!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ДДВ да се плаќа по наплатена фактура и помали казни, бараат компаниите


Скопје, 2 октомври, 2017 - 13:28 (META) 

Компаниите детектирале 60 проблеми при примената на одредени закони, а честите измени на регулативата изминатите неколку години им создавале проблеми во работењето, изјави денеска Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанска комора на Македонија.

Стопанска комора, во соработка со другите комори и со помош на УСАИД, го спроведуваат проект „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“, за компаниите полесно да ги применат законите што се однесуваат на нивното работење и да предложат измени каде што има проблеми.

Бизнис-заедницата бара данокот на додадена вредност да се плаќа по наплатена, наместо како што е сега, по издадена фактура.

Исто така, бараат измени во Законот за готовинско плаќање, во кој доколку се утврдат неправилности при издавање фискални сметки, според нив, би требало да следува само парична казна, но не и забрана за вршење на дејноста. Овие барања за измени на овој закон веќе се влезени во собраниска процедура.

Во однос на Законот за работни односи, компаниите бараат практиканството да биде посебно регулирано, пред да биде склучен договорот за работа, бараат прецизирање во однос на исплатата на К-15, како и намалување на висината на казните.

– Практичната работа треба да биде посебно регулирана, односно надвор од договорот за работа. Сега како што е регулирано, претставува финансиско оптоварување за компаните, бидејќи постојат специфични индустрии каде што освен плаќањето придонеси има и други давачки –  изјави Павлина Димовска, правен советник за регулатива во рамките на УСАИД.


За СДСМ обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за Анѓушев се лажни вести


Скопје, 30 септември, 2017 - 17:42 (META) 

„Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со успешните политики во економијата од страна на Владата предводена од СДСМ и на вицепремиерот Анѓушев и затоа продолжува да шири нови лажни вести. Времето на привилегирани фирми и поединци заврши кога ВМРО-ДПМНЕ замина во опозиција. Новата реформска Влада обезбедува неселективна поддршка и помош на домашните претпријатија“, одговори СДСМ на обвинувањата што на прес-конференција денеска ги изнесе Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека Владата ќе ги укине давачките за литиум-јонски акумулатори само заради вицепремиерот Кочо Анѓушев, односно неговата фирма „Брако“, која единствено користела такви акумулатори.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата ќе го дозбогати Анѓушев, укинувајќи давачки за акумулатори


Скопје, 30 септември, 2017 - 15:28 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција обвини дека Владата ќе ги укине давачките за литиум-јонски акумулатори само заради вицепремиерот Кочо Анѓушев, односно, како што рече Бојан Стојаноски, затоа што единствено неговата фирма „Брако“ користи такви акумулатори. Со тоа Кочо Анѓушев ја злоупотребува својата положба во власта на секој можен начин, порача Стојаноски и побара оставка од вицепремиерот.

– Електрични литиум-јонски акумулатори користи само фирмата „Брако“ која е во сопственост на Кочо Анѓушев и која овие батерии треба да ги вгради во моторни возила за специјална намена – чистење на улици и на патишта со електричен погон. „Брако“ треба да произведе 35 вакви возила во вредност од 2 милиони евра. Со ова личното богатство на Анѓушев дополнително ќе се зголеми на сметка на буџетот кој сите граѓани го полнат – рече тој.

Како што појасни, тоа ослободување од давачки ќе биде привремено и ќе важи до 30 септември 2018 година, а нема да се разгледува во Собранието.

– Со ова се заобиколува и јавноста која не може да ги дознае сите детали кои доколку би имало расправа во Собрание и доколку се извадат сите факти пред граѓаните, ќе предизвикаат големо незадоволство од работата на владата.


Роамингот во ЕУ се укинува, цените на разговорите и на интернетот драстично паѓаат


Брисел, 1 февруари, 2017 - 16:35 (META) 

Владите и институциите на земјите членки на Европската Унија потпишаа договор за техничките услови за намалувањето на давачките за роаминг на телекомуникациските оператори. Станува збор за средства што државите ги плаќаат едни на други за користење на мобилни услуги.

Реформите во цените би значеле граѓаните на Европа да зборуваат без да плаќаат роаминг, а се очекува новите правила да стапат на сила од 15 јуни годинава.

Договорот треба да биде изгласан на седници на Советот на Европа и на Европарламентот.

Според новиот договор, цената на мобилниот интернет, која во моментов е 7,7 евра за еден гигабајт, до 2022 година треба да се намали на 2,5 евра. Цената за една минута разговор од сегашните 5 евроценти ќе стане 3,2 евроценти, а од средината на јуни испраќање СМС-порака ќе чини 1 евроцент, што ќе биде двојно помалку од сегашната цена.

