!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Охрид денеска како во екот на туристичката сезона 


Охрид, 1 јануари, 2017 - 17:24 (META) 

Невообичаено топлото време за овој период од годината, ги наполни шеталиштето, парковите и кафулињата во Охрид.

Овој продолжен празничен викенд во Охрид донесе голем број гости. Тоа можеше да се забележи по улиците и на паркиралиштата, кои изгледаа како среде туристичка сезона.

Заживеа и бродскиот туризам, така што кајчињата и бродовите ги превозуваа туртистите до Канео, Горица, Св.Стефан и до другите места.

Традиционално, покрај од земјата, најголемиот број од туристите во Охрид и во Струга се од соседните земји, пред сè, Бугарија, Србија, Албанија и во помал број од Грција.

Гости има и од Црна Гора и од Хрватска, а со индивидуални аранжмани, присутни се и одреден број новогодишни славеници и од Велика Британија, Полска и од Израел.

Покрај хотелиерите, задоволни се и приватните станоиздавачи, кои среде зима исполнија добар дел од своите капацитети.


Инциденти и судири на Крит помеѓу грчки земјоделци и вработени на пристаништето


Ираклио, 10 декември, 2016 - 9:59 (META) 

Голема група грчки земјоделци се судрија со вработени на пристаништето на Крит, гневни поради еднонеделниот штрајк на вработените во поморските служби.

Поради штрајкот, веќе една недела нема ниту еден брод од и кон островите во Грција што создава големи проблеми за снабдувањето на островите, но и за земјоделските производи кои треба да се пренесат кон копно.

Групата земјоделци се собра на пристаништето уште рано вечерта со барање да се стави крај на штрајкот и нивните производи да се натоварат и да се пренесат кон Атина. Одбивањето да се прекине штрајкот предизвика насилни физички судири помеѓу двете страни.

Дел од земјоделците се обидоа да одврзат еден брод, почнаа да фрлаат со пиротехника кон бродот и вработените на пристаништето, кои, пак, за да ги избркаат земјоделците почнаа да ги прскаат со вода од бродот. Земјоделците запалија неколку билетарници и подметнаа пожар во канцелариите на една компанија за поморски превоз на пристаништето.

Штрајкот на бродовите создава големи проблеми и за снабдувањето со лекови и со медицински материјали за болниците на островите, но и за патниците и за туристите кои и во зимскиот период сакаат да ги посетат островите. Голем дел од островите почнуваат да пренесуваат од и кон Атина или меѓусебно производи преку помали бродови, бидејќи веќе има големи недостатоци од основни работи, како млечни производи.

Грчкото министерство за поморство апелира да се стави крај на штрајкот во најскоро време и се заканува дека во спротивно ќе пристапи кон присилнa мобилизација.

Вработените во поморскиот сектор се бунат против високите даноци на нивните приходи и лошите услови за работа во секторот.


Извозот и увозот во првите осум месеци зголемени за 6 отсто во однос на лани


Скопје, 5 октомври, 2016 - 14:08 (META) 

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во првите осум месеци од годинава, изнесува 3.112.569.000 долари и бележи пораст од 6,4 проценти во однос на истиот период од претходната година, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4.392.752.000 долари, што е за 6,2 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит изнесува 1.280.183.000 долари, во периодот јануари-август.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и со Бугарија.


Турските власти спречиле 137 илегални мигранти да влезат во Грција


Анкара, 18 септември, 2016 - 16:42 (META) 

Турските власти денеска спречиле 137 илегални мигранти од Турција да преминат на грчките острови на Егејско Море, јавува турската агенција „Анадолија“.

Како што изјавија од турската полиција, се работи за два одделни случаи. Во првиот случај 95 мигранти по потекло од Сирија, Авганистан и од Ирак се обиделе со три чамци да заминат од турскиот брег кон островите Лезбос и Хиос. Во вториот случај, 42 лица, меѓу кои и повеќе жени и деца, биле приведени додека се обидувале да стигнат до островот Кос.

Според податоците на турската крајбрежна стража, во текот на август вкупно 1.603 мигранти биле спречени во обидот да заминат од Турција кон Грција, што е двојно повеќе во споредба со претходниот месец.

