!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Истополови парови во Израел ќе можат да посвојуваат деца


Еурсалим, 30 август, 2017 - 11:07 (META) 

Израелското Министерство за социјални прашања веќе не се противи двојки од исти пол да посвојуваат деца, јавуваат израелските медиуми.

Министерството го информиралo Врховниот суд дека не постои проблем со таквото посвојување, откако беше потпишана петиција против Министерството и Обвинителството што ја поднесе Здружението на родители хомосексуалци.

Промената на ставот, наводно, дошла на барање на министерот Хаим Каца, кој барал професионално мислење, наведува Израелската телеграфска агенција.

Посвојувањето деца од парови од исти пол е легално во Израел од 2008 година, но во практика било речиси невозможно затоа што на двојките од различен пол им се давал приоритет.

Од 2008 година досега само три двојки од ист пол посвоиле деца од вкупно 550 подносители на барање. Спротивно на тоа, повеќе од 1.000 хетеросексуални парови посвоиле деца во последните девет години.


Правобранителот констатирал дискриминација во учебникот „Општество“ за 4. одделение


Скопје, 7 јули, 2017 - 19:28 (META) 

Народниот правобранител позитивно се произнесе во однос на претставката што беше поднесена со помош на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ (СЗПМЗ), која најпрво беше иницирана од 40-тина мајки кои живеат во еднородителски семејства, вонбрачни заедници и брачни заедници, поддржани дополнително и од страна на останати осум организации, информираше Коалицијата СЗПМЗ.

Лицата и организациите што реагирале укажале на дискриминација врз основа на брачен и семеен статус и религија во областа на образованието.

Поради ваквите дискриминаторски содржини во учебникот „Општество“ за четврто одделение на авторката Билјана Живковиќ, тој ќе биде биде ревидиран и во однос на спорните содржини ќе претрпи измени, се вели во соопштението од Коалиција СЗПМЗ, која напоменува дека такви гаранции дала и министерката за образование.

На страница 18 во учебникот се учи за брачен живот и за брачни улоги и меѓу другото се бара од учениците да залепат фотографија од свадбата на родителите или да ги нацртаат, притоа да одговорат кога нивните родители стапиле во брак и на која возраст, колку години се во брак и оставено е на учениците да заокружат, дали родителите се венчале во матично (општина), црква или друго.

„Ваквата вежба, како што е зададена во учебникот, е дискриминаторска и вознемирувачка за цели групи родители и деца кои не живеат во конвенционални брачни односи и семејства, и тоа: за децата од еднородителски семејства, чии родители се разведени или, пак, еден од родителите е починат, непознат или исчезнат, деца кои живеат со роднини, деца без родители, деца чии родители живеат во вонбрачна заедница, па дури и децата чии родители стапиле во брак, но решиле да не направат свадба. Вежбата не дава можност децата од неконвенционалните семејства и брачни односи без вознемиреност и стигматизација да ги претстават односите во своето семејство или дом, бидејќи бракот како заедница и свадбата како начин на прослава, се претставени како единствено „нормални“ заедници и поведенија“, се вели во соопштението.


ВМРО-ДПМНЕ: На Македонија не ѝ требаат експерименти со истополови бракови


Скопје, 4 јули, 2017 - 15:10 (META) 

„Бракот е заедница исклучиво помеѓу еден маж и една жена. Така било, така е и така треба да остане. На Македонија не ѝ требаат експерименти со истополови бракови или посвојување на децата без родители од страна на двојки од ист пол“, изјави денеска пред Собранието Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека без никаква дебата и без никакви аргументи, власта предводена од СДСМ и од ДУИ на јавноста вчера „кукавички ѝ го подметна“ предлогот за легализација на хомосексуалните бракови, кој, според неа, може да биде вовед во идно овозможување на посвојување деца без родители од хомосексуални двојки.

– Ваквите законски измени ги немаа во своите програми ниту СДС, ниту ДУИ и затоа ние цениме дека е подмолно постизборно да се подметнуваат вакви законски решенија. ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против индивидуалните слободи и изразување на сексуалната определба сè додека тоа е во согласност со законите – вели Ласовска.

