Балканска конференција на мали и средни претпријатија се одржува во Софија


Софија, 7 јуни, 2018 - 13:46 (META) 

Денеска во Софија се одржува втората Балканска конференција на малите и средни претпријатија (МСП), во хотелот „Хилтон“.

Претставници на Бугарско-македонскиот бизнис клуб, како и нивни фирми-членки се официјални гости на овој настан.

„Бугарско-македонскиот бизнис клуб нуди различни услуги на своите членови.БМБК го поддржува развојот на бизнисот на своите членови во сите сектори на економијата. Во одредени сектори, тие имаат значително искуство и контакт мрежа“, информираат од таму.

Гости на настанот се и претставници на бугарските власти, Европскиот парламент, Европската комисија, амбасадори, други претставници на локални и европски деловни организации и трговски комори.


Објавен оглас за членови на ДИК чиј мандат ќе трае шест месеци


Скопје, 5 јуни, 2018 - 9:41 (META) 

Оглас за нови членови на Државната изборна комисија (ДИК) за следните шест месеци е објавен денеска во весниците, откако Собранието во петокот донесе одлука за распишување на оглас за избор на нови членови на ДИК. Ова ќе биде привремен состав на Комисијата, бидејќи до есен се очекува да биде изготвено новото изборно законодавство, со кое ќе биде опфатен и составот на ДИК.

Огласот за претседател, заменик-претседател и петмина членови на Комисијата трае осум дена од денот на објавување во „Службен“ весник“.  По завршувањето на огласот собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да подготви предлог листа.

Претседателот на Собранието ги известува партиите што освоиле најмногу гласови на последните избори во рок од три дена од денот на приемот на известувањето да му достават предлог за членови на ДИК.

Претседателот на привремениот состав и двајца членови на ДИК ќе треба да го делегира опозицијата, а партиите на власт да предложат потпретседател и тројца членови.

Членовите на ДИК ќе ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Лицето кое ќе биде избрано за член на ДИК треба да е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да има завршено високо образование со најмалку осум години работно искуство и да не е член на орган на политичка партија.

На избраните претседател, потпретседател и членови на Комисијата од денот на изборот работниот однос ќе им мирува.

Засега нема информации кој ќе биде во составот на ова привремено изборно тело. Партиите се уште не ги соопштуваат можните кандидати кои би ги поддржале, ниту, пак, има информација, каква ќе биде поделбата на местата кај владејачките партии на Албанците ДУИ, Беса и ДПА.

За ваквото решение за шестмесечен привремен состав на ДИК беа согласни сите парламентарни партии и измените на Изборниот законик, во делот на ДИК беа донесени едногласно.


Заев од ЦО на СДСМ доби целосна поддршка за решавање на спорот за името


Скопје, 31 мај, 2018 - 9:31 (META) 

Членовите на Централниот одбор на СДСМ синоќа му дадоа целосна поддршка на претседателот партијата, Зоран Заев, за преговорите со Грција околу уставното име на Македонија.

-Преговорите со Владата на Република Грција продолжуваат. Никогаш досега не сме биле толку блиску до решение, но и никогаш претходно немало толку големо пријателство меѓу Македонија и Грција од ова денес. Очекувам тоа да придонесе да дојдеме до решение кое не само што нема да го загрози, туку дополнително ќе го зајакне нашиот идентитет. Постои можност за решение кое граѓаните треба да го потврдат на референдум – рекол Заев пред членовите на Централниот одбор.

Зборувајќи за придобивките од постигнувањето на решение на спорот Заев истакнал дека со решението Македонија добива покана за членство во НАТО и се отвора можност за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ и додаде дека со тоа ќе се осигури нашата, но и иднината на идните генерации.

Централниот одбор едногласно донесе Заклучок со кој му пренесе целосно право на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да носи одлуки во врска со проблемот што Грција го има со нашето уставно име, со цел да се обезбеди подобра иднина на Македонија и сите нејзини граѓани.

Од СДСМ информираат дека на шестата седница на Централниот комитет се разговарало за актуелната политичка состојба во земјава, за разговорите околу проблемот што Грција го има со нашето уставно име, спроведувањето на реформите и мерките од програмата коишто обезбедуваат подобар живот за граѓаните, а станало збор и за внатрепартиските активности како и за одредени кадровски прашања.


Заев ги поздрави оставките во Антикорупциска комисија


Скопје, 6 март, 2018 - 15:34 (META) 

Убеден сум дека на Македонија и треба сериозна Антикорупциска комисија која што ќе биде поставена според сите меѓународни практики, ќе биде будното око на следење на извршната власт и сè што има допир со народните пари, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за оставките во оваа комисија.

Тој додаде дека потребна е таква институција која што ќе биде еден од најголемите коректори на слабостите во системот и севкупната определба за борба против корупцијата.

„Ги поздравувам исчекорите, заради тоа што не и е лесно на која било личност или поединец да поднесе оставка заради тоа што била прозвана од јавноста. Ние можеме да ги ослободиме институциите ако бидеме транспарентни, отчетни и ако понесеме одговорност, па макар било тоа и етички“, додаде Заев.


