БПЦ одби да учествува на 1.000-годишнината на Охридската архиепископија


Софија, 15 мај, 2018 - 10:05 (META) 

Бугарската православна црква (БПЦ) на вчерашната седница на Синодот категорично ја одби поканата од македонскиот архиепископ Стефан нејзини претставници да учествуваат во свеченоста за одбележување на 1.000-годишнината од создавањето на Охридската архиепископија, на 27 мај во Охрид.

Предлогот да се одбие поканата бил на Русенскиот митрополит, Наум.

За решението да не се испратат архиереи на одбележувањето на јубилејот во Македонија гласале митрополитот Ловчански Гаврил, митрополитот Доростолски Амвросиј, митрополитот Западно и средноевропски Антониј, митрополитот Варненски и Великопреславски Јоан, како и митрополитот Неврокопски Серафим, митрополитот Русенски Наум, митрополитот Врачански Григориј и митрополитот Видински Даниил.

Против таквиот став гласале митрополитот Сливенски Јоаникиј, митрополитот Великотрновски Григориј, митрополитот Плевенски Игнатија, митрополитот Пловдивски Николај и митрополитот Старозагорски Кипријан.

На вчерашната седница бил разгледуван и предлогот на Пловдивскиот митрополит Николај, Старозагорскиот митрополит Киприан придружуван од епископ на БПЦ да учествуваат во одбележувањето. Сливенскиот митрополит Јоаникиј предложил тој епископ да биде Мелнишкиот епископ Герасим, кој е Главен секретар на Светиот синод на БПЦ-БП.

Но и тој предлог е одбиен, односно за тоа гласале истите митрополити што биле за тоа БПЦ-БП да учествува во одбележувањето во Охрид на 1.000 годишнината на основањето на Охридската архиепископија, а против биле оние што и на претходното изјаснување биле против БПЦ да биде покрај МПЦ-ОА при ова одбележување.

Српската православна црква соопшти дека и таа ќе ја одбележи илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија.

„Во рамките на подготовките за прослава на 800 години од самостојноста на Српската православна црква во 2019-2020 година, Соборот на СПЦ одлучи во текот на оваа година молитвено и достоинствено да се одбележи и илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија“, се вели во соопштението потпишано од портпаролот на СПЦ, епископот бачки Иринеј.


МПЦ ја покани БПЦ на 1.000 годишнината на Охридската архиепископија, СПЦ ќе слави посебно


Скопје, 11 мај, 2018 - 10:09 (META) 

Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ја поканила Бугарската православна црква (БПЦ) на одбележувањето на 1.000 годишнината на Охридската архиепископија.

Поглаварот г.г. Стефан за бугарската агенција БГНЕС потврдува дека поканата е испратена до бугарскиот патријарх Неофит и до државниот врв на Бугарија за заедничко одбележување на 1000-годишнината од основањето на Охридската архиепископија.

Според најавите од МПЦ-ОА, 1000-годишниот јубилеј ќе биде одбележан со црковно-државни свечености во Охрид на 27 и 28 мај.

Српската православна црква (СПЦ), исто така ќе ја одбележи илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија, се наведува во соопштението издадено по годишното заседание на Светиот архиерејски собор на СПЦ, што заврши вчера.

Во соопштението се вели дека одбележувањето ќе биде „во текот на оваа година, молитвено и достоинствено“.

Исто така, на соборот е поздравена правосилната одлука на Големиот совет на Европскиот суд за човекови права „со која се констатира дека власта на Поранешна југословенска Република Македонија ја прекршиле меѓународната конвенција за човечки права и за слободата на вероиспосвеста и совеста одбивајќи да ја регистрираат канонската Охридска архиепископија.


Саборот на СПЦ ќе расправа за МПЦ-ОА и односите со БПЦ


Белград, 2 мај, 2018 - 9:47 (META) 

Барањето на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) до Бугарската православна црква (БПЦ) да и биде мајка-црква, како и новата територијална организација на СПЦ што релативно ја засега и Македонија, се работите за кои ќе се дискутира на пролетното заседание на Светиот архиерејски сабор на Српската православна црква (СПЦ).

Синодот на СПЦ досега формално не се огласи за релациите МПЦ-ОА – БПЦ. Сепак, дел од владиците тоа го оценија како преседан во меѓуправославните односи наведувајќи дека и покрај спорот околу статусот, официјално мајка црква на МПЦ може да биде само СПЦ, пишува „Данас“.

Во однос на новата територијална организација, во предложениот нов Устав на СПЦ се предвидува ПОА на Јован Вранишковски да добие статус на „автономна црква во составот на СПЦ“, а нејзиното историско седиште од Охрид да се премести во Скопје. Според новиот предлог Устав, изборот на архиепископот ќе го потврдува српскиот патријарх.

Саборот почна вчера, а се очекува да трае неколку дена.

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)  во март излезе со реакција во која беше наведено дека Предлог-текстот за промена на Уставот на Српската православна црква содржи хегемонистички аспирации и националистички претензии врз суверенитетот и независноста на Република Македонија, како и грубо мешање во јурисдикцијата на МПЦ-ОА.


