!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Јункер и Меј следната недела во Лондон ќе разговараат за подготовките за Брексит


Брисел, 20 април, 2017 - 20:37 (META) 

Претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер, в среда ќе отпатува за Лондон, на разговори со премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, околу подготовките за преговорите за излегувањето на земјата од Европската Унија (Брексит).

Портпаролката на ЕК, Мина Андреева, денеска соопштила дека заедно со Јункер во Лондон ќе отпатува и главниот преговарач на ЕУ за Брексит, Мишел Барние. Таа додала дека станува збор за посета на покана на британската премиерка.

Јункер вчера изјави дека преговорите за излегување на Британија од ЕУ ќе почнат по предвремените парламентарни избори во Велика Британија, закажани за 8 јуни.

Прашана за коментар на пишувањата во медиумите дека Меј ќе ја укине слободата на движење на граѓаните на ЕУ во Велика Британија пред изборите, Андреева го повторила ставот на Брисел дека човековите права мора да се почитуваат и дека никој не треба да ги користи како адут во преговорите.

„Сакаме повторно да ги увериме граѓаните на ЕУ што живеат во Велика Британија, како и британските државјани во ЕУ, дека нивните права и понатаму ќе се почитуваат без дискриминација, како и тоа дека ова ќе биде многу важно прашање во преговорите, кога тие ќе почнат“, истакнала портпаролката на ЕК, пренесуваат агенциите.


Британскиот парламент го поддржа предлогот на Меј за предвремени парламентарни избори


Лондон, 19 април, 2017 - 20:05 (META) 

Со 522 гласови „за“ и со 13 „против“, пратениците во Долниот дом на Парламентот го поддржаа предлогот на премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј, да се одржат предвремени парламентарни избори на 8 јуни.

Меј вчера повика на одржување на предвремени парламентарни избори за да се обезбеди стабилност во текот на преговорите за Брексит.

Изборите ќе се одржат речиси една година по референдумот за истапување на Британија од ЕУ.


Фараж ја обвини ЕУ дека се однесува мафијашки и дека ја држи Британија како заложник


Брисел, 5 април, 2017 - 14:34 (META) 

Поранешниот лидер на Независната партија на Обединетото Кралство (УКИП), Најџел Фараж, ја обвини Европската Унија дека ја третира Британија како свој заложник и оти се однесува како мафија поради барањата што ѝ ги поставува на земјата во процесот на преговарање за излегување од блокот.

– Се однесувате како мафија. Мислите дека сме заложници. Не сме. Ние сме слободни да заминеме – рече Фараж додека пратениците во Европскиот парламент се подготвуваа да гласат за „црвените линии“ кои не сакаат да ги преминат во преговорите околу Брексит, што предизвика потсмев и негодување меѓу другите пратеници.

Неговиот говор го прекина претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тијани, оценувајќи дека е „неприфатливо“ Фараж да го споредува парламентот со мафија.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, претходно предложи Британија да ја „плати сметката за разводот“ од ЕУ во износ од 50 милијарди фунти.


Граѓаните на ЕУ и во следните пет години ќе можат слободно да влегуваат во Британија


Лондон, 5 април, 2017 - 10:52 (META) 

Слободното влегување на државјаните на ЕУ во Велика Британија ќе биде на сила уште најмалку пет години, соопшти британската премиерка Тереза Меј.

Премиерката на Велика Британија изјави дека Британците мора да ги стават под контрола своите граници, но дека тоа не значи забрана за слободен влез на граѓаните на ЕУ.

На Велика Британија ќе ѝ требаат најмалку три години за целосно да се отцепи од ЕУ.

На прашањето дали слободата на движење на државјаните на ЕУ ќе престане откако Велика Британија ќе ја напушти Унијата во 2019 година, Меј рече дека на компаниите и на граѓаните треба да им се даде време да се навикнат на новонастанатата ситуација по Брексит и дека во согласност со тоа ќе се воведе и одреден имплементациски период.


Туск денеска ќе ги објави насоките на преговорите за Брексит


Брисел, 31 март, 2017 - 11:06 (META) 

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ќе ги објави нацрт-насоките за тоа како ЕУ планира да преговара за излегувањето на Британија од европскиот блок.

Предлозите, кои ќе го одредат тонот на двегодишните преговори, ќе бидат испратени до сите членки на ЕУ.

Лидерите на ЕУ велат дека Британија мора прво да ги договори условите за излегување, а потоа да премине на врските во иднина. Лондон во таа смисла бара стимулативни преговори.

Се очекува Туск, кој во моментов е на Малта денеска да ги испрати насоките до другите членки на ЕУ.

Европскиот совет планираше насоките да ги објави на својата интернет-страница, но според сознанијата на „Би-би-си“, две членки на ЕУ се спротивставиле.


Заврши ерата на исплаќање огромни суми на Брисел, порача Дејвис


Лондон, 30 март, 2017 - 11:07 (META) 

Британскиот министер за Брексит, Дејвид Дејвис, изјави дека не очекува дека Велика Британија ќе ѝ плати 50 милијарди фунти на Европската Унија како дел од излезниот процес. Тој додаде дека ерата на исплати на огромни суми на Брисел е завршена.

