!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тевдовски: Со буџетот за 2018 се фокусиравме на ефикасно трошење на парите


Париз, 14 декември, 2017 - 14:33 (META) 

Министерството за финансии се фокусираше на ефикасност во трошењето на средствата во буџетот за 2018 година, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски на министерската конференција во Париз на тема „Доброто деловно јавно управување-сервис за граѓаните и бизнисите“, организарана од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Тој додаде дека важно е да има инвестиции и трошење, но уште поважно е за што парите ќе бидат потрошени.

„Ние не се фокусиравме толку на расходната страна и намалувањето на расходите, колку на тоа, за што се трошат средствата. Наш приоритет како министерство и влада е да ја зајакнеме ефикасноста при трошењето на јавните средства, притоа обезбедувајќи, расходите ефективно да се користат за вистинските цели, а јавноста да добие вредност за парите“, рече Тевдовски.

Тој додаде дека за социјалните трансфери и земјоделски субвенции, Владата многу повеќе се фокусира на нивната правилна употреба.

Во однос на транспарентноста на трошењето, Тевдовски истакна дека, „доколку јавноста е запознаена како се управува со средствата и како тие се трошат, тогаш би можела да врши постојан притисок врз функционерите кога тие не управуваат добро со средствата.“

За Стратегијата за управување со јавни финансии потенцираше дека треба да биде усвоена до крајот на годината, и спроведена во наредните години.


Светска банка препорачува Владата да ги одложи ад хок зголемувањата на пензиите


Скопје, 16 ноември, 2017 - 19:05 (META) 

Поради долготрајната политичка криза, Светската банка во редовниот есенски извештај за Западен Балкан проектира економскиот пораст на Македонија до крајот на годината да изнесува 1,5 отсто. Проекцијата за порастот за следната година е 3,2 проценти, а за 2019 година – 3,9 проценти, со очекување да закрепнат инвестициите и потрошувачката.

Светска банка наведува дека приоритет за Македонија е фискална консолидација со зголемено ниво на приходи и подобрена ефикасност на приходната и на расходната страна.

– По разрешувањето на политичката криза, главниот ризик е поврзан со фискалната страна. Битно е да се одржи макроекономската стабилност за да не се поткопаат изгледите за пораст – рече Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка во Македонија, во обраќањето на прес-конференцијата во Приштина, која беше пренесувана во седиштето на банката во Скопје.

Главен двигател на порастот се очекува да биде приватната потрошувачка и зголемувањето на инвестициите повразни со изградбата на двата автопатишта.

Фискалниот дефицит се очекува да се намали на 2,2 проценти до 2019 година, за што Владата треба да почне реформи со зголемување на наплатата на даноците, намалување на трошењето и зголемување на ефиканоста на социјалните трошења.

Во врска со социјалните трошења, Светска банка ѝ препорачува на Македонија да ги рационализира субвенциите, особено во земјоделството и да обезбеди одржливост на пензискиот систем. Првата препорака е Владата да ги одложи ад хок зголемувањата на пензиите, што во изминатите години создало притисок на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

– Моментално Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во добра кондиција и добива трансфери од централната власт, кои се зголемуваат со тек на годините. Целта е да се намали зависноста на пензискиот фонд од тие трансфери. Ние работиме на параметарски измени во законската регулатива кои ќе ги намалат тие притисоци – рече економистот на Светска банка, Бојан Шимбов, на прес-конференција во Скопје.

Прашан дали во измените на регулативата може да влезе и делот за зголемување на старосната граница за пензионирање, Шимбов рече оти не може да одговори на тоа прашање, дека на пензиите работи конкретен специјалист и дека анализата за измените е во тек.


Анѓушев: Промената на даночната политика ќе биде во прилог на граѓаните и на стопанството


Скопје, 25 октомври, 2017 - 15:34 (META) 

Kаква било промена на даночната политика ќе биде во прилог на граѓаните и на стопанството на Македонија, одговори на новинарско прашање вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, на отворањето на саемот „Технома“.

