Захариева: Реално е очекувањето преговорите со Македонија да почнат до јули


Брисел, 23 јануари, 2018 - 19:43 (META) 

Мислам дека е многу реално преговорите со Македонија да започнат за време на бугарското претседавање со ЕУ и, секако да го видиме извештајот во кој ќе биде вклучен и акциониот план 3-6-9 и кој е поврзан со реформите во администрацијата, разузнавачката служба и судскиот систем. Ние ќе бидеме среќни и целосно ќе го поддржиме тој развој, исто и за Албанија, рече бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева додека ги презентираше приоритетите на Бугарија за време на претседавањето на земјата со ЕУ пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

Таа рече дека Бугарија е многу охрабрена од сигналите од Македонија и Грција во врска со преговорите за спорот за името.

– Западен Балкан е од големо значење за благосостојбата на Европа. Нема како да има сигурна и стабилна Европа без безбеден и стабилен Балкан – истакна шефицата на бугарската дипломатија пред европратениците и додаде дека самитот во мај годинава во Софија ќе биде прв настан на такво ниво по состанокот во Солун во 2003 година.

Бугарската министерка за надворешни работи ги наведе четирите главни приоритети на Претседателството: иднината на Европа и младите луѓе – економскиот раст и општествената кохезија, европска перспектива и поврзаност на Западен Балкан, дигиталната економија и вештините потребни за иднината и безбедноста и стабилноста во силна и обединета Европа.


Петков: Бугарија ја поддржува Македонија во напорите за влез во ЕУ и НАТО


Скопје, 15 јануари, 2018 - 11:42 (META) 

Бугарскиот амбасадор Иван Великов Петков на 8-та седница на Комисијата за европски прашања во Собранието претпладнево порача дека Бугарија ги поддржува напорите на Македонија за членство во ЕУ и НАТО, но рече дека мора да се спроведат итните реформи за тоа да се оствари.

Петков ги образлагаше приоритетите и програмата на бугарското претседателство со ЕУ во првата половина на годинава.

– Бугарија ги поддржува напорите на владата на Зоран Заев, опозицијата и граѓанскиот сектор за постигнување на највисоките национални цели, членство во ЕУ и НАТО и тоа да се случи за време кога со Европскиот совет претседава токму Бугарија. Меѓутоа за ова да се случи мора да се спроведат итните реформи. Бугарија за време на претседателството со ЕС, ќе работи на зголемување на контактите меѓу земјите од Западен Балкан и подобрување на релациите меѓу нив – истакна бугарскиот амбасадор.


Борисов: Бугарската граница е најдобро чуван Шенген


Софија, 12 јануари, 2018 - 15:38 (META) 

Ако има подобра Шенгенска граница од нашата во Европа, самиот јас ќе кажам дека не сакам Бугарија да влезе во Шенген, порача денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов на конференција за медиумите во Софија денеска, по општата седница на Колегиумот на европските комесари и на бугарската влада, која се одржа еден ден по церемонијата почетокот на бугарското претседателство со ЕУ.

Повторувајќи дека Бугарија најдобро ја чува европската граница, Борисов рече дека во тоа ќе го увери и холандскиот премиер Марк Руте, кој на 6 и 7 февруари ќе биде во посета на Бугарија. Борисов ќе го носи Руте за самиот да се увери како Бугарија ги чува надворешните граници.

На церемонијата за почетокот на бугарското претседателствување со Советот на ЕУ, претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер вчера рече дека Бугарија ги исполнува сите услови да се приклучи во Шенгенскиот договор за заедничките граници и покрај тоа што некои членки на ЕУ го блокираат тоа.


Туск во Софија на бугарски ги воспеа и им го направи ќеифот на Бугарите


Софија, 12 јануари, 2018 - 14:25 (META) 

Добро е што еден од приоритетите на бугарското претседателство е иднината на Западниот Балкан, порача вчера на бугарски јазик претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, говорејќи на церемонијата за бугарското претседавање со Советот на ЕУ, која се одржа во театарот „Иван Вазов“ во Софија, јавуваат бугарските медиуми.

