Новиот трговски центар на местото на Скопски саем ќе биде готов до крајот на 2020 година


Скопје, 7 декември, 2018 - 13:33 (META) 

Градежните работи во рамките на мултифункционалниот комплекс „Ист гејт“, кој ќе се гради на поранешниот Скопски саем, ќе започнат на пролет следната година со изградба на трговскиот центар и четири станбени згради, кои се во план да се завршат до крајот на 2020.

Процесите на изградба ќе бидат поделени во пет фази и ќе се одвиваат во период од пет до седум години.

Инвестицијата изнесува 350 милиони евра и ќе се реализира на вкупна површина од 500.000 метри квадратни со три засебни целини: трговски центар со вкупна површина за изнајмување од 53.000 метри квадратни со 250 продавници; резиденцијален комплекс од 10 згради со 1.600 станови и пет бизнис центри со 66.000 нето површина за издавање со што ќе претставува најголема проектна инвестиција во Македонија досега.

Мултифункционалниот комплекс кој на едно место комбинира шопинг, забава, социјализација, домување, работа и бизнис, е прв од ваков тип во регионот.

Проектот ќе донесе повеќе од 2.000 нови работни места и се очекува да даде огромен придонес за економскиот развој на Скопје.  Им се дава предност на македонски градежни компании, но нема да бидат изоставени и странските компании за експертизата за која што се потребни.

Овој комплекс ќе го унапреди Скопје во насока на модерен град и ќе ја зголеми вредноста на Општината Гази Баба со содржина, инфраструктура, уредени паркови и зголемена фрекфенција на посетители.

Проектот ќе ги задржи домашните купувачи во Македонија и ќе привлече нови гости и туристи од соседните региони. Бизнис паркот, кој е предвиден во рамките на проектот треба да даде нова бизнис димензија и решение за преоптовареното централно подрачје и ќе привлече странски и домашни инвеститори кои сакаат да ги консолидираат своите бизнис активности на едно место.


Повик до 4.000 грчки фирми да побрзаат да го заштитат зборот „Македонија“ во имињата и брендовите


Солун, 19 јули, 2018 - 12:57 (META) 

Федерацијата на индустриите на Северна Грција (СББЕ) нуди бесплатна помош на грчките фирми да го заштитат името „Македонија“ во своите имиња или во своите трговски марки, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Според Атанасиос Савакис, претседател на СББЕ, ова тело ќе понуди бесплатна помош на околу 4.000 грчки фирми да го заштитат зборот на меѓународните пазари. Тој ја дава понудата загрижен дека фирмите би можеле да влезат во проблеми поради Договорот со Македонија и повика грчките фирми да реагираат бргу.

Заштитата на името „Македонија“ би се правело преку Бирото за интелектуална сопственост на ЕУ (ЕУИПО) во Аликанте, Шпанија, за подрачјето на ЕУ, како и преку канцеларијата на Светската организација за интелектуална сопственост (ВИПО) во Женева, Швајцарија.

Заштитата за територијата на ЕУ би чинела 2.000 евра по име, а заштитата на светско ниво 8.000 евра по име.

Савакис со загриженост констатира дека грчките фирми покажале значителна незаинтересираност за проблемот, посочувајќи дека канцеларијата во Женева не примила грчки барања, додека, како што се вели во текстот, две барања се поднесени од „компании од ПЈРМ“.

Само 24 грчки фирми досега го заштитиле името „Македонија“ за територијата на ЕУ, преку Бирото во Аликанте.


Македонски компании се претставуваат на саем во Истанбул


Истанбул, 3 јуни, 2016 - 14:11 (META) 

Бизнис-делегација од 35 компании, членки на Стопанската комора на Северо-западна Македонија, престојува во Истанбул каде што делегатите ги претставуваат своите бизниси во рамките на третиот Саем за кинески производи (China Homelife), кој е посветен на компании заинтересирани за проширување на својот бизнис во други земји.

На овој саем се претставуваат повеќе од 700 изложувачи и 25.000 ексклузивни брендови со висок квалитет од Кина.

Секоја година саемот го посетуваат повеќе од 15.000 посетители од Турција и од регионот, а со тоа се создаваат можности за соработка со компании од Кина (увоз, извоз, дистрибутери итн).

За време на саемот претставниците на македонските компании ќе се сретнат со претставници на компаниите од Кина кои изразиле интерес за соработка.