– Измената на даноците нема да се случи без поширока расправа и за неа и медиумите и граѓаните и стопанствениците ќе бидат навремено информирани – појасни вицепремиерот Анѓушев.

Од Министерство за финансии соопштуваат дека „стапката на данокот на додадена вредност нема да се менува и такво нешто не е предвидено ниту во програмата на Владата“.

„До крајот на годината ќе се отвори јавна дебата за евентуално воведување на прогресивна стапка на персоналниот данок на доход. Сите промени ќе се носат транспарентно и со вклученост на јавноста“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.


ДДВ да се плаќа по наплатена фактура и помали казни, бараат компаниите


Скопје, 2 октомври, 2017 - 13:28 (META) 

Компаниите детектирале 60 проблеми при примената на одредени закони, а честите измени на регулативата изминатите неколку години им создавале проблеми во работењето, изјави денеска Јадранка Аризанковска, виш советник во Стопанска комора на Македонија.

Стопанска комора, во соработка со другите комори и со помош на УСАИД, го спроведуваат проект „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“, за компаниите полесно да ги применат законите што се однесуваат на нивното работење и да предложат измени каде што има проблеми.

Бизнис-заедницата бара данокот на додадена вредност да се плаќа по наплатена, наместо како што е сега, по издадена фактура.

Исто така, бараат измени во Законот за готовинско плаќање, во кој доколку се утврдат неправилности при издавање фискални сметки, според нив, би требало да следува само парична казна, но не и забрана за вршење на дејноста. Овие барања за измени на овој закон веќе се влезени во собраниска процедура.

Во однос на Законот за работни односи, компаниите бараат практиканството да биде посебно регулирано, пред да биде склучен договорот за работа, бараат прецизирање во однос на исплатата на К-15, како и намалување на висината на казните.

– Практичната работа треба да биде посебно регулирана, односно надвор од договорот за работа. Сега како што е регулирано, претставува финансиско оптоварување за компаните, бидејќи постојат специфични индустрии каде што освен плаќањето придонеси има и други давачки –  изјави Павлина Димовска, правен советник за регулатива во рамките на УСАИД.


Што препорачува Прибе за медиумите: Ослободување од ДДВ, намалени даноци…


Скопје, 15 септември, 2017 - 16:40 (META) 

Констатирајќи дека состојбата на медиумите во Македонија е поприлично лоша, вториот извештај на Рајнхард Прибе објавен вчера, дава низа препораки за подобрување на медиумската сфера.

„Спроведувањето на сите препораки, вклучувајќи ги и главните препораки од 2015 година, е неопходно за справување со системските проблеми на медиумите“, се вели во извештајот.

  • Владата мора да стори сè за сите медиумски реформи да се вклопат во сеопфатна стратегија, да бидат добро испланирани и засновани на истражувања, како и на веродостојни, навремени и транспарентни консултации со сите учесници, и од јавниот и од приватниот сектор, без дискриминација и да вложи напор нивните забелешки да бидат сфатени сериозно;
  • Земајќи ги предвид специфичните предизвици со кои се соочени печатените медиуми, треба да се усвојат мерки како ослободување од ДДВ или од други даноци, за да има плурален медиумски склоп;
  • Секој медиум мора да усвои кодекс на однесување и да го објави на својата веб-страница. Треба да се создаде механизам за забелешки за случаите за обвинување за прекршување на кодексот;
  • Мора да се дава приоритет на истрагите на нападите врз кој било новинар и тие да завршуваат бргу;
  • За да се засили улогата на медиумите во барање отчет од власта, треба да се поттикнува истражувачкото новинарство и јавните институции и медиумите треба да ја овозможат неговата работа.