Советот за безбедност на ОН има шест нови земји-членки


Њујорк, 2 јануари, 2018 - 19:55 (META) 

Советот за безбедност на Обединетите Нации има шест нови членки Екваторска Гвинеја, Брегот на Слоновата Коска, Холандија, Кувајт, Перу и Полска. Знамињата на овие земји, денеска беа поставени пред седиштето на ОН во Њујорк.

Египет, Јапонија, Сенегал, Украина и Уругвај го завршија својот мандат минатата година.

Советот за безбедност на ОН има 15 членки помеѓу кои и постојаните Кина, Франција, Русија, САД и Велика Британија. Останатите членки, ги избира Генералното собрание на ОН на две години.


Формиран Советот за реформи на јавната администрација со кој ќе претседава Заев


Скопје, 21 декември, 2017 - 18:53 (META) 

Премиерот Зоран Заев, како претседател и уште 12 членови го сочинуваат Советот за реформа на јавната администрација кој денеска се формираше во Владата, а кој треба да ја следи реализацијата на Стратегијата за реформи во овој сектор, како дел од планот „3-6-9“, соопшти владината прес-служба.

Членови на Советот се вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи; вицепремиерот задолжен за Рамковниот договор и политички систем, Хазби Лика; министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски; министерот за финансии, Драган Тевдовски; министерот за правда, Билен Саљији; министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска; министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу; министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспаретност, Роберт Поповски; генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски; директорот на Агенцијата за администрација, Спасе Глигоров; градоначалникот на Скопје како претседател на ЗЕЛС, Петре Шилегов и Лила Пејчиновска-Миладиновска, секретар на Секретаријатот за законодавство.

Целта на Стратегијата, како што заклучил Советот, е ефикасна, продуктивна и професионална јавна администрација.

– Да поттикнеме мотивираност и посветеност, преку почитување на професионалноста и стручноста, преку напредување во кариера и награди, преку продуктивност и ефикасност на јавната администрација, со цел квалитетни услуги кон граѓаните на Република Македонија – порачал премиерот Зоран Заев.

На средбата е договорен начинот на работа на Советот што ќе ја следи реализацијата на оваа важна реформа, согласно насоките од Европската комисија.


Интернет-петиција за оставка од членовите на ДИК поради бонусите


Скопје, 7 декември, 2017 - 20:46 (META) 

Повеќе од 1.600 граѓани досега се потпишале на интернет-петицијата со која се бара оставка од членовите на Државната изборна комисија поради бонусите што си ги доделиле без да ја информираат јавноста.

„Бараме оставка на деветте членови на Државната изборна комисија (ДИК) поради неетичко однесување и кршење на принципите за работа, објавени на веб-страницата на ДИК, кои меѓу другото гласат: ‘Постојано вршиме самоевалуирање затоа што сакаме постојано да ја унапредуваме нашата работа и секој нареден изборен циклус да биде подобар од претходниот. Притоа ја зголемуваме ефикасноста, ја спроведуваме работата со помалку напор и ја зголемуваме ефективноста со што ги намалуваме трошоците за својата работа’“, се вели во петицијата.

Во неа се наведува дека платите на деветтемина членови на ДИК се движат меѓу 60.000 и 70.000 денари и дека во изминатите 18 месеци членовите на Комисијата трипати си доделиле вкупно 12 надоместоци за кои не ја информирале јавноста.

Случајот со бонусите на ДИК во јавноста го откри амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, кој во вторникот неделава изјави оти слушнал дека членовите на Државната изборна комисија зад затворени врати едногласно си изгласале да добијат четири дополнителни плати по завршувањето на локалните избори во октомври годинава.

Еден ден подоцна ДИК одржа седница на која членовите рекоа дека одлуката за исплата на надоместоци била донесена во согласност со Изборниот законик и со правилникот за работа, но поради притисокот од јавноста решија бонусите да ги донираат или да ги вратат во буџетот.


ДИК: Законот ни дозволува да исплатиме дополнителни плати, ама утре ќе ги вратиме


Скопје, 4 декември, 2017 - 17:01 (META) 

Одлуките за надоместок на вработените во ДИК се носени врз основа на закон, но и врз основа на одговорноста, сложеноста и на обемот на работните задачи и врз основа на извештаите за работа на изборната администрација, се вели во реакцијата на ДИК, откако амбасадорот на САД, Џес Бејли, рече оти слушнал дека членовите на ДИК зад затворени врати едногласно си изгласале да добијат четири дополнителни плати по завршувањето на локалните избори во октомври годинава.

„Претседателот и членовите на изборните органи и изборната администрација имаат право на надоместок во согласност со член 19 од Изборниот законик, што се утврдува со акт што го донесува ДИК. Правилникот за утврдување на критериумите за исплата на надоместокот на изборните органи е донесен по распишување на изборите во согласност со определениот буџет одобрен од страна на Собрание на Република Македонија и тој е објавен на веб-страницата на Државната изборна комисија. Државната изборна комисија од распишување до завршување на изборите е во постојано заседание, континуирано, без оглед на неработни денови и празници и работниот ден најчесто трае повеќе од 20 часа“, се вели во реакцијата на ДИК.

