МОН знае за состојбата во „Имри Елези“, барањето е испратено во Финансии


Скопје, 19 ноември, 2018 - 15:50 (META) 

Министерството за образование и наука (МОН) потврдува дека знае за моменталната состојба со прекршувањето на законите во врска со првоодделенците во основното училиште „Имри Елези“ во општина Чаир и вели дека се во очекување на позитивен одговор од страна на Министерството за финансии.

Во ова училиште во населбата Дижонска годинава се запишани 108 првоодделенци, кои се поделени во три паралелки, и сите три го надминуваат максималниот број од 34 ученици во една паралелка. Вработувањето на еден наставник за нова паралелка ќе ја чини државата приближно 250.000 денари или околу 4.000 евра годишно, пишува „Порталб“.

– По анализите што се направени во МОН во врска со барањето за финансирање на ново работно место за одделенски наставник во Општинското основно училиште ,Имри Елези’ во Чаир, МОН барањето го препрати до Министерството за финансии, од каде се надеваме да добиеме согласност за финансирање нова паралелка во ова училиште, во што пократок временски период – вели Лаура Папранику од МОН.

На прашањето на „Порталб“ како ќе се постапи доколку Министерството за финансии не одобри ново вработување на наставник, од МОН без јасен одговор.

Ако не се добие согласноста, која во случајот со училиштето „Имри Елези“, како МОН мислиме дека Министерството за финансии треба да ја даде, училиштето во соработка со општината под која што спаѓа, дејствуваат врз основа на предусловите предвидени со закон. Финансирањето на паралелката значи финансирање на работното место за наставникот  – додава Папранику, без да прецизира  што се подразбира со „врз основа на предусловите предвидени со закон“.

Директорката на училиштето, Мерита Коџаџику,  вели дека во текот на оваа година бројот на запишани ученици бил поголем од претходните години и така се надминал законски дозволениот број.

-Во овој момент запишани се 108 ученици во прво одделение, коишто се поделени во три паралелки, кои го надминуваат бројот утврден со законот за образование. Така, за да се реши овој проблем треба да се отвори уште една паралелка за прво одделение, која е повеќе од потребна – вели Коџаџику.

Родителите бараат повеќе да не се одолговлекува решавањето на проблемот, бидејќи се работи за нивните деца и условите во кои тие ќе ја следат наставата понатаму.

Според Законот за Министерството за образование и наука, минималниот број ученици во една паралелка е 24, а максималниот 34, но паралелка може да се формира и со помал број, ако се исполнат условите.


Општина Чаир ќе доделува субвенции за велосипеди


Скопје, 27 јули, 2018 - 16:06 (META) 

Општина Чаир денеска ја пушти во употреба велосипедската патека на улицата Втора Македонска бригада и соопшти дека ќе доделува субвенции за велосипеди.

Новата велосипедска патека е поставена на коловозот на улицата и е обележана со пластични конуси. Таа беше поставена заедно со Град Скопје, а завршувањето на работите денеска свечено го одбележаа градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу и  Сенад Смаиловиќ, директорот на ЈП „Улици и патишта – Скопје”.

„Со изградбата на овој сегмент, продолжувајќи потоа со другите улици и булевари во Чаир, ќе се овозможи создавање на една главна оска на велосипедски патеки која ќе го поврзе Чаир со другите делови на градот“, се вели во соопштението.

Исто така, Општина Чаир соопшти дека ќе надомести до 50 отсто од трошоците, но не повеќе од 3.000 денари по човек, за првите 50 жители на општина Чаир што ќе купат велосипед и ќе побараат субвенција. Доделувањето на парите ќе биде по принципот „прв дојден – прв услужен“.


Пешак удрен од автомобил во Скопје починал во болница


Скопје, 5 јули, 2018 - 11:30 (META) 

Скопјанецот И.К. (55) вчера бил удрен од автомобил на улица во Чаир, по што бил пренесен во Ургентен центар, каде по кратко време починал.

Како што соопшти полицијата, сообраќајката се случила вчера во 20.20 часот на улицата „Кемал Сејфула“ во Скопје, кога автомобил „ауди А3“ со турски таблички, управуван од Џ.Ш. (28) од Скопје, удрил во И.К. и му нанел тешки повреди. Со Итна помош повредениот бил пренесен во Ургентниот центар, но починал набргу.

Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Скопје, а по наредба на обвинителот, телото на починатиот било предадено за обдукција.


Изгорел стан во Чаир


Скопје, 27 февруари, 2018 - 12:53 (META) 

Повеќе од два часа скопските пожарникари вчера се бореле со пожарот што избувнал во стан во зграда во Чаир.

Интервенцијата за пожарот во станот на петтиот кат на зградата број 27 на улицата Павле Илиќ почнала околу 20.30, а пожарот е изгаснат во 22.40 часот.

