Џафери: Собранието мора да ја прекине лошата пракса на Иванов да не потпишува закони


Скопје, 29 јуни, 2018 - 13:50 (META) 

Доколку не го потпише и законот за ратификација на Договорот со Грција откако и по втор пат ќе биде изгласан со Собранието, претседателот на државата Ѓорге Иванов ќе воведе лоша пракса на мешање на надлежностите на властите односно преземање на надлежностите кои му припаѓаат на Собранието. Ова го истакна денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифинг со новинари.

– Апелирам до претседателот на државата да размисли во контекст на денешната одлука која што ја соопшти НАТО и во контекст на претстојниот самит на Алијансата во јули. Се надевам ќе разбере што значи овој историски момент за државата, а Собранието ќе ги спроведе своите надлежности. Собранието мора да најде начин да ја прекине оваа лоша практика која што беше и во случај со Законот за јазици. Собранието има надлежност да ја спроведе волјата на избраните пратеници, а сите институции се должни да го спроведат и почитуваат Уставот – потенцираше Џафери.

Тој рече дека ако Иванов не го потпише законот, ќе се употреби исто решение и за Договорот, но и за Законот за употреба на јазиците.

Едно од решенијата е тие да бидат испратени во Службен весник без потпис на претседателот Иванов.

Собранискиот спикер информираше дека најверојатно на 5 или 6 јули ќе се одржи седницата на која повторно ќе се гласа за ратификација на Договорот со Грција и додаде дека до крај на јули Собранието мора да донесе одлука за распишување на референдум.

– Доколку помине референдумот, роковите за уставните измени, доколку се оди по Деловникот, се четири месеци, но сепак тоа зависи од бројот на поднесени амандмани. Ако се почне со процедурата на почеток на октомври, може до Нова година да се заврши со измените на Уставот – вели Џафери.

Во однос на избирање на новите членови на Државната изборна комисија, Џафери рече дека рокот за доставување на предлози за кандидати истекува денеска и дека нивното именување може да биде на редовната седница на 17 јули или порано на вонредна седница доколку собраниската Комисија за избори и именувања излезе со состав на ДИК.


Џафери: Упадот на 27 април е најлошото нешто што му се случило на Собранието


Скопје, 27 април, 2018 - 14:12 (META) 

Не сум оптоварен временски кога ќе го пуштам законот за јазиците во Службен весник без потписот на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Кога ќе оценам дека треба да се пушти, ќе го пуштам, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите.

– Доколку законот стапи во сила без потписот на Иванов, тоа нема да значи дека тој е истуркан на сила. Тоа е уставна процедура и нема да го прекршам Уставот ако тој стапи на сила без претседателскиот потпис. Тој има суспензивно право првиот пат да го врати законот, но по второто гласање во Собранието, тој има обврска, должност, да го потпише законот, а со непотпишувањето тој го крши Уставот и ја блокира работата на Собранието затоа што ја доведува во дилема оваа институција дали да носи други закони или не – вели Џафери.

Тој напомена дека за прекршување на Уставот, Деловникот предвидува можност за импичмент на претседателот, но и дека Иванов може да одговара за злоупотреба на службената должност според Кривичниот законик, дело кое што не застарува.

Прашан дали тој, доколку го пушти законот без потпис на Иванов, исто така ќе биде подлежен на кривична одговорност, Џафери рече дека тоа би било случај само доколку тој стави потпис на местото на Иванов.

– Јас би направил кривично дело само доколку ставам потпис на местото каде што пишува Ѓорге Иванов, а јас тоа нема да го направам – додаде Џафери.

За упадот во Собранието на 27 април минатата година кога беа повредени повеќе пратеници и новинари, рече дека е најлошото нешто што и се случило на оваа институција.

– Да се запамети, да не се повтори и да одиме напред. Не беше мој избор да бидам избран за претседател на законодавниот дом на таков начин – кратко рече Џафери.

Тој не сакаше да го коментира судскиот процес за настаните од 27 април затоа што рече дека не сака да се меша во судската власт како што нема да допушти никој да му се меша во законодавната власт.

