Иванов – Звиздиќ: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ ќе донесе регионална стабилност


Скопје, 12 март, 2018 - 15:46 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска се сретна со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, со кого разговарал за состојбите во регионот и актуелните политички случувања во двете држави.

Од кабинетот на Иванов информираат дека соговорниците оцениле дека двете држави ги карактеризираат традиционално пријателски односи и идентични ставови во однос на унапредување на меѓународната и соработката во регионалните иницијативи.

Претседателот Иванов истакнал дека Република Македонија во континуитет го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина и нејзините напори за интеграција во ЕУ.

– Евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој. Треба да се искористи моментумот, кога ЕУ конечно го посветува потребното внимание кон државите од Западниот Балкан, за сите да напредуваме во интеграцискиот процес – порача Иванов.

Македонскиот претседател изразил задоволство од унапредувањето на договорната состојба меѓу двете држави и го поздрави потпишувањето на Спогодбата за патување на граѓаните од двете земји со биометриски лични карти.


Во Босна и Херцеговина ќе може да се патува и само со лична карта


Скопје, 12 март, 2018 - 15:25 (META) 

Владина делегација од Босна и Херцеговина, предводена од претседавачот со Советот на министри, Денис Звиздиќ денеска е во официјална посета на Македонија.

За време на посетата, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Игор Црнадак ја потпишаа Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина, за условите за патување на државјаните на двете земји.

Со потпишувањето на Спогодбата, на граѓаните Република Македонија и Босна и Херцеговина им се овозможува влез во двете држави и со лична карта.


Уапсени шест лица во БиХ поради воени злосторства


Сараево, 19 декември, 2017 - 10:16 (META) 

Полициски службеници на државната агенција за истраги и заштита (СИПА), постапувајќи по наредба на обвинителството на Босна и Херцеговина, утрово на подрачјето на општините Какањ и Илијаш уапсиле шест лица осомничени за воени злосторства, јавува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Шесте лица, како што се наведува во соопштението на СИПА, се уапсени поради основано сомнение дека ги извршиле кривичните дела воени злосторства против цивилното население, воени злосторства против воени заробеници, организирање на групи луѓе и поттикнување на извршување на воени злостроства, противправно убивање и ранување на непријатели и повреда на законите или обичаите на војување на подрачјето на местото Чемерно, општина Илијаш, во текот на 1992 година.

Лицата се приведени во службените простории на СИПА за криминалистичка истрага, по што ќе бидат предадени на Обвинителството на БиХ за натамошна постапка.


БИХ немаат намера да го признаат Косово


Сараево, 29 септември, 2017 - 15:01 (META) 

БИХ нема да ја признаат независноста на Косово ниту, пак, ќе го разгледуваат ова прашање до крајот на мандатот на актуелниот Совет на министри, односно владата, порача денеска босанскиот министер за надворешни работи, Игор Црнадак, откако косовскиот премиер Рамуш Харадинај повика БИХ да го признаат Косово.

Причината е несогласувањето на Република Српска, која е еден од двата федеративни дела на БИХ.

– Босна и Херцеговина нема да го признаат Косово, не поради ставот на Босанците или Хрватите, туку поради ставот на претставници на Република Српска, како од власта така и од опозицијата. Во врска со ова прашање, ние сите сме единствени и нема никакви шанси оваа состојба да се смени – изјави Црнадак, кој е еден од српските претставници во босанската влада.


Спасовски: Радикализмот е заеднички проблем на Македонија и на БИХ


Сараево, 22 септември, 2017 - 13:56 (META) 

Екстремниот радикализам е заеднички проблем на Македонија и на Босна и Херцеговина, но, и глобален проблем, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во Сараево по средбата со неговиот домаќин, министерот за внатрешни работи на БИХ, Драган Мектиќ.

– Двете држави се изложени на дејствија на радикални групи и на криминални организации, поради што унапредувањето на полициската соработка е од исклучително значење. Денеска беше договорено одржување на редовни состаноци на раководителите на единиците за меѓународна полициска соработка, на кои ќе се разменуваат информации, но и ќе се договараат заеднички операции и генерални планови за дејствување – рече Спасовски, на прес-конференцијата по средбата.

Тој додаде дека важно е да се воспостават механизми за превенција и да се работи на процесот на дерадикализација и ресоцијализација на лицата кои се вратиле од воените жаришта.

На денешната средба, како што истакна Спасовски била почната постапка за потпишување на меморандум за соработка меѓу агенцијата за школување полициски службеници во Мостар и Центарот за обука во Скопје.

– Агенцијата за школување на полициски службеници во Мостар има солидна програма и наставен кадар кој ќе помогне при процесот на стекнување и дооформување на стручното образование на полициските службеници во Македонија – изјави Спасовски.


Македонија и БИХ потпишаа договор за заемно признавање на возачките дозволи


Скопје, 13 септември, 2017 - 14:42 (META) 

Владите на Македонија и на Босна и Херцеговина денеска потпишаа договор за заемно признавање на возачките дозволи помеѓу двете земји. Во име на Владата на Република Македонија, договорот го потпиша министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а во име на Советот на министри на Босна и Херцеговина, договорот го потпиша министерот за комуникации и транспорт, Исмир Јуско.

Спасовски по потпишувањето на договорот рече дека надлежните органи на двете држави реципрочно ги признаваат возачките дозволи на возачите кои како туристи или комерцијални возачи управуваат со возило на територијата на едната или другата држава.

– Граѓаните кои имаат регулирано престој во согласност со националното законодавство на двете држави, можат без да има потреба од полагање теоретски и практичен испит, да ја заменат својата возачка дозвола за возачка дозвола од истата категорија и поткатегорија на другата држава. При исполнување на ова свое право, граѓаните ќе треба да ја почитуваат административната процедура што ќе им го овозможи ова право – рече Спасовски.

