!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пет лице исчезнаа во бродолом во Бразил


Рио де Жанеиро, 10 ноември, 2017 - 10:34 (META) 

Пет лица исчезнаа откако рибарски брод со 23-член екипаж потона кај брегот на Рио де Жанеиро соопштија бразилските власти.

Бразилската морнарица наведе дека друг рибарски брод кој пловел во близина, од водата извлекол 18 лица.

Бродот потонал ноќта меѓу среда и четврток, во близина на градот Ангра дос Реис.

Во потрагата за петте исчезнати се вклучени петролни бродови на морнарицата и авиони на воздухопловните сили.

Засега не се знае причината за несреќата.


Светска премиера на „Бикини Мун“ на Манчевски на фестивалот во Сао Пауло


Сао Пауло, 22 октомври, 2017 - 20:16 (META) 

Петтиот игран филм на Милчо Манчевски, „Бикини Мун“, вчера ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил.

Филмот го претстави директорката на фестивалот, Рената де Алмеида, и ќе има вкупно пет проекции во програмата за специјални презентации. Манчевски пред премиерата учествуваше на дебата на тема „Моралноста и документарниот филм“, а по проекциите имаше разговор со бразилската публика.

– Многу ме израдува бразилската публика: ангажирана, фокусирана, активна, подготвена за учена дискусија, за прашања, за опсервации и за пофалби. Разговорот навистина беше одличен, длабок. „Бикини Мун“ е филм кој бара многу од публиката, не е филм кој се гледа со едно око и публиката во Сао Пауло потврди зошто одлучивме баш тука да ја имаме светската премиера. За филмот допрва почнува животот, ама за мене заврши ова поглавје на најубав начин – изјави режисерот Милчо Манчевски.

Манчевски е популарен во Бразил уште од својот прв филм „Пред дождот“, кој освои награда токму во Сао Пауло и беше филм на годината во оваа и во други земји во Латинска Америка. Во Сао Пауло јужноамериканска премиера имале и сите филмови на Манчевски, а на универзитетите во Бразил и во Латинска Америка неговите филмови се дел од образовната програма.

Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена – маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.

Манчевски вели дека „Бикини Мун“, кој има формат на лажен документарец, зборува за експлоатација на единката од страна на медиумите.

Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната глумица Фелиша Рашад, која се прослави со серијата „Козби шоу“.

Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Директор на фотографија е Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски кој соработува со него на сите негови филмови.

„Бикини Мун“ е снимен во Њујорк и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учествува Македонија.


Потона патнички брод во Бразил


Бразилија, 24 август, 2017 - 19:22 (META) 

Најмалку 22 лица загинаа, а десетина се исчезнати откако патнички брод потона во залив североисточно од бразилскиот град Сан Салавадор.

Бродот со повеќе од 100 патници потона во Заливот на светците.
Спасувачките екипи и правните бродови кои биле во близина спасиле 21 патник.

Брод со 70 патници во средата потона во реката Шингу на северот на Бразил и во таа несреќа загинаа 19 патници.


Претседателот на Бразил осомничен за примање мито


Бразилија, 21 јуни, 2017 - 13:25 (META) 

Федералната полиција на Бразил вчера соопшти дека нејзините инспектори дошле до докази дека претседателот на земјата, Михел Темер, примал мито за да помага на бизниси, што отвора нова можност да биде симнат од функцијата. Тоа ќе биде третиот по ред бразилски претседател вмешан во финансиски скандал.

Истрага против Темер е почната по сведочење на богатиот месарски магнат, Жоесли Батиста, кој постигнал спогодба со истрагата, што ги поврзува претседателот и негов советник со земање мито, а Темер и со давање поткуп на поранешниот претседател на конгресот, Едуардо Кунха, за да премолчи некои работи. Кунха е сега в затвор.

Бразилскиот претседател негираше дека сторил какви било престапи и нагласи дека нема да си даде оставка.

Доколку главниот обвинител на Бразил ги прифати препораките од бразилската федерална полиција, конгресот ќе треба да одлучи дали Темер треба да падне под истрага на Врховниот суд, кој е единственото тело што може да врши истраги за претседателот.


Демонстрантите во Бразил со лакови и со стрели ја нападнаа полицијата


Бразилија, 26 април, 2017 - 11:49 (META) 

Околу илјада членови на бразилско домородно племе се судриле со полицијата за време на протестот за поголеми права кој се организираше пред Конгресот.

Некои од домородците биле вооружени со лакови и со стрели, додека полицијата ги гаѓала демонстрантите со солзавец.