Неколку препораки се дадени и за подобрување на работењето на јавната радиодифузна куќа МРТ:

  • Мора итно да се обезбедат соодветни средства за да се засили нејзината независност и за да се овозможи ефикасно работење и управување. Законските измени или одредбите мора да овозможат МРТ да биде целосно транспарентна и отчетна пред сите засегнати страни, активно да соработува со сите релевантни засегнати страни и да се погрижи сите граѓани, без разлика на политичката ориентираност, пол, возраст, попреченост, итн., да бидат со уверување дека МРТ е нивен радиодифузер, а не инструмент на политичките партии или на други играчи. Менаџментот на МРТ мора активно да соработува со сите засегнати страни. За да се смени јавното мислење за МРТ би помогнало усвојувањето стратегија за комуницирањето и за вклучувањето на различни чинители, која би била создадена заедно со сите засегнати страни;
  • Мора да се разјасни ситуацијата со финансирањето на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумси услуги и во целост да се гарантира независноста на Агенцијата, вклучувајќи го тука и нејзиниот Совет.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Просечниот личен доход е 302 евра месечно, а кај најбогатите тој изнесува 4.180 евра


Скопје, 25 август, 2017 - 15:15 (META) 

Просечниот личен доход лани изнесувал 302 евра месечно, а најбогатите (еден процент) во Македонија имале просечен доход од околу 4.180 евра месечно, објави Министерството за финансии врз основа на податоци од Управата за јавни приходи.

Од Министерство за финансии велат дека „бројките покажуваат дека Македонија е со висока стапка на доходовна нееднаквост помеѓу граѓаните“.

– Педесет проценти од луѓето во Македонија што остваруваат доход, имаат доход што е под 212 евра месечно, 70 проценти имаат доход што е под 297 евра месечно, 90 проценти имаат доход што е под 495 евра месечно, а од друга страна, два проценти од луѓето имаат доход над 1.044 евра, а еден процент од луѓето имаат доход над 1.523 евра – изјави советникот во кабинетот на министерот за финансии, Бранимир Јовановиќ.

Тој посочи дека највисокиот доход лани изнесувал 2,6 милиони евра, а 15 лица оствариле доход од над еден милион евра. Половина милион евра доход, лани имале 66 лица.

– 775  лица кои имале над 100 илјади евра доход заедно оствариле доход од 190 милиони евра, што е еднакво на вкупниот остварен доход на 210 илјади лица кои имале најниски приходи – појасни Јовановиќ.

Тој додаде дека неопходна е даночна реформа со која најбогатите треба да плаќаат повисоки даноци.

Министерот за финанасии, Драган Тевдовски оцени дека направената анализа е важна, бидејќи без веродостојни податоци не може да се креираат нови економски и социјални политики, а од друга страна се создава притисок да се работи на намалување на неедаквоста на доходот.

– Подготвуваме даночна реформа, до крајот на годинава ќе излеземе со нашите предлози – истакна Тевдовски.

Со анализата се опфатени околу 90 проценти од граѓаните кои оставруваат доход или 940 илјади лица.


ЦИКП: Корупцијата и даноците – дел од факторите за постоење на сива економија


Скопје, 28 јули, 2017 - 11:38 (META) 

Корупцијата, високиот даночен товар, стремежот на бизнисмените за брзо богатење се фактори што влијаат на постоењето на сива економија.

Ова го покажува бизнис-анкетата на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), спроведена за да се утврдат различните форми на скриени економски активности во бизнис-секторот лани и да се споредат резултатите од истата анкета направена во 2014 година.

– Покрај општото задоволство со даночниот систем во земјата, се смета дека даноците играат значајна улога во појавувањето на скриени економски активности. Поточно, „високиот даночен товар“ се смета за втор најважен фактор за појава на сивата економија (42,9 проценти) и „импулс на бизнисмените за брзо богатење“ избран од 40 проценти од бизнисите – се вели во анкетата.

Најголемите детектирани проблеми лани биле нелојалната конкуренција, која е проценета како среден и голем проблем од страна на 64,3 проценти од бизнисите, политичката ситуација (50 проценти) и криминалот, кражбите и немирите (50 проценти).

