!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пожари на потегот од Бар до Никшиќ, НАТО и ЕУ ќе испратат помош


Подгорица, 18 јули, 2017 - 10:33 (META) 

Голем број шумски пожари ја зафатија Црна Гора, слично како во соседна Хрватска, а најголем проблем во моментот е пожарот на полуостровот Луштица кај Тиват, каде ако ветерот продолжи да дува, ќе го донесе огнот до куќите. НАТО вети помош за справувањето со пожарите и се очекува таа да стигне денеска. Црна Гора побара меѓународна помош вчера.

Министерот за внатрешни работи, Мевлудин Нухоџиќ, ги посети погодените подрачја на приморјето и процени дека ситуацијата е сериозна, но нема причини за страв и за паника.

– Побаравме помош од Механизмот за цивилна заштита на Европската комисија, во која се вклучени 34 земји. Барањето се разгледува во Брисел и постои можност да добиеме помош во авиони – вели Нухоџиќ.

НАТО вети противпожарни авиони „канадер“, кои Црна Гора ги побара вчера.

Вчерашниот ден беше многу тежок за пожарникарите и за жителите на црногорското приморје. Од населбата Понте Весло на полуостровот Луштица, беа евакуирани 40 луѓе. Неколкумина поради пожарот скокнале в море и чекале помош еден час. Засега нема повредени, а загрозените со чамци се префрлани во Здравствениот дом во Херцег Нови.

Инаку, активен е и пожарот кај Сутоморе, на Голо Брдо, но тој е локализиран и не се загрозени куќите. Пријавен е и пожар кај Паштровичи. Кај Будва гори Паштровска Гора, но тој пожар е под контрола. Во Котор нема пожари, но пожарникарите се на готовс.

Кај Тиват, освен пожарот на Луштица, од ноќеска гори и на Забрѓе. Иако не се загрозени станбени објекти, ситуацијата се менува од час во час.

Кај Херцег Нови има пожари кај Росе, на ’ртот Весло, кај Обосник, но и таму не се загрозени станбени објекти.

Гори и на периферијата на Подгорица, во непристапни места на ридовите. Пожар има и околу Цетиње, но не се загрозени куќи или згради. Кај Даниловград има два шумски пожари, а кај Никшиќ три, но таму нема опасност за станбени објекти.


Распишана потерница по поранешниот претседател на Србија и Црна Гора, Светозар Маровиќ


Подгорица, 16 мај, 2017 - 10:41 (META) 

Црногорската полиција распиша потерница по Светозар Маровиќ, единствениот претседател на федерацијата Србија и Црна Гора и висок државен функционер во Црна Гора, откако тој не се јави на издржување затворска казна и не ѝ врати на Црна Гора околу еден милион евра.

Како што јавуваат локалните медиуми, високиот функционер на владејачката Демократска партија на социјалистите се бара по потерница побарана од претседателот на Основниот суд во Котор, иако јавноста е информирана дека Маровиќ „е на лекување во Белград“.

Маровиќ е осуден на три години и 10 месеци затвор поради малверзации со општински недвижен имот во Будва, со што, според пресудата, заедно со својот син и група поранешни локални функционери и бизнисмени го оштетил општинскиот буџет за повеќе милиони евра.
Маровиќ минатата година се спогоди со државата да ѝ исплати 1,2 милиони евра.

Според пресудата, поранешниот претседател на Србија и Црна Гора и еден од тројката политичари, покрај Мило Ѓукановиќ и Момир Булатовиќ, што владееше во Црна Гора речиси од распадот на Југославија до осамостојувањето на Црна Гора во 2006 година, веќе неколку месеци требаше да биде в затвор. Но, тој побара одложување на затворската казна поради лекување во Белград, што му беше одбиено од судот, а потоа сепак замина во Белград и на државата не ѝ ја исплати сумата за која се спогоди.


Поддршка за побрза интеграција на Македонија во НАТО на форумот во Будва


Будва, 7 мај, 2016 - 16:00 (META) 

Македонија треба што поскоро да се интегрира во евроатланските структури, истакнаа хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и словенечкиот претседател Борут Пахор на вториот ден од форумот „Да се биде безбеден“ на претседателската панел-дискусија „Претседателски разговори: Споделување безбедност – споделување одговорност“.

Пахор побарал политиката на Европа кон Западен Балкан да биде стратегиска, а не техничка. Притоа истакнал дека земјите од регионот припаѓаат на Европа и затоа не треба процесот на нивна интеграција да го именуваме како проширување, туку како консолидирање на Европа.

Од тие причини претседателите на Хрватска и на Словенија ќе преземат конкретни иницијативи во рамките на процесот Брдо-Бриони.

Како што соопштуваат од македонското Министерство за одбрана, пораката од сите претседатели е дека несебично ја поддржуваат Македонија на нејзиниот пат кон НАТО и воедно апелираат до другите земји членки на Алијансата да помогнат за што побрза интеграција на Република Македонија во НАТО.

Министерот Зоран Јолевски на маргините од форумот во Будва во текот на денот остварил средби и со претседателот на Словенија, Борут Пахор, со генералот Џон Ален од Инситутот „Брукинг“ во Вашингтон, кој до неодамна беше советник на претседателот Барак Обама за борба против тероризмот, како и со професорот Даниел Сервер од Универзитетот „Џон Хопкинс“. На овие средби биле разменети мислења за глобалните безбедносни ризици и за нивното влијание врз регионот и Македонија и за потребата од што побрза евроатланска интеграција на земјата.