Еден уапсен признал вина за кражбата на податоци на германски политичари


Берлин, 8 јануари, 2019 - 14:54 (META) 

Уапсениот 20-годишник, кој се сомничи за кражбата на податоци и разговори на стотици политичари во Германија, која беше откриена, ја признал вината, пишува германски „Шпигл“ на својата веб-страница.

Истражител од канцеларијата на Федералната криминалистичка полиција (БКА), која се занимава со овој, еден од најголемите досега, хакерски напади во историјата на Германија, рекол дека уапсениот рекол оти не бил свесен за сите последици на својата постапка и засега нема потврда дека бил поврзан со странски разузнавачки служби.

Полицијата соопшти само дека е пребаран станот на 20-годишникот не изнесувајќи други податоци.

Во овој случај што беше обелоденет во четвртокот, украдени се лични податоци и записи од разговори на околу 1.000 луѓе, од кои огромен број политичари од сите германски парламентарни партии освен од ултрадесничарската „Алтернатива за Германија“.


Хакери објавија разговори и лични податоци на Меркел и стотици германски политичари


Берлин, 4 јануари, 2019 - 15:43 (META) 

Германија врие од вчера, кога беше откриено протекувањето во јавноста на лични податоци и различни комуникации на германската канцеларка Ангела Меркел и на стотици политичари.

Материјалите, објавени на интернет, биле поставувани во изминативе две седмици од Твитер-корисникот ‘G0d’, кој вели дека се наоѓа во Хамбург, а според неговиот блог, станува збор за истражувач на ИКТ-безбедност.

Материјалите содржат и лични и партиски податоци, вклучувајќи тука електронски адреси, броеви на мобилните телефони, фотографии или снимки на лични карти, трансакции со дебитни картички, податоци за кредитни картички, разговори со членови на семејствата и разговори во рамките на партиите.

Интересен момент во скандалот е дека се објавени податоци од припадници на сите парламентарни партии освен од крајно десната Алтернатива за Германијa, што, според некои аналитичари, можеби сигнализира за мотивацијата на сторителите на хакерските упади.

Во моментов се прават опсежни анализи за тоа како се правени упадите и кражбите, а засега се знае дека во најголемиот скандал од овој вид во Германија досега, не се објавени политички чуствителни информации.

Протекувањето го истражува германската агенција за безбедност БСИ, а во објавените податоци има и материјали од музичари.

Претходно ваков голем напад беше направен во 2015 година, кога беше нападната мрежата на Бундестагот и беа украдени чувствителни информации. За овој напад беа обвинети руските државни органи.

Компјутерскиот систем на германскиот парламент беше нападнат и во 2017 година, но експертите успеаја да спречат упад.


Димитров: Реформите се за Македонија да стане функционална демократија


Берлин, 8 ноември, 2018 - 9:23 (META) 

Mинистерот за надворешни работи Никола Димитров на вчерашната средба во Берлин со Јан Хекер, советникот за надворешна политика на германската канцеларка Ангела Меркел, порачал дека реализацијата на реформите во Македонија се, пред се, за бенефит на самите граѓани и трансформација на земјата во кредибилна европска демократија. Притоа двајцата соговорници заеднички констатирале „дека историската посета на канцеларката Меркел на 8 септември е доказ за исклучително високото ниво на македонско-германските односи“, соопшти македонското министерсто за надворешни работи (МНР).

Во текот на дводневната посета на Берлин, која завршува денеска, Димитров вчера на покана на претседателот на Комисијата за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг, Гунтер Крихбаум, зборувал пред комисијата. Како што извести МНР, шефот на македонската дипломатија зборувал за најновиот развој на внатрешно-политичките состојби во Македонија, со нагласок на претстојните активности поврзани со целосна имплементација на Договорот од Преспа.

Притоа, Димитров ги нагласил реформската ЕУ и НАТО агенда, како и на македонскиот придонес во развојот на добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа.

– Решени сме да успееме и на следната средба заедно да го прославиме отворањето на пристапните преговори со ЕУ – им рекол македонскиот министер за надворешни работи на членовите на комисијата на Бундестагот.
Димитров одржал и предавање на Институтот за општествени науки при Универзитетот Хумболт на тема „Дипломатија, демократија и компромис во Западен Балкан-прогресивниот пат на Македонија кон пристапот во ЕУ и лекциите за регионот”.

Димитров имал и други средби во Берлин, а денеска ќе се сретне со својот германски колега Хајко Мас.


