ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Николовски ги клекнаа на коленици производителите на пченица


Скопје, 2 јули, 2018 - 9:46 (META) 

Зоран Заев и Љупчо Николовски го клекнаа земјоделието на колена. Производителите на пченица на своја кожа ја чувствуваат неспособноста на Заев и на криминалниот картел околу него, обвини ВМРО-ДПМНЕ денеска.

„Пазарот е презаситен со српско брашно, а државата нема никаква стратегија како да се справи со овој проблем. На само недела дена пред жетвата на пченицата се уште нема потврда дали домашните мелничари ќе го откупуваат домашното производство или не. Ветувањата што Николовски им ги даде на мелничарите дека проблемите ќе ги реши до 30 јуни и дека ќе ја стабилизира состојбата на жетвата се покажаа како една голема лага“, велат од партијата.


Анѓушев и Љајиќ ќе ја олеснуваат трговијата помеѓу Македонија и Србија


Белград, 12 април, 2018 - 16:19 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев кој денеска е во официјална посета на Србија, одржа состанок со потпретседателот и министер за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Љајиќ.

Вицепремиерите, како што соопштуваат од кабинетот на Анѓушев, се договориле Владите до 30 јуни да ги потпишат и ратификуваат Меморандумот за соработка во областа на безбедност на храна и ветеринарнство и Меморандум за фитосанитарна соработка, со кои, меѓусебно ќе бидат признаени сертификатите на двете земји.

„На тој начин ќе престане потребата за двојно земање на примероци и анализа на прехранбените производи, што во голема мера ќе ги намали дополнителните и непотребните трошоци со кои се соочуваат стопанствениците од двете земји. Анѓушев и Љајиќ се согласија, дека до тогаш, двете влади ќе ги превземат сите неопходни мерки се со цел олеснување на трговијата и отстранување на вонцаринските бариери при трговијата на двете земји“, се вели во соопштението од кабинетот на вицепремиерот.

Во соопштението се додава дека српските гранични служби, се обврзуваат да ги отстранат бариерите во трговијата на ориз, сувомеснати и млечни производи од Македонија во Србија, што беше и главното барање на македонските компании кои извезуваат во Србија.

„Во исто време, од македонска страна е договорено, како привремено решение да се работи на враќање на стариот Правилник за контролните маркици за брашно, кој важеше до 7 февруари оваа година. Но, во тој случај, при увозот на брашно треба да се овозможат услови за непречен инспекциски увид на увозното брашно од страна на инспекторите на македонската Агенција за храна и ветеринарство на граничниот премин, со што ќе се контролира дали маркиците се соодветно залепени на брашното и дали брашното има соодветна декларација“, се додава во соопштението.


Пратениците во Тирана фрлаа јајца и брашно по Еди Рама


Тирана, 12 април, 2018 - 14:33 (META) 

Албанскиот премиер Еди Рама за време на денешната седница на парламентот беше гаѓан со брашно и јајца поради апсењата на лицата кои протестираа против воведувањето патарини на автопатот меѓу Косово и Албанија.

Седницата во неколку наврати беше прекината. По инцидентот беше принудено да реагира и обезбедувањето, кое отстрани од салата неколку пратеници од редовите на опозицијата, јавија албанските медиуми.


Надминат проблемот со увозот на брашното од Србија, Љајиќ и Николовски постигнаа договор


Скопје, 7 март, 2018 - 14:46 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и српскиот  министер за трговија, Расим Љајиќ кој денеска беше на работен состанок во Скопје, потпишаа Договор согласно кој, за брашно од 1,2 и 5 килограми маркичките ќе се лепат во Србија, а за пакувања од 25 и 50 килограми маркичките ќе се лепат во Македонија.

На овој начин, Николовски и Љајиќ го надминаа проблемот со увозот на брашно од Србија.

Николовски по работниот состанок изјави дека ова е почеток на долгорочно решавање на сите проблеми помеѓу двете влади во делот на земјоделството и трговијата. Тој додаде двете држави ќе формираат комитет за натамошна соработка и за надминување на сите отворени прашања.

