!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Кандидатите за градоначалник на Скопје се обврзаа дека ќе се грижат за чиста средина


Скопје, 12 октомври, 2017 - 15:15 (META) 

Kандидатите за градоначалник на Скопје денеска потпишаа изјава со која ја прифаќаат платформата на „Коалицијата O2“ за чист воздух и за остварување на правото за чиста животна средина.

Од коалицијата, меѓу другото, бараат активно вклучување на претставници од граѓанските иницијативи и на граѓани во подготовката на сите планови, програми, стратегии, буџети, ГУП, мерки против загадувањето, во носење на сите одлуки што ги засегаат жителите на Скопје.

Граѓанската иницијатива, исто така, бара ограничување или привремено запирање на градежните активности, во  зависност од учеството во загадувањето на воздухот.

– Задоволни сме што проблемот со загадениот воздух е централна тема во изборните програми на политичките партии и дека конечно гласот на граѓаните треба сериозно да биде земен предвид. Очекуваме од идниот градоначалник на Скопје да ги вклучи граѓаните во процесот на носење на одлуките, особено кога тие се однесуваат на нашето здравје и на квалитетот на животот – велат од „Коалицијата О2“.

Од невладината организација предлагаат да се стимулира греење на гас, суви и нетретирани дрва, пелети и на брикети од чисто дрво, а по потреба во критичните периоди и да се постави забрана за греење на други горива во домаќинствата, приватните и во државните институции.

Истовремено, тие апелираат зелените површини да се заштитат од узурпација, да се зголемат зелените површини во урбаните средини и да се формираат зелени коридори по течението на Вардар, Серава, Треска и на Лепенец.

Изјавата ја потпишаа Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, Петре Шилегов од СДСМ, Марија Џонс од Левица, Ванчо Шехтански од ТМРО, Нафије Селмани од Движењето Беса и Ѓорѓи Тодоров од НДМ.

Наим Бајрами од Алијанса на Албанците и Беким Фазлиу од ДПА не успеале да стигнат на заедничкото потпишување, но се обврзале дека согласноста официјално ќе ја достават до крајот на денот.


Груевски: Народот има воздух и живот, оти ги дава Господ, а не СДСМ


Скопје, 29 септември, 2017 - 20:54 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг во скопската општина Бутел порача дека СДСМ напразно дава ветувања за живот и за чист воздух, оти тие ги давал Господ, а не владејачката партија, која ја поистовети со Итар Пејо.

– Ќе донеле живот. Во Бутел ќе донеле живот. Што да ви кажам. Ќе донеле воздух, како во приказните со Итар Пејо, со Насредин Оџа, каде што продаваа разно разни работи на народот со разно разни итроштини, така и овие нашиве што се сега на власт, ќе продаваат воздух на народот. Народот има воздух, народот има живот, животот го дава Господ, а не СДСМ – изјави Груевски.

Тој рече дека СДСМ една третина, па и една половина од говорите ги посветуваат да навредуваат, да плукаат, да го омаловажуваат него, неговите соработници и ВМРО-ДПМНЕ.

– Кога плукате по некоја партија и по некои личности што создале, што изградиле, што направиле, треба да сте свесни дека е исто како плукате нагоре, плунката ви се враќа врз вас, врз главата. Тоа ќе им се случи на нив на 15 октомври од овој народ кој што знае и гледа, што тоа ние направивме во изминатиот период. Само нека продолжат да не плукаат и навредуваат, ние нив нема да ги навредуваме, нема да ги плукаме, затоа што народот гледа, народот е свесен, народот прави разлика и на 15 октомври е свесен дека тогаш е неговиот миг, тогаш е неговата моќ, не пред тоа, не потоа – рече лидерот на најголемата опозициска партија.


Сакаме паркови, а не згради, порачаа граѓаните на протестот за чист воздух


Скопје, 21 септември, 2017 - 20:37 (META) 

Со пароли и извици „Сакаме паркови, не згради“ и „Нема воздух, нема мир“, граѓаните на Скопје денеска го одржаа мировниот марш за чист воздух, организиран од Коалицијата О2 и Првата детската амбасада во светот „Меѓаши“, на кои им се придружија уште 18 невладини организации.

Протестот почна пред Владата и продолжи преку булеварите Илинден и 8 Септември каде граѓаните се приклучија здруженијата „Ние сме Карпош 4“ и „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“, кои претстираа против уништувањето на зелените површини во општината, на чие место треба да бидат изградени згради.

Активистите побараа од Владата да почне што побрзо да го решава проблемот со загадениот воздух и ги повторија барањата кои се веќе доставени до Министерството за животна средина.