ЦДУ/ЦСУ: Опозицијата да не блокира зашто ризикува долготрајна изолација на земјата


Берлин, 3 октомври, 2018 - 9:39 (META) 

Со над 91 процент од гласовите „за“, гласачите во Македонија дадоа огромна поддршка за европскиот пат и за поголема перспектива на нивната земја во ЕУ и НАТО, порача заменик-претседателот на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ во германскиот Бундестаг, Јохан Давид Ваделул.

Владејачката германска ЦДУ/ЦСУ смета дека опозицијата не смее да ја блокира перспективата на Македонија за НАТО и ЕУ. Предупредуваат дека неуспехот на договорот за името ќе ја изолира земјата долго време.

– На референдум во Македонија повеќе од 91 отсто од гласачите гласаа за промена на името на државата во „Северна Македонија”, а во исто време и за понатамошна перспектива на нивната земја во НАТО и во ЕУ. Сепак, потребниот цензус од 50 проценти не беше постигнат. Оттука, решавачко ќе биде гласањето во Парламентот – вели Ваделул.

Пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ жали што само околу 37 отсто од гласачите учествувале на референдумот за промена на името, и дека не е постигнат потребниот цензус.

– Сепак, референдумот не е обврзувачки. Клучно е дека неопходното мнозинство од две третини за уставниот амандман и промената на името се постигнува со потребното гласање во Парламентот – истакнува Ваделул.

Пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ ја повикува македонската опозиција да се согласи со, како што нагласуваат, историски важното гласање во Парламентот за уставните амандмани бидејќи во спротивно, би било политички одговорно да се блокира овој пат за Македонија на долг рок и со тоа да се изолира земјата од Европа. Тоа исто така, велат од ЦДУ, ќе се одрази на можноста за започнување на преговорите за пристапување во ЕУ.


Германската влада поддржува давање датум за почетокот на преговорите со Македонија


Берлин, 22 јуни, 2018 - 16:15 (META) 

Во писмо до Бундестагот, германскиот парламент, германската влада оценува дека реформскиот биланс на македонската влада говори во корист на почеток на преговори за членство во ЕУ, со тоа отворено застанувајќи зад напорите на Скопје да тргне уште еден чекор напред кон Европската Унија, јави Дојче веле – програма на македонски јазик.

Во писмото од германското МНР од име на Владата во Берлин, се наведува поддршката за одредување датум за почеток на преговори со Македонија на претстојниот ЕУ Совет и самит следната недела.

„Одобрувањето (на одредувањето датум за почеток на преговори, ред.заб) ќе биде вистинскиот позитивен сигнал за македонската Влада, која фокусирано го следи реформскиот курс наспроти политичкиот притисок од внатре и однадвор. Сепак, условеноста мора да биде задржана“, се наведува во писмото.

Во делот на условите кои Македонија ќе мора да ги исполни пред да ги отвори преговорите се наведуваат: јасно видливи чекори за враќање на независноста на правосудството, натамошни напори за реформа на јавната администрација, на пример во делот на кадровската политика; како и приоритизирање на борбата против организираниот криминал и корупција; и притоа да се прикажува редовен успешен биланс, се вели во статијата на Дојче веле – програма на македонски јазик.


Димитров утре и задутре во официјална посета на Берлин


Скопје, 13 јуни, 2018 - 13:43 (META) 

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска и утре ќе биде во посета на Берлин, каде што треба да се сретна со својот германски колега Хајко Мас.

Како што информираат од министерството за надворешни работи, Димитров ќе се сретне со советникот за надворешна политика на германската канцеларка, Јан Хекер, а ќе го посети и германскиот Бундестаг, каде што ќе се обрати пред членовите на Комисијата за европски прашања.

Ова е првата меѓународна активност на шефот на македонската дипломатија откако вчера премиерот Зоран Заев објави дека со грчкиот колега Алексис Ципрас формулирале договор за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција. Димитров во последната половина година беше македонскиот преговарач во процесот под покровителство на ОН.


Герберих на Заев му ја пренел поддршката од Германија за евроатлантските аспирации


Скопје, 16 април, 2018 - 11:51 (META) 

Премиерот Зоран Заев претпладнево се сретна со амбасадорот на Германија, Томас Герберих кој пренел поддршка од Германија за евроатлантските аспирации на државата.

Герберих го информирал Заев дека Македонија ја има мнозинската поддршка и од германскиот Бундестаг за пристапување на земјава во Европската унија.

