!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Велика Британија ќе воведе такса за работниците од ЕУ


Лондон, 11 јануари, 2017 - 17:57 (META) 

Британската влада сака да воведе такса од 1.000 фунти за секој британски работодавец што ќе вработи работник кој потекнува од некоја од земјите членки на Европска Унија.

Британскиот министер за миграција, Роберт Гудвил, пред Горниот дом на британскиот парламент истакнал дека е можно воведување на такса за работниците од ЕУ.

Гудвил истакнал дека ќе има програми кои ќе дозволуваат работниците во земјоделството да добиваат краткорочни, сезонски договори за работа во Велика Британија.

Велика Британија веќе ги зголеми таксите за работниците од земјите кои не се членки на ЕУ и тие ќе стапат на сила во април.

Работниците од 27 земји членки на ЕУ сега имаат право да живеат и да работат во Велика Британија, но тоа ќе се промени кога земјата ќе излезе од Европска Унија.


Продолжува евакуацијата во Алепо, 1.000 луѓе го напуштија градот


Алепо, 19 декември, 2016 - 10:08 (META) 

Околу 1.000 луѓе го напуштија денеска источниот дел на Алепо, при новата евакуација на жителите во тој дел од градот, кој е под опасада на владините сили.

Шефот на единицата на лекари и на волонтери кои ја коордирнираат евакуацијата, Ахмад ал Дбис, изјави дека луѓето биле евакуирани со 20 автобуси и се упатиле во западниот дел на градот.

Иствреме се врши евакуација и од градовите Фуа и Кафаја, во согласност со договорот за прекин на огнот со кој се овозможува последните бунтовници и цивили да ја напуштат бунтовничката енклава во источниот дел на Алепо.

Денеска членките на Советот за безбедност на ОН постигнаа договор за нацрт-резолуцијата за набљудувачите во Алепо, откако Франција ги зеде предвид забелешките на Русија, а гласањето треба да биде денеска.

Со нацрт-резолуцијата што ја предложија Русите, генералниот секретар на Обединетите Нации се повикува да ја осигури безбедноста во „координација со заинтересираните страни“, вклучувајќи ја и сириската влада која сега го контролира источниот дел на Алепо, за да може претставниците на ОН да ги следат условите во кои се наоѓаат цивилите што останале во Алепо.


Бугарија бара укинување на визите од Канада за да го поддржи трговскиот договор со ЕУ


Софија, 20 октомври, 2016 - 10:23 (META) 

Бугарија нема да го поддржи трговскиот договор меѓу Европската Унија и Канада (ЦЕТА) без да има гаранции од канадската влада дека ќе ги укине визите за бугарските државјани. Одлуката била донесена на седница на бугарската влада.

Со тоа бугарската влада ќе ги брани своите интереси на Самитот во Брисел, кој се одржува денеска и утре.

Ова барање на бугарската влада е и во насока на тоа економските оператори од таа земја да бидат еднакво конкуретни како и другите земји-членки на ЕУ.


ЕУ: Само 11 членки ги усвоија правилата за забрана на пушењето


Брисел, 20 мај, 2016 - 20:20 (META) 

Европската унија соопшти дека само 11 од 28 нејзини членки потполно ги усвоиле мерките за забрана на пушењето, во предвидениот рок од две години кој истекува денеска.

Државите членки имаа обврска, во рок од две години на национално ниво, да усвојат правила кои вклучуваат истакнување на предупредување за штетното влијание на пушењето врз здравјето, што подразбира и истакнување на слики од расипани заби и бели дробови зафатени со рак на пакувањата на цигарите.

Европската комисија нема веднаш да преземе мерки против земји кои се уште не ги имплементирале правилата. Имено, 11 држави во потполност ги исполниле обврските додека други „значително напредувале“.

Останатите 17 држави имаат рок до два месеци, сериозно да пристапат кон тоа прашање.


Еврозоната нема наскоро да прима нови членки


Брисел, 28 декември, 2015 - 13:07 (META) 

Еврозоната во наредните неколку години нема да се шири, односно да прима нови членки, изјави денеска потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис.

– Во следните години не треба да се очекува проширување на еврозоната – изјави Домбровскис за германскиот весник „Ди велт“ (Die Welt), кој е европски комесар задолжен за еврото.

Од 28 членки на ЕУ, 19 се во еврозоната.

Домбровскис потсети дека пред некоја земја да го усвои еврото како валута, ќе го фиксира курсот по кој домашната валута ќе се менува за еврото. Курсот се фиксира во рамките на Механизмот за девизен курс на ЕУ, т.н. чекална, во која земјите поминуваат две години пред да преминат на употреба на еврото, за да се потврди стабилноста на девизниот курс.

– Тој механизам е чекална за еврозоната. Во овој момент ниту една членка не се наоѓа во таа фаза, со исклучок на Данска, која е посебен случај – изјави европскиот комесар за евро.

