соработници се осомничени за кривично дело несовесно работење во службата и причинување штета на буџетот во износ од 2.770.640 евра.

„Во периодот од јули 2009 до февруари 2017, тројцата осомничени со пропуштање должен надзор, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности, на начин што спротивно на член 581 став 2 од Законот за трговски друштва, кој децидно наведува странски друштва не можат да вршат дејност на територијата на Македонија се додека не организираат подружници, примиле времени ситуации – фактури од странскиот правен субјект „Светлост Театар“ ДОО Белград, кој не е регистриран даночен обврзник во Македонија“, се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.

Како што појаснуваат од таму, во фактурите, незаконски бил вкалкулиран дополнителен износ претставен како данок на додадена вредност (ДДВ) од 18 проценти, при што, министерот и заменик-министерот потпишале шеесет и четири решенија за исплата на средства, а раководителот на сектор за финансиски прашања потпишала налози за исплата на парични средства на штета на буџетот на Македонија, со кои извршиле плаќање во странство врз основа на 11 договори за извршување услуги, стоки и работи.

„Притоа, спротивно на член 14 став 2 од законот на ДДВ, извршиле противзаконска исплата на ДДВ надвор од границите на Македонија, иако извршените услуги, стоки и работи од страна на ‘Светлост Театар’ ДОО Белград се спроведени на територијата на Македонија“, се додава во соопштението на Управата.


МРТ и понатаму на врвот на листата на должници кон УЈП


Скопје, 10 декември, 2017 - 14:52 (META) 

Јавниот радиодифузен сервис – Македонската радио-телевизија (МРТ) – повторно е на врвот на листата на должници кон Управата за јавни приходи (УЈП).

Во најновиот список на должници кон УЈП, за побарувањата доспеани до 31 август, а неплатени до 30 ноември годинава, е наведено дека МРТ должи 105.573.870 денари (1,712 милиони евра) за данок на добивка, како и 26.862.255 денари (435.720 евра) за ДДВ. Со тоа јавниот радиодифузен сервис ја продолжува неславната традиција да се најде на секоја листа на УЈП во изминативе години, иако раководството на МРТ вели дека презадолженоста е предизвикана во еден дел и од фактот што УЈП не ги исплатила парите собрани за радиодифузна такса.

Во соопштение за јавноста од почетокот на минатиот месец, МРТ извести дека долговите кон различни доверители изнесуваат 19,5 милиони евра, но порача и дека враќањето на долговите и нормалното работење на куќата се попречени од вкупниот долг на Управата за јавни приходи кон МРТ кој изнесува 34 милиони евра.

Најголемиот дел од буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во 2018 година, односно 19,29 милиони евра, ќе се потроши за „Македонската радио-телевизија“ (МРТ), Македонска радиодифузија (МРД) и за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), посочи во средата министерот Дамјан Манчевски, презентирајќи го буџетот за следната година.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


УЈП ја објави најновата листа на должници


Скопје, 8 декември, 2017 - 16:29 (META) 

Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави најновата листа на должници за долгови доспеани до 31 август и неплатени до 30 ноември врз основа на данок на додадена вредност (ДДВ), данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.

На листата се наоѓаат повеќе од 4.000 должници, а помеѓу најголемите должници, како и во претходните листи на УЈП, се и „Македонската радио-телевизија“ (МТВ), „МЖ – Инфраструктура“ и повеќе јавни претпријатија.