Неколку европратеници и политичари на социјалните мрежи ја најавија новината и напишаа „збогум роаминг“.

Во согласност со Регионален договор за роаминг, за негова хармонизација со политиките на Европската Унија, изминатите две години, роамингот помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина поевтини за 30 отсто.


Производителите бараат укинување на увозните давачки за смрзнато месо


Скопје, 30 јануари, 2017 - 16:14 (META) 

Укинување на увозните царински давачки за смрзнато месо бараат од Групацијата на производители и на преработувачи на месо при Стопанската комора на Македонија.

Од групацијата велат дека во просек, домашните производители плаќаат 20 отсто повисока цена за суровината од увоз во однос на регионот.

Тие тврдат дека на производителите на месо и на преработки од месо им се заканува престанок на производството ако Владата не ги намали овие давачки.

– Тоа ги прави неконкурентни месните преработки и месото во земјава и влијае на неконтролиран увоз на производи и на месо од регионот, на кои не се плаќаат никакви давачки. Според податоците на Државниот завод за статистика, до ноември минатата година неколкукратно е зголемен увозот на месо и на преработки – изјави Васко Ристовски.


Царинската управа лани инкасирала 1,1 милијарда евра од давачки и акцизи


Скопје, 16 јануари, 2017 - 14:56 (META) 

Царинската управа на Република Македонија ја завршила 2016 година со вкупно остварени приходи од 72,9 милијарди денари (околу 1,1 милијарди евра, н.з.), што е за 8,5 отсто, односно за 5,7 милијарди денари (92 милиони евра, н.з.) повеќе од приходите во 2015 година.

„Ова претставува значителен успех при наплата на давачките во надлежност на Царинската управа, а тоа се давачки при увоз (царина, данок на додадена вредност, акцизи и надоместоци) и наплата на акциза не само при увоз, туку и во внатрешен промет“, стои во соопштението од Царинската управа.

Како што информираат оттаму, во 2016 година Царинската управа наплатила за 5,5 отсто, односно за 3,8 милијарди денари (61,7 милиони евра) повеќе од планираното.

„За 2016 година беше планирано да се наплати 69,5 отсто од даночните приходи во буџетот на Република Македонија, а наплатени се 73,3 отсто од нив. Во однос на реализираните приходи во 2015 година, во 2016 година остварено е значително зголемување на наплата на сите видови давачки. Ова зголемување е остварено при зголемување на вредноста на увозот од само 1,8 отсто“, велат од Царината.

Според Царинската упарава, во 2016 година таа наплатила:

  • 42,1 милијарда денари од ДДВ, што претставува за 6,5 осто, односно за 2,56 милијарди денари, повеќе од наплатата во 2015 година;
  • 4,76 милијарди денари од царинење, што претставува за 9,9 отсто, односно за 0,4 милијарда денари повеќе од наплатата во 2015 година;
  • 25,4 милијарда денари од акцизи, што претставува за 11,7 отсто, односно за 2,67 милијарди денари повеќе од наплатата во 2015 година;
  • 0,68 милијарда денари од надоместоци, што претставува за 8,4 отсто, односно за 0,53 милијарда денари повеќе од наплатата во 2015 година.

Зголемената наплата на приходите, како што информираат од Царинската управа, се должи на повеќе фактори, односно на зголемена финансиска дисциплина на сите учесници во трговијата, подобрување на системот за управување со ризик на Царинската управа при увоз, контролите кај компаниите по завршена постапка, односно постконтроли и подобрувањето на интерните контролни системи.


Азески: Сè додека има мито и корупција, нема олеснување на трговијата


Скопје, 6 октомври, 2016 - 14:43 (META) 

„Олеснување на трговијата нема да има сè додека не се елиминираат митото и корупцијата. Институциите мора да се заложат за откривање на причините на ваквата појава и за нејзино целосно искоренување“, истакна претседателот на Стопанска комора, Бранко Азески, на регионалната конференција „Поедноставување и хармонизација на царинските постапки во регионот“, која денеска се одржа во Скопје.

Во таа насока се и четирите барања што ги испорача денеска Стопанската комора на Македонија за поедноставување на царинските постапки. Станува збор за поширока примена на поедноставните царински постапки од страна на бизнис-заедницата на ниво на регионот, заживување на електронското, наспроти хартиеното работење во трговијата, користење на добивките од новиот компјутеризиран транзитен систем, како и поголема соработка со комитетот за олеснување на трговијата во рамките на ЦЕФТА.

Според министерот за економија, Дритон Кучи, Македонија има усогласена царинска законска регулатива со царинските прописи во Европската Унија и е меѓу првите членки на Светската трговска организација што ја ратификуваше Спогодбата за олеснување на трговијата.