Тој додаде дека во тек е процедурата за потпишување договор за признавање и за замена на возачки дозволи и со Косово, Турција, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и со Сојузна Република Германија и дека тие ќе бидат приоритет на МВР затоа што има голем број македонски државјани што живеат и работат во тие земји.

Министерот за комуникации и транспорт на БИХ, Исмир Јуско, нагласи дека овој договор е потпишан меѓу две пријателски земји, кои и понатаму ќе ја унапредуваат соработката.


Нашите мултиетнички општества се наше богатство и предност, порача Заев од БИХ


Сараево, 23 јули, 2017 - 14:27 (META) 

Пораката што сакам да ја испратам одовде, од Сараево, е дека доаѓа време кога политичар од еден етникум ќе се бори за унапредување на правата на граѓаните од друг етникум, а тоа е иднината што овој наш мултиетнички регион треба да ја има и да ја негува, рече премиерот Зоран Заев од Сараево, каде што е во официјална посета придружуван од неколку министри.

– Ние сме две земји што веруваат дека е огромно богатство и предност нашата мултиетничност, мултирелигиозност и мултикултурализам и дека тоа богатство претставува сериозна предност во нашиот напредок во севкупниот развој што го планираме за нашите земји – изјави Заев.

Владината делегација имаше и работен состанок со членовите на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина, на кој е потпишан Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за надворешна трговија и економски односи на БИХ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија. Договорот го потпишаа министрите Мирко Шаровиќ и Љупчо Николовски. Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, и министерот за цивилни работи во владата на БИХ, Адил Османовиќ, потпишаа Програма за културна соработка.

Заев и министрите денеска се сретнале и со претставници на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Република Босна и Херцеговина, со Претседателството на Република Босна и Херцеговина, како и со лидери на одделни политички партии.

Попладне делегацијата ќе го посети спомен-обележјето во Ротимље, во чија близина трагично го загубија животот претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и членовите на неговата придружба.

Македонската делегација во рамките на посетата на БИХ, вечерва ќе престојува и во Мостар, каде што на премиерот Заев ќе му биде врачена наградата „Мостарска повелба на мирот“ (Mostar Peace Connection) и каде што ќе биде потпишан истоимениот документ.


Заев-Звиздиќ: Македонија и БИХ имаат добра меѓународна соработка и исти стратешки цели


Сараево, 23 јули, 2017 - 12:00 (META) 

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за земјоделство Љупчо Николовски, за економија, Крешник Бектеши, за култура, Роберт Алаѓозовски, и од министерот задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, е во официјална работна посета на Босна и Херцеговина, каде се сретна со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

„На средбата е констатирано дека двете земји немаат сензитивни прашања за решавање и дека односите меѓу двете земји имаат отворен пат за добра иднина преку изразената политичка волја за унапредување на соработката. Оценето е дека документите за соработка во земјоделството и во културата, што се потпишуваат денеска, носат олеснувања за граѓаните во овие области“, информираат од владиниот кабинет.

Заев и Звиздиќ посочиле дека ќе бидат преземени чекори за реципрочно признавање на возачките дозволи, влез и излез во државите со лични карти, како и за отворање авионска линија на релација Скопје – Сараево.

Владините претставници се обврзале на активен однос, размена на искуства и на институционална поддршка.

„На средбата е потенцирано дека и Република Македонија и БИХ имаат добра меѓународна соработка и исти стратешки цели, членство во ЕУ и НАТО. Во таа насока изразена е подготвеност двете пријателски држави да се фокусираат кон агендите во своите држави и на ниво на регионот со што ќе потврдат дека Западен Балкан е веќе дел од ЕУ“, се додава во соопштението од кабинетот на премиерот.


Девет лица повредени при пад на рингишпил во Херцеговина


Сараево, 21 јули, 2017 - 17:09 (META) 

Девет лица се повредени, од кои две малолетни, откако рингишпил паднал во близина на херцеговскиот град Посушје, јавуваат босанските медиуми.

– Две лица се уапсени под сомневање дека направиле кривично дело, предизвикување општа опасност – вели портпаролот на полицијата во Западнохерцеговска жупанија, Дражен Бошњак.

Според него, повредите што лицата ги добиле при падот на рингишпилот, не се опасни по живот.

Поради тоа што условите за увид вчеравечер биле несоодветни, увидот е направен утринава, во присуство на дежурниот жупански обвинител и на полициската управа на Посушје.


Премиерот Заев доби специјално признание „Европска личност на годината“ во Сараево


Сараево, 6 јули, 2017 - 23:22 (META) 

Премиерот Зоран Заев на бизнис-манифестацијата „Најменаџер и најкомпанија за 2017“ во Сараево доби специјално признание – „Европска личност на годината“ и „Носител на позитивни промени во регионот“, соопшти владината прес-служба.

Признанието на премиерот Заев му се доделува за неговото „ангажирање по прашања од политиката, бизнисот и економијата, развивање и јакнење на пријателски, регионални и меѓународни соработки, како и за создавање услови за унапредување и подобрување на животот кај граѓаните“.

Заев, кој е во еднодневна посета на Босна и Херцеговина, присуствуваше на традиционалниот бизнис-собир во Сараево, кој е во организација на Независната европска агенција, Европско здружение на менаџери и списанието „Еуроменаџер“, во партнерство со надворешно-трговската комора на БИХ. Минатата година тој ја доби наградата за најдобар градоначалник во Југоисточна Европа за 2016 година.

Премиерот Заев денеска имаше средба со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, а вечерва се сретна и со хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.