Интервенирале 13 пожарникари со пет возила. Зафатени биле 60 квадратни метри од станот, а штетата се проценува на околу 300.000 денари.


Истепани кошаркари и полицајци на натпревар во Чаир


Скопје, 14 јануари, 2018 - 12:19 (META) 

Навивачи на кошаркарскиот клуб „Шкупи“, вчеравечер во салата „Шабан Трстена“ во скопската населба Чаир повредиле двајца полицајци, еден кошаркар и технички раководител на клуб, а удирале и други играчи.

Според СВР Скопје, инцидентот почнал во 19.20 часот, по завршување на натпреварот помеѓу кошаркарскиот клуб „Шкупи“ и кошаркарскиот клуб „Пелистер“. Од трибината каде што била навивачката група на „Шкупи“ била фрлена една петарда на клупата каде што седеле кошаркарите на „Пелистер“. Тие потоа возвратиле со фрлање пластично шише полно со вода кон навивачите.

Потоа навивачите на кошаркарскиот клуб „Шкупи“ ја прескокнале оградата од трибината и нападнале неколку кошаркари на „Пелистер“, при што со повреди се здобиле техничкиот раководител на клубот и еден од играчите, како и двајца униформирани полицајци.

За случајот веднаш бил известен и јавен обвинител, а полицијата работи на расчистување на случајот.


Приведени уште четири лица за убиството на 24-годишниот чаирчанец


Скопје, 27 декември, 2017 - 14:10 (META) 

Полицијата денеска извршила претреси и привела уште четири лица за убиството на 24-годишниот Б.И. кој беше застрелан на автобуска постојка на улицата „Џон Кенеди“ во Чаир пред една седмица, велат од МВР.

Во претходната ваква акција, ден по убиството, беа приведени три лица и беше пронајден автомобилот „југо“ во кој биле убијците.


Приведени три лица за вчерашното убиство во Чаир, соопшти Спасовски


Скопје, 21 декември, 2017 - 15:24 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска соопшти дека се приведени три лица во врска со вчерашното убиство на 24-годишното момче во Чаир.

– Работиме интензивно со групата на СВР Скопје и Обвинителството. Најдено е возилото „застава југо“ од кое е извршено убиството, како и 20 чаури и четири зрна, два мобилни телефона. Се разговара и со роднините, пријателите и луѓето кои биле во контакт со убиениот – рече Спасовски, кој денеска беше во посета на Центарот за обука на МВР во Идризово.

Тој додаде оти се очекува во текот на истрагата да се откријат мотивите за убиството и да се обезбедат докази за сторителот.


Момчето во кое беше пукано во Чаир, им подлегнало на повредите


Скопје, 20 декември, 2017 - 20:00 (META) 

Момчето во кое беше пукано во Чаир им подлегнало на повредите, информираше директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), Илир Хасани. Тој додаде дека лекарите вршеле 45-минутна реанимација на Б.И (24), но безуспешно.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидна екипа на Министерството за внатрешни работи, врши увид на местото на настанот каде денеска околу 18 часот, Б.И беше застрелан.

„Првичните сознанија се дека пукањето следело по вербална расправија помеѓу сега починатиот и сторителот, по што сторителот посегнал по огнено оружје и го застрелал 24-годишното момче. Од здобиените повреди кај жртвата настапила смрт. Сторителот се дал во бегство. По наредба на јавен обвинител се подигаат траги од лице место кои ќе бидат предмет на обработка. Издадена е и наредба за обдукција на починатото лице“, се вели во соопштението на Јавно обвинителство.

Пукање во Чаир, повредено 24-годишно момче


Скопје, 20 декември, 2017 - 19:22 (META) 

Денеска околу 17.40 часот на ул. „Џон Кенеди“ во Скопје од возило во движење пукано е во лицето Б.И. (24), информираат од МВР.

Повредениот Б.И. веднаш е пренесен во болница, а полициски службеници се на лице место и преземаат мерки и активности за расчистување на случајот.


Обвинителството со анализа на видеоснимки ќе го бара убиецот од Чаир


Скопје, 27 ноември, 2017 - 15:04 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје ги зело и ќе ги анализира видеоснимките од камерите што се наоѓаат во околината на местото каде во петокот минатата недела, беше убиен 35-годишниот И.А. од селото Блаце.

Од Обвинителството денеска соопштија дека надлежниот јавен обвинител ги презема сите неопходни мерки за откривање на сторителот и на мотивот за убиството.

„Обезбедени се видеозаписите од камерите што се наоѓаат во околината на местото каде се случи убиството и тие ќе бидат предмет на анализа. По наредба на јавниот обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција. Во исто време, издадени се повеќе наредби за вештачење на чаурите, на облеката, на трагите од крв и на други предмети пронајдени и подигнати од местото на настанот“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.