Грчките служби фатиле 410 тони експлозив наменети за Либија


Атина, 11 јануари, 2018 - 9:51 (META) 

Грчката крајбрежна стража спречила транспорт на 410 тони експлозив во брод што го пресретнале кај островот Крит.

Сандаците со експлозив се пронајдени на брод што пловел кон Либија под танзаниско знаме, а биле натоварени во турското пристаниште Мерсин, јавија грчките медиуми.

Приведени се 8 членови на екипажот. Бродот пловел кон Мисрата.


Најмалку осуммина удавени по потонување на брод во Индонезија


Џакарта, 1 јануари, 2018 - 14:18 (META) 

Најмалку осум лица ги загубиле животите, а 13 се водат за исчезнати откако брод со 48 патници, меѓу кои и деца, потонал денеска покрај брегот на индонезискиот остров Калимантан.

Останатите патници се спасени. Бродот пловел од Танџунг до Таракан од индонезиската страна на островот Борнео, каде се превртел и потонал.Засега не е позната причината за несреќата.


Потона брод во Јужна Кореја, 13 лица загинаа


Сеул, 3 декември, 2017 - 12:40 (META) 

Крајбрежната стража на Јужна Кореја соопшти дека 13 лица загинаа, а две лица се водат како исчезнати откако рибарски брод се судрил со брод за дополување гориво.

По сударот, рибарскиот брод потонал, а на него имало 22 лица, од кои седуммина биле спасени. Голем број хеликоптери се вклучени во потрагата по исчезнатите.

Секоја година во Јужна Кореја се случуваат голем број бродски несреќи. Пред три години настрадаа повеќе од 300 лица, од кои најголемиот дел ученици.


Утре ќе се вади бродот „Мис Стон“ што потона во каналот Студенчишта


Охрид, 19 ноември, 2017 - 18:08 (META) 

За утре е закажано итно вадење на бродот „Мис Стон“ од каналот Студенчишта во Охрид, информираат од Општина Охрид.

Од Општината информираат дека на местото на настанот излегле претставниците на локалната самоуправа, надлежниот државен инспектор за животна средина од Охрид, кој направил вонреден инспекциски надзор, како и капетанот на охридската капетанија.

„Беше утврдено дека се работи за инцидент со бродот „Мис Стоун“, кој е полупотонат при што е излеано одредено количество нафта во водата на каналот. Во согласност со законската регулатива, Државниот инспекторат за животна средина ќе ги преземе сите законски мерки и веќе е отворен предмет во инспекциска постапка. Закажано е итно вадење на бродот од каналот со соодветна механизација, со што ќе се спречи понатамошно излевање на нафта во езерото, а со тоа и потенцијални последици за живиот свет во него и за животната средина“, велат од општинската администрација.


Се излеа нафта во Охридско Езеро од брод потонат во каналот Студнечишта


Скопје, 19 ноември, 2017 - 13:16 (META) 

Во каналот Студенчишта кој се влева во Охридско Езеро, потонал бродот „Мис Стон“ од којшто се излеала нафта, која веќе е стигната до езерото.

Според сведоци, сношти сè било во ред, а утрово била забележана нафтената дамка, што укажува на тоа дека инцидентот се случил во текот на ноќта.

– Веднаш по дојавата за излеаното гориво од бродот, ние се организиравме, обезбедивме пумпи со кои ќе го извлечеме целото гориво од каналот. Нашите екипи се на самото место на настанот и интензивно работат на отстранување на горивото – вели капетанот на Капетанијата во Охрид, Горан Устијаневски.


Потона патнички брод во Бразил


Бразилија, 24 август, 2017 - 19:22 (META) 

Најмалку 22 лица загинаа, а десетина се исчезнати откако патнички брод потона во залив североисточно од бразилскиот град Сан Салавадор.

Бродот со повеќе од 100 патници потона во Заливот на светците.
Спасувачките екипи и правните бродови кои биле во близина спасиле 21 патник.

Брод со 70 патници во средата потона во реката Шингу на северот на Бразил и во таа несреќа загинаа 19 патници.


Десет морнари исчезнати по судир на американски воен брод и танкер кај Сингапур


Вашингтон, 21 август, 2017 - 10:50 (META) 

Десет морнари се водат за исчезнати, а пет се повредени откако американски воен брод се судри со танкер за нафта источно од Сингапур, соопшти американската морнарица, потсетувајќи дека ова е втор инцидент на американската морнарица во азиските води за помалку од два месеца.

Американскиот разорувач „Џон С. Мекејн“ се судрил со трговскиот брод „Алник МЦ“ во раните утрински часови, додека се движел кон пристаниште во Сингапур.

„Првите извештаи покажуваат дека оштетена е крмата на бродот Џон С. Мекејн. Во моментов 10 морнари се водат за исчезнати, а пет се повредени“, стои во соопштението.

Четворица од повредените морнари со хеликоптер се пренесени во Сингапур и не се во животна опасност, додека петтиот морнар се здобил со полесни повреди.

Во потрагата по десеттемина морнари учествуваат сингапурски бродови и хеликоптери.

Властите во Малезија соопштија дека несреќата се случила во нивните води во Јужното Кинеско Море и дека нивните екипи исто така учествуваат во потрагата по исчезнатите.

Засега нема знаци дека нафтата се излеала во морето од бродот „Алник МЦ“, кој превезувал 12.000 тони нафта. Бродот има мали оштетувања на предната страна, но над нивото на водата.


Романија: Пресретнат брод со мигранти во Црното море


Букурешт, 13 август, 2017 - 15:36 (META) 

Романската крајбрежна стража во Црното море пресретнала брод со 69 мигранти со потекло од Ирак, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Крајбрежната стража го забележала бродот, кој пловел под турско знаме, на околу 16 километри од пристаништето Мангалија, кое се наоѓа во југоисточниот дел на Романија, во близина на границата со Бугарија.

Во бродот, кој бил испратен до брегот, имало 30 мажи, 10 жени и 29 деца. Со бродот управувале Бугарин и лице од Кипар.

Од романската полиција соопштиле дека во тек е истрага.


Кај Кипар пресретнат брод со повеќе од 140 мигранти


Никозија, 24 јули, 2017 - 20:56 (META) 

Кипарската крајбрежна стража денеска пресретна брод со 143 мигранти, најверојатно Сиријци, на западот на Кипар, соопштија властите во Никозија.

Полицијата наведе дека меѓу мигрантите има 31 жена и 50 деца. Бродот тргнал од Турција, земјата во која многу Сиријци бараат засолниште од граѓанската војна во својата земја.

Едно лице е осомничено поради сомневање дека вршело криумчарење на луѓе.

Мигрантите ќе бидат префрлени во прифатниот центар во близина на Никозија.

Кипар, која е членка на Европска Унија, се наоѓа на само 100 километри од Сирија, но досега немаше пријавено поголем прилив на бегалци. Со новопристигнатите, од септември 2014 година, на крајбрежјето на овој медитерански остров пристигнале околу 1.100 мигранти.


Триесетина мигранти спасени кај Шпанија


Мадрид, 30 мај, 2017 - 16:40 (META) 

Повеќе од 30 мигранти се спасени во близина на брегот на Шпанија, откако бродот во кој се наоѓале го зафатил пожар.

Моторот на бродот со кој патувале мигрантите во еден момент се запалил, по што огнот се проширил и на пловниот објект.

Мигрантите скокнале во вода, но припадниците на крајбрежната стража, со помош на хеликоптери и со бродови ги спасиле.