– Пријавувањето понизок обрт од реалниот е уште една практика во сивата економија која се користи за избегнување на даночниот опфат. Манипулирањето со плаќање и со пријавување данок на додадена вредност (ДДВ) и користење на сметководствени трикови за плаќање пониски даноци е исто така честа практика во Македонија – се вели во анкетата.


Францускиот премиер најави намалување на данокот за компаниите и инвестициски план


Париз, 4 јули, 2017 - 19:49 (META) 

Францускиот премиер Едуар Филип денеска најави серија фискални мерки, вклучувајќи и намалување на данокот за компаниите, намалување на јавната потрошувачка, а претстави и инвестициски план вреден 50 милијарди евра.

Претставувајќи ја политиката на владата во Националното собрание, Филип рече дека Франција ќе го намали данокот за компаниите од 33 на 25 отсто до 2022 година.

– Траба да се врати желбата кај компаниите да отвораат фабрики и да се развиваат на наше тло, а не на друго место – рече францускиот премиер и најави серија фискални мерки кои треба да бидат изгласани годинава, а да бидат спроведени во следните две години.

Премиерот истакна дека францускиот долг достигнал „неподносливо ниво“ од 2.147 милијарди евра.

– Играме на вулкан кој сè посилно грми – рече тој и додаде дека сака да стави крај на „француската зависност од јавната потрошувачка“ и дека ќе го спушти францускиот јавен дефицит под 3 отсто до крајот на годинава.

Филип рече дека Франција ќе иницира голем инвестициски план од 50 милијарди евра, а инвестициите ќе бидат насочени кон еколошката транзиција, здравството, сообраќајот, земјоделството и кон модернизација на државата.


УЈП ги продолжи роковите за поднесување даночни пријави и извештаи


Скопје, 26 јануари, 2017 - 12:24 (META) 

Роковите за поднесување на даночните пријави и на годишните даночни извештаи се продолжуваат за пет работни дена, информираат од УЈП.

Оттаму велат дека роковите се продолжени во согласност со Законот за даночна постапка, во услови на масовно, а отежнато поднесување даночни пријави и извештаи преку системот „е-даноци“.

За ДДВ-04 пријава, крајниот рок за поднесување, 25 јануари, се продолжува за пет работни дена, односно до 1 февруари.

За годишните извештаи (обрасци ПДД-ГИ/ОЗП, ПДД-ГИ/ОЦО, ПДД/ГИ-ЗП, ПДД-ГИ), крајниот рок за поднесување, 31 јануари, исто така се продолжува за пет работни дена, односно за краен рок ќе се смета 7 февруари.

Системот на Управата за јавни приходи (УЈП) за поднесување годишни даночни пријави, но и системот преку кој се врши прием на декларации за плати не функционираат неколку дена, алармираа сметководителите.


Системите на УЈП блокирани, висат платите и даночните пријави


Скопје, 26 јануари, 2017 - 11:12 (META) 

Системот на Управата за јавни приходи (УЈП) за поднесување годишни даночни пријави, но и системот преку кој се врши прием на декларации за плати не функционираат неколку дена, алармираат сметководителите.

Поради овој проблем, тие не можат да го запазат рокот (25 јануари) за поднесување годишна даночна пријава, а не можат и да ги исплатат платите бидејќи декларацијата за плати најпрво поминува преку УЈП.

– Секоја година овој период им се случува колапс на системот за поднесување електронски даночни пријави, но оваа година е кулминација. Од УЈП нема официјално соопштение дека нема да има казни доколку не се испочитува рокот за поднесување на годишните даночни пријави. Само усно соопштуваат дека нема да има казни и да се обидуваме да ги поднесуваме пријавите. Иако системот за даночни пријави и системот за плати не се поврзани, сепак и тој систем за плати, односно за прием на декларации, не им функционира – велат од сметководствено биро за „Мета“.

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) информираше дека системот на Управата за јавни приходи (УЈП) за поднесување даночни пријави и годишни извештаи е блокиран поради масовно коиристење во овој период од годината.

Оттаму ги информираа сметководителите дека поради овој проблем, задоцнетото доставување на пријавите нема да претставува прекршок.