„Дали сте за ЕУ и НАТО поддржувајќи го името Северна Македонија“, e можно прашање вели Заев


Атина, 6 јули, 2018 - 10:42 (META) 

Заев во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ истакна дека три датуми се во игра за референдумот– 23 септември, 30 септември или 7 октомври.

Тој изрази уверување дека референдумот ќе биде успешен и дека граѓаните ќе се изјаснат позитивно, а бидејќи тој ќе има обврзувачки карактер, ќе мора да биде прифатен од сите, па дури и од претседателот Ѓорге Иванов Иванов.

– Народот убеден сум дека ќе биде „за“ договорот со Грција заради тоа што прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за Европската Унија и за НАТО и за поддршка на договорот со Грција?“. Веројатно во тој правец ќе биде заради тоа што едно со друго кај нас е поврзано и од таков аспект граѓаните кога ќе го дадат својот глас, политичарите, владата, парламентот, претседателот на државата сме должни да го почитуваме. Или можеби прашањето ќе биде „Дали сте за Европската унија и НАТО поддржувајќи го името Република Северна Македонија?“, заради тоа што тоа е договорот. Верувам дека граѓаните ќе бидат целосно позитивни – изјави Заев во интервју за грчката телевизија.

Македонскиот премиер вели дека доказ дека договорот е фер и правичен е што двете опозиции и во Македонија и во Грција се критички кон решението, а тоа значи дека двете страни подеднакво отстапиле или подеднакво добиле.


Македонија од ЕУ доби датум, ама и услови


Скопје, 29 јуни, 2018 - 10:42 (META) 

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање  на тридневниот РОС-РОТ  семинар посветен на Евроатланската интеграција на Западен Балкан, кој се одржува во Собранието на Република Македонија, ја даде и следната изјава која ја сметаме за полувистина, пишува „Вистиномер.мк“

Дозволете на почетокот да споделам огромно задоволство за вчерашната одлука за добивање на датум за преговори со ЕУ, јуни 2019 година.Сакам да им честитам и на делегацијата на Албанија кои што исто така добија датум заедно со Македонија...

 [Извор: Веб-страница на Владата (од 1,20 до 1,40 мин.од видеото)   датум: 27.06.2018]

Образложение: 

Оваа изјава на претседателот на Владата Зоран Заев, во која тој го искажува своето огромно задоволство од одлуката за добивање датум за преговори со Европската унија во јуни 2019 година“ е делумно точна, бидејки Македонија доби условен датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Советот на министри на ЕУ ваквата одлука ја услови со одржување на реформскиот курс и притоа  очекува фокусот  да биде ставен на реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, судските реформи и реформата на разузнавачките служби.

Целиот текст можете да го прочитате на „Вистиномер.мк“.


Мицкоски: Македонија не доби датум за преговори, туку датум за проценка


Скопје, 27 јуни, 2018 - 15:41 (META) 

Договорот за името со Грција е капитулантски и ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на седниците за овој договор, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција.

Мицкоски вели дека Македонија не добила датум за преговори, туку датум за преоценка на состојбите.

– Македонија не доби чиста препорака веднаш, како што впрочем ветуваше Зоран Заев и Владата, туку само надеж дека можеби идната година ова време ќе се исполнат целосно критериумите за определување на датум за преговори. Македонија цела година ќе мора да тапка во место затоа што согласно извештајот потребно е да се направи прогрес во борбата против корупцијата, суштински реформи во повеќе области и создавање на услови за независно судство. Оваа неспособна влада не ги исполни критериумите и тоа е констатирано – изјави Мицкоски.

Според него, на надворешен план се случува распродажба на државата, трговија со националните и државни интереси, а на домашен план – економско цунами.

– Зоран Заев направи чекори за отстапки со кој се согласи за бришењето на името Македонија, промена на Уставот со цел промена на уставното име, промена и широко толкување на идентитетот, фуснота за македонскиот јазик и редица други отстапувања, а не доби ништо, иако ветуваше светла иднина и подобар живот и тоа веднаш – рече Мицкоски.

Тој и порача на власта „наместо да се занимава со политички прогони и насилни сценарија да се фати за работа“.