Таа додаде дека Македонија е традиционално општество, каде се негуваат семејните вредности и дека предлогот на пратеникот од владејачкото мнозинство сам по себе е спротивен на волјата и на ставот на огромното мнозинство граѓани во поглед на истополовите бракови.


Италија ги легализираше истополовите заедници


Рим, 26 февруари, 2016 - 13:30 (META) 

Италијанскиот премиер Матео Ренци ја оцени како „историска“ денешната одлука на Сенатот да ја поддржи легализацијата на заедниците на истополовите двојки.

Припадниците на ЛГБТ-заедницата, сепак, изразија длабоко незадоволство затоа што законските измени не подразбираат и право хомосексуалните двојки да посвојуваат деца.

Изминатите месеци во повеќе италијански градови беа одржани протести на кои се бараше легализација на истополовите заедници.


Меркел: Бракот е заедница меѓу маж и жена


Берлин, 14 јули, 2015 - 10:38 (META) 

Германската канцеларка Ангела Меркел повика да се стави крај на дискриминацијата на испополовите партнери, но го повтори својот став дека бракот е институција што ја склучуваат маж и жена.

Во интервју за ѕвездата на „Јутуб“, Флоријан Мундт или Ле Флоид, Меркел рече дека за неа лично бракот е кохабитација меѓу маж и жена.

– Јас сум за регистрирано партнерство. За тоа сум да немаме никаква дискриминација преку даночното законодавство. Ако и понатаму наидуваме на дискриминација, ќе ја отстраниме – рече германската канцеларка.

Говорејќи за дефиницијата за брак, Меркел рече дека мора да се прифати оти постојат различни мислења за тоа. Прашана накратко да ја резимира сопствената позиција, Меркел рече: „Без дискриминација. Брак како заеднички живот на маж и жена“.

Откако САД и Ирска го признаа бракот меѓу припадниците на ист пол, сè посилни се апелите истото да го направи и Германија, каде истополовите двојки од 2001 година можат да засноваат граѓанско партнерство.


Врховниот суд на САД ги легализираше истополовите бракови


Вашингтон, 26 јуни, 2015 - 18:09 (META) 

Американскиот Врховен суд пресуди дека истополовите двојки ќе можат легално да стапат во брак во сите 50 сојузни држави на САД, со што бракот стана уставно право на сите што живеат во Америка.

Со историска одлука со пет наспроти четири гласа, претседателот Ентони Кенеди со мнозинството одлучи дека бракот е уставно право за сите.

Досега, хомосексуалните двојки можеа да стапат во брак во 36 од државите на САД, вклучувајќи ја и областа Колумбија, а сега и преостанатите 14 држави ќе мора да престанат да ги забрануваат истополовите бракови.

Претседателот на САД, Барак Обама, на својот твитер-профил објави:
„Денеска е голем чекор на нашиот пат кон еднаквоста. Отсега истополовите парови имаат право да стапат во брак, исто како и сите други“. На фејсбук-профилот, пак, објави фотографија со знамето со виножитото, со зборовите „Љубовта штотуку победи“.


Референдум во Ирска за легализација на истополовите бракови


Даблин, 22 мај, 2015 - 9:54 (META) 

Гласачите во Република Ирска денеска на референдум ќе се изјаснат за легализирање на истополовите бракови.

Повеќе од 3,2 милиони граѓани ќе имаат можност да одговорат на прашањето дали сакаат да се измени уставот со што би се овозможило склучување брак меѓу лица од ист пол.

Гласачките места ќе бидат затворени во 22 часот, а броењето на гласовите ќе почне утре наутро.

Референдумот се одржува 22 години откако Ирска ја декриминализираше хомосексуалноста.

Предложените реформи имаат поддршка од сите политички партии и од многу јавни личности, а на нив се противат лидерите на Католичката црква во земјата.


Седницата за уставните амандмани ќе продолжи в петок


Скопје, 21 јануари, 2015 - 19:57 (META) 

Седницата на која пратениците ќе расправаат за уставните амандмани ќе продолжи в петок. Откако ја завршија расправата за амандманот 37 од Уставот, со кој се дефинираат максимумите до кои може да се движат буџетскиот дефицит и јавниот долг, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ја прекина седницата.

