Забранет увоз на месо, млеко од овци и кози, како и на животни од Бугарија


Скопје, 2 јули, 2018 - 14:38 (META) 

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донела Решение со кое се забранува увоз од Бугарија и транзит преку македонска територија на живи домашни и диви мали преживари (овци и кози), како и сперма, јајце клетки и ембриони од домашни и диви мали преживари со потекло од оваа земја. АХБ забранува и увоз на месо, производи и преработки од месо од овци, кози, односно домашни и диви мали преживари, како и млеко и производи од млеко, но и сите можни производи и препарати од оваа категорија животни.

Забраната е поради појавата на чума кај мали преживари, која во Бугарија е потврдена од 22 јуни годинава е потврдена. Болеста ја има и во Турција.

Симптоми по кои може да се препознае ова заболување во стадото се: треска, рани во устата, дијареа, пневмонија (проблеми со дишењето), абортуси кај бремените животни и смрт кај животните. Болеста најтешко се манифестира кај младите животни, а кај козите повеќе од овците. Вирусот се излачува преку солзите, исцедокот од ноздрите, со кашлање и преку изметот од заразените животни, а болеста се шири преку директен и близок контакт меѓу животните. Водата, коритата за исхрана на животните и постелката, исто така, може да бидат загадени со различни исцедоци од животните и да предизвикуваат зараза, објаснија од АХВ.

Агенцијата апелира сточарите да внимаваат дали ќе се појават симптомите кај животните и да пријавуваат случаи, а ги алармирала и македонските ветеринари.


Почина бугарскиот историчар Божидар Димитров, познат по антимакедонизмот


Софија, 2 јули, 2018 - 9:55 (META) 

Божидар Димитров, бугарскиот професор, историчар и археолог, поранешен директор на Агенцијата за Бугарите во странство и поранешен директор на Националниот историски музеј, познат пропагатор на ставовите за бугарскиот идентитет на Македонците, починал во Софија на 72 годишна возраст, јавија бугарските медиуми.

Тој починал вчера пред 20 часот пред зградата во Софија во која што живеел. Во еден момент се фатил за градите, а потоа се струполил.

Димитров по осамостојувањето на Македонија многу пати во јавните настапи се залагаше за тезата за еден етнички идентитет на Македонците и Бугарите, а издаде голем број статии и публикации во кои ја бранеше својата теза со разни историски случувања со последните милениум и половина.


Од 2012 година 26.100 Македонци добиле бугарско државјанство


Софија, 26 јуни, 2018 - 13:36 (META) 

Во периодот од почетокот на 2012 година до средината на месецов, 26.108 Македонци добиле бугарско државјанство, со образложение дека имаат барем еден родител со бугарско потекло, јавува бугарскиот „ЕУскуп“.

Со тоа, од вкупно над 60.000 нови бугарски државјани во тој период, Македонците се најголемата група, јавува веб-страница повикувајќи се на податоците од Комисијата за бугарско државјанство.

Во наведениот период, биле одбиени 4.458 барања од Македонци, и тоа поради неисполнување на условите или немање доволно докази за потеклото.

Од подрачјата на Македонија, Албанија и Косово, од почетокот на 2012 година до средината на јули годинава биле доделени државјанства на 37.133 луѓе.


Џафери: Западен Балкан се помалку наликува на буре барут


Скопје, 25 јуни, 2018 - 14:49 (META) 

Регионалната стабилност и мирот се високо во приоритетите на Владата и токму затоа активно работиме на безбедносната соработка. Ова е особено важно бидејќи новите безбедносни предизвици најчесто ги надминуваат капацитетите на една држава. Резултат на ваквата владина политика се договорите со Грција и со Бугарија.

Ова го истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на отворањето на Годишниот состанок на претставниците на комисиите за одбрана и безбедност од Парламентите на земјите во ЈИЕ, чиј домаќин е Комисијата за одбрана и безбедност при македонското Собрание во соработка со Центарот за безбедносна соработка – РАКВИЈАК.