Дејвис наведе дека Британија ќе ги исполни сите обврски затоа што е земја која ги почитува законите.

– Немаме добиено никакво барање од Европската комисија. Но, нашето гледиште е едноставно, ќе ги исполниме нашите обврски, ние сме земја која го почитува законот – рече Дејвис за ИТВ.

Тој наведе дека Британија ќе ги исполни своите обврски, но дека не очекува толкав паричен износ бидејќи времето кога Британците ѝ исплаќале на ЕУ големи суми е завршено.

Британските медиуми претходните денови сугерираа дека излегувањето од ЕУ ќе ја чини Британија меѓу 50 милијарди и 60 милијарди фунти.


Меркел: Најпрво фокус на условите за Брексит, а потоа за односите помеѓу Лондон и Брисел


Берлин, 29 март, 2017 - 19:10 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел смета дека Европската Унија ќе изгуби силен и важен играч, откако денеска британската премиерка Тереза Меј и официјално го прогласи излегувањето на Велика Британија од Европската Унија во согласност со членот 50 од Лисабонскиот договор.

– Германија ќе вложи напори за време на преговорите за Брексит, да се гарантира дека излезот на Велика Британија од ЕУ ќе има што е можно помал ефект врз секојдневието на граѓаните од Унијата, кои живеат во Велика Британија – изјави Меркел.

Германската канцеларка истакна дека преговорите за разделба помеѓу Лондон и Брисел треба да се фокусираат прво врз условите за напуштање, а дури потоа да се разговара за идните односи.

Таа изрази надеж дека Велика Британија и ЕУ ќе останат блиски партнери.


Mej: Брексит е историски момент, нема враќање


Лондон, 29 март, 2017 - 15:56 (META) 

Британската премиерка Тереза Меј денеска и официјално го прогласи излегувањето на Велика Британија од Европската Унија во согласност со членот 50 од Лисабонскиот договор.

– Во согласност со желбата на народот, Велика Британија ја напушта Европската Унија. Ова е историски момент и повеќе нема враќање – изјавила Тереза Меј во обраќањето во британскиот парламент.

Откако соопштила дека и официјално почнал Брекист, изјавила дела се залага за „нова, подобра и подлабока врска со ЕУ“. Таа, исто така, истакнала дека напуштањето на Унијата, на Британија ќе ѝ отвори други можности.

Меј ги повикала Британците да останат единствени за да се осигури најдобар договор за нивната земја. Велика Британија, како што додала,  ќе остане посветен партнер на Европа и нејзин сојузник.

Меј укажала на тоа дека Велика Британија ќе преговара со ЕУ како единствена целина, но и дека ќе се земат предвид ставовите на сите делови на Обединетото Кралство.


Британската премиерка го потпиша писмото со кое ќе почне Брексит


Лондон, 29 март, 2017 - 9:54 (META) 

Британската премиерка Тереза Меј денеска го потпиша писмото што ќе го предаде во Брисел и со кое Велика Британија и официјално ќе ги почне преговорите за Брексит, покажува сликата објавена од нејзината канцеларија.

На сликата, која ја објави Даунинг стрит, Меј го потпишува писмото со кое се активира член 50 од Лисабонскиот договор и кое утре попладне ќе му биде предадено на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Со активирањето на овој член почнуваат двогодишните преговори за одвојување на Британија од Европската Унија.

Од канцеларијата на премиерката наведуваат дека таа денеска во обраќањето во Долниот дом на парламентот ќе побара „вистински договор за секое поединечно лице во земјата“, вклучувајќи ги и државјаните на ЕУ.

Исто така, се наведува дек Меј ќе ги повика Британците да се обединат сега кога земјата тргнува на „значајно патување“.

Британците минатиот јуни со мнозинство гласови на референдум одлучија да излезат од Европската Унија.


Тереза Меј утре и официјално ќе прогласи Брексит


Лондон, 28 март, 2017 - 20:37 (META) 

Британската премиерка Тереза Меј утре и официјално ќе го прогласи излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, во согласност со членот 50 од Лисабонскиот договор. По официјалната најава на почетокот на Брексит, почнуваат преговорите меѓу Велика Британија и 27 земји членки на ЕУ.

Главното прашање е колку Британците ќе мора да платат за разводот, а веќе се споменува сума од 60 милијарди евра, која Брисел ја бара за да се израмни сметката со Лондон. Велика Британија во моментов, по Германија е втор најголем донатор на ЕУ. Брисел или земјите членки поединечно би можеле да го тужат Лондон доколку не ги намири сметките за излез од ЕУ.

Велика Британија секоја недела на Брисел му исплаќа по 350 милиони фунти. Оваа сума најмногу ја критикуваа заговорниците на Брексит за време на кампањата за референдумот за излегување од ЕУ. Сепак, тие во својата кампања не ги споменуваа попустите кои Британците ги имаат, ниту пак колку земјата добива од бриселската благајна.

Одлуката на гласачите да го поддржат Брексит, според Меј, е јасен показател дека Британците не сакаат да плаќаат енормни суми за ЕУ.