Пратениците расправаа за амандманот со кој се одредува дефицитот на буџетот на Македонија, односно ограничувањето на три проценти, а јавниот долг да не може да биде поголем од 60 отсто од БДП. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека оваа измена е добра затоа што со неа ќе се спречи сценариото на некои странски земји, кои премногу се задолжиле. Според Павле Трајанов, Македонија треба да биде многу претпазлива кога се задолжува.

Пратениците ги утврдија и предлог-амандманот со кој бракот е заедница само меѓу еден маж и една жена, меѓународните финансиски зони и преименувањето на Народната банка на Република Македонија во Банка на Република Македонија, како и предлог-амандманот со кој Државниот завод за ревизија станува уставна категорија.


„Амнести интернешнел“: Уставното дефинирање на бракот ја зацврстува дискриминацијата во Македонија


Скопје, 20 јануари, 2015 - 20:52 (META) 

Уставниот амандман со кој се забрануваат истополовите бракови ќе ја зацврсти дискриминацијата во Македонија, оцени денеска меѓународната организација за човекови права „Амнести интернешнел“.

Во соопштението се наведува дека Владата со предложениот уставен амандман, кој го дефинира бракот како заедница меѓу маж и жена и ги „афирмира, промовира и заштитува“ традиционалните вредности, всушност, ги забранува истополовите бракови и ги дискриминира исполовите двојки.

– Ваквите уставни измени се уште едно зацврстување на дискриминацијата, насилството и на нетолерантноста темелена на сексуалната ориентација и на половиот идентитет во Македонија – вели Гаури ван Гулик, заменик-директор на „Амнести интернешнел“ за Европа.

Организацијата наведува дека забраната на истополовите бракови не е вметната во амандманот, но дека во согласност со македонското законодавство, истополовото партнерство не може да се регистрира во Македонија.

– Македонија плива спротивно на европскиот бран на легализација на истополовите бракови и на сè поголемото прифаќање на европските норми за човекови права во поглед на еднаквоста – вели Ван Гулик.

„Амнести интенешнел“ ја повика Македонија да ги отстрани дискриминаторските закони и да им ги гарантира човековите права на лицата што живеат во исполови партнерства.


Пратениците денеска ќе ги носат уставните измени


Скопје, 20 јануари, 2015 - 10:39 (META) 

Предлог-­амандман за дефинирање на бракот како заедница само меѓу еден маж и една жена, основање меѓународни финансиски зони чие работење и организација ќе се доуредува со закон и уште неколку амандмани за уставни измени ќе се најдат денеска пред пратениците во Собранието. За да се усвојат амандманите, за нив треба да гласаат 82 пратеника.

Два од амандманите се однесуваат на одлучување по уставна тужба поднесена од физичко или правно лице, како и дека начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство. Предложен е и амандман со кој е предвидено Владата да ја утврдува фискалната политика во Македонија во рамки на утврдени фискални правила и тоа дефицитот на буџетот да не смее да надмине три отсто од БДП, а јавнот долг да не смее да надмине ниво од 60 отсто од БДП. Во овој амандман се предвидува Владата да може само во исклучителни ситуации да отстапи од утврдените фискални правила и тоа во случај на природни катастрофи и екстерни шокови, кои влијаат на загрозување на националната безбедност, здравјето на луѓето или во случај на значителен пад на реалниот БДП.

Со предлог- амандманите се предвидува преименување на Народната банка на Македонија во Банка на Република Македонија, Собранието да го избира и разрешува Главниот ревизор, а Судскиот совет да го сочинуваат 15 члена.

На Собраниската комисија за уставни прашања, само ДПА не ги поддржа амандманите.

Денеска во Собранието ќе се одржат уште две пленарни седници, првата, во 11 часот, ќе биде обраќање на Илир Мета, претседател на Собранието на Албанија, а на втората седица ќе се расправа за измени на предлог-законот за прекршоци.