!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Реализирана прва акција за чистење на дното на езерото Матка


Скопје, 21 мај, 2017 - 11:55 (META) 

Нуркачите на спелео-нуркачкиот клуб „Врело“ од Скопје, нуркачи од Охрид, Кавадарци и Битола успешно реализирале спуштање низ езерото Матка од подводната пештера Врело се до местото викано Широко езеро (на половина од браната до пештерите) со цел на лоцирање и означување на подводен одпад, и негово понатамошно отстранување.

Акцијата ја реализирале нуркачи кои биле помогнати со повеќечлен логистички тим и два моторни чамци.

По успешно реализираниот прв чекор, како што најави Кире Ангелески, претседател на спелео-нуркачкиот клуб Врело, ќе започне чистењето на дното на езерото, во кое можат да се вклучат сите заинтересирани за заштита и зачувување на животната средина.

Ова е една од десетте еколошки акции предвидени за ова лето, под наслов „За да не се срамиме пред нашите поколенија за загадените води и уништената природа“.


„Чист Охрид“ бара итно отстранување на отпадот од Галичица


Охрид, 25 април, 2017 - 10:22 (META) 

Граѓанската организација „Чист Охрид“ спроведува низа акции за чистење, а иницира и други граѓански иницијативи да организираат слични акции низ Охрид и во околината.

Младите активисти од ова здружение сметаат дека и понатаму треба да се мобилизира населението со слични потфати.

– Граѓаните мора да станат многу посвесни во однос на темата за отпадот, чистата животна средина и како тоа влијае на нивното здравје. Само со свесни и активни граѓани може да се подобри ситуацијата, во спротивно, би стагнирале. Сметаме дека општо земено, населението треба повеќе да се мобилизира, зависно од своето време, граѓаните самите да се организираат, затоа што секој поединечен напор е чекор кон здравје и чиста животна средина – нагласуваат од „Чист Охрид“.

За грдата слика што се остава на одделни локации, покрај во неажурноста на повиканите, од „Чист Охрид“ вина гледаат и во ниската свест кај граѓаните.

– Ништо помалку значајна не е ни самата достапност, на пример, на кантите за отпадоци. На речиси сите локации каде што сме чистеле, воопшто немало канти. Во таков случај граѓаните многу бргу и лесно одлучуваат да го фрлат отпадот на самото место, наместо да го носат со себе во потрага по соодветно место за фрлање отпад – реагираат од „Чист Охрид“.

„Чист Охрид“ во изминатиот период одржа три акции на една иста локација, на патот за Рамне од страната на Видобишта. Таму, според нивните кажувања, има уште работа, а при секое навраќање се среќаваат со нов отпад, за што сметаат дека е крајно алармантно.

– Од информациите што ги имаме, ништо подобро не е ниту на патот за Рамне, кој поминува, верувале или не, покрај канцелариите на Национален парк „Галичица“. Ги повикуваме граѓаните да престанат со депонирање отпад на овие локации, а надлежните итно да ги мобилизираат своите капацитети и да го отстранат отпадот од површината на националниот парк. Овие информации се познати во јавноста веќе подолг период, но не гледаме подобрување – апелираат младите еко-активисти од „Чист Охрид“.


Снешко е новиот „вработен“ во холандската амбасада во Скопје


Скопје, 20 јануари, 2017 - 11:09 (META) 

Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје чистењето снег пред зградата го претвори во забава.

Амбасадорот Ваутер Пломп и вработените во текот на вчерашниот ден, придржувајќи се до законската одредба да се исчисти пристапот до објектите, одлучиле насобраниот снег да го претворат во снешко, на кој му ставија капа и маица во портокалова боја, која е карактеристична за Холандија.

Снешкото е поставен непосредно пред влезната врата на амбасадата, а со порака „Македонци бидете во контакт со Холанѓаните“ (Macedonians keep in touch with the Dutch) ги поздравува случајните минувачи и посетителите на амбасадата.

Фотографии од забавното чистење се објавени и на фејсбук-страницата на амбасадата со порака:

„Кога животот ти дава снег, направи снешк(а)о. Запознајте го нашиот привремен колега, Господин Снеупоп“.


