!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос на 25 и 26 јануари


Скопје, 12 јануари, 2018 - 11:57 (META) 

Премиерот, Зоран Заев и владина делегација ќе учествуваат на Светскиот економски форум кој се одржува во Давос, Швајцарија на 25 и 26 јануари.

Проектите и програмските иницијативи кои ќе бидат презентирани на 48-от годишен состанок на Светскиот економски форум се на темa „Креирање на заедничка иднина во поделениот свет“.

Светскиот економски форум е меѓународна организација која што на светско ниво работи за воспоставување на модел на корпоративно управување, во кој вредностите се почитуваат еднакво како и правилата.

На овој форум, Македонија последен пат беше претставена во 2003 година.


Половина од светското богатство е во рацете на осум луѓе, тврди „Оксфам“


Лондон, 16 јануари, 2017 - 11:15 (META) 

Имотот на најсиромашните 3,6 милијарди лица или половина од светската популација е еднаков на вкупната нето-вредност на имотот на осум лица и тоа ниво на нееднаквост би можело да ги разори општествата, предупреди британското хуманистичко здружение „Оксфам“.

Во пресрет на годинешниот собир во Давос, здружението вели дека станува збор за шест американски, еден шпански и за еден мексикански бизнисмен.

Осумте милијардери се избрани според листата на магазинот „Форбс“, а меѓу нив се основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, основачот на „Фејсбук“, Марк Зукерберг, и основачот на „Амазон“, Џеф Безос.

Од „Оксфам“, исто така, предупредуваат дека постои поврзаност меѓу длабокиот јаз што ги дели богатите од сиромашните и сè поголемото глобално незадоволство со доминантната политика.

„Брексит и успешната претседателска кампања на Доналд Трамп, како и загрижувачкото зајакнување на расизмот и раширената разочараност од владејачката политика, спаѓаат меѓу зачестените сигнали дека сè поголем број луѓе во богатите земји не се подготвени да се помират со статус кво состојбата“, констатира здружението во извештајот „Економија за 99 отсто“.

Од „Оксфам“ истакнуваат дека новите податоци за распределба на богатствата во земјите како Индија и Кина ги поттикнале да ги поправат своите пресметки од пред една година, според кои се сметаше дека половина од светскиот имот е во рацете на 62 лица.

Нееднаквоста ќе биде главна тема на дневниот ред на годинешниот собир во Давос, на кој лидерите на светската политика и бизнисмените од вторник до петок ќе разговараат за клучните светски прашања.

„Оксфам“ во извештајот повикува на подигнување на даночните стапки за богатите поединци и компании, како и на склучување глобален договор со кој ќе се стави крај на натпреварот меѓу земјите во намалување на даночните стапки.

Од здружението го осудија лобирањето на корпорациите и блиските врски меѓу политиката и бизнис-светот и побараа да се воспостават задолжителни јавни регистри на лобисти и строги прописи за сузбивање на судирот на интереси.


Евтината нафта е можност за економски реформи на земјите од Персискиот Залив


Давос, 22 јануари, 2016 - 15:00 (META) 

Големиот пад на цената на нафтата, од која зависат државите од Персискиот Залив, претставува можност за укинување на субвенциите и за спроведување на реформи, порачаа министрите на овие земји кои учествуваат на Светскиот економски форум во Давос.

– Сега е вистински момент за укинување на субвенциите за нафтените производи, поради падот на цената на нафтата – изјави кувајтскиот министер за финансии и министер за нафта, Анас ал Салех, на панел-дискусијата за иднината на економските реформи во арапскиот свет.

Истовремено, министерот за енергетика на Обединетите Арапски Емирати, Сухаил ал Мазруеј, порача дека земјите од Персискиот Залив мора да размислат за спроведување клучни реформи, за да креираат поголема независност на сопствените буџети од приходите од нафтата.

Меѓународниот монетарен фонд неодамна апелираше до државите од Персискиот Залив да ги намалат трошоците за субвенции, бидејќи нивните буџетски приходи значително се намалени.

Цената на нафтата за година и пол изгуби 75 проценти од вредноста, поради прекумерните глобални резерви, слабата побарувачка, големото производство и забавувањето на порастот на глобалната економија, наведува агенцијата „Франс прес“.


Грчки Давос за привлекување странски инвестиции и конференциски туризам


Атина, 7 октомври, 2015 - 9:34 (META) 

Во трката по странски инвестиции, Грција размислува да уреди и да промовира остров специјализиран за конференции и за самити, еден вид грчки Давос. Идејата за вакво привлекување странски капитал и туристички интерес ја претстави грчкиот заменик-министер за надворешни работи, Димитрис Мардас, при претставувањето на програмата на новата влада.

– Имаме одредено остров на филозофијата и уметноста, така го нарекуваме, и размислуваме да го пренамениме во своевиден летен Давос – истакна Мардас.

Идејата е овој остров да биде отворен за сите земји што би сакале таму да изградат свои објекти специфично за одржување и за развивање туризам на конгреси, самити, конференции и друго. Преку ова државата се надева да го засили и бројот на туристи, да ја стави Грција на мапата на конференција-туризамот како специфична туристичка гранка, како и да се обиде на овој начин да привлече странски инвеститори и да ја засиле довербата во Грција кај нив.

За да се привлечат повеќе странски инвестиции, според Мардас, владата ќе поработи на олеснување на процесот на инвестирање и на интегрирање на странските инвеститори, преку намалување на времето за одобрување странска инвестиција и бенефиции за странски инвеститори.

Паралелно со обидот да се привлечат нови странски инвестиции, кои се еден од клучните приоритети на владата, Грција ќе работи и на интензивирање на извозот на грчки производи во странство.

Грчката економија, според процените на министерството за финансии, нема да биде под толку голем притисок и удар како што прогнозираат меѓународните организации. Министерот за финансии, Евклидис Цакалотос, кој заедно со премиерот Алексис Ципрас летово го постигна договорот за нов грчки кредит, вели дека грчките финансиски анализи покажуваат дека последното тримесечје од 2015 нема да е толку лошо како што се очекуваше.

„Нашите прогнози за третото тримесечје се многу подобри од тие што ги имавме во август. Тоа го поттикна премиерот Алексис Ципрас да посочи дека можеме да имаме економски напредок и развој во втората половина на 2016 година“, истакна Цакалотос во говор пред грчките пратеници.

На полноќ вечерва се очекува да почне гласањето за доверба на новата влада на СИРИЗА и на Независни Грци по тридневната дискусија и претставување на владината програма и на приоритетите. Процените се дека владата нема да добие ниту еден глас плус од тие 155 што ги има од пратениците на СИРИЗА и на Независни Грци. Опозициските партии, како ПАСОК, Нова демократија и Река, најавија дека не планираат да ги поддржат владата и нејзината програма, но кога ќе дојде време на свој начин ќе дадат глас за поддршка на клучните прашања, како приватизацијата, европската перспектива и финансиската стабилноста на државата, како и спроведувањето реформи договорени со кредиторите за да не се загрози европската иднина на Грција.