Бранителите од Прилеп бараат нивните семејства да имаат приоритет при вработување


Прилеп, 3 декември, 2018 - 12:21 (META) 

Во чест на 16-годишнината од формирањето на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година од Прилеп, како и во знак на почит кон своите загинати соборци, но и 30-ина бранители коишто поради пост-трауматски шок починаа подоцна, тие посадија зимзелени дрвја во Меморијалниот комплекс во селото Лениште –Прилепско.  Притоа ја искажаа својата загриженост, поради неповолната позиција во која се наоѓаат.

-Социјалните прашања, невработеноста и правото на адекватно здравствено згрижување се прашања коишто нè тиштат. Веруваме дека со оваа влада конечно ќе ги оствариме своите барања – велат дел од членовите на ова Здружение.

Бранителите побараа и нивните деца да имаат приоритет при вработување.

-Кога се објавуваат конкурси за вработување, доколку децата на бранителите ги исполнуваат условите, сметаме дека треба да имаат приоритет пред друтите кандидати. Ова особено во случаи, кога семејствата на бранителите се социјално загрозени – порачуваат бранителите.

Во прилепското здружение на бранители членуваат околу 1.000 луѓе.


Нухиу: МВР со активности за спречување на странски борци кои сакаат да вршат напади


Охрид, 16 октомври, 2018 - 13:09 (META) 

Заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу учествува на меѓународна конференција „Профилирање и идентификација на странски борци-повратници“, што во организација на МВР и мисијата на ОБСЕ денеска и во наредните три дена се одржува во Охрид.

– Странските борци се поврзуваат со меѓународните терористички мрежи и поради тоа се сметаат за терористичка закана по враќањето во нивната држава на потекло или вообичаено живеење. Согледувајќи ја природата на овој глобален феномен, Министерството за внатрешни работи се посвети на остварување активности во насоки на спречување на трансфер на странски борци кои имаат намера да вршат напади на цели низ Европа; потоа детектирање на евентуални врски помеѓу терористите со криминалните мрежи кои го „олеснуваат“ криумчарењето на безбедносно-ризични лица; како и за зајакнување на меѓународната соработка, како клучна алатка за рана детекција и навремено попречување на овие безбедносни ризици и закани – рече Нухиу.

На конференцијата покрај претставници на полициите на земјите од регионот, присуствуваат и претставници од повеќе високообразовни институции од сферата на безбедноста, невладини граѓански здруженија, како и претставници од други институции.


Пентагон ја поздрави репатриацијата на 7 македонски борци од ИСИС


Скопје, 8 август, 2018 - 10:41 (META) 

Пентагон ја поздрави одлуката на Македонија да ја прифати групата нејзини државјани, кои како странски платеници се заробени во Сирија. МВР вчера соопшти во заедничка акција со Командата на Глобалната антитерористичка коалиција и Сириските Демократски Сили приведе седуммина македонски државјани, кои се бореле на боиштата во Сирија и Ирак.

Портпаролот на Пентагон, Шон Робертсон, за Си-Ен-Ен изјави дека Сириските Демократски Сили до јули имаат заробено 600 странски платеници од повеќе од 40 земји. Меѓу нив, според овој американски морнарички командир, имало околу 40 платеници од Русија, 10 од Германија и помал број од Франција. Не е прецизирано дали меѓу нив освен седуммината има и други македонски државјани.

Репатрираните борци биле уапсени од единици од Сириските демократски сили.

Портпаролот Ерик Пахон, пак, за „Вашингтон тајмс“ изјави дека, Македонија покажа пример за сите членови на Глобалната коалиција како да се порази ИСИС и нагласи дека странските терористички борци не се само проблем за Сирија или за регионот, туку, како што објасни, тие се глобален проблем што бара глобална соработка.

Станува збор за македонските државјани С.Р. 1990, Џ.А. 1993, Б.Ф. 1994, О.Ж. 1987, Е.О 1994, И.Ш. 1977, А.М. 1995, за кои е распишана меѓународна потерница и за кои според член 322а и 394а од Кривичниот законик на Република Македонија се поднесени кривични пријави во рамки на полициските акции „Ќелија 1“ (август 2015) и „Ќелија 2“ (јули 2016), соопшти МВР.


Свилановиќ: За пет години 1.000 борци од Западен Балкан заминале во Сирија и во Ирак


Крањ, 30 ноември, 2017 - 14:24 (META) 

Околу 1.000 лица од земјите од Западен Балкан заминале да се борат во Сирија и во Ирак од 2012 до 2017 година, од кои 300 се вратени, околу 200 се убиени, а околу 400 сè уште се на боиштата, изјави денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ.

Тој, како што соопшти РСС, изјави дека темпото на заминување на граѓаните од регионот се намалило во 2015 година, а речиси во целост е запрено во средината на 2016 година.

Study Infographics

Инфографик за движењето на странските борци од Западен Балкан кои заминале на боиштата во Сирија и во Ирак во периодот од 2012 до 2017 година

– Истовремено, од цела Европска Унија околу 5.000 граѓани заминале да се борат во Сирија и во Ирак – рече Свилановиќ во обраќањето на Втората меѓународна конференција за борба против тероризмот и насилниот екстремизам во Југоисточна Европа, што се одржува денеска во Брдо кај Крањ во Словенија.

