На „Блаце“ запленети 22 килограми марихуана


Скопје, 15 август, 2017 - 13:06 (META) 

Вкупно 22 килограми марихуана скриени во џип биле откриени од цариниците на граничниот премин „Блаце“ завчера вечерта, соопшти Царинската управа на Република Македонија.

Околу 18.30 часот во неделата за влез во државата на граничниот премин „Блаце“ бил пријавен спортски теренец со бугарски таблички, управуван од бугарски државјанин, жител на селото Белаковец, Бугарија. Возачот рекол дека нема ништо за царинење, но цариниците го ставиле автомобилот на детална контрола, по што бил откриен специјално направен бункер по целата должина на левата и десната страна од подот. Во левиот дел од бункерот биле пронајдени 12 паковки а во десниот дел биле пронајдени уште 13 паковки со непозната зеленкаста тревкаста материја, за која по извршената проверка со тестер за дрога се утврдило дека е марихуана. Вкупната маса изнесувала околу 22 килограми.

Во разговорот со возачот било утврдено дека тој со косовски државјанин се договорил за надомест од 3.000 евра да ја превезе дрогата до Западна Европа.