Меј го преживеа гласањето недоверба во парламентот


Лондон, 17 јануари, 2019 - 10:06 (META) 

Британската премиерка Тереза Меј синоќа доби доверба за продолжување на мандатот од пратениците  во британскиот парламент, еден ден откако нејзиниот договор за Брегзит претрпи тежок пораз.

Владата на Меј доби 325 гласови, наспроти 306 кои беа против.

По овој крупен чекор, Меј ќе разговара со сите парламентарни партии во обид да се изнајде решение за проблемот.

Излегувањето на Велика Британија од ЕУ, односно Брексит, треба да се случи на 29 мај, а со оглед дека договорот за регулирање на меѓусебните обврски што Меј го постигна со ЕУ не беше прифатен во парламентот, излегувањето би било „брутално раскинување“ и Велика Британија ќе се третира како секоја друга земја надвор од ЕУ. Тоа го потврдија високи претставници на Европската Унија, кои вчера порачаа дека нема да се прифати друг договор освен оној што беше постигнат со Меј.


По пропаѓањето на договорот со ЕУ за Брексит, денеска се гласа доверба на владата на Меј


Лондон, 16 јануари, 2019 - 10:47 (META) 

Владата на британската премиерка Тереза Меј денеска се соочува со гласање доверба во Парламентот по синоќешниот пораз на нејзиниот предлог за Брексит, односно договорот со ЕУ за регулирање на меѓусебните однос по излегувањето на Велика Британија од европската заедница.

Долниот дом на британскиот Парламент синоќа со 432 гласа „против“ и 202 „за“, го отфрли Договорот за истапувањето на Велика Британија од ЕУ, што минатата година во ноември го постигнаа Владата на Меј и Брисел.

По одбивањето на договорот, лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин ги повика пратениците да ја урнат владата на Меј. Сепак, според аналитичари, се очекува владата на Меј да добие доверба, откако Унионистите од Северна Ирска и одметничкото крило од конзервативците се изјаснија дека ќе ја поддржат.

Меј по гласањето синоќа, изјави дека го слушнала мислењето на Парламентот, но дека е битно да се слуша и волјата на британскиот народ, што зборува дека таа веројатно ќе го почека гласање доверба пред да соопшти ново решение, односно План Б.


Фараж се „заканува“ со нова кампања за Брексит


Лондон, 5 ноември, 2016 - 11:39 (META) 

Доколку Британија не излезе од ЕУ до 2019 годин, ќе почнам нова кампања за напуштање на Европската Унија, изјави привремениот лидер на антиевропската и антимигрантска Партија на независноста на Обединетото кралство (УКИП), Најџел Фараж.

Во своето обраќање по одлуката на лондонскиот виш суд, според која владата нема овластување да го почне двегодишниот процес за напуштање на ЕУ без согласност и гласање на британскиот парламент, Фараж предупреди дека земјата се соочува со „јавен гнев“.

Тој вели дека сопирањето на Брексит и блокирањето на процесот за напуштање на ЕУ, ќе предизвика „незапаметен гнев и отпор“ во британската јавност.

– Тие кои го сопираат процесот и политичарите што ги поддржуваат немаат поим колкав гнев ќе се предизвика доколку се провоцира одложување на Брексит или доколку не се испочитува референдумот – предупреди Фараж.

Тој и неговата партија ја иницираа кампањата за напуштање на ЕУ, низ антиевропските говори и обвинувајќи ги државјаните од Унијата, а пред сè оние од Источна Европа, за сите проблеми во британското општество.

Целата негова кампања беше исполнета со говор на омразата, од која мораа да се дистанцираат и десничарите во владејачката Конзервативна партија, но која беше осудена во делови од домашната и од европската јавност.

Фараж, кој е европратеник, но не може да добие поддршка за да биде избран за пратеник во парламентот во Лондон, се повлече од УКИП по референдумот од 23 јуни.

Одлуката ја објасни со тоа дека ја извршил својата мисија и помогнал Британија да излезе од ЕУ, но сега одново раководи со УКИП, како привремен лидер, додека партијата која се соочува со длабока внатрешна криза, не избере нов човек на челната позиција.

Избраната наследничка на Фараж, Дијана Џејмс, поднесе оставка само 18 денови по својот избор, додека нејзиниот потенцијален наследник на лидерската функција заврши во болница, откако беше натепан од свој партиски колега, во зградата на Европскиот парламент во Стразбур.

Раководството на партијата, во свое соопштение го обвини вишиот суд дека со пресудата ја „поткопува демократијата“.


Иванов за Брексит: Страв ни е ЕУ да не тргне по патот на Југославија


Скопје, 24 јуни, 2016 - 16:28 (META) 

Со загриженост ја примивме пораката за тоа што денеска се случи во Велика Британија, пред сè, бидејќи сите наши стратешки определби се насочени кон Европската Унија, изјави претседателот на државата, Ѓорге Иванов, при денешната посета на Министерството за внатрешни работа.

Иванов рече дека Европа сега се наоѓа во една нова ситуација за која нема никакво претходно искуство и дека Македонија одблиску ќе ги следи понатамошните случувања, со надеж дека ќе проработи лидерството и ќе се носат одговорни одлуки.

– Ние и претходно укажувавме дека начинот на кој се носат одлуките во Европа не соодветствува со времето во кое живееме. Европската Унија не беше навикната и подготвена да носи две одлуки во исто време, туку фокусот секогаш беше на еден проблем. Тоа сите нас нè вознемирува бидејќи сите наши граѓани очекуваат и сакаат еден ден да бидат дел од тоа големо европско семејство – рече Иванов.

Претседателот додаде дека во услови на криза, земјите стануваат себични, се појавуваат радикални десничарски групи кои за проблемите ги обвинуваат мигрантите и муслиманите, се јавува исламофобија кон луѓето што поради мака од војни бегаат од своите домови.

– Ние, постарите, ја доживеавме трагедијата на поранешна Југославија, каде исто така имаше систем на колективно одлучување. Каде е сега таа држава? Нè загрижува можноста Европската Унија да тргне по истиот пат – рече Иванов.


Поскапува нафтата поради референдумот во Велика Британија


Виена, 23 јуни, 2016 - 12:04 (META) 

Цената на нафтата во Азија се зголеми само неколку часа пред почетокот на референдумот во Велика Британија на кој граѓаните на таа земја треба да одлучат дали државата ќе остане членка на Европската Унија.

Како и финансиските пазари, така и трговците со нафта се сосредоточени на референдумот, бидејќи аналитичарите предупредуваат дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ би можело да ја турне земјата во рецесија, при што ефектите ќе се прелијат и на глобално ниво.

Цените на нафтата закрепнаа од падот на минималното ниво под 30 долари за еден барел во февруари, но и понатаму се далеку во однос на рекордно високото ниво од преку 100 долари за еден барел во средината на 2014 година.