Европската агенција за контрола на надворешните граници (Фронтекс), од своја страна, соопшти дека минатиот месец значително се зголемил бројот на мигранти кои од Турција пристигнале на грчките острови во Егејското Море.


КОСКО ќе инвестира дополнителни 500 милиони евра во Пиреја


Атина, 6 јули, 2016 - 11:34 (META) 

Кинескиот магнат КОСКО, кој наскоро ќе го преземе атинското пристаниште Пиреја, најави нови инвестици од повеќе од 500 милиони евра за пристаништето. Претседателот на КОСКО, Ху Лиронг, на вчерашната средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, по потпишувањето на гарантните договори дека компанијата ќе го преземе грчкото пристаниште, изненади со најава за уште поголеми инвестиции од очекуваното.

Кинеската компанија ќе вложи дополнителни 500 милиони евра покрај договорените 350 милиони за развој на инфраструктурата и за подобрување на работата на пристаништето. Од КОСКО планираат да го развијат пристаништето како една од главните точки за светските бродови за крстосување, што се смета дека ќе помогне дополнително и за развивање на пристаништето и на грчкиот туризам. Во оваа насока, инфраструктурата ќе се прилагоди за да има можност да ги прими и најголемите бродови на светот со капацитет од 4.000 патници. Една од целите е бројот на туристи што доаѓаат преку крстосувања во Пиреја да се зголеми на 3 милиони.

Втората цел, според информациите во Грција, е да се подобри инфраструктурата за товарење и за движење на контејнерите што пристигнуваат со товарните бродови. Идејата е да се направи соодветен простор за складирање првично 7 милиони, а потоа и 10 милиони контејнери на пристаништето. Со ова, според плановите на КОСКО, Пиреја би станала најголемото пристаниште за товарни бродови и за контејнери во Средоземно Море.

Сепак, покрај желбата да се развие пристаништето, од кинескиот магнат упатија и критика кон грчката влада за бројните протести што два месеци ја блокираа работата на Пиреја.

„Се надеваме дека грчката страна ќе ни овозможи поволна клима за работа и најдобро би било да нема толку често штрајкови“, изјавил првиот човек на КОСКО во разговор со Ципрас.

Штом се финализира договорот со грчкиот фонд за приватизација, кој веќе е одобрен од грчкото собрание, КОСКО ќе стане најголем акционер во пристаништето Пиреја, односно ќе контролира 67 отсто од акциите.


Во судир на два брода на езеро во Конго загинаа 27 лица


Бразавил, 12 јуни, 2016 - 17:26 (META) 

Најмалку 27 лица загинаа кога брод се преврти по судир со друг брод на езерото Маиндомбе во Конго.

Двата брода пловеле во спротивна насока, но биле пренасочени од вообичаената рута за да ја избегнат маглата, што довело до судирот, соопшти заменикот гувернер на Маиндомбе, Масамба Малика.

Тој изјави дека телата на починатите сè уште се наоѓаат во езерото и дека е можно да има уште настрадани. Спасувачките тимови трагаат по настраданите.

Малика додаде дека сè уште не е познато колку вкупно луѓе имало на бродот, но дека бродот не можел да прими повеќе од 10 лица.

Во декември минатата година во бродолом на истото езеро, 18 лица настрадаа, а 70 исчезнаа.


Штрајкот на солунското пристаниште, нова рана за бизнисот во Северна Грција


Атина, 6 јуни, 2016 - 13:19 (META) 

Новиот штрајк на вработените во солунското пристаниште креира нови проблеми за грчките трговци и извозници. Поради штрајкот на вработените кои се бунтуваат против приватизацијата на солунското пристаниште, а кој почна во четвртокот минатата недела, голем број производи и стоки чекаат за истовар и за товарење.

Според информациите, на солунското пристаниште има 14 бродови и околу 60 камиони, голем дел од нив македонски, кои чекаат да се стави крај на штрајкот за да се товарат стоките на бродовите.