– Ветувавте дека ќе направите промена. Ве охрабруваме да ја искористите шансата и да покажете сериозен пристап за решавање на проблемот со загадувањето. Заедно ќе ви стоиме на глава и ајде заеднички да го решиме проблемот – порача активистот Лазар Ѓуров.

Активистот Ѓоко Парго рече дека секоја вечер во Карпош мириса на хемикалии и на изгорена пластика.

– Воздухот смрди секоја вечер, мириса на профитот на некои луѓе – рече тој.

Ели Пешева од Коалицијата О2 рече дека овој период, пред локалните избори е исклучително важен, за идните градоначалници да го сфатат проблемот и заедно со централната власта да преземат итни мерки, бидејќи во сите поголеми градови – во Скопје, Тетово, Битола, Струга, Куманово, Кичево, Кавадарци граѓаните директно ги чувствуваат последниците од загадениот воздух.

Таа најави дека предлог-мерките ќе им бидат доставени на сите кандидати за градоначалници, од сите партии.


Скопјани денеска ќе протестираат за чист воздух


Скопје, 21 септември, 2017 - 11:41 (META) 

Коалицијата О2 за чист воздух и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска ќе го одбележат светскиот ден на мирот (21 септември) со мирен марш за право на чист воздух.

Маршот, како што е најавено, ќе почне пред Владата во 17 часот, по што ќе продолжи по булеварот Илинден, а на булеварот 8 Септември, граѓаните ќе се спојат со здруженијата од Карпош, кои претходно ќе одржат протест пред Општина Карпош.

Здруженијата велат дека проблемот со загадениот воздух сериозно треба да го сфатат како централната, така и локалната власт и бараат нивните предлог-мерки да бидат вградени во изборните програми на кандидатите за градоначалници.

– На прагот на зимата сме, сите вредности за загаден воздух ќе скокнат драматично, а потоа ќе биде предоцна да реагираме. Последиците се чувствуваат во сите поголеми градови, во Скопје, Тетово, Битола. Срамно е за државата, од 10 најзагадени градови во Европа три да се во Македонија – вели Ели Пешева од Коалицијата О2.

Како причинители за загадувањето здруженијата ги наведуваат работата на индустриските капацитети без филтри и непочитување на пропишаните законски процедури, намалување на урбаното зеленило, лошото управување со отпадот.

Тие велат дека новата Влада покажала интерес за решавање на оваа проблематика.


Светскиот ден на мирот утре граѓаните ќе го одбележат со протест за чист воздух


Скопје, 20 септември, 2017 - 12:55 (META) 

Светскиот ден на мирот (21 септември), Коалицијата О2 за чист воздух и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ќе го одбележат со мирен марш за право на чист воздух.

Маршот ќе почне пред Владата со почеток во 17 часот, ќе продолжи по булеварот Илинденска и на булеварот 8 Септември, граѓаните ќе се спојат со здруженијата од Карпош, кои претходно ќе одржат протест пред Општина Карпош.

Здруженијата порачаа дека проблемот со загадениот воздух сериозно треба да го сфатат како централната, така и локалната власт. Тие ќе бараат нивните предлог-мерки да бидат вградени во изборните програми на кандидатите за градоначалници.

– На прагот на зимата сме, сите вредности за загаден воздух ќе скокнат драматично, а потоа ќе биде предоцна да реагираме. Последиците се чувствуваат во сите поголеми градови, во Скопје, Тетово, Битола. Срамно е за државата, од 10 најзагадени градови во Европа три да се во Македонија. Се зголемува бројот на заболени деца и на возрасни, но и на смртни случаи како последица на загадениот воздух – вели Ели Пешева од Коалицијата О2.

Меѓу мерките што здруженијата ги предлагаат е и усогласување на регулативата со меѓународната. Исто така, бараат одговорност за загадувачите, зголемување на свесноста на граѓаните, здрави животни навики, алтернативни решенија за чист воздух, санација на критични извори на загадување, кои иако не работат, загадуваат, како ОХИС и Топилница во Велес. За РЕК Битола бараат затворен систем на отпрашување, а посочуваат дека индустриските капацитети треба да се градат најмалку 10 километри надвор од населените места.

Како причинители за загадувањето ги наведуваат работата на индустриските капацитети без филтри и непочитување на пропишаните законски процедури, намалување на урбаното зеленило, лошото управување со отпадот.

Предлог-мерките кои се итни, среднорочни и долгорочни тие ги доставиле до Министерство за животна средина и до Владата, а ќе ги достават и до кандидатите за градоначалници.