„Амбасадорот Герберих соопшти дека пратениците од германскиот Бундестаг се вратиле во Германија со позитивни импресии од посетата на Македонија, за конструктивните политики низ кои што се решаваат прашањата важни за напредок на Македонија“, се вели во соопштението на Влада.

На состанокот се разговарало и за важноста на Дигиталниот самит што ќе се одржи оваа недела во Скопје, како и за инвестициските можности што треба да придонесат кон економски развој.


Заев: Германија дава поддршка за реформите и за решение за спорот за името


Скопје, 12 април, 2018 - 13:56 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со делегација од Бундестагот на Република Германија, предводена од Гунтер Крихбаум, претседавач со Комисијата за европски прашања во германскиот парламент, придружувани од амбасадорот на Германија во Македонија, Томас Герберих.

Од владината прес-служба информираат дека Крихбаум и пратениците од Бундестагот пренеле порака на охрабрување од Република Германија, за важните чекори што ги презема Република Македонија во реформскиот процес и во надминувањето на билатералните прашања, што ќе ги отворат перспективите на државата.

Претставниците на германскиот Бундестаг изразиле поддршка за реформските закони, како и за разговорите помеѓу шефовите на дипломатиите на Република Македонија и на Република Грција во Охрид во насока на изнаоѓање решение на прашањето што стои на патот на интеграциите на државата.

-Почнуваме со носењето на реформските закони значајни за обезбедување независно судство, владеење на правото, професионални медиуми, или општо земено, со пакетот реформски закони, направени според препораките на Европската комисија и експертската група на Рајнхард Прибе. Низ инклузивните политики, нашата цел е да обезбедиме функционални институции во служба на сите граѓани. Исто така, од министерската средба во Охрид очекувам потврда на напредокот во разговорите, низ, коишто, верувам, сме на пат да го решиме долгогодишниот спор. Интеграциите во ЕУ и НАТО за Република Македонија се стабилност, безбедност и економски развој – рече Заев.

На средбата се разговарало и за отворените можности за унапредување на соработката меѓу бизнис заедниците на државите, во здравството, како и во други области значајни за граѓаните.


Волфганг Шојбле избран за претседател на германскиот Бундестаг


Берлин, 24 октомври, 2017 - 16:05 (META) 

Долгогодишниот министер за финансии на Германија, Волфганг Шојбле, денеска е избран за претседател на Буденстагот, а во Парламентот, на конститутивната седница, првпат се појавија и пратениците од крајната десница, Алтернатива за Германија (АфД), и објавија почеток на „нова ера“.

Шојбле, кој е член на владејачката конзервативна коалиција на канцеларката Ангела Меркел, им рече на пратениците дека почитувањето на противниците ќе биде важно за новиот парламент.

– Потребна е демократска дебата, но тоа е дебата во рамки на правилата. Таа подразбира подготвеност да се почитуваат демократските процедури и одлуките на мнозинството да не се отфрлаат како нелегитимни, како предавство или нешто друго – рече новиот претседател на германскиот парламент.

Коалицијата на Христијанско демократската унија и на Христијанско социјална унија (ЦДИ-ЦСУ) на канцеларката Меркел, либералната Слободна демократска партија (ФДП) и Зелените почнаа преговори за влада, кои би можеле да потраат подолго.


Протести во Берлин против влегувањето на ултрадесничарската АФД во Бундестагот


Берлин, 22 октомври, 2017 - 19:26 (META) 

Илјадници демонстранти денеска протестираа во Берлин под паролата „Против омразата и расизмот во Бундестагот“, во пресрет на влегувањето на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) во новиот состав на германскиот парламент.

Новоизбраниот германски парламет во вторник, на 24 октомври, ќе ја одржи својата прва седница по парламентарните избори што се одржаа на 24 септември.

АФД, која застапува антиисламска и антиемигрантска политика, на изборите освои 12,6 отсто од гласовите и стана трета по сила партија во земјата.

Влегувањето на АФД во парламентот претставува пресвртница во германската поствоена историја, коментираат дел од агенциите. На претходните избори, во 2013 година, партијата не успеа да го помине цензусот од пет отсто.

„Додека АФД влегува во Бундестагот, првпат на 24 октомври, треба да се знае дека нашиот парламент не е место за расизам, дискриминација и за фалсификување на историјата“, соопшти движењето Компакт, кое беше иницијатор на денешните протести.