Рускиот патријарх Кирил и бугарскиот Неофит ќе разговарат за статусот на МПЦ-ОА


Софија, 2 март, 2018 - 16:03 (META) 

Статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ќе биде тема на средбата на бугарскиот патријарх Неофит и рускиот патријарх Кирил, кој денеска и утре е во посета на Софија по повод одбележувањето 140 години од ослободувањето на Бугарија од османлиското ропство.

Тоа го потврди бугарскиот митрополит Антониј во изјава за Бугарската национална телевизија, посочувајќи дека статусот на МПЦ-ОА е актуелна тема во православниот свет за која треба да се разговара.

– Светиот синод на БПЦ секогаш настојувал да им помогне на македонските христијани да имаат канонски призната православна црква – вели митрополитот западноевропски и средноевропски Антониј.

Посочи дека и БПЦ во својата историја поминала низ „шизматски пат“, слично на Македонската, кога се одделувала од грчката црква.

– БПЦ сака да се реши статусот на Македонската црква и не може да се држи настрана од тоа прашање, но истовремено не сака да ги наруши каноните – изјави митрополитот Антониј.

Патријархот Кирил, за време на престојот во Софија, освен со бугарскиот патријарх Неофит, ќе има средби и со претседателот на Бугарија Румен Радев и со премиерот Бојко Борисов.


Иринеј: Зад договорот помеѓу БПЦ и МПЦ стои политичка позадина


Белград, 3 јануари, 2018 - 18:11 (META) 

Зад односите меѓу БПЦ и МПЦ има политичка позадина вели српскиот патријарх Иринеј во интервју за весникот „Печат“. За новонастанатата ситуација со Бугарската православна црква, чиј Синод ја прифати улогата на мајка црква на македонската црква со што таа би обидела да стекне легалност и автокефалност, Иринеј вели дека се работи за чиста фарса.

Во интервјуто тој наведува дека ова е сценарио кое се режирало во Струмица на последниот состанок на двајцата премиери Зоран Заев и Бојко Борисов, а потегот на МПЦ го оценува како неук.

-Актерите и не кријат многу, дека нивните акции се политички координирани. Притоа, нив, се разбира, Црквата со своите канони, устројство и поредок, совршено не ги интересира. Нивната намера е чисто црковниот проблем да го решат со политичко насилство и со политичка цел. Проблемите нема да се решат со политичките договори на двоецот Борисов – Заев, и со неуката акробатика на поедини архиереји, кои инаку искрено и длабоко ги жалам – вели Иринеј.


Г.г. Стефан и патријархот Неофит: Едногласно одлучивме БПЦ да ѝ биде мајка црква на МПЦ


Софија, 21 декември, 2017 - 16:27 (META) 

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан денеска бил примен од патријархот на Бугарската православна црква (БПЦ) Неофит, јавува бугарската новинска агенција БГНЕС.

Станува збор за прва средба на поглаварите на двете цркви, откако БПЦ прифати да и биде мајка црква на МПЦ, како чекор кој треба да доведе до признавање на нејзината автокефалност.

Архиепископот Стефан бил придружуван од митрополитот на преспанско-пелагониската епархија, Петар, одговорен за надворешните односи на МПЦ-ОА.

– Не е лесен крстот кој бугарската црква го има, бидејќи досега ништо не е сторено за проблемот со македонската архиепископија. Ајде сега, со Божјата премудрост, учесниците во меѓуцрковната комисија да го донесат резултатот што го сакаме – изјавил бугарскиот патријарх Неофит во емисијата „Вера и општество” на бугарската телевизија.

Поглаварот на МПЦ, архиепископот Стефан се заблагодарил на сите во Бугарија кои ја поддржуваат желбата на МПЦ да добие признание за својата незавиност и истакнал дека писмото со барањето до БПЦ било едногласно прифатено од Синодот на Македонската православна црква.

– Писмото што го испративме до Бугарската патријаршија дека таа може да е наша црква-мајка едногласно е прифатено од нашиот Свет синод. Некои од соработниците можеби и имаат свое видување, но важно е што решава и вели мнозинството – изјави архиепископот Стефан.

Синодот на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија го прифати барањето да ѝ биде мајка црква на Македонската православна црква и да ја застапува пред помесните православни цркви.

Писмото со барањето од архиепископот на МПЦ- ОА, г.г. Стефан беше испратено од БПЦ на 9 ноември.


Грчката црква „се моли“ сестринската БПЦ да не и биде „мајка црква“ на МПЦ


Атина, 16 декември, 2017 - 12:04 (META) 

Светиот aрхиерејски синод на грчката црква на завчерашното заседание ја разгледал одлуката на БПЦ да го прифати барањето, како што се вели во соопштението, „на расколничката црква“ да ја преземе улога на нејзина „мајка црква“.