Голем број грчки компании размислуваат за преселба за да ги избегнат новите високи даноци


Атина, 29 август, 2016 - 11:09 (META) 

Илјадници грчки компании планираат да се преселат од Грција за да ги избегнат новите даноци и давачки за државата, кои ќе се воведат од јануари 2017 година. Според грчкиот весник „Катимерини“, околу 65.000 до 70.000 компании имаат поднесено барања за да им се одобри преселба на седиштето на компанијата надвор од Грција.

Според весникот, огромниот број барања со кои грчките компании ќе го преселат својот менаџмент во друга земја, создава голема загриженост за грчкото министерство за финансии, кое, наводно, веќе работи на план за поголема соработка и за надзор на грчките компании во странство со министерствата во Бугарија и на Кипар.

Работите се оценува дека ќе бидат особено отежнати за самовработените и за хонорарците. Како што посочува „Катимерини“, ако досега самовработените и хонорарците имале давачки од околу 4.000 евра годишно за приходи под 70.000 евра, со новите даноци таа сума ќе се зголеми на 14.000 евра годишно. Ако за здравствено осигурување истата категорија вработени досега плаќала 1.000 евра годишно, отсега со зголемените даноци ќе мора да плати 4.800 евра годишно.

Проценките во Грција, според досегашниот интерес на компаниите, се дека Бугарија е најповолна држава за преселба на грчките компании. Солунскиот информативен портал „Вориа“ неодамна пишуваше дека грчките компании ја претпочитаат Бугарија пред Македонија поради ниските даноци, фактот дека е европска држава, лесната можност за пренесување на капиталот од една во друга држава и лесниот пристап до банкарски заеми за компаниите.

Ваквиот феномен, според порталот, е особено забележлив последната година, по воведувањето на финансиските и на банкарски рестрикции, со што значително се ограничја движењето на капиталот и банкарските трансакции и за физичките и за правните лица во државата.

Како што пренесува „Вориа“, иако и Македонија со години е поволна држава за голем број грчки компании, сепак политичката криза што владее во земјава повеќе од една година создава неизвесност за грчките компании и го отвора прашањето за преселба на седиштето во Бугарија.

 


УЈП: Не сме вовеле нова давачка за фискалните апарати


Скопје, 28 октомври, 2015 - 10:07 (META) 

Управата за јавни приходи реагираше на обвинувањата на опозицијата дека власта бара од сите правни субјекти, кои мораа да воведат фискални каси со ГПРС, да плаќаат нова давачка од 60 евра за воспоставување некаква ГПРС-врска, која не треба да чини ништо.

– Управата за јавни приходи нема воведено дополнителни давачки, што значи нула прилив во буџетот, а не 12 милиони евра, како што се тврди за да се пополнат буџетски дупки. Секој даночен обврзник е запознаен со обврската за сервисирање на фискалниот систем на опрема кај овластен центар, што не е новина што се воведе со ГПРС-фискализација. Од друга страна, новина и олеснување кое за даночните обврзници се воведе со измените во Законот за регистрирање на готовински плаќања е обврската на овластениот центар да обезбеди превентивна проверка без надомест, најмалку еднаш во годината – се вели во реакцијата на УЈП.

Оттаму истакнуваат дека трошоците за обезбедување непречена комуникација и пренос на податоците преку ГПРС-апаратот и Управата, што се одвива преку мрежите на мобилните оператори, се движат до 600 денари, а сите други потреби, како што се функционална и техничка поддршка, поправка на фискалниот апарат и слично, се предмет на договор помеѓу овластениот центар и даночниот обврзник.


Укината увозната давачка за индустриска пиперка и царината за доматното пире


Скопје, 12 ноември, 2014 - 12:57 (META) 

На вчерашната седница, Владата на Република Македонија ги укина увозните давачки за индустриска пиперка.

Според портпаролот Александар Ѓорѓиев, квотата за извоз на индустриска пиперка изнесува 2.000 тони, а еден увозник смее да земе една четвртина од предвиденото, односно 500 тони.

Земјоделските индустриски производители досега плаќаа 50 проценти од овие давачки, а сега нема да плаќаат. Оваа одлука важи до крајот на оваа година.

Владата на седницата ја намали и царинската стапка за увоз на доматно пире. Оваа владина одлука ќе важи до 30 јуни 2015 година.

Досега увозниците плаќаа 50 проценти од давачките, а сега ќе плаќаат 25 отсто.

Еден увозник може да внесе 125 тони, што е една четвртина од вкупно предвидените 500 тони.

За двете одлуки ќе важи принципот „прв дојден, прв услужен“.