– Долг и бавен е процесот за менување на свеста. Ако сега се почне, резултати ќе има за пет години. Потребна е соработка со локалната и со централната власт. Без оглед на разликите, чистиот воздух и здравата животна средина се прашање на здравје и од заеднички интерес за сите – додава Пешева.

Драги Змијанац од „Меѓаши“ изјави дека децата се ранлива група, така што сè поголем е бројот на оние со респираторни заболувања.

Тој додаде дека утре основните и средните училишта ќе се вклучат во акцијата за подигнување на еколошката свест кај децата.

Граѓанските здруженија велат дека новата влада покажала интерес за решавање на оваа проблематика.


Тетовци денеска ќе протестираат за чист воздух, се жалат на неподнослива миризба


Тетово, 20 август, 2017 - 11:37 (META) 

Граѓаните на Тетово денеска во 13 часот ќе се соберат на плоштад за да протестираат за чист воздух, бидејќи по горењето на депонијата, жителите се жалат дека во градот се чувствува неподнослива миризба.

Од плоштадот, како што е најавено на фејсбук-настанот „Депонија Тетово“, ќе се упатат кон зградата на Општина Тетово.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, на својот фејсбук-профил објави дека чистењето на депонијата во Тетово, треба да почне од утре.

„Владата обезбеди средства и склучи договор за дислокација и чистење на тетовската депонија, процес кој треба да почне утре (понеделник). Некој тоа го знаел и затоа два дена пред да почне чистењето и дислокацијата, ја запалил се со цел да не може да дојде до тоа или да се одложи процесот, притоа загрозувајки го здравјето на луѓето. Кому му е ова во интерес? Проценете сами“, пишува Рашковски.

Според фотографиите објавени на социјалните мрежи, револтираните граѓани од утринава истураат смет пред влезната врата на зградата на Општината.

Депонијата во Тетово вчера гореше цел ден, а пожарот беше локализиран синоќа.


Граѓаните на Њујорк бараат уставно право на чист воздух и вода


Албани, 30 декември, 2016 - 10:14 (META) 

Здруженијата за заштита на животната средина од сојузната американска држава Њујорк бараат со амандман на уставот да се гарантира правото на чист воздух и вода.

Организациите „Заговорници за животна средина Њујорк“ и „Ефикасен Њујорк“ за предложениот амандман се заложуваат преку интернет-видеоогласи, објавени денеска, на кои се претставени децата од местата Хусик Фолс, каде што има бунари загадени со индустриски хемикалии.

„Не би требало да мораме да се бориме за чиста вода“, гласи пораката на видеозаписот.

Од граѓанските организации велат дека измената на уставот ќе им овозможи на граѓаните да инсистираат на одговорност на надлежните и ќе успеат да обезбедат здрава животна средина.

Шест сојузни држави на САД имаат во своите устави одредби за еколошки права, а само уставот на Пенсилванија дава основа за забрана на работи кои го загрозуваат јавното здравје и животната средина.

„Недостига јасна формулација во уставот која на луѓето би им дала право на чист воздух и на вода од која нема да се разболуваат“, вели Питер Ивановиќ, директор на организацијата „Заговорници за животна средина Њујорк“.

Уставната заштита значи дека дури ако и државните органи прават нешто погрешно, граѓаните да можат преку судовите да ги натераат да не го прават тоа, вели сенаторката на Демократската партија од сојузната држава Њујорк, Лиз Кругер.


Активистите на „За нас се работи“ најавија радикализирање на протестите во Битола


Битола, 3 декември, 2016 - 16:58 (META) 

Здружението „За нас се работи“, на третиот ден од протестите за чист воздух, најави радикализирање на активностите, бидејќи, како што велат од здружението, надлежните не се заинтересирани за овој проблем во Битола.

Битолчани првите пораки за чист воздух ги упатија до политичарите и предложија потпишување на меморандум, но засега од политичките партии нема никаков одговор. Активистите на „За нас се работи“ на почетокот на денешниот протест најавија и директна блокада на РЕК Битола.

– За некој кој седи дома ова е радикализација, но оној кој има потреба од чист воздух, ќе му стане јасно што сакаме. Блокада на комбинатот веројано носи и кривична одговорност, не знаеме, но, исто така, во паника не знаеме што ќе направите, како ќе реагирате, бидејќи сè повеќе луѓе заминуваат на лекување во Скопје – рече Душко Груевски од здружението.

