Анѓушев: Првпат растот е одраз на реалната економија, а не со вештачки проекти


Свети Николе, 10 октомври, 2018 - 15:12 (META) 

Eкономијата не оди во надолна линија, бројките кажуваат дека оди токму во нагорна линија рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев при денешната посета на производствените капацитети на компаниите „МИК“ и „БИМ“ каде што оствари средба со бизнис секторот.

– Минатата година имавме негативен раст, после тоа првиот квартал не беше најдобар. Меѓутоа вториот квартал во 2018 година, спореден со вториот квартал во 2017 година имаше раст од 3,1 отсто. Она што мислам дека е многу важно да го потенцираме е што тој раст од 3,1 отсто е остварен при пад на градежништвото од 17 проценти. Знаете, растот во Македонија обично го обезбедувала државата со своите активности, овој пат, првпат растот е одраз на реалната економија – одговори Анѓушев на новинарско прашање.

Тој забележа дека овој раст не го направи државата со вештачки проекти.

– Јас очекувам дека градежништвото ќе го врати растот на нормалното ниво, со раздвижување на три-четири големи проекти кои што сега се случуваат, а тоа се автопатот Кичево – Охрид, железницата кон Бугарија, гасоводот. Но, притоа не со вештачки проекти, туку со инфраструктурни проекти, кои ќе бидат корисни и со самото тоа очекувам подобри бројки – потенцира Анѓушев.


Кочовски: Во металуршката индустрија има пад на производството и на извозот


Скопје, 30 јануари, 2017 - 14:54 (META) 

Бројките во металуршката индустрија се поразителни така што лани, заклучно со ноември, производството на руди и на метали бележи пад од 8 проценти, а само на метали – 11 проценти во однос на 2015 година, изјави претседателот на Здружението на металургија, Митко Кочовски.

– Само во ноември 2016 година, производството на основни метали е намалено за 20 проценти во однос на истиот месец од 2015 година. Во периодот јануари – октомври лани, извозот бил 384 милиони долари, за разлика од реализираните 519 милиони долари во истиот период од 2015 година, што е пад за 26 проценти. Нормално, ова намалување на производството и на извозот повлекува намалување и на вработените – изјави Кочовски.

Тој прашува дали државата сака да има индустрија за метали, бидејќи состојбата ја влошуваат и одредени внатрешни системски решенија.

– Не бараме непринципиелна поддршка, некој да ни ги реши проблемите внатре, туку јасна визија за тоа каде ќе се движи секторот. Да се подготви студија по примерот на долгорочните стратегии за енергетскиот сектор, да се решат проблемите со сопственоста на земјиштето кое се води како општествено и да се реши водоснабдувањето – изјави Кочовски.

Тој информираше дека производството на „Фени“ е преполовено, „Макстил“ работи со половина капацитет, а „Бучим“ не го прекинува производството зашто двојно ќе го чини ако треба да рестартира.


ДПА: Малкуте буџетски средства за Aлбанците ДУИ ги претвoра во ништо!


Скопје, 29 јуни, 2016 - 15:01 (META) 

Пратеникот Беким Фазлиу од ДПА денеска на прес-конференција во Собранието рече дека антиалбанскатa владина политика на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, најјасно се гледа при донесувањето на буџетите и на буџетските ребаланси.

Според Фазлиу, единствениот случај каде Албанците се дискриминирани повеќе отколку при донесувањето на државниот буџет, се случува кога се носи буџетскиот ребаланс.

– Со ребалансот на буџетот, и оние неколку проекти предвидени во буџетот на почетокот на годината се елиминираат на средината на годината. Ова стана практика на 13-годишното владеење на ДУИ. На почетокот на годината се одвојуваат многу малку средства, кои преку ребалансот се претвораат во ништо. Ребалансот кој е доставен до парламентот за одобрување од страна на владејачката коалиција, продолжува да ги остава населените места со Албанци без вода за пиење, без соодветни патишта, со уништен образовен систем и со уништени здравствени установи – рече Фазлиу.

Тој додаде дека ДПА има подготвено стотици амандмани со кои ќе се обиде преку бројки и проекти да ја докаже големата дискриминација и кражба, која, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им ја прават на Албанците преку државниот буџет.


Клиника за гинекологија: Бројките за смртност на новороденчиња се вадат од контекст


Скопје, 26 јуни, 2016 - 14:23 (META) 

Бројките за смртноста на новороденчиња на Клиниката за гинекологија и акушерство, изнесени во јавноста, се вадат од контекст, изјавија денеска на прес-конференција лекари од Клиниката.

Според раководителот на онколошкото одделение на Клиниката, д-р Драган Тантуровски, бројките што се презентираат треба да бидат направени врз основа на едногодишна или повеќегодишна статистичка обработка.

– Многу е лошо кога се вадат од контекст одредени бројки. Смртноста на бебињата е намалена на 8,5 отсто во 2015 година, во споредба со 13 отсто во 2013 година – вели Тантуровски.

Тој рече дека не може да коментира за вистинитоста на медицинските документи објавени во јавноста, но најави дека ќе поведе правна постапка поради изнесувањето медицинска документација од Клиниката.

– Искрено, жалам што се случуваат настани на оваа Клиника кои не се примерни за ниедна институција со вакво реноме, односно излегување на официјална медицинска документација која е професионална тајна и затоа Клиниката има правна служба која адекватно ќе одговори – рече д-р Тантуровски.

Раководителката на одделението за интензивна неонатална нега и терапија, д-р Снежана Јанчевска, изјави дека минатата година биле објавени сите податоци во врска со перинаталната и неонаталната смртност во Македонија во период од пет години, со сите детали и обработки на причините.

– За оваа година извештајот ќе го направиме и апсолутно преку релеватните установи ќе ѝ биде достапен на јавноста – рече Јанчевска.

Минатата година на Клиниката за гинекологија и акушерство биле изведени околу 5.800 породувања.

Ангелчо Андоновски од комисијата за здравство на СДСМ, денеска на прес-конфереција предупреди дека на Клиниката во Скопје во првите шест месеци од оваа година починале 82 новороденчиња, а за две недели починале 20 новороденчиња. Тој го обвини министерот за здравство, Никола Тодоров, дека е виновен за ваквите состојби во здравството.