Македонија се задолжи со нова еврообврзница од половина милијарда евра


Скопје, 11 јануари, 2018 - 19:42 (META) 

Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал денеска издаде еврообврзница на износ од 500 милиони евра со рок на достасување од 7 години и со каматна стапка од 2,75 проценти, соопшти Министерството за финансии.

Од Министерството велат дека станува збор за „убедливо најниска каматна стапка постигната за било која од македонските еврообврзници, како одраз на исклучително високата доверба кај меѓународните инвеститори за перспективите на македонската економија, како и поволните услови на меѓународните пазари на капитал“.

Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница, како што информираат од Министерството, била во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над 7 пати повисока од понудата, што овозможило да се постигне каматна стапка од 2,75 проценти на годишно ниво, односно стапка на принос од 3 проценти.

Приливите од еврообврзницата, како што е предвидено со Буџетот за 2018 година, ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит, односно за непречено редовно извршување на сите буџетски расходи, како и за отплата на претходните долгови, вклучително и првата рата на ПБГ-кредитот од 2013 година во износ од 95 милиони евра која доспева на крајот на јануари, велат од Министерството за финансии.

„Притоа, паралелно со издавањето на еврообврзницата, Македонија за првпат изврши и делумен предвремен откуп на постоечка еврообврзница. Поточно, извршен е предвремен откуп на една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година која достасува во декември 2020 и чија што каматна стапка на издавање од 4,875 проценти е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75 проценти. Покрај каматните заштеди, со предвремениот откуп се намалува долгот кој достасува во 2020 година, односно значително се намалува ризикот од рефинансирање“, стои во соопштението.

Од Министерството за утре најавија прес-конференција на министерот за финансии, Драган Тевдовски по повод издавањето на новата еврообврзница.


Со општата комисиска расправа за буџетот, почнаа и општите партиски препирки


Скопје, 27 ноември, 2017 - 15:58 (META) 

Дали буџетот за 2018 година е развоен или не, зошто новата власт нема доволно странски инвестиции и не ги зголемува пензиите и платите, кој за што се задолжувал и колку пари сега треба да се враќаат, беше содржината на дискусиите во општата расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска до паузата.

Откако министерот за финансии, Драган Тевдовски, го изложи предлог-буџетот, прва за збор се јави претседателката на комисијата, Лилјана Кузмановска, која рече дека во него нема ниту една нова инвестиција или договор со нов инвеститор, туку само продолжување на проекти почнати од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Таа забележа и дека нема пари за зголемувањето на пензиите од 5 отсто, како и за тоа што нема да има зголемување на плати во јавните институции, освен за образованието, здравството и за одбраната.

Пратеникот Васко Ковачевски од СДСМ рече дека буџетот за следната година е и „граѓански и развоен“, за разлика од трошењето на претходната власт која, како што рече, оставила многу долгови.

– Почнува економска стабилизација на државата, повеќе пари се насочуваат кон граѓаните, се создаваат напори за поголеми плати. Педантно и одговорно ќе се трошат парите на граѓаните, оти ова се пари на граѓаните и со него ќе се остваруваат основните функции на државата. Граѓаните ќе кажат на следните избори дали се исправни политиките – рече тој.

На ова реплицираше Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека е нормално да не се очекуваат спектакуларни резултати, но дека новата власт давала токму такви изјави.

Општата расправа на комисијата треба да продолжи во 15.30 часот.


Анѓушев: Предложениот буџет за 2018 година е најекономскиот и најреформскиот досега


Скопје, 26 ноември, 2017 - 16:31 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања денеска, еден ден пред почетокот на комисиската расправа за буџетот за 2018 година во Собранието, на прес-конференција истакна дека од сите буџети досега, предложениот за 2018 година има најреформски и најекономски карактер.

Буџетот за 2018 година е 211,7 милијарди денари или 3,4 милијарди евра и треба да обезбеди најмалку 3,2 отсто пораст на домашниот бруто-производ (БДП), а буџетскиот дефицит е проектиран на 2,7 отсто со тенденција на опаѓање.

– Наменивме повеќе од една милијарда денари за програмата за поттикнување на вработувањето, што претставува 5 отсто повеќе во однос на 2017 година, со кои ќе стимулираме нови подобро платени работни места. Ќе ги поддржиме компаниите да исплаќаат повисоки плати, со што ќе ја отвориме спиралата за зголемување на просечната плата – посочи Анѓушев.

За програмата за економски развој, според предлог-буџетот за 2018 година се наменети 46 отсто повеќе средства, а се кратат од непродуктивни трошоци, како што е промоцијата на Македонија како бизнис-дестинација.

– За поддршка на домашни гринфилд-инвестиции се наменети повеќе од 900 милиони денари или 592 отсто повеќе во однос на ребалансот во 2017 година, 585 милиони денари или 23 отсто повеќе средства за привлекување странски инвестиции, како и 385 милиони денари за поддршка на инвестициони вложувања. Домашните и странските инвеститори имаат исти услови за инвестирање, независно дали ќе се одлучат да инвестираат во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) или надвор од нив – додаде Анѓушев.

Инаку, расправата за буџетот за 2018 година во Комисијата за финансирање и буџет на Собранието почнува утре и според деловникот може да трае 10 дена.


Буџетот за 2018 година денеска на седница на Влада


Скопје, 9 ноември, 2017 - 13:19 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи 37. седница, на која ќе го разгледа и ќе донесе одлуки за предлог-буџетот на државата за 2018 година, соопшти владината прес-служба.

На седницата, како што информираат оттаму, Министерството за финансии ќе го достави на разгледување и предлог-законот за извршување на буџетот за 2018 година.

Покрај буџетот, на дневен ред на денешната седница се уште неколку точки од кои една се однесува на кадровски прашања.

Седницата е закажана за доцна попладне, односно во 18 часот.

Инаку, според податоците што министерот за финансии, Драган Тевдовски ги презентираше пред јавноста, граѓанските организации и пред претставниците на стопанските комори, буџетот за 2018 година тежи 3,4 милијарди евра, а буџетскиот дефицит е планиран на 2,7 проценти од домашниот бруто-производ.

Најголеми реакции во јавноста и кај стручната фела предизвика планираното зголемување на акцизата за нафтата за три денари. Тевдовски го бранеше ваквото решение тврдејќи дека зголемувањето на акцизата нема да ја зголеми инфлацијата.