Говорот го одушеви и Џејмс Крисп, дописникот на лондонски „Телеграф“ од Брисел, кој на „Твитер“ порача дека Туск „убивал“ во својот говор на бугарски, цитирајќи го споменувањето на Спартак, „Игра на тронови“ и Христо Стоичков.

Обраќајќи се на бугарски, Туск нагласи дека Бугарија е „најстарата држава во Европа“, која никогаш не загубила воено знаме во битка, а Бугарите се потомци на познатиот роб-востаник од Тракија, Спартак.  

Говорот што ги одушеви Бугарите, Туск го почна со цитат на првата строфа од познатата поема „Отечество љубезно“ од Иван Вазов.

– Како Полјак, многу добро сфаќам колку многу работа, смелост и решителност ви требало вам, Бугарите, да ги постигнете овие европски успеси за вашата татковина. Никој не ви дал ништо дарум, вие самите на прво место сте творците на овој историски пресврт, на овие понови убавини – рече Туск, споменувајќи го и познатиот актер Захари Бахаров, кој се прослави со својата улога во култниот серијал „Игра на тронови“, а потоа и познатиот фудбалер Христо Стоичков, а на крајот го пофали и бугарскиот премиер Бојко Борисов, за кого рече и дека „би можел да преплаши не само еден тракиски војник“.


Бугарскиот амбасадор на 15 јануари во Собранието ќе ја презентира програмата за ЕУ


Скопје, 2 јануари, 2018 - 14:37 (META) 

Амбасадорот на Бугарија во Македонија, Иван Великов Петков, на седница закажана за 15 јануари пред собраниската Комисија за европска прашања ќе ги презентира програмата и приоритетите на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија.

Инаку, Бугарија претседавањето со ЕУ во следните шест месеци ќе го посвети на четири приоритети – иднината на Европа и младите луѓе, Западен Балкан, безбедноста и стабилноста на ЕУ и на дигиталната економија.

Во програмата во делот за Западен Балкан, се наведува дека целта на Бугарија е, врз основа на своите искуства, без да создава лажни очекувања, да ги поддржи реформите во земјите од Западен Балкан (Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина) поврзани со интегративните процеси и да ги стави на преден план на агендата на ЕУ.

„Амбицијата на Бугарското претседателство е да биде Балканско претседателство. Бугарското претседателство дава особена важност на продлабочувањето регионалната соработка и на развојот на добрососедските односи. Од особена важност е темата за поврзување на земјите од Западен Балкан (транспортно, комуникациски, енергетски, образвно, дигитално), чија цел е поврзување со единствениот пазар на ЕУ“, стои во програмата, во делот посветен на Западен Балкан.



Ципрас: Ќе се организира средба на врвот на ЕУ за Западен Балкан


Варна, 4 октомври, 2017 - 13:12 (META) 

Бугарското претседателство со ЕУ ќе организира средба на врвот на ЕУ за Западен Балкан, а ние сме сложни бугарското претседателство да биде всушност балканско претседателство со ЕУ, рече вчера во Варна грчкиот премиер Алексис Ципрас, по четиристраната средба организирана од неговиот бугарски колега, Бојко Борисов, на која учествуваа и романскиот премиер, Михај Тудосе, и српскиот претседател, Александар Вучиќ. На средбата се разговарало за важни прашања за Балканот и за ЕУ, пишува бугарскиот весник „Труд“.

Грчкиот премиер по средбата во поранешната летна царска резиденција, дворецот Евксиноград во Варна, рече дека се разговарало и за продолжување на Солунската агенда.

