Заев за Протоколот со НАТО: Ова е голем, историски ден за сите наши граѓани


Скопје, 6 февруари, 2019 - 12:43 (META) 

Претседателот на Владата, Зоран Заев, по повод потпишувањето на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО од страна на 29 земји членки, упати честитка до сите граѓани.

„Ова е голем, историски ден за сите наши граѓани. Денес, најголемиот безбедносен сојуз на светот, НАТО, ни кажа добредојде. Денес седнавме рамо до рамо со нашите сојузници, на иста маса, во иста алијанса. Среќни сме, и треба да бидеме, бидејќи обезбедивме трајна стабилност за нашата земја. Обезбедивме сигурност, безбедност и мир. Прогресот и развојот сега се незапирливи. Нашите генерации и децата на нашите генерации ќе живеат подобро, во земја и во регион кои зрачат со надеж. Нека ни е честито, да бидеме горди“, вели Заев во честитката.


Ангеловска-Бежоска: Стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем ќе бидат одржани и во 2019


Скопје, 31 декември, 2018 - 10:32 (META) 

Сигурна сум дека и во годината што е пред нас ќе бидат одржани макроекономската стабилност и стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем на Македонија, се вели во новогодишната честитка до јавноста од гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска – Бежоска.

„И во следните 365 дена ќе ги унапредуваме сите сегменти на централнобанкарското работење во земјава, за да може НБРМ и натаму да го дава својот максимален придонес во доближувањето на македонската економија до европското семејство“, се вели во честитката на гувернерката.

Таа посакува 2019 да биде година на хармонија, напредок и нови достигнувања.


Трамп му честиташе на Иванов: Договорот од Преспа го поплочува патот до НАТО и ЕУ


Скопје, 6 септември, 2018 - 16:11 (META) 

Договорот од Преспа го поплочува патот на Македонија до членството во НАТО и Европската Унија, му порачува американскиот претседател Доналд Трамп на својот македонски колега Ѓорге Иванов во честитката за Денот на независноста – 8 Септември. Трамп упати честитки и до граѓаните на Македонија.

„Македонија има многу причини да биде горда за годинава. Историскиот Договор од Преспа го решава долгогодишниот спор за името со Грција и го поплочува патот на Македонија до членство во НАТО и во ЕУ. Договорот и членството на Македонија во НАТО ќе ги зајакнат безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион. САД се подготвени да ја поддржат Македонија, особено во претстојните разговори за зашето членство во НАТО“, се вели во честитката на Трамп до Иванов, која денеска беше објавена на веб-сајтот на амбасадата на САД.


Честитка на Мицкоски до српската заедница по повод празникот Свети Сава


Скопје, 27 јануари, 2018 - 13:00 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од свое лично и од име на партијата упати честитка до српската заедница во Македонија, по повод празникот Свети Сава.

Тој нагласи дека делото и учењето на Свети Сава оставиле силни универзални вредности на балканските христијански народи, кои „нè обединуваат во заложбата за создавање подобра иднина“.

„Ваквите празници се исклучително значајни за нашето заедничко почитување, како и почитувањето и зближувањето меѓу граѓаните. Од тие причини, но и од почит кон српскиот народ, веќе единаесетта година по ред го прославуваме овој празник откако по иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ и со поддршка на претставниците на српската заедница, установивме Србите во земјава да добијат свој официјален празник и датум за прослава“, вели Мицкоски во честитката.

Тој изрази уверување дека и во иднина „ќе продолжиме да работиме за напредок во секое поле од интерес на нашите народи и со силна волја ќе градиме подобра и просперитетна Република Македонија“.


Иванов: Празнувањето на Свети Сава е потврда на заложбите за меѓусебно почитување


Скопје, 27 јануари, 2018 - 12:14 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на српската заедница во Македонија, по повод празникот Свети Сава.

Иванов во честитката вели дека преку празнувањето на денешниот ден, 27 јануари – Денот на првиот српски архиепископ, просветител и духовник Свети Сава, „ние ги потврдуваме нашите заложби за меѓусебно зближување и почитување“.

„Српската заедница била и ќе биде неотуѓив дел од Република Македонија. Со својот јазик, култура и традиција, припадниците на српската заедница ја збогатуваат различноста на македонското мултиетничко општество. Со своите индивидуални успеси и ангажмани, пак, припадниците на српската заедница придонесуваат за унапредување на културниот, економскиот и политичкиот живот во земјава. Одговорност на нашата заедничка држава, Република Македонија, е да го почитува и негува единството на оваа различност бидејќи тоа е изворот на нашата сила и тајната на нашето опстојување“, стои во честитката на Иванов.

Тој нагласува дека српската заедница во Македонија, како и македонската заедница во Србија, имаат и незаменлива улога на мост на поврзување меѓу двете соседни пријателски држави.