Љајиќ изјави дека за еден месец Србија и Македонија на системски начин ќе го решат овој проблем. Целта на двете земји, како што кажа, е трговската размена од сегашните 760 милиони евра годинава да достигне една милијарда евра, а тоа е можно сако ако се елиминираат пречеките.

– Покажавме политичка подготвеност за отстранување на сите царински бариери –  рече Љајиќ.

Македонскиот Правилник за увоз на брашно ќе биде сменет уште денеска.


Србија ќе воведе контрамерки за увоз на брашно од Македонија


Белград, 6 март, 2018 - 11:51 (META) 

Србија утре ќе воведе контрамерки за увоз на брашното од Македонија, како одговор на Правилникот за увоз на брашно од македонска страна, кој стапи на сила на 8 февруари.

„Не можеме повеќе да чекаме, освен купување на време од нивна страна не видовме никаква подготвеност за решавање на проблемот“, изјавил министерот за трговија на Србија, Расим Љајиќ, кој најверојатно, утре ќе дојде на разговори во Македонија.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пак, претходно информираше дека со измените на Правилникот за увоз на брашно, се менува само распоредот на целата процедура за увоз од странски земји во Македонија. Имено, контролните маркички за квалитет на брашното ќе се ставаат откако целосно ќе заврши контролата за здравствена исправност, безбедност и квалитет и дури тогаш брашното ќе се пушта во промет. До сега, маркичките се ставаа на граница, пред да бидат извршени сите овие проверки.

Од МЗШВ појаснуваат дека со усогласувањето на веќе постојниот Правилник, се гарантира безбедноста и квалитетот на увозното брашно и се гарантира дека брашното ќе се пушта во малопродажба откако ќе добие контролна маркичка.

Според реакциите од српска страна, фитосанитарните прегледи на брашното може да траат со месеци, поради што, српските извозници би изгубиле 200.000 евра.


ССК: Лошата жетва може да влијае на поскапување на брашното и на лебот


Скопје, 14 јуни, 2017 - 15:50 (META) 

Агробизнис-комората при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), предупреди дека пред почетокот на жетвата се очекуваат значително помали приноси, особено во споредба со минатата година, а во одредени региони од земјата нема ниту да има жетва.

Причини за ваквата состоба се лошите временски услови, но и недоволната примена на агротехничките мерки за да може да се спаси родот.

„Очекуваните приноси од пченицата годинава се преполовени во споредба со минатата година. Во вакви услови за стабилизирање на пазарот, препорака е да се изврши интервентен откуп на пченица од страна на Бирото за стокови резерви, пред почетокот на откупот, за да бидат заштитени сите страни и да има стабилност на пазарот. Битно е да се собере секое зрно, бидејќи ако се зголеми откупот, автоматски интересот за сеидба за следната сезона ќе се зголеми, а со тоа и површините со житни култури“, изјави Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис-комората.

Горан Ѓорѓиевски, кој доаѓа од мелничко-пекарската индустрија, вели дека доколку имаме ситуација на зголемување на цената на пченицата, тоа ќе значи зголемување на цената на брашното, а со тоа и на цената на лебот.

„Трба да се напомене дека поради лошата сезона, можно е да потфрли и квалитетот на пченицата. Затоа дел од мелничарите се одлучуваат за увоз на поквалитетна пченица по иста цена со домашната. Минатата година цената на брашното беше 12 денари за еден килограм“, изјави Ѓеорѓиевски.

Според официјалните податоци, минатата година од 80.000 хектари насеани со пченица, родот тежеше 306.000 тони или 60 проценти повеќе во споредба со претходната жетва. Просечениот принос беше 3.800 килограми на хектар.


Мелничарите бараат итно поништување на новата мерка при увоз на пченица


Скопје, 10 август, 2016 - 15:15 (META) 

Мелничарите бараат итно поништување на новата мерка при увоз на пченица, односно зголемување на висината на надоместокот за фитосанитарната анализа при увоз.