Џафери информираше дека владејачкото мнозинство и опозицијата постигнале согласност за преостанатите три реформски закони, меѓу кои и законот за судови и дека тие ќе се најдат на дневен ред на пленарна седница на Собранието на 3 мај.


Ѕанакопулос: Атина направи отстапки, сега на ред е Скопје


Атина, 25 април, 2018 - 15:59 (META) 

Во преговорите, грчката страна направи отстапки, сега е време и поранешната југословенска Република Македонија да ги направи неопходните чекори за постигнување договор, изјави портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, на редовниот брифинг со новинарите, пред почетокот на средбата во Виена.

Запрашан што очекува Грција од денешните преговори меѓу Димитров, Коѕиас и Нимиц, особено по вчерашната изјава на комесарот за проширување Јоханес Хан, Ѕанакопулос ги повтори позициите на официјална Атина.

Објасни дека е „јасен начинот како Грција пристапува во преговорите“, спомнувајќи ги двата грчки предуслова за постигнување договор за кои рече дека Грција мисли дека се „логични и праведни за постоење на заемно прифатен договор што ќе донесе решение на проблемот што ги измачува двете земји над 25 години“.

– Овие два конкретни предуслова се: прво, сложено име и, второ, името да важи „ерга омнес“, нешто за што предуслов е модификација на уставното име на соседот. Сметаме дека во рамките на овие преговори, грчката страна ги има направено нејзините отстапки, има стигнато до средината на мостот и во овој момент, време и за поранешната југословенска Република Македонија да ги направи неопходните чекори за да стигнеме до заемно прифатен договор – рече Ѕанакопулос.


Законот за јазиците в понеделник се враќа пред пратениците


Скопје, 10 ноември, 2017 - 15:29 (META) 

Продолжението на дебатата за законот за употреба на јазиците в понеделник ќе се најде на дневен ред на пленарна седнца во Собранието, информираше денеска на брифинг за новинарите претседателот на законодавниот дом, Талат Џафери.

Според него, дебатата за овој закон би требало да трае до крајот на следната недела, доколку во меѓувреме не стигне предлогот за новите членови на Владата, на кој ќе му се даде предност поради актуелноста.

Џафери очекува до крајот на годината да има седници и за именувањето на нов државен јавен обвинител, за ратификување на Договорот за добрососедство со Бугарија како и седница за пратенички прашања која би требало да се одржи на 24 ноември,

Пред пратениците треба да се најде и буџетот за 2018 година, потоа изборот на потпретседатели на Собранието, како и посебна седница на која треба да се обрати претседатлот на државата, Ѓорге Иванов.

Прашан дали ќе се обраќа во Парламентот на албански јазик откако ќе се изгласа законот за употреба на јазиците, Џафери рече дека суштината на законот не е тоа, туку собраниските материјали да бидат достапни на албански јазик.

– Не сакам да се претворам во преведувач и нормално мене никој не може да ми го исклучи микрофонот, но тоа не е суштината на законот – рече Џафери.

За процесот „Жан Моне“, тој рече дека прво таму ќе се отвораат полесни политички теми за да се направи атмосфера во која што ќе може да се отворат и потешки политички теми, но дека тоа не значи дека таму ќе се решаваат сите прашања во однос на реформите кои треба да се реализираат.

Џафери информираше дека досега до Собранието не пристигнала иницијатива за анкетна комисија за случајот „Диво насеље“ и дека од процедурален аспект нема пречки ваква комисија да се формира затоа што тоа не значи дека Собранието влегува во ингеренциите на судската власт.

Според динамиката, Џафери смета дека Договорот со Бугарија ќе биде ратификуван откако ќе се изгласа буџетот за 2018 година.


Џафери: Обврска на партиите е да најдат консензус за нов датум за локалните избори


Скопје, 12 мај, 2017 - 15:34 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифинг со новинари истакна дека политичките партии мораат да најдат заедничко решение и да се договорат за нов датум за одржување на локалните избори, пред тој да свика седница на која ќе се измени Изборниот законик.

Иако претходно Џафери рече дека на првата наредна седница ќе се формира владата, тој сега додаде дека треба паралелно да се работи на наоѓање решение за локалните избори. Според Џафери, доколку има политички консензус, целата процедура може да се заврши за еден ден.