Активистите за чист воздух се разочарани од политичарите бидејќи во нивните програми за овие предвремени избори проблемот со аерозагадувањето воопшто не е приоритет.

– Ги повикуваме сите мудри луѓе во оваа држава да дојдат и заедно да се справиме со овој проблем бидејќи очигледно е дека политичарите не нè ставиле како приоритет во нивните програми – рече Душко Груевски.

Три дена битолчани го блокираат патот кој од градот води кон РЕК Битола, како и патот на влезот на градот, кој води од Прилеп.

Протестите за чист воздух се совпаднаа со митинзите на двете најголеми поллитички партии од македонскиот блок, односно со митингот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се одржа во четвртокот, и со денешниот митинг на опозицискиот СДСМ.

Протест против енормното загадување на воздухот за понеделник е најавен и во Скопје. Протестот, кој е организиран од неколку еколошки организации, е закажан за 17 часот пред бараките на администрацијата на Град Скопје.


РЕК Битола: Блокадата може да предизвика тешки последици по енергетската стабилност


Битола, 2 декември, 2016 - 17:22 (META) 

„Блокадата на јавниот пат што води до РЕК Битола од страна на Здружението на граѓани „За нас се работи“ и најавите за целосна блокада на Рударско-енергетскиот комбинат е опасна авантура што може да предизвика тешки последици по енергетската стабилност на државата“, се вели во соопштението на компанијата по повод блокадите за чист воздух во Битола, организирани од ова здружение.

– Овој чин го сметаме како напад  врз стратешка цел, особено затоа што се спроведува во услови кога рударско-енергетскиот комбинат се подготвува за работа во зимски услови. Уште повеќе зачудува тоа што барањата што ги поставува ова здружение најмалку се однесуваат, се во надлежност или, пак, зависат од работата на РЕК Битола – се додава во соопштението.

Во него, исто така, се додава дека „блокадите се организираат во период кога во РЕК Битола течат најголемите инвестициски вложувања во неговото четириесетгодишно постоење, насочени кон зачувување и унапредување на животната средина“.

– Само да потсетиме дека со реализацијата на проектот за модернизација на котлите на два блока на термоелектраната, остварено е намалување на нивото на штетните емисии на азотни оксиди и нивен континуиран надзор, што РЕК Битола го прави компатибилен во делот на емисија на азотни оксиди, исполнувајќи ги најстрогите европски директиви за заштита на животната средина – велат од РЕК.

Оттаму потсетуваат дека стандардните мерки за заштита на околината, како што се редовното одржување на електростатските филтри со висок степен на прочистување, континуираната рекултивација, пошумување на терените околу комбинатот и поволните метеоролошки услови ги елиминираат штетните влијанија врз Битола и врз околината.


Битолчани со блокади им порачаа на политичарите дека им треба чист воздух


Битола, 1 декември, 2016 - 16:09 (META) 

Битолчани денеска со блокада на патот кон РЕК Битола го изразија својот револт од енормното загадување на воздухот во градот.

Покрај тоа што го блокираа патот за РЕК Битола, битолчани го блокираа и излезот кон Скопје, испраќајки јасна порака до политичарите за потребата од силни и конкретни мерки против аерозагадувањето во градот.

Организаторите на протестот, здружението „За нас се работи“, напоменаа дека овие блокади не се случајни во време на изборна кампања и митинзи на двете најголеми партии од македонскиот блок во Битола.

– Ова не е само аларм за чист воздух, туку протест кон сите политичари да се осврнат и на нашиот проблем, нашиот приоритет за чист воздух. Ако нивен приоритет е да дојдат на власт, наш е да имаме чиста животна средина. И како што ние трпиме од блокадите кога политичарите доаѓаат во Битола, така и тие денеска ќе го почувствуваат тоа заради нашиот приоритет – рече Душко Груевски од здружението „За нас се работи“, напоменувајќи дека не сакаат протестите да се поврзуваат со ниту една политичка опција.

Членовите на здружението излегоа и со меморандум до политичките партии, во кој се наведени неколку барања.

Битолчани да не плаќаат за ангажирана моќност на сметките за електрична енергија, да се субвениционира секој потрошен киловат-час, како и тоа да се направи режим на сообраќајот во централното градско подрачје за време на месеците кога загадувањето е најсилно, се дел од барањата содржани во меморандумот на „За нас се работи“.

Инаку, вработените на РЕК кои од прва смена се враќаа од работа, најдоа начин како да ги заобиколат барикадите по алтернативни патишта.

Блокадите за чист воздух во Битола, соред најавата на организаторите, ќе продолжат утре и в сабота од 15 до 17 часот.