Заев од Јункер очекува прецизирање на датумот на препораката за преговори со ЕУ


Скопје, 25 февруари, 2018 - 13:35 (META) 

Премиерот Зоран Заев очекува од претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, денеска да добие прецизирање кога Македонија би ја добила неусловената препорака за отпочнување на преговори со ЕУ.

Турнејата на Јункер низ шесте балкански земји започнува денеска од Македонија. Тој ќе има средба со премиерот Заев, со претседателот Иванов, а потоа ќе се одржи и пленарна средба со делегацијата на ЕУ.

Јункер и Заев ќе одржат прес-конференција.

На новинарско прашање при посетата на општина Конче, Заев рече дека посетата на Јункер ќе биде уште едно охрабрување.

– Јас уште еднаш очекувам охрабрување дадено преку стратегијата која што претседателот Јункер ја објави. За нас тоа охрабрување, значи сериозна мотивација, да ги дозавршиме реформите согласно плановите 3-6-9, да ги продолжиме сите оние процеси на унапредување на севкупниот квалитет на животот на граѓаните, поради тоа што сме убедени дека Европа ќе ни даде датум за преговори само ако заслужуваме или ќе станеме членка на ЕУ само тогаш кога нашиот стандард на граѓаните ќе биде веќе приближно еднаков на стандардите на граѓаните на ЕУ. Очекувам охрабрување кое што за нас значи прецизирање кога отприлика ќе ја добиеме неусловената препорака, но истовремено охрабрување дека во јуни е возможно да имаме датум за отпочнување на преговори, а со тоа и отварање на дополнителни европски фондови за Република Македонија – рече Заев.


Хан: 2025 година не е фиксен, туку симболичен датум за проширување на ЕУ


Брисел, 2 февруари, 2018 - 14:47 (META) 

Европскиот комесар за проширување и соседска политика Јоханес Хан во интервјуто за виенски „Курир“ изјави дека 2025 година, која Европската комисија ја посочи како временската рамка за прием на нови членки во ЕУ, не е „фиксен датум“, туку симболичен, кој треба да ги мотивира земјите од регионот на Западен Балкан.

Според него, во процесот на проширување на ЕУ не постои бланко чек или покус пат, туку се земаат предвид само индивидуалните реформски резултати.

– Квалитетот е пред брзината. Сепак, битен е индивидуалниот напредок. Проширувањето на ЕУ е регата, а не конвој – вели Хан.

Еврокомесарот вели дека Србија може да стане членка на ЕУ до 2025 година само доколку брзо ги спроведе конкретните реформски чекори и доколку обврзувачки и трајно ги нормализира односите со Косово.

– Како и сите други кандидати за влез во ЕУ и Србија треба да се концентрира на три приоритети – зајакнување на демократијата и владеењето на правото, економските и реформите на пазарот на работна сила, како и на регионалното помирување со соседите – додаде Хан.


„Фени“ ќе почне со работа во февруари, но не се знае кој датум


Скопје, 26 јануари, 2018 - 19:46 (META) 

Комбинатот „Фени“ ќе почне со работа во февруари, но конкретниот датум не се знае информираат од кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

„Истовремено потенцираме дека постапката е во надлежност на судската власт, како и во согласност со одлуките на Одборот на доверители и ќе продолжи да се спроведува и понатаму. Напоменуваме дека за целосно рестартирање на работата на комбинатот „Фени“, ќе биде потребно дополнително време за обезбедување и снабдување со суровини (руда) и останати репро-материјали“, се наведува во соопштението.

Реакцијата од кабинетот на Анѓушев следува откако дел од медиумите објавија дека „Фени“ ќе почне со работа на 1 февруари.


Иванов: ЕУ да покаже одлучност и да ни даде датум за почеток на преговори за членство


Брисел, 26 октомври, 2017 - 11:20 (META) 

Очекувам Европската Унија да покаже одлучност и на Република Македонија да ѝ даде датум за почеток на преговорите за членство, рече претседателот Ѓорге Иванов, во своето обраќање на официјалната сесија на отворањето на Форумот „Кран Монтана“, кој почна денеска во Брисел.

– Со секое затворено поглавје, земјата се приближува кон посакуваните европски стандарди. Унијата треба да разбере дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред сè политичко и стратегиско прашање. Пораката до Унијата е да посвети поголемо внимание кон истокот и југоистокот на Европа. Да го продолжи проширувањето, да инвестира во инфраструктурното и во енергетско поврзување, да го отвори просторот. Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион и континент на безбедност, мир и на благосостојба – изјави македонскиот претседател.