Група демонстранти носеле погребни ковчези, кои ги претставувале автохтоните покојници кои ја преземаат својата древна земја во Бразил, додека некои се обиделе да упаднат во Конгресот.

Протестите доаѓаат во време на таканаречената „Домородна недела“, во која низ активности во престолнината се нагласуваат проблемите со кои домородците се соочуваат во коегзистенцијата со сè поголемата земјоделска индустрија, обидувајќи се да ги заржат правата на своите поседи.


Еден загинат во силно невреме на југот на Бразил


Бразилија, 13 март, 2017 - 10:54 (META) 

Во невреме што го погоди јужниот дел на Бразил, загина едно лица, а повеќе десетици се повредени.

На снимките што ги пренесоа локалните медиуми, прикажани се потопени улици во градот Порто Алегре, главен град на бразилската држава Рио Гранде до Сул, а на веб-страницата на локалните власти е објавена фотографија од куќа која е урната од невремето.

Властите соопштија дека еден од најтешко погодените градови е Сао Франциско де Паула, каде загина едно лица, а многу жители се принудени да ги напуштат своите домови.


Дванаесет повредени на карневалот во Рио де Жанеиро


Рио де Жанеиро, 27 февруари, 2017 - 10:16 (META) 

За време на парадата на познатиот карневал во Рио де Жанеиро, една од платформите удрила во заштитната ограда, при што се повредени најмалку 12 лица, од кои најмалку едно потешко, соопшти полицијата.

Последната платформа на школата за самба „Параисо до Туиути“ се движела по улицата кога удрила во ограда што ја одвојувала трибината од тротоарот, при што се повредени гледачи, учесници на парадата и новинари.

Полицијата поведе истрага непосредно по минувањето на другите платформи низ таканаречениот „Самбадром“.

– Последната платформа тргнала наназад и од една страна ги притисна учесниците на парадата на оградата, што предизвика хаос. Управувачите со платформата направиле и дополнителен маневар и тогаш се повредени уште лица – соопшти претставник на полицијата.


Бразилската полиција штрајкува, а бандите беснеат по улиците


Бразилија, 8 февруари, 2017 - 10:07 (META) 

Полицијата во 30 градови во Бразил штрајкува и одбива да го спроведува законот и да ги штити граѓаните, а последиците од безвластието се застрашувачки, пишуваат светските медиуми.
Како што јавува „Дејли мејл“, за три дена од почетокот на полицискиот штрајк, бројот на убиства се зголемил за неверојатни 650 проценти.

Најмалку 52 лица се убиени, а бандите беснеат по улиците, вооружени со мачети и со огнено оружје, ограбувајќи продавници, палејќи возила и оставајќи мртви тела зад себе.

Во крајбрежната сојузна држава Есприто Санто, нередите и злосторствата ги принудиле властите да ги затворат болниците и училиштата.

На барање на локалните власти, сојузните воени трупи почнале да пристигаат во понеделникот и да патролираат по улиците. Испратени се 1.000 војници и 200 припадници на националната гарда, а командант на воената полиција во меѓувреме е сменет.

По избивањето на крвавите немири, сојузните власти се согласија да се сретнат со полициските претставници и да преговараат за поголеми плати, јавува „Естадо Бразил“.


Бразил се бори против епидемија на жолта треска


Бразилија, 26 јануари, 2017 - 10:01 (META) 

Бразил се соочува со можност за избивање епидемија на жолта траска, која само во последните два месеци усмрти 40 лица, соопштија претставници на земјата.

Министерството за здравство на земјата наведува дека тоа е најголем број на жртви на жолта треска во последните 14 години.

Иако постои вакцина против жолта треска, во државата Есприто Санто забележани се 22 случаи, каде вакцинирањето не е спроведено бидејќи областа се смета за подрачје со мал ризик.

– Во состојба на готовност сме, но нема причина за паника – изјави претставник на министерството.

Жолтата треска ја пренесуваат мајмуни, а на луѓето се пренесува преку каснување од комарец.

Симптоми на болеста се треска, болки и повраќање. Може да биде смртоносна, да предизвика откажување на бубрезите и на црниот дроб, како и крвавење.


Бразил: 14 лица побегнале од затвор


Бразилија, 23 јануари, 2017 - 9:49 (META) 

Четиринаесет затвореници побегнале од затвор во бразилската сојузна држава Гојас, откако нападнале еден од чуварите.

Како што јавуваат локалните медиуми, еден од затворениците нападнал чувар и му го одзел оружјето, а потоа принудил друг чувар да ги отвори вратите. Полицијата сè уште трага по избеганите затвореници.

Месецов во неколку бразилски затвори имаше бунтови, при што загинаа неколку десетици луѓе.