Мелничарите истакнуваат дека со ова зголемување на цената кое важи од 2 август, надоместокот ќе изнесува околу 12.600 денари по камион при одобрување влез на увезена пченица во државата и уште толку при царинење, или вкупно 25.200 денари.

Тие велат дека со оваа мерка, цената за фитосанитарната анализа при увоз само на пченица (брашното не е опфатено) е зголемена за 833 проценти, што е спротивно и на правилата на ЦЕФТА и на СТО.

– Претставниците од компаниите членки на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија посочуваат дека во последните две години истата анализа се наплаќа двојно, еднаш при увоз на пченица, и повторно, при царинење на истата. Висината на надоместокот за фитосанитарната анализа досега изнесуваше 1.500 денари по камион при влез на пченица (зависно од товарената тежина) и исто толку при царинење, односно 3.000 денари – велат од Стопанска комора.

Мерката била донесена од страна на Државниот инспекторат за земјоделство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство без претходни консултации со претставници од индустријата.


Цената на пченицата да не биде повисока од осум денари, бараат мелничарите


Скопје, 29 јуни, 2016 - 12:42 (META) 

Цената на годинешната пченица да не биде повисока од осум денари по килограм, бара групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

– Моменталните проблеми со кои се соочуваат компаниите се резултат на договорените цени и на несоодветните решенија во изминатиот период. Единствен критериум, сметаат мелничарите, е пазарната цена, а таа е утврдена на берзата во Нови Сад – беше заклучено на состанокот на Стопанска комора.

Домашните мелничари бараат простор за фер натпревар во однос на квалитетот на произведеното брашно. Затоа, истакнуваат дека разумна цена за домашното лебно жито од годинешната реколта би била најмногу осум денари за килограм, за да се произведе брашно со кое би конкурирале на производителите од соседството.


Напливот на евтино увозно брашно им создава проблеми на мелничарите


Скопје, 10 февруари, 2016 - 16:40 (META) 

Мелничарите бараат итно  да се преземат мерки за да се спречи напливот на евтино увозно брашно, кое се увезува по цена колку што чини домашната пченица што мелничарите ја купуваа во жетва.

Тие предупредуваат дека доколку не им се помогне во најкраток можен рок, голем дел од нив ќе ги затворат своите објекти или нема да можат да откупуваат оваа година. Со тоа директно ќе бидат погодени и домашните производители на жито, а и  голем дел од вработените ќе бидат отпуштени.

Мелничарите бараат да не се пушта увозно брашно во промет сè додека Агенцијата за храна и ветеринарство не даде дозвола врз основа на анализите за квалитет од акредитирана лабораторија. Покрај тоа, тие бараат да бидат субвенционирани со 2,5 денари по килограм откупена пченица.

 


Мелничарите нема да исплаќаат повеќе од девет денари за килограм пченица


Скопје, 13 јули, 2015 - 16:41 (META) 

Мелничарите не се во состојба да исплаќаат повеќе од девет денари по килограм за неквалитетна пченица, која не ги запазува параметрите во согласност со правилникот, наспроти увозот на евтино брашно од соседството со цена од 14 денари по килограм, со кое практично се уништува еден сектор во македонскиот агрокомплекс.

Ова беше заклучено на последниот состанок на членките на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија и производителите на лебно жито.

Цената на пченицата која се презентираше од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од 11 денари за еден килограм се однесува за пченица која ги исполнува сите параметри пропишани со правилникот за квалитет на пченица за производство на брашно за исхрана. Цената од 11 денара значи – 10 денари по килограм откупена пченица без ДДВ и транспорт.

Секоја друга пченица, која ќе биде понудена за продажба, а нема да исполни макар и еден параметар во согласност со правилникот, ќе се откупува по осум, односно по девет денари за еден килограм (без ДДВ и транспорт).