Заев испрати честитка до српската заедница по повод празникот Свети Сава


Скопје, 27 јануари, 2018 - 10:55 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска по повод празникот Свети Сава испрати честитки до српската заедница и до припадниците на православната вероисповед што го празнуваат овој верски празник.

„Славењето на овој голем празник, од посебно значење за српската заедница, истовремено е и придонес кон промовирањето на мултикултурализмот и меѓусебното разбирање во Република Македонија. Со славењето и почитувањето на празниците на нашите сегашни и идни поколенија создаваме традиција на негување на меѓусебните односи и почитување на различните културни особености на сите заедници во нашето општество“, пишува Заев во честитката по повод празникот на српската заедница во Македонија.

Српската заедница во Македонија празникот ќе го одбележни вечерва со свечена академија во Македонската опера и балет.

На свечената академија најавено е обраќање на претставници од Македонија и од Србија, а ќе учествуваат и претставници од јавниот и културниот живот, симфонискиот оркестар и хорот на Радиотелевизија Србија (РТС), актери од Народниот театар во Белград и Народниот ансамбл „Венац“ од Грачаница.


Мицкоски: Богојавление – Водици нека биде потсетник на христијанските вредности


Скопје, 19 јануари, 2018 - 11:36 (META) 

Празникот Богојавление – Водици нека биде потсетник на христијанските вредности кои треба да ги почитуваме – љубов, хуманост, добрина и проштевање, стои во честитката што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја упати до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, свештенството и до сите православни верници.

„Денешниот христијански празник претставува симбол на духовното раѓање и патот по кој треба да чекорат сите верници – христијани. Со празникот Водици се продолжува негувањето на нашите традиции и се потврдува нашата верба и почитување на традиционалните вредности кои се дел од нашето општество“, напиша Мицкоски во честитката.

Тој порача дека „нашата конечна цел треба да биде успешна Македонија, држава на среќни и задоволни граѓани, држава која се грижи за своите граѓани и која активно ќе ги решава проблемите на граѓаните.

„Наместо прогон, потребна е работа и проекти, наместо уназадување и економска стагнација, потребен е раст и напредок. Република Македонија мора да биде почитувана држава“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.


Ахмети: Овој Божиќ го одбележуваме во многу важна година за нашата земја


Скопје, 7 јануари, 2018 - 16:51 (META) 

Овој Божиќ го одбележуваме во многу важна година за нашата земја, еден момент кој ги отвара сите можности за евроатланската интеграција на земјата, вели во честитката до православните верници, лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Заедно да ги надминеме сите вештачки препреки и во духот на довербата, разбирањето и соработката заедно да чекориме кон патот на напредокот и благосостојбата.Сите да ги соединиме напорите и посветеноста за исполнување на очекувањата, што ќе не направи едно пристојно општество, за да станеме дел од големото европско семејство“, се додава во честитката.


Џафери: Божиќ нека биде поттик за остварување на слободата и праведноста


Скопје, 7 јануари, 2018 - 11:09 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архијерејски синод и до целото свештенство и монаштво, упати честитки по повод големиот христијански празник Божиќ.

„Најсветиот христијански празник, Христовото раѓање – Божиќ е празник кога се негуваат убави мисли и дела, посебно спрема најближните и кон оние на кои таквата љубов и поддршка им е најпотребна. Верувам дека Македонската православна црква како најголема христијанска заедница во Македонија и во иднина ќе ја исполнува својата улога во нашето општество, ширејќи ја пораката за љубов, простување, помирување и за сплотување. Затоа, нека овие денови бидат поттик за остварување на вредностите кон кои сите заеднички се стремиме, а тоа се слободата, еднаквоста и праведноста“, се вели во честитката на Џафери.


Заев: Христос да се роди внатре во нас и да не направи подобри луѓе


Скопје, 6 јануари, 2018 - 14:19 (META) 

Премиерот Зоран Заев упати писмо со честитки до архиепископот охридски и македонски г.г Стефан и до сите православни верници во Македонија, по повод прославата на Христовото раѓање – Божиќ.

Заев во честитката нагласува дека „славењето на овој ден не е само спомен на историскиот настан, туку е повик, Христос да се роди внатре во нас и од нас да направи подобри луѓе.“

„Празнувањето на Божиќ нека ни биде причина за неминлива радост, за да ја споделуваме со сите, во сите наши претстојни предизвици“, се вели меѓудругото во честитката.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски исто така упати честитка по повод Божиќ во која се апелира „да се стави крај на омразата, да излезе државата од стагнацијата и застојот“.

„Потребен е разум и меѓусебно почитување, да постои наптревар во правење на добри дела за граѓаните“, вели Мицкоски во честитката.