„По тој повод, Светиот синод ја изразува својата загриженост, заради фактот на мешање, со таа одлука, на Бугарската православна црква во јурисдикцијата на друга православна црква, т.е. на Српската православна црква, чин, којшто е спротивен на светите канони и на Преданието на црквата, со што ги превидува канонското право и водечката улога на Вселенската патријаршија, што може да биде почеток на немили собитија“, се вели во соопштението.

Светиот архерејски синод на грчката црква наведува дека „се моли да преовладее совеста и одлуката на сестринска Бугарска православна црква конечно да не се спроведе“.


Г.г. Стефан: Мора да сфатиме дека работите треба да се решаваат низ дијалог


Скопје, 7 декември, 2017 - 22:04 (META) 

„За нашиот верен народ и за нашата независна држава, сè уште останува еден од проблемите – тоа што Македонската православна црква (МПЦ) е неприфатена во сеправославното семејство, за жал, од политички причини. Па, Охрид и Црквата во Македонија ниту ги измисливме, ниту се создадени за штета на другите, туку за слава на Бога и за спасение на нашиот богољубив народ. Само така и единствено на тој начин треба да се сфатат последните, актуелни напори на Светиот архиерејски синод во решавањето на овој нелогичен и нецрковен проблем, поврзан со статусот на нашата Црква“.

Ова го истакна поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан во своето обраќање на свечената академија во пресрет на утрешниот државен празник Свети Климент Охридски, што вечерва се одржа во Македонскиот народен театар (МНТ), под покровителство на премиерот Зоран Заев.

Иако не го спомена директно, станува збор за прва јавна изјава на поглаварот на МПЦ во врска со прифатеното барање Бугарската православна црква да ѝ биде мајка црква на МПЦ.

Според г.г. Стефан, покажаната иницијатива е во духот на љубовта кон својот народ и сето православие.

– Кој се обидува да ги решава проблемите на својот народ, тој покажува и преданост, и почит и дело на родољубивост. Ние мора да сфатиме дека работите треба да се решаваат низ дијалог, во кој ќе ги штитиме своите интереси и потреби, наоѓајќи ги најприфатливите за нас решенија – рече поглаварот на МПЦ.

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање го честиташе 50-годишниот јубилеј од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква и истакна оти е убеден дека овој јубилеј ќе отвори и „надминување на повеќегодишните предизвици исправени пред МПЦ, која е реалност во православниот свет“.

– Како што успеал свети Климент во мисијата на неговото време, повикани сме да се обидеме и да успееме и ние, надминувајќи ги предизвиците трпеливо и мудро, како што ни доликува, заштитувајќи ги идентитетските вредности како граѓани, како народ и како држава – рече Заев.

На свечената академија присуствуваа високи претставници на МПЦ, пратеници, претставници на Владата, на амбасадите, професори, академици, претставници на верските заедници, на бизнис-заедницата и други гости.


Поглаварите на СПЦ и на БПЦ утре во Москва на средба кај рускиот поглавар


Москва, 30 ноември, 2017 - 17:02 (META) 

Рускиот патријарх Кирил утре во Москва ќе се сретне со бугарскиот патријарх Неофит и со српскиот патријарх Иринеј, во рамки на Серускиот православен собор.

Со бугарскиот патријарх ќе патуваат и дел од владиците што се во составот на комисијата што Бугарската православна црква ја оформи за да разговара со другите помесни православни цркви за статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Руските медиуми денеска објавија дека руската црква официјално ја признала украинската црква за независна, што значи дека таа добива широк простор за автономија.

Во уставот на руската црква, украинската црква ќе биде посебно издвоена и наведено е дека таа се управува од Киев, а не од Москва.


Агатангел: Одлуката на БПЦ е навреда кон МПЦ, македонскиот народ и нација


Скопје, 27 ноември, 2017 - 20:15 (META) 

Владиката Агатангел, кој е на чело на Повардарската епархија, со писмена реакција се оградува од соопштението на МПЦ – ОА , со кое таа ѝ се заблагодарува на БПЦ за одлуката да прифати да биде црква мајка.

„Изненаден сум од веста дека постои соопштение на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, бидејќи Синодот на МПЦ – ОА не заседавал по ова прашање. Јас како еден од владиците не сум запознаен со тоа кој ја соопшти оваа вест дека нашиот Синод ѝ благодари на БПЦ за нивната одлука и решение дека тие ќе формирале комисија за преговори со другите помесни православни цркви за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА“, стои во реакцијата на митрополитот Агатангел.

Според митрополитот, формирањето на комисија може да го одложува решавањето на македонскиот црковен статус до недоглед.

„По нашето писмо кое го доставивме до БПЦ, а кое не беше едногласно прифатено од Светиот синод на МПЦ-ОА, како краен резултат, еве, денес што добивме како решение. БПЦ сега се преставува и прифаќа да биде мајка – црква, без притоа да има каква било обврска кон нашиот автокефален статус што е уште една навреда кон МПЦ-ОА, кон македонскиот народ, кон македонската нација“, додава Агатенгел.