Весникот „Катимерини“ пренесува дека околу 2.700 контејнери се заглавени и чекаат да бидат истоварени, додека повеќе од 3.300 контејнери чекаат за бидат натоварени и пренесени за извоз. Направен е проблем со увозот на никел, поради што пристаништето се соочува со штета од 300.000 евра.

Поради штрајкот, има доцнење и за Трансјадранскиот гасовод, бидејќи околу 70.000 тони цевки се заглавени на бродовите. Проблематична е и ситуацијата за индустријата за цемент во Грција. Иако има договор да се испорачаат 100.000 тони полуготов цимент во Африка, поради штрајкот се испратени само 10.000 тони, а другите ќе мора да се испратат преку Турција.

Целата ситуација се проценува дека прави проблем и големи загуби и за пристаништето. Од раководството на пристаништето коментираат дека не може да дозволат да продолжи штрајкот на вработените и тоа одново да го доведе пристаништето во минус. Според процените на пристаништето, во првиот квартал имало пораст од 8,5 отсто на прометот на контејнери, меѓутоа поради 10-дневните протести во мај прометот е oпаднат за 1,6 отсто, поради што не може да се дозволи дополнително влошување на работите.

Претседателите на осум трговски и индустриски комори и конфедерации од Северна Грција испратија заедничко писмо до претседателот на пристаништето со барање штрајкот да се прогласи за нелегален за да се нормализираат работите и да се стави крај на „заложничката“ состојба во која се наоѓаат извозниците и увозниците во Солун и во Северна Грција.

За денеска се закажани состаноци на штрајкувачите и на раководството на пристаништето, кои треба да одлучат за следните чекори и на едната и на другата страна.


Јужнокорејската морнарица пукала на севернокорејски брод


Сеул, 27 мај, 2016 - 11:12 (META) 

Јужнокорејската морнарица испукала предупредувачки истрели откако севернокорејски патролен брод и рибарски чамец ја минале спорната граница на Жолтото Mоре кај западниот брег на Корејскиот полуостров, изјавија претставници во Сеул.

Двата пловни објекта, кои ја минале северната линија на раздвојување, во близина на јужнокорејскиот остров Јеонпиеонг, ја смениле насоката осум минути откако Сеул испукал предупредувачки истрели и се вратиле во севернокорејските води.

Севернокорејските рибарско бродови и чамци повремено заталкуваат во јужнокорејските води.


Шпанските поморски служби спасиле 60 мигранти


Мадрид, 18 април, 2016 - 11:43 (META) 

Шпанската поморска спасувачка служба денеска во југозападниот дел на Средоземно Море спасила 60 лица, кои со два мали брода тргнале кон Европа.

Во еден брод, кој утринава бил забележан, имало 21 патник, додека во другиот број, кој синоќа бил воочен, имало 39 лица, соопшти службата на „Твитер“.

Со тоа, вкупниот број на спасени мигранти кај јужниот брег на Шпанија, во текот на викендов порасна на 135 лица.

Шпански воен брод во саботата се приклучи кон потрагата на брод кој превезувал мигранти, кои се обиделе од Африка да стигнат до Европа.

Илјадници мигранти секоја година се обидуваат да дојдат во Шпанија, или преку море или преку влегување во нејзините енклави во Африка, Мелила и Сеута.


Столтенберг: НАТО распореди пет бродови во Егејско Море поради мигрантската криза


Брисел, 10 март, 2016 - 21:06 (META) 

Северноатлантската алијанса (НАТО) во моментов има распоредено пет бродови кои учествуваат во мисијата во Егејско Море чија цел е да се спречи шверцот на мигранти од Турција во Грција, соопшти денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

На заедничка прес-конференција со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, Столтенберг изјави дека НАТО ќе продолжи со разместување на свои сили во Егејско Море откако минатиот месец беше одобрено ангажирањето на алијансата во справувањето со мигрантската и бегалска криза.

„Ја зголемивме областа на дејствување. Сега влеговме во територијалните води на Грција и на Турција и почнавме да се фокусираме на областа околу грчкиот остров Лезбос. Нашиот план е во наредните денови и недели да ги прошириме операциите кон југ, што е многу важен дел од она што го правиме“, изјави Столтенберг.