Според Иванов, одложувањето на проширувањето на Унијата дополнително ги усложни состојбите, а статус кво состојбата во интеграциите, во комбинација со економската криза и со безбедносните предизвици, ги направија Балканот и Република Македонија уште поранливи на надворешните фактори на дестабилизација.

– Најпрво, мигрантската и безбедносната криза покажуваат колку е неопходно да соработуваме на полето на регионалната безбедност за да одолееме на глобалните безбедносни закани и ризици. Второ, финансиската и кредитна криза покажува дека е неопходно да го поврзуваме регионалниот пазар за да бидеме конкурентни на глобалниот пазар. Но, сето тоа ќе остане незавршено без третиот елемент, а тоа е проширувањето на Унијата – истакна претседателот Иванов во своето обраќање на денешното отворање на форумот.


Преговорите за Сирија продолжуваат на 12 и на 13 јуни во Казахстан


Москва, 3 јуни, 2017 - 16:52 (META) 

Преговорите за ставање крај на војната во Сирија, под покровителство на Русија, Иран и на Турција, ќе продолжат на средината на овој месец во главниот град на Казахстан, Астана, изјавил денеска сирискиот амбасадор во Москва, Ријад Хадад, јавуваат светските агенции.

„Дамаск доби покана за преговори во Астана за 12 и 13 јуни“, изјавил Хадад.

Извори блиски до сириската опозиција навеле дека сè уште не добиле покана за состанокот.

Руските власти неодамна соопштија дека во јуни ќе има нова рунда преговори во Астана, без да прецизираат датум.

Властите во Казахстан, како земја во која се одржуваат преговорите, навеле дека не можат да ја потврдат, ниту да ја демантираат информацијата за продолжението на преговорите.

На последниот состанок, што се одржа во мај, учесниците го прифатија планот на Русија за воведување безбедносни зони, како дел од напорите за воспоставување трајно примирје во земјата.


Арифи: За ДУИ е прифатлив секој датум за локалните избори што ќе го договорат партиите


Тетово, 15 мај, 2017 - 14:47 (META) 

Градоначалничката на Тетово и потпретседателка на ДУИ, Теута Аирфи, на последниот ден од својот мандат, присуствуваше на асфалтирање на кружниот тек на улицата Иво Лола Рибар.

– Ние, како Општина, ќе работиме така како што ни налага законот. Работите кои законски не се дозволени нема да ги реализираме и ќе чекаме што побргу да се најде решение. Јас сметам дека е добро парламентот што побргу да се состане и да одреди датум за избори и, исто така, да договори работење и продолжување на процесите – рече Арифи.

Според градоначалничката на Тетово, за ДУИ прифатлив е секој датум за локални избори што ќе го договорат сите политички партии.

– Ние, како партија, ќе бидеме за датум што ќе го договорат сите партии. Предвид се земени сите месеци, но треба да се земат предвид и летните одмори, празници и слично – рече Арифи.

Градоначалничката на Тетово, Арифи, се надева дека претседателот Иванов ќе покаже одговорност и ќе го даде мандатот за составување нова влада, за да не се комплицираат процесите на централно и на локално ниво.


Референдумот за уставните промени во Турција закажан за 16 април


Анкара, 11 февруари, 2017 - 13:28 (META) 

Референдумот за предложените измени на уставот на Турција ќе се одржи на 16 април, оваа година, соопштил денеска Високиот изборен одбор на земјата, јавуваат светските агенции.

Измените на уставот предвидуваат замена на парламентарниот со извршен претседателски систем, каков што бараше претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Со нив претседателот ќе добие речиси неограничени овластувања, односно ќе може да донесува декрети, да прогласува вонредна состојба, да поставува и да менува министри и високи државни функционери и да го распушта парламентот.

Исто така, овие промени ќе му овозможат на Ердоган да остане на власт до 2029 година.

За поддржувачите на Ердоган уставните измени претставуваат гарант за стабилност на земјата, додека неговите противници стравуваат дека ова е почеток на воспоставувањето на авторитарен режим во Турција.