– После долги години застој и проблеми Македонија и Грција успеаја да најдат решение за веќе тридеценискиот проблем. Овој историски договор дојде неполна година по Договорот со Бугарија. Овие два договора покажаа дека во Македонија состојбите се менуваат од корен, но тие ќе беа залудни доколку институциите на Македонија не покажаа политичка волја и резултати и во делот на домашните реформи – рече Шекеринска.

Според неа, нема безбедност без слободни медиуми, без слободни и демократски избори, без вистинска контрола, посебно врз разузнавачкиот систем, без модерна војска прилагодена на модерните предизвици.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вели дека Република Македонија со овие договори не само што ги уреди билатералните односи со соседите, не само што го деблокира својот пат кон евроатлантските организации, туку дава историски придонес во стабилноста, мирот и евроатлантсклата перспектива.

– Западен Балкан се помалку личи на буре барут и мислам дека сите заедно, му даваме многу јасна европска перспектива. А како се дојде до сето ова? Прво е политичката волја на актуелните политички лидери и актуелните влади овие проблеми и антагонизми да се решат. До решението се дојде само преку дијалог и отвореност за аргументите и на едната и на другата страна. Законот за ратификација на Договорот со Грција помина во Парламентот. Јас очекувам дека и сите други државни институции, вклучително и претседателот на државата ќе го почитуваат Уставот и парламентарната демократија. А дали овој Договор ќе биде имплементиран или не сепак на крајот ќе одлучат граѓаните на референдум, а ние како одговорни политичари таа волја ќе мора да ја почитуваме – рече Џафери.

Директорот на центарот за безбедносна соработка – РЕКВИЈАК, Хајард Берг вели дека е среќен што е во Скопје во критичен период. Меѓу другото во обраќањето на годишниот состанок порача да се разменат добрите практики на парламентарниот надзор од земјите на Југоисточна Европа.


Иванов денеска и утре во посета на Бугарија, средби со Радев, Борисов и Захариева


Софија, 14 јуни, 2018 - 9:30 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата Маја Иванова, од денеска престојува во дводневна официјална посета на Република Бугарија, информираат од претседателскиот кабинет.

Денеска Иванов во Софија ќе биде примен од претседателот на Република Бугарија, Румен Радев. Предвидено е двајцата претседатели да одржат тет-а-тет средба, по што двете официјални делегации ќе одржат пленарен состанок. Претседателот Иванов, придружуван од претседателот Радев, ќе положи венец пред Споменикот на Непознатиот војник во Софија.

За време на официјалната посета на Република Бугарија, претседателот Иванов ќе оствари средба со претседателот на Народното Собрание на Република Бугарија, Цвета Карајанчева, со бугарскиот премиер, Бојко Борисов и со вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Иванов ќе го посети Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, каде е предвидена средба со македонски граѓани, стопанственици и културни дејци кои живеат и работат во Република Бугарија.


Захариева: Се надеваме дека името Северна Македонија не носи територијални претензии


Софија, 13 јуни, 2018 - 16:58 (META) 

Се потпираме на гаранциите дека со името Република Северна Македонија нема територијални претензии, кои што ги дава Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, порача денеска бугарската министерка за надворешни работи и вицепремиерка, Екатерина Захариева.

Давајќи изјава за новинарите пред почетокот на денешната седница на Комисијата за надворешна политика на бугарскиот парламент, Захариева го поздрави чекорот на Македонија и Грција за постигнување спогодба по долги години спор.

– Потсетувам дека Бугарија прва ја призна Република Македонија под нејзиното име. Ние сметаме дека има гаранции, какви што има во Договорот, дека тоа на ниеден начин нема да води до територијални или идентитетски претензии. Во нашиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка има доволно такви гаранции – изјави Захариева пред новинарите во Софија, порачувајќи дека сепак треба да се почека да се види целосниот текст на спогодбата.


Загинаа двајца пилоти при уривање на бугарски воен хеликоптер


Пловдив, 12 јуни, 2018 - 12:32 (META) 

Двајцата пилоти ги загубија животите, а техничар е тешко повреден во синоќешната несреќа во Бугарија, кога се урна воен хеликоптер „Ми-17“.