– Јас, како претседател на Собранието, не можам самоиницијативно да ги распишам локалните избори. Комуницирав со лидерите на партиите, со Зоран Заев, Али Ахмети и со претставник на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не успеав директно со лидерот Никола Груевски, и ги запознав со процедурите. Сега, обврска на политичките партии е да најдат консензус и откако ќе се договараат, да го известат Собранието за да може да почнат процедурите. Датумот за избори треба да го договорат партиите и да внимаваат на рокот зашто од распишувањето на изборите до нивното одржување треба да поминат 70 дена. Прашањето се решава со сеопфатен договор, но тоа не значи дека ако една партија не се согласи, треба да се блокира целиот процес. Изборниот законик не може да се измени ако не се усогласи датумот. Партиите нека не се впуштат во условување на една власт кон друга затоа што ако тоа се случи, ќе има целосна блокада на локалната самоуправа – рече Џафери.

Според новоизбраниот претседател на Собранието, треба да се формира анкетна комисија за расчистување на настаните на 27 април, но, како што истакна, тоа не е негова надлежност туку на пратеничките групи.

– Јас сметам дека тоа би требало да се направи затоа што покрај материјалната штета што е направена на Собранието, направена е и политичка штета. Неминовно е дека треба да се почне процедура за политичка одговорност на вмешаните пратеници за да се спречи во иднина некој друг да се скрие во костумот на пратеник и да направи слично дело – нагласи Џафери.

За седницата на која треба да се гласа новата влада, Џафери рече дека роковите течат откако ќе се добие мандатот. Претседатело на Собранието појасни и дека 15 дена по добивањето на мандатот, тој треба да свика седница, која, пак, треба да заврши во рок од 48 часа.

– На 19 мај истекува рокот на Иванов и не можам ништо да преземам додека не истече тој рок. Јас не го молам Иванов туку чекам да поминат законските рокови. Но, формално-правно, нема пречка да се избере влада без да се додели мандатот – вели Џафери.

Новоизбраниот претседал на Собранието додаде дека в понеделник ќе свика координација на претставниците на политичките партии во Собранието и дека потоа ќе се одлучи кога ќе се продолжи конститутивната седница и по кој тек таа ќе се одвива.

Ова беше прва официјална средба на претседателот на Собранието со новинарите, а присуствуваа голем број претставници на медиумите. Претходно, во Собранието, Џафери се сретна со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во земјава.


Коѕиас и Попоски на Малта разговарале за ситуацијата во Македонија


Валета, 29 април, 2017 - 12:16 (META) 

Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, вчера во Валета се сретнал со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас. Грчкото Министерство за надворешни работи информира дека двајцата министри оствариле средба на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, кој се одржи вчера на Малта, само еден ден по насилните инциденти во македонското собрание.

„За време на состанокот, двајцата министри за надворешни работи разговараа за европски и за регионални прашања и имаше заемен брифинг за скорешните случувања во двете држави“, се вели во соопштението на грчкото МНР.

Коѕиас во изјави за грчки новинари посочи дека на состанокот забележал дека инцидентите се рефлексија на недостигот од култура за компромиси.

„Федерика Могерини ја нагласи сериозноста на ситуацијата, а јас имав коментар во кој посочив дека се потврдува тоа што го кажав пред две и пол години, односно дека треба да се има култура на компромис и консензус за да се решат внатрешните проблеми на оваа држава“, изјави Коѕиас.

Грчкото МНР по инцидентите во македонското собрание, во кое беа насилно нападнати пратеници на СДСМ, Алијанса на Албанците, новинари и граѓани, изрази жалење и подготвеност да помогне за во Македонија да се смири ситуацијата.


Врховниот суд и утре ќе расправа дали „бомбите“ може да се користат како доказ


Скопје, 26 април, 2017 - 15:26 (META) 

Врховниот суд на Република Македонија на денешната седница не донесе одлука дали прислушуваните разговори може да се користат како доказ во судска постапка и со расправа ќе продолжи утре во 9.30 часот.

По двочасовната денешна седница, оттаму соопштија дека расправата по двете точки сè уште не е завршена и најавија нејзино продолжување утре, по што претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, ќе одржи брифинг со новинарите.