Зимската служба на Град Скопје фрлила 140 тони сол


Скопје, 18 јануари, 2017 - 14:22 (META) 

Екипите на зимската служба на Град Скопје во текот на изминатата ноќ и до 13 часот денеска фрлиле 140 тони сол на градските булевари и улици, особено на критичните места.

Екипите на Град Скопје интервенирале низ градските сообраќајници и на критичните точки, односно на сите мостови, клучки, надвозници, подвозници и во високите зони кон Водно, Пржино, Железара, како и на сите други таканаречени „црни точки“ во градот.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Оттаму апелираат до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.


На патот кон гостиварско Куново има половина метар снег, селото е отсечено


Гостивар, 11 јануари, 2017 - 13:46 (META) 

Гостиварско Куново е отсечено од градот бидејќи на патот кој води до нивното село има 50 сантиметри снег. Жителите велат дека се обратиле до сите институции надлежни за расчистување на патиштата, но не добиле позитивен одговор.

– Дваесетина жители во ова село се целосно отсечени од Гостивар, патот е прооден само за движење пеш или со теренски возила и со синџири за снег. Покрај овие жители, во селото има и животни и некои непостојани жители на селото ги чуваат и патуваат пеш до Гоствар за да ги нахранат. Ние сме свесни дека не може сите патишта да имаат ист приоритет, на тоа се спремни и жителите, па имаат резерви од продукти, но тоа не значи нашиот пат воопшто да не се се чисти – велат од месната заедница од Куново.

Републичкиот центар за управување со кризи Тетово (РЦУК) известува дека сообраќајот се одвива во зимски услови и отежнато, особено на повисоките планински села каде е неопходна употреба на зимска опрема.

– Има одредени забелешки од граѓани кои се жалат на несоодветно исчистени патни правци од страна на „Македонија пат“ – Тетово, а особено за патниот правец од село Калник до Палчишка Река и стариот пат Желино – Групчин. По разговорот со раководителот на „Македонија пат“ – Тетово, добиена е информација дека при првата можност посочените правци повторно ќе бидат исчистени и проширени од нивна страна – велат од РЦУК  Тетово.

Оттаму додаваат дека магистралниот пат Гостивар – Стража е прооден и проширен и има фрлено сол. На кракот Маврово – Дебар, има забрана за движење за тешки товарни моторни возила.

Кружниот тек околу Мавровското Езеро е исчистен и прооден во еден правец. Се очекува машина за целосно расчистување на патниот правец околу езерото во двата правца.

За Лазарополе и за Галичник засега не е планирано чистење на патот од наносите од снег, информираат Центарот за управување со кризи.


Општина Тетово: Снегот се расчистува според приоритет, прво улиците, па тротоарите


Тетово, 10 јануари, 2017 - 15:06 (META) 

Од кризниот штаб на Општина Тетово велат дека постојано се работи на расчистување на улиците од снегот. Според нив, сите коловози се проодни и механизација постојано работи на терен и ја контролира состојбата.

– Наши екипи постојано се на терен и реагираат веднаш на расчистување на патиштата од снегот, кој периодично, поради силниот ветер, понекогаш може да се спушти на некој коловоз – вели Ука Алити од кризниот штаб од Тетово.

Граѓаните велат дека сепак снегот се чисти делумно. Тротоарите, според нив, воопшто не се исчистени.

– Тротоарите не се исчистени ниту во центар, а камоли на друго место. Човек може да падне и да скрши нога, се лизга – вели една повозрасна жителка на Тетово.

Од кризниот штаб од Тетово, пак, велат дека јавните површини се расчистувале според приоритет. Денеска општински екипи работеле на расчистување на снегот од тротоарите.

Денеска во Западна Македонија наврна нов снежен нанос, кој не предизвика проблеми во патниот сообраќај. Сите автопати и регионални патишта во овој дел на Македонија се проодни.


ДЗС: Оспособени за сообраќај повеќе патни правци во општина Студеничани


Скопје, 8 јануари, 2017 - 18:40 (META) 

Со ангажирање градежна механизација, во текот на денешниот ден оспособени за сообраќај на моторни возила се патните правци кон Долно и Горно Количани, Црвена Вода, Китка, Маркова Сушица, Цветово, Осинчани, Бела Црква, Елово и кон Црн Врв во општина Студеничани, додека на патниот правец кон викенд-населбата Мала Река сè уште се работи, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување.

