Бранителите од Прилеп бараат нивните семејства да имаат приоритет при вработување


Прилеп, 3 декември, 2018 - 12:21 (META) 

Во чест на 16-годишнината од формирањето на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година од Прилеп, како и во знак на почит кон своите загинати соборци, но и 30-ина бранители коишто поради пост-трауматски шок починаа подоцна, тие посадија зимзелени дрвја во Меморијалниот комплекс во селото Лениште –Прилепско.  Притоа ја искажаа својата загриженост, поради неповолната позиција во која се наоѓаат.

-Социјалните прашања, невработеноста и правото на адекватно здравствено згрижување се прашања коишто нè тиштат. Веруваме дека со оваа влада конечно ќе ги оствариме своите барања – велат дел од членовите на ова Здружение.

Бранителите побараа и нивните деца да имаат приоритет при вработување.

-Кога се објавуваат конкурси за вработување, доколку децата на бранителите ги исполнуваат условите, сметаме дека треба да имаат приоритет пред друтите кандидати. Ова особено во случаи, кога семејствата на бранителите се социјално загрозени – порачуваат бранителите.

Во прилепското здружение на бранители членуваат околу 1.000 луѓе.


Владата ќе бара решение за проблемите на семејствата на загинатите бранители


Скопје, 8 август, 2017 - 17:32 (META) 

Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска со претседателот на здружението „Бранители – херои на Македонија од 2001“, Владо Стојанов, разговараа за досегашната државна помош за семејствата на загинатите бранители и за опциите за продолжување на поддршката.

На средбата, која се одржа на 16-годишнината од загинувањето на македонските бранители на Карпалак, било посочено дека неколку семејства на загинати од редовите на полицијата во 2001 година сè уште не се обесштетени за нематеријална штета, други семејства дека имаат потреба од здравствени услуги предвидени со законот или од еднократна помош за услуги од стручни лица и дефектолози за работа со деца со посебни потреби.

Заев и Спасовски, како што соопштуваат од владината прес-служба, се заложиле за наоѓање решенија за нотираните проблеми во согласност со законските прописи и уредби.


Тарчуловски: Народот сака унитарна држава со единствен јазик – македонскиот


Крива Паланка, 25 февруари, 2017 - 16:36 (META) 

„Има кој мисли на татковината, има Македонци чесни патриоти кои до последна капка крв ќе се борат оваа држава да остане таква каква што е, зашто нашите предци ни ја оставиле во аманет и наша чест и одговорност е да ја браниме таа татковина“, изјави Јохан Тарчуловски од ВМРО-ДПМНЕ на панихидата за сите загинати во конфликтот во 2001 година и од настаните од мај 2015 во Куманово, која се одржа во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка.

Тој додаде дека не станува збор за никаква политика, туку за одбрана на татковината.

– Никој не може да ја погази волјата на народот, а народот сака унитарна држава, со еден и единствен јазик, македонски – рече Тарчуловски.

На панихидата присуствуваше и претседателот Ѓорге Иванов, кој рече дека настанот се одржува пред големиот христијански празник Прочка, кој во духот на христијанството и на нашите предци нè учи да простуваме.

– Тука сме да им оддадеме почит на бранителите, но и на нивните најблиски, зашто тагата треба да се сподели, но и да им кажеме дека нивната жртва и дело нема да бидат заборавени – додаде Иванов.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не се грижи за интересот на Македонија


Скопје, 13 јули, 2016 - 21:14 (META) 

СДСМ гласаше против модернизацијата на одбраната на Република Македонија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Максим Димитриевски.

Од владејачката партија велат дека на седницата на парламентот, на која биле нужни гласовите на опозицијата за да се изгласа ослободување од ДДВ и од цариина за набавка на опрема за Армијата, СДСМ одлучил интересот на Република Македонија да го стави на последно место.

„Квалитетот на одбраната беше жртва на фрустрациите и на деструкцијата на СДСМ. Наместо да покаже државничко однесување, СДСМ на срамен начин ја стави државата во опасност и демонстрираше незамислива неодговорност. Максим Димитриевски и СДСМ можат бескрајно да се обидуваат со ноторни лаги и со чисти измислици од нивните фабрики за афери да го покријат ваквото срамно и неодговорно однесување на СДСМ, меѓутоа и сто пати да ги кажат нивните лаги, тие е невозможно да станат вистина“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека СДСМ воопшто не се грижи за интересот на Македонија и на бранителите, туку за деструктивни сценарија кои ѝ штетат на државата.


Спасовски во посета на децата на загинатите бранители во Пониква


Скопје, 6 февруари, 2016 - 10:21 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска ќе ги посети децата на загинатите бранители во одмаралиштето на МВР во Пониква.

Предвидено е да ги поздрави децата, по што ќе следува вежба од припадниците на Единицата за брзо распоредување и изјава за медиуми.


Поставена спомен-плоча за загинат бранител на Тетовското кале


Тетово, 1 јули, 2015 - 15:42 (META) 

На Тетовското кале, одборот на бранители постави спомен-плоча во чест на Блашко Толев од неготинското село Марена, кој како бранител загина во воениот конфликт во 2001 година. Тој го загуби животот на 20-годишна возраст додека чувал стража на калето. Беше погоден со шрапнел од граната.

– Овде, на Тетовското кале, на местото од каде во 2001 година почна војната во Западна Македонија, херојски згасна животот на Блашко, кој иако веќе го отслужи воениот рок, доброволно за одбрана на татковината остана на висина на задачата, положувајќи го животот за наше подобро денес – изјави Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители.

Најдов изрази жалење што државата не води никаква грижа за семејствата на бранителите што загинаа во воениот конфликт во 2001 година.

– Во оваа пригода, сакам да истакнам дека нема да дозволиме делата на бранителите кои несебично ги положија своите животи, да бидат оставени во заборав, бидејќи на тој начин би се негирало нашето постоење – додаде Најдов.

Во конфликтот во 2001 година во полошкиот регион загинаа 25 припадници на безбедносните сили.

З.Д.


Свеќи и почит за загинатите бранители


Охрид, 11 мај, 2015 - 11:37 (META) 

Со болка, револт и со неверување, охриѓани ги проследија вестите за загинатите осуммина бранители, како и за големиот број повредени во судирите во Куманово.

Од синоќа, во групи се собираат на градскиот плоштад Свети Климент Охридски, каде палат свеќи во малата капела, подигната на местото на стара црква, непосредно пред монументот на светителот-закрилник на градот.

Охрид е мултиетнички град, каде се живее во мир и во разбирање, но истовремено и универзална дестинација што ја посетуваат гости од сите меридијани – нагласуваат граѓаните.