Врховните судии треба да одлучуваат по двата реферати што ги поднесе претседателот на судот, Јово Вангеловски, од кои едниот е дали прислушуваните разговори можат да се користат во судска постапка како докази или, пак, тие претставуваат само индиции. Другиот е околу поднесувањето барања за заштита на законитоста до судот, односно дали Специјалното јавно обвинителство има право да поднесува вакви барања или, пак, тоа право го има само Јавното обвинителство на Марко Зврлевски.

Инаку, утрешното ќе биде трето продолжение на седницата за овие две точки.


Вангеловски најавува дека на новата влада ќе ѝ поднесе пакет барања за реформи во судството


Скопје, 24 март, 2017 - 17:42 (META) 

Врховниот суд до новата влада ќе поднесе пакет барања за измени на дел од законите што се однесуваат на судството, рекол денеска новиот претседател на највисокиот суд во земјава, Јово Вангеловски, на брифинг со новинарите, пренесува „Телма“.

Како што најавил Вангеловски, ќе бидат иницирани измени на Законот за судовите, Законот за одмерување на казните, Законот за судски совет, за парична постапка, како и на Законот за советот за утврдување на факти.

Тој навел дека се незадоволни од досегашната примена на законите и дека ваквите барања за измени произлегуваат од забелешките и од препораките од Извештајот на Прибе во делот на реформите во судството.

Новиот претседател на Врховниот суд треба да се сретне и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, со која ќе дискутира за отворените прашања, проблемите на СЈО и за понатамошната соработка на Специјалното јаво обвинителство со судовите.

Сепак, Вангеловски на брифингот истакнал дека не поддржува формирање на специјално судско одделение кое би постапувало по предметите на СЈО, бидејќи тоа не било технички изводливо, односно немало доволно судии.

Новиот распоред на работа на судиите во Врховниот суд, Вангеловски рекол дека го подготвил според желбите на судиите во судот и дека токму поради ова не очекува приговори.

Тој рекол дека распоредот на Врховниот суд бил полесен за правење од распоредот во Основниот суд Скопје 1.

Јово Вангеловски беше избран од Судскиот совет за нов претседател на Врховниот на 13 март оваа година.


„Трезор“ го разбуди Зврлевски: Обвинителството денеска ќе брифира за Коста Крпач


Скопје, 29 септември, 2016 - 11:00 (META) 

Денеска, во 12 часот, Основното јавно обвинителство на Марко Зврлевски ќе одржи „тематски брифинг“ со новинарите, на кој ќе се зборува за случајот со Коста Крпач.

Вчера СЈО ја обелодени истрагата за злоупотреба на средствата од државниот буџет преку фирмата „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, чиј сопственик во еден период бил Коста Крпач. Тој подоцна се јавува и како сведок на ова обвинителство. СЈО сомничи четири лица дека преку оваа фирма злоупотребувале државни пари под параванот на набавка на опрема за потребите на УБК.

Коста Крпач на 27 април годинава беше пронајден мртов во неговиот стан во населбата Капиштец.

Првите индиции, според МВР, беа дека се работи за самоубиство. Сепак, и по пет месеци од настанот, Јавното обвинителство, кое го води овој случај, сè уште ја нема завршено истрагата.

Крпач беше и едно од лицата помилувани од претседателот Ѓорге Иванов.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) двапати издаваше наредба за обдукција на Крпач.

Последен пат ова обвинителство за случајот на Крпач се јави на 27 јули, со соопштение во кое тврдеа дека во текот на предистражната постапка во предметот за починатото лице било утврдено дека станува збор за самоубиство.


САД особено ја ценат врската со Турција


Вашингтон, 18 јули, 2016 - 20:11 (META) 

САД особено ја ценат врската со својот НАТО-сојузник, Турција и ги повикуваат сите страни да покажат воздржаност и да постапуваат во рамките на владеење на правото, по неуспешниот обид од државен удар во таа земја, соопшти Белата куќа.

– САД силно ја поддржуваат демократски избраната влада на Турција и демократските институции на таа земја – изјави портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, на брифингот за новинари, а пренесуваат светските медиуми.