Поради вонредно ниската температура, градежната механизација ангажирана во општина Зелениково имала проблеми при активирањето во утринските часови, поради што била ангажирана дополнителна механизација.

Во општина Дебар, како што се наведува во соопштението на ДЗС, упатената механизација сè уште работи на расчистување на патните правци кон Горно Косоврасти, Гари, Осој и ком Татар и Елевци.

На стариот патен правец од Куманово кон Свети Николе, во текот на вчерашниот ден биле завеани возила и камион на „Македонија пат“. Вработени од подрачните одделенија на Дирекцијата за заштита и спасување од Куманово и од Свети Николе со возила заедно со припадници на полицијата се упатиле од двете страни да дојдат до завеаните кои биле извлечени.

ДЗС апелира до граѓаните ако не е неопходно да не заминуваат на пат, да носат топла облеки и консумираат топли пијалаци. Доколку треба да работат на отворено, тоа да се прави со паузи.


Затворен за сообраќај магистралниот пат Крупиште – Штип поради чистење снег


Скопје, 8 јануари, 2017 - 12:10 (META) 

Магистралниот пат А3 од село Крупиште кон Штип од 12 часот ќе биде затворен за сообраќај во времетраење од околу 30 минути поради чистење снег, информира АМСМ.

Оттаму потсетуваат дека е укината забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец од Кочани кон граничниот премин Делчево и е нормализиран сообраќајот на патниот правец Свети Николе – Куманово кој беше во прекин поради снежни наноси. Од 4.50 часот овој патен правец е прооден за сите видови возила.

Забрана за движење на тешки товарни возила сè уште има на планинскиот премин Плетвар и на патниот правец Маврово – Дебар, а затворени за сообраќај се патиштата кон селата Герман, Гошинце и Алешевце, додека поради наноси од снег во прекин е сообраќајот на патниот правец Прилеп – Витолиште. Отежнат сообраќај поради наноси од снег има и на патниот правец Куманово – Крива Паланка.

Сообраќајот на другите државни патишта се одвива отежнато, во зимски услови, по влажни коловози и со остатоци од снег по коловозите, по интервенција на екипите на „Македонија пат“.


Град Скопје: Сите главни улици се исчистени, останатите се во надлежност на општините


Скопје, 7 јануари, 2017 - 16:01 (META) 

Сите булевари и улиците што се во надлежност на Градот Скопје се расчистени и проодни, соопштија од Град Скопје, додавајќи дека изминатата вечер на коловозите се фрлени дополнителни 50 тони сол, а екипите на јавните претпријатија го чистат снегот од јавните површини и од пешачките патеки.

„Екипите на зимската служба на Град Скопје, кои се на терен од почетокот на снежните врнежи, дејствуваат со 24 возила. Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно со потсетување дека индустриската сол има ефект до минус 6 Целзиусови степени и оти поради ниската температура можна е појава на голомразица на коловозот“, стои во соопштението.

Од Град Скопје посочуваат дека во нивна надлежност се булеварите и одредени градски улици, а сите останати улици се одговорност на општините.

„Воедно се апелира до граѓаните, куќните совети и до сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти“, стои во соопштението.

Од ЈП „Комунала хигиена“ апелираат до општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и за поголема ажурност во оваа област, заради непрекинато собирање на комуналниот смет.


Прекинат сообраќајот Штип – Велес, камиони го попречиле патот


Велес, 6 јануари, 2017 - 15:45 (META) 

Сообраќајот на патот Штип – Велес, кај местото Три чешми, е во прекин бидејќи товарни моторни возила го попречиле патот поради снегот, информираа попладнево од Автомото-сојузот на Македонија.

Од 6 часот утринава поради чистење на снежни наноси, сообраќајот е во прекин на магистралниот пат А-3 Штип – Кочани, поточно од село Крупиште до бензиска пумпа „Ваго“.

Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските премини Стража, Маврово и Ѓавато.

Денеска во текот на денот нормализирани беа патните правци Валандово – Стар Дојран, Прилеп – Кавадарци кај Плетвар, Тетово – Јажинце, Струга – Ќафасан. Укината е забраната за сообраќај на патните правци Велес – Скопје, Крива Паланка – граничен премин Деве Баир и Кичево – Охрид.