МТСП: Државниот инспекторат за труд со засилени контроли за исплатата на К-15


Скопје, 9 јануари, 2019 - 11:49 (META) 

Државниот инспекторат за труд, прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К-15 на вработените, информираат од Министерство за труд и социјална политика (МТСП).

Надзорот кој што започна од почетокот на годината ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајчи ги и фабриките за производтсво на текстил и чевли.

„Засилениот инспекциски надзор во областа на производство на  текстил и чевли е од причини што најголем број на преставки  во изминатите години беа од работниците во наведените дејности. Напоменуваме дека во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно со Закон. Државниот инспекторат за труд е орган кој е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со Закон и со Колективен договор. Во таа насока, при инспекцискиот надзор,  ќе се проверува  исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор  за приватниот сектор  од областа на стопанството“, се вели во соопштението.

Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценри од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач.

„Истовремено ги повикуваме работниците неисплатата на К-15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15 131“, се додава во соопштението.


„Гардијан“: Во Македонија се прават скапи брендирани чевли за минимални плати


Скопје, 23 август, 2016 - 11:06 (META) 

„Работници во Албанија и во Македонија земаат толку ниски плати што не можат да ги прехранат своите семејства, а јазот меѓу законски загарантираната минимална плата и висината на исплатените дневници е поголем отколку во Кина. На овој начин некои светски брендови за производство на чевли остваруваат огромен профит на грбот на сиромашниот работник“, се вели во текстот на „Гардијан“ во врска со тоа дека скапите чевли што носат предзнак „произведено во Италија“, всушност, се прават во земји со евтина работна сила каде што се експлоатираат работници.

Истрагата за производството на чевли ја повела Европската чевларска индустрија, која открила шокантни услови за работа во фабриките што произведуваат чевли за пазарот во Велика Британија, а во кои работат работници платени под законскиот миниум.

Во текстот на „Гардијан“, исто така, се наведува дека „една македонска фабрика што го произведува брендот за чевли „Геокс“, работниците ги плаќа 131 евро месечно, сума во која а вклучена и прекувремената работа“. Текстот потсетува дека минималната плата кај нас изнесува 145 евра и дека во таа сума не влегуваат прекувремените часови на работа.

Како земји во кои се експлоатира работната сила за производство на скапи италијански и германски чевли, покрај Македонија и Албанија, се споменуваат и Полска, Романија и Словачка.


Стотици граѓани излегоа на протестот „Колку чевли останаа неизносени“


Скопје, 13 февруари, 2016 - 13:01 (META) 

Неколку стотини граѓани денеска се собраа пред Владата на Република Македонија на протестот насловен „Колку чевли останаа неизносени“, организиран од граѓанската иницијатива „Заслужуваме подобро“.

– И покрај дождливото време денеска, тука, пред Владата, се собраа неколку стотици граѓани и околу илјада рала чевли, за да го изразиме нашиот револт поради современиот егзодус, масовното иселувањето од Македонија. Тоа го покажуваат и податоците на Светската банка – вели Инес Ефремова од „Заслужуваме подобро“.

Од граѓанската иницијатива, проблемот со иселувањето го лоцираат во лошите владини политики кои придонеле за влошување на економската состојба, како и на севкупните општествени услови.

Насобраните граѓани, положувајќи ги чевлите на своите иселени најблиски пријатели и роднини, побараа власта да преземе мерки за подобрување на економската и на општествената состојба во земјата и на тој начин да го сопре масовното иселување од Македонија.


В сабота протестен перформанс „Колку чевли останаа неизносени“


Скопје, 11 февруари, 2016 - 15:28 (META) 

Граѓанската акција „Заслужуваме подобро“, в сабота во 12 часот ќе одржи протестен перформанс „Колку чевли остаанаа неизносени“, во кој граѓаните што имаат роднини или блиски луѓе што се иселени од земјата треба да донесат нивен пар чевли.

– Народот масовно се иселува, а она што ни остана од нашите најблиски се нивните чевли. В сабота ќе се собереме пред Влада, во 12 часот, и сакаме да упатиме порака до властите дека нашата иднина сакаме да ја изградиме овде, во нашата земја. Тие треба тоа да ни го овозможат, а не да бараме парче леб во туѓина. Деновиве во другите градови во Македонија се собираат обувки и в сабота ќе бидат донесени во Скопје. Ги повикувам сите граѓани да се вклучат во оваа акција бидејќи треба да бидеме погласни, затоа што ова што ни се случува е навистина многу тажно – вели Адриана Селмани од „Заслужуваме подобро“.

Како што во Скопје снемува дрвја, така во Македонија снемува луѓе, а најстрашно е што се иселуваат тие што имаат високо образование, решено станбено прашање и релативно пристојна работа, смета граѓанскиот активист Никола Писарев.

Според организаторите, причините за иселувањата е сé полошата економска состоја и генералното влошување на сите животни и општествени сегменти.

Чевлите кои се во употреблива состојба ќе бидат подарени во хуманитарни цели на организацијата „Легис“, која потоа ќе ги донира на бегалци.