Данска во механизмот се наоѓа од 1999 година, а според Договорот за ЕУ, има можност да избере да остане надвор од еврозоната и во случај да ги исполни сите критериуми.

Меѓу деветте земји-членки на ЕУ кои се надвор од еврозоната се и Велика Британија и Шведска, кои никогаш не искажале намера да воведат ја единствената европска валута.


Хан: Процесот на преговори на актуелните кандидатки за членство во ЕУ ќе трае подолго


Брисел, 4 ноември, 2015 - 21:14 (META) 

Кога зборуваме за проширувањето и сè што е поврзано со него, важно е дека се работи за процесот, а не само за преговорите, па извештаите се важни во тој контекст, изјави еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, презентирајќи ги заклучоците од денешната конференција во Брисел „Спик ап“ („Проговорете“ или „Кренете глас“) за медиумската состојба во земјите од Западен Балкан и во Турција.

– Кога мојата земја преговараше, беа потребни две години затоа што се разговарше за усогласување на правниот систем. Со Хрватска се преговараше седум години, а процесот со актуелните кандидати ќе биде уште подолг бидејќи искуството ни говори дека треба да се фокусираме на процесот, а не на преговорите. Не станува збор само за законски решенија, туку и за нивно спроведување – рече Хан.

Кога има дискусија за поддршката и за тоа како се справуваме со сето тоа на Балканот, еврокомесарот порача дека ќе упатат специфични пораки за секоја од земјите, но поради сличните состојби нагласи, мора да се има и еден воопштен пристап.


Могерини ги повика земјите од ЕУ да ги примат бегалците


Вилнус, 21 септември, 2015 - 18:51 (META) 

Високата преставничка за надворешна политика на Европската унија, Федерика Могерини, ги повика земјите-членки да им стават крај на недоразбирањата околу предлогот за поделба на 120.000 бегалци кои треба да се примат и тоа да го договорат на утрешната седница на министрите за внатрешни работи.

Могерини, говорејќи во главниот град на Литванија, Вилнус, наведе дека внатрешното единство на земјите ја зајакнува или ја слабее надворешно-политичката позиција на ЕУ.

Министрите на ЕУ минатата недела не успеаја да се договорат околу преселувањето на 120.000 бегалци, затоа што поголемиот број источноевропски држави го одбија предлогот на Европската комисија за одредување задолжителни квоти.


Членките на ЕУ против воведување квоти за мигранти


Брисел, 25 јуни, 2015 - 10:46 (META) 

Земјите-членки на Европска унија го отфрлија планот со кој се обврзуваат да прифатат 1.000 беглаци кои стигнуваат во Грција и во Италија, соопштуваат дипломати пред денешниот дводневен самит на шефовите на државите-членки на унијата во Брисел, на кој главни теми ќе бидат миграцијата, борбата против тероризмот и ситуацијата во Украина.

Бранот бегалци од Блискиот Исток и од Африка, кои преку поморски и копнен пат масовно се обидуваат да стигнат во Европа, ќе бидат прва и најважна точка на дневен ред, како и планот на Европска комисија за да се воведе квота за прифаќање на азилантите во секоја земја-членка посебно.

Тој предлог на претходниот самит во Брисел предизвика жесток отпор кај некои од членките, а во меѓувреме, Комисијата, земјаќи ги предвид нивните забелешки, состави нова верзија на планот.


Поповски на Самит на франкофонијата во Дакар


Дакар, 29 ноември, 2014 - 11:06 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, следните два дена ќе учесствува на 15. Самит на Франкофонијата, посветен на темата „Жените и младите, вектор на мирот и развојот“, што се одржува во Дакар, Република Сенегал.

Според најавите, министерот Попоски треба да оствари повеќе билатерални средби со шефовите на делегациите од земјите-членки на франкофонскиот свет.

Македонија е полноправна земја-членка на Меѓународната организација на франкофонијата од 2006 година, споделувајќи го францускиот јазик и вредностите заедно со преостанатите 76 земји-членки и набљудувачи на втората по големина светска меѓународна организација.

 


Конференција на земји-членки на здравствената мрежа на ЈИЕ


Скопје, 18 ноември, 2014 - 8:45 (META) 

Во хотелот „Александар палас“ во Скопје, денеска ќе се одржи конференциjа на земји-членки на здравствената мрежа на Југоисточна Европа, на која ќе се обрати министерот за здравство, Никола Тодоров. На конференцијата ќе присуствуваат поголем број претставници од десетте земји-членки на здравствената мрежа на ЈИЕ.

Свое обраќањер ќе има и регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Сузана Јакаб.

На конференцијата ќе се дискутира за повеќе актуелни теми поврзани со идните активности на здравствената мрежа на Југоисточна Европа, како што се имплементацијата на стратегијата „Здравје 2020“ на Светската здравствена организација, мобилност на здравствени работници, како и регионалните аспекти на подготвеност и одговор за справување со јавно-здравствени ризици.