!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Предлог-буџетот за 2018 година првин на јавна расправа, а потоа во Собрание


Скопје, 31 октомври, 2017 - 15:23 (META) 

Министерството за финансии го подготвило предлог-буџетот за 2018 година, а пред да го достави до Владата, првин ќе го презентира пред јавноста, на јавна расправа, која ќе се одржи в четврток, соопшти министерот за финансии Драган Тевдовски, по одбележувањето на Светскиот ден на штедењето, организирано од Здружението на банкарство во Стопанската комора на Република Македонија.

– Законска обврска на Владата е предлог-буџетот да го достави до Собранието до 15 ноември. Првпат досега ќе се организира јавна дебата, на која ќе ги претставиме контурите на предлог-буџетот за наредната година – изјави Тевдовски, одговорајќи на новинарски прашања.

Тој рече и дека предвидениот буџетски дефицит е 2,8 отсто од домашниот бруто-производ, што, како што рече, е за нијанса помалку од кусокот на годинашниот буџет.


Кредитниот рејтинг на Македонија е стабилен, потврди „Стандард и Пурс“


Њујорк, 16 септември, 2017 - 13:53 (META) 

Американската компанија за финансиски истражувања и анализи „Стандард и Пурс“ (Standard and Poor’s) потврдила дека кредитниот рејтинг на Македонија е ББ-, со стабилниот изглед, соопшти денеска Министерството за финансии.

Потврдата на стабилниот изглед, стои во соопштението, ги одразува оценките на „Стандард и Пурс“ за балансирани ризици помеѓу траекторијата на јавниот долг и политичката неизвесност од една страна, и поволните економски перспективи на земјата од друга страна.

Економскиот пораст за 2017 година, според извештајот, е ревидиран на еден отсто, првенствено поради ефектите на политичката криза врз негативните движења на домашниот бруто-производ (БДП) во првата половина на годината и одложувањето на дел од јавните и приватните инвестиции.

„Сепак, се оценува дека овој пад е привремен, што ќе резултира со повисок економски пораст до крајот на годината, како и негово понатамошно интензивирање на просечен раст на БДП од 3 отсто меѓу 2018 и 2020 година, при позитивен придонес на инвестициите, потрошувачката и нето-извозот. Очекуваниот буџетски дефицит во 2017 година изнесува околу 3 отсто, односно се оценува дека тој е во линија со дефицитот предвиден во ребалансот. Извештајот, исто така, ја нотира политиката на постојани буџетски дефицити во претходните години, но сепак оценува дека постои одреден простор за флексибилност на политиките, при очекуван просечен буџетски дефицит од 3 отсто од БДП во наредните четири години. Иако, буџетскиот дефицит ќе го зголеми притисокот врз долгот, во 2017 година се очекува тој да изнесува 46,5 отсто од БДП (збир на државниот долг и долгот на Јавното претпријатие за државни патишта), односно, во глобален контекст, степенот на задолженост на Македонија е оценет како умерен“, стои во соопштението на Министерството за финансии.

„Стандар и Пурс“ во извештајот навеле дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку реформите насочени кон економски пораст резултираат со повисок пораст на доходот, повисока ефективност и отчетност на јавните институции и процесот на водење на политики. Наспроти ова, врз евентуално влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии.


Аеродромот во Доха ќе воведува такса на излегување на патниците од земјата


Доха, 29 август, 2016 - 12:57 (META) 

Аеродромот во Доха соопшти дека на патниците ќе им наплатува излезна такса од 10 американски центи, се наведува во соопштението на „Хамад интернешнал ерпорт“ (ХИА), а пренесуваат светските медиуми.

Надоместокот ќе биде додаден на цената на авионскиот билет и оваа мерка ќе почне да се применува на билетите издадени по 30 август.

„Таксата е во солгласност со принципите на Меѓународната организација на цивилно воздухопловство за поддршка и развој на водечките светски аеродроми како што е ХИА,“ се додава во соопштението.

Во првиот квартал годинава, низ аеродромот во Доха поминале речиси девет милиони патници.

Катар, кој ќе биде домаќин на фудбалскиот Светски куп во 2022 година, предупреди дека ќе забележи буџетски дефицит од 12 милијарди долари годинава, што е првпат по 15 години.

Властите во оваа држава изразија загриженост дека во 2017 и во 2018 година ќе следува уште поголем дефицит, бидејќи ниските цени на нафтата ја принудуваат оваа држава да се прилагоди на новите услови.