– Треба да се справиме со многу сериозни предизвици. Ја разгледавме идејата бугарското претседавање со ЕУ да биде, всушност, балканско претседателство. Дискутиравме како може да го заживееме дневниот ред од Солун од 2002 година за проширување на ЕУ. Очигледно на идни средби ќе поканиме и други лидери на ЕУ. Решивме во рамките на бугарското претседателство со ЕУ да се организира средба на врвот за Западен Балкан – рече Ципрас по средбата.

На средбата не присуствуваше македонскиот премиер Зоран Заев, а на прашање до бугарскиот премиер од бугарскиот весник „Труд“ зошто тоа било така, Борисов не даде дециден одговор, туку само кажа дека Македонија и Грција мора да најдат решение за меѓусебниот спор.


Борисов: Грција и Македонија да најдат решениe, како што тоа го направивме ние


Варна, 4 октомври, 2017 - 13:09 (META) 

„Треба да се најде решение меѓу двата народа, така како што ние го најдовме. Инаку Грција ќе ги блокира за НАТО и за ЕУ“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов за бугарскиот весник „Труд“. Тој сепак не одговори на прашањето зошто на конференцијата на премиерите на балканските земји вчера во Варна не присуствувал и македонскиот премиер Зоран Заев.

Во Варна вчеравечер се сретнаа Борисов, неговиот грчки колега Алексис Ципрас, романскиот премиер Михај Тудосе и српскиот претседател Александар Вучиќ, а на средбата се разговарало за балканските и за европските прашања.

– Немојте да напишете дека во Евксиноград се родила нова Вишеградска четворка, оти на Европејците ќе им се крене косата на главата – рече бугарскиот премиер вчера по завршувањето на четиристраната средба во поранешната летна царска резиденција, дворецот Евксиноград во Варна.

Борисов објасни дека на средбата се разговарало за најтешките проблеми во Европа.

– Од Балканот зрачиме со мир, стабилност, просперитет. Зборувавме за развој на бизнисот, на туризмот, на заедничките проекти. Во 2002 или 2003 година беше создадена патната карта по која ние уверено се упативме кон ЕУ. Сега меѓу нас е претседателот на Србија и ние знаеме дека нејзиното место е во ЕУ. Сите вложуваме  напори за да може процесот да се забрза. Мислам дека тоа ќе биде во полза на мирот на Балканот – изјави Борисов по средбата во Евксиноград.

Тој кажа дека на четиристраната средба учесниците се обединиле околу тезата дека природно е продолжението на проектот за поврзување на Егејско со Црно Море и со Дунав, кој беше тема на средбата во Кавала, да биде со вклучување на Белград.


Борисов со новата влада ќе направи план за вклучувањето на Македонија во ЕУ


Софија, 18 мај, 2017 - 16:54 (META) 

Бугарскиот премиер Бојко Борисов вчеравечер порача дека набргу откако ќе се формира влада во Македонија, ќе се одржи средба на владите на Бугарија и на Македонија за да се почне со план за интегрирање на Македонија во ЕУ. Борисов претпоставува дека на дневниот ред на ЕУ во првата половина на следната година, кога Бугарија ќе претседава со Советот на ЕУ, односно ќе го има претседателството со ЕУ, ќе биде проширувањето, па сака Бугарија да биде подготвена.

– Кога ќе се формира влада во Македонија, ќе организираме билатерална средба со колегите од Македонија, заедно со министрите за надворешни работи, за да направиме план – патоказ за Македонија, бидејќи нам ни претстои претседателството со ЕУ и претпоставувам дека на агендата ќе биде темата за проширувањето со земјите од Балканот, така што сите ќе треба да си ја напишат домашната задача, како што направи Бугарија – изјави Борисов вчеравечер во телефонското јавување во бугарската телевизија „Плус“.

Бугарскиот премиер по доделувањето на мандатот од претседателот Ѓорге Иванов на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рече дека сега сè е во рацете на политичката елита во Македонија и порача дека само стабилна власт може да ги стивне политичките страсти во Македонија.