Од Комисијата велат дека одлуките за надоместок се донесени во согласност со закон и врз основа на позитивните законски прописи, меѓутоа поради повикот на јавноста, членовите на ДИК одлучиле утре, на јавна седница, да расправаат по предлог-одлука за отповикување на донесените одлуки за определување надоместок за членовите на ДИК во стручната служба за спроведените избори.


Иванов по изборите ќе предложи наследници на Габер и на Старова во Уставен суд


Скопје, 4 октомври, 2017 - 10:07 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, своите предлози за именување на двајца судии во Уставниот суд, на местата на Наташа Габер-Дамјановска и на Гзиме Старова, чиј деветгодишен мандат истекува в сабота, ќе ги достави до Собранието по локалните избори, велат за „Мета“ од кабинетот на Иванов.

„Претседателот на Република Македонија ќе достави предлог до Собранието на Република Македонија по завршувањето на локалните избори“, се вели во кусиот одговор од кабинетот на Иванов на нашето прашање дали досега е разговарано на оваа тема и дали претседателот на Република Македонија има предложено кандидати.

Тоа значи дека уште најмалку еден месец, Уставниот суд ќе работи во скратен состав, со шест од вкупно девет судии, бидејќи Собранието сè уште не именувало судија на местото на Исмаил Дарлишта, чиј мандат истече уште на 31 јули оваа година.

Според член 84 од Уставот, претседателот предлага двајца членови на Уставниот суд. Габер-Дамјановска и Старова беа избрани на 7 октомври 2008 година, на предлог на тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, по неколку месеци одложување бидејќи опозицијата ја бојкотираше работата на Собранието.

Ваквата ситуација ќе биде вистински тест за кохабитацијата меѓу претседателот и актуелното парламентарно мнозинство, предводено од СДСМ.

Упатените за „Мета“ велат дека Иванов ќе мора да се договори со мнозинството околу кандидатите, бидејќи во спротивно Собранието нема да му ги изгласа неговите предлози, што би било непријатно и за личностите кои се номинирани и може да го одолговлече комплетирањето на составот на Уставниот суд.

Инаку, минималниот број на судии со кои може да функционира Уставниот суд е шест, но во таков случај проблем е обезбедувањето мнозинство за донесување одлуки.

Членовите на Уставниот суд, Собранието ги избира на пленарна седница со 61 глас, а доколку е предложен кандидат Албанец, тогаш се гласа и со Бандентерово мнозинство.


Наследниците на Габер и на Старова во Уставниот суд, тест за кохабитацијата со Иванов


Скопје, 15 септември, 2017 - 12:36 (META) 

Собранието доцни со изборот на член на Уставниот суд кому му престанува мандадот, изјави Бујар Османи, вицепремиерот за европски прашања на 30 август, презентирајќи ги резултатите од имплементацијата на првиот дел од реформскиот план „3-6-9“.

Станува збор за избор на член на Уставниот суд на местото на досегашниот судија Исмаил Дарлишта, кому деветгодишниот мандат му истече на 31 јули. Тој беше избран во 2008 година на предлог на Комисијата за избори и именувања, а оваа комисија треба да го предложи и неговиот наследник. Комисијата, и по месец и половина, сè уште не излегла со предлог за судија, кого треба да го изгласа Собранието.

Мнозинство во Комисијата има опозицијата, односно шест членови се од ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Илија Димовски како претседател, СДСМ има пет, ДУИ еден и Беса еден член.

Дарлишта, како што може да се види на интернет-страницата на Уставниот суд, веќе е избришан од списокот на судии, односно судот работи со еден судија помалку, иако сè уште ја нема закажано првата седница по завршувањето на судиската ферија.

На 7 октомври им завршува мандатот и на судијките Наташа Габер-Дамјановска и Гзиме Старова, а пополнувањето на нивните места ќе биде уште покомплицирано од изборот на наследник на Дарлишта.

Наследниците на Габер-Дамјановска и на Старова ги избира Собранието, но на предлог на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Според член 84 од Уставот, претседателот предлага двајца членови на Уставниот суд. Габер-Дамјановска и Старова беа избрани на 7 октомври 2008 година, на предлог на тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, по неколку месеци одложување бидејќи опозицијата ја бојкотираше работата на Собранието.

Ваквата ситуација ќе биде вистински тест за кохабитацијата меѓу претседателот и актуелното парламентарно мнозинство, предводено од СДСМ.

Упатените за „Мета“ велат дека Иванов, сакал – не сакал, ќе мора да се договори со мнозинството околу кандидатите, бидејќи во спротивно Собранието нема да му ги гласа неговите предлози, што може да го одолговлече комплетирањето на составот на Уставниот суд.

Инаку, минималниот број на судии со кои може да функционира Уставниот суд е шест судии, но во таков случај проблем е обезбедувањето мнозинство за донесување одлуки.

Членовите на Уставниот суд, Собранието ги избира на пленарна седница со 61 глас, а доколку е предложен кандидат Албанец, тогаш се гласа и со Бандентерово мнозинство.