Според бугарските медиуми, несреќата се случила вчера во воената авиобаза „Крумово“ кај аеродромот во Пловдив, кога хеликоптерот кој бил на тренажен лет се сршуил на земја од височина од околу 30 метри. Животите ги загубиле командирот на екипажот, капетан Пламен Пантилеев и вториот пилот, капетан Стојан Неделчев, а повреди задобил техничарот Алексеј Каменов. Инцидентот се случил за време на вежба за спасување со јаже.

Според податоците на очевидци хеликоптерот се запалил во воздух, се превртел и паднал на земјата, при што се слушнал силен удар.

Главниот пилот имал над 600 часови налет со хеликоптер, а вториот пилот над 500 часови.


Радев: Партнерството меѓу уставните судови на Бугарија и Македонија е во духот на Договорот за пријателство


Софија, 4 јуни, 2018 - 15:40 (META) 

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска прими делегација на Уставниот суд на Република Македонија предводена од претседателот на судот, Никола Ивановски, соопшти прес службата на претседателот.

Според Радев, партнерството меѓу уставните судови на Бугарија и Македонија е важен чекор за развојот на билатералните односи во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави.

Бугарскиот претседател посочил дека со потпишување на Договорот за добрососедство Бугарија и Македонија на сите земји од регионот им дадоа пример како проблемите можат да се надминат во име на дијалогот и разбирањето, а соработката меѓу уставните судови на двете држави го дава својот придонес.

– Важно е да покажеме дека овој договор функционира и притоа ние да се водиме од неговиот дух. Уставниот суд е гарант за владеењето на законот, а тоа е меѓу најважните услови за членството во Европската Унија. Уставните судови можат корисно да соработуваат и да го разменуваат своето искуство – изјавил Радев.

Радев ја искористил можноста да ги повика и мултидисциплинарните комисии на двете држави, што се занимаваат со решавање на отворените прашања меѓу Бугарија и Македонија, да ја добијат неопходната поддршка во својата работа.

Претседателот на Уставниот суд на Македонија, Никола Ивановски, го запознал бугарскиот претседател со работата, компетенциите и надлежностите на Уставниот суд. Тој се заблагодарил за сестраната поддршка на Бугарија како претседател на Советот на ЕУ и особено во однос на евроатлантската перспектива на Македонија.


Иванов – Радев: Самитот во Софија е можност за интеграција на Западен Балкан во ЕУ


Скопје, 6 мај, 2018 - 19:05 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска во Дојран имаше средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, кој е во работна посета на Македонија.

На средбата, според соопштението од кабинетот на Иванов,  било разговарано за продлабочување на одличните билатерални односи, за интегративните процеси на Република Македонија и биле разменети мислења за актуелните предизвици во регионот и во Европската Унија.

Претседателот Иванов изразил надеж дека Република Бугарија како актуелен претседавач со Европската Унија, по добиената позитивна препорака од Европската Комисија, ќе продолжи да ги поддржува македонските интегративни процеси, особено за одредување на датум за отпочнување на пристапните преговори.

– Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија, по Процесот Брдо-Бриони, ќе биде одлична можност уште еднаш да се потврди европската перспектива за целосната интеграција на земјите од Западен Балкан, бидејќи само на тој начин се гарантира мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, кој сè уште е подложен на безбедносни и геостратешки предизвици – рекол Иванов.

Бугарскиот претседател изразил задоволство од учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија на воената парада во Софија.

Иванов и Радев разговарале и за унапредување на безбедносната и армиската соработка и размениле мислења за активностите за справување со предизвиците од илегалната миграција, тероризмот и насилниот екстремизам.

Иванов на покана на Радев следниот месец ќе престојува во возвратна официјална посета на Бугарија.


Средба на Иванов и Радев в недела во Дојран


Дојран, 2 мај, 2018 - 17:06 (META) 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, в недела 6 мај во Дојран ќе има средба со бугарскиот претседател Румен Радев, информираат од кабинетот на македонскиот претседател.

Шефот на македонската држава Ѓорге Иванов на покана на бугарскиот претседател Радев во јуни ќе биде во возвратна официјална посета на Република Бугарија, велат од кабинетот на Иванов.

Бугарскиот претседател Радев на 6 мај ќе присуствува на комеморативна церемонија во Ново Село.