Свилановиќ додаде дека овие податоци, кои поттекнуваат од студија што наменски ја порача РСС, „нè доведуваат чекор поблиску да осмислиме што треба да се направи од училиштата до затворите за да се победат насилните идеологии кои доведуваат до ужасите на тероризмот“.

Учесниците на Конференцијата, на која има претставници на влади од Западен Балкан и на повеќе меѓународни и регионални организации и инцијативи што се занимаваат со овој проблем, ќе разговараат за моменталните трендови и предизвици во активностите на европско, регионално и на национално ниво, како и за начините на спроведување на порано договорениот принцип – „цела влада, цело општество“, во сузбивање на насилниот екстремизам.

Конференцијата ја организира Регионалниот совет за соработка заедно со Министерството за внатрешни работи на Словенија, како и со Иницијативата на Западен Балкан за борба против тероризмот и Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа.

Првата конференција за овој проблем е одржана во ноември во Тирана. Република Македонија, како основач и активен член на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, активно партиципира на овие собири.


Борците на НОБ и здружението „Титоисти“ го одбележуваат 29 ноември


Охрид, 29 ноември, 2016 - 9:41 (META) 

Членовите на охридското здружение „Титоисти“, заедно со членовите на Сојузот на борци од Народно ослободителната војна во Македонија 1941 – 1945 и граѓаните продолжувачи од општините Охрид и Дебрца, го одбележуваат 29 ноември, денот на поранешната Југословенската заедница – СФРЈ.

Покрај другото, на јавна трибина, ќе дебатираат на тема „Кога Македонија стана држава со сите белези за државност, благодарение на АВНОЈ – АСНОМ“.

Здружението „Титоисти“, во своите простории, ќе организира мини-изложба за посетителите, посветена на ликот и на делото на Јосип Броз Тито.

Изложбата е посветена, како што соопштуваат, на заслугите за признавањето на македонската држава.

Десет нови членови на здружението, добија членски книшки.

Здружение „Титоисти“ од Охрид, истовремено, соопшти дека јавно се оградува од коалицирањето на политичката партија Сојуз на Титови леви сили со ВМРО-ДПМНЕ.


Oбвинителството го потврди координираниот лов на терористи со Албанија и со Косово


Скопје, 8 ноември, 2016 - 11:01 (META) 

Координирана антитерористичка операција деновиве е спроведена во Албанија, Македонија и во Косово за апсење на лица, осомничени за регрутирање борци за Исламска држава од Балканот. Според информациите што вчера ги објавија албанските и косовските медиуми, осомничените, наводно, планирале и терористички акции на Балканот.

Од Јавното обвинителство за „Мета“ го потврдија учеството на македонските власти во антитерористичката операција и најавија повеќе детали за акцијата во текот на денот.

Вчера албанската полиција соопшти дека во соработка со обвинителството за сериозен криминал уапсила четири лица од албанска националност, а операцијата била изведена во Тирана, Скадар, Дебар и во Елбасан.

Властите во Приштина истиот ден соопштија дека во рамките на операцијата на територијата на Косово биле уапсени седум лица. Јавното обвинителство на Косово потврдило дека осомничените биле во контакт со други радикални исламисти во регионот.

Во Македонија изминатата година Јавното обвинителство и полицијата спроведоа две акции, „Ќелија“ и „Ќелија 2“, во кои беа уапсени поголем број лица за регрутирање борци за боиштата на Блискиот Исток. Тие беа обвинети за учество во странски воени и паравоени формации, а поголем дел од нив добија затворски казни, откако ја признаа вината и се спогодија со обвинителството.


Време е да му се вратат слободата и власта на народот, порачаа учесниците на маршот


Скопје, 11 октомври, 2016 - 17:34 (META) 

Се излеавме илјадници денеска во Скопје, на Денот на антифашистичката борба, и марширавме во чест на сите партизански одреди и во чест на сите паднати борци, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во обраќањето на крајот на граѓанскиот марш, кој денеска се одржа под мотото „Борбата продолжува, гласот победува“.

– Нивната борба за слобода денеска е и наша борба за слобода. Тие се изборија, но и ние ќе се избориме, а нашето главно оружје е нашиот глас. И ние ќе се избориме за правда, правичност и за еднаквост. Денеска марширавме за враќање на власта на граѓаните, марширавме за одземање на власта од рацете на мафијата, фамилијата на Груевски. Сè што украдоа, ќе вратиме. Марширавме за поголеми плати, а не за мизерни плати со кои одвај се преживува. Од каде пари? Ќе ги вратат украдените пари, од таму пари. Ќе ги вратат парите разнесени по рајските земји. Марширавме за подобар живот, за родителите да не плачат по аеродромите, за здравство кое лечи, а не кое убива. Испишуваме историја, уриваме режим, ја враќаме слободата, отвораме пат кон иднината. Ова е марш на нашиот глас, марш за слободата, марш за Македонија – рече Заев, порачувајќи дека народот победува и оти ќе се врати правичниот, достоинствен и спокоен живот во Македонија.

Првоборецот од НОБ, Ѓорѓи Георгиевски, порача дека секоја генерација има обврска да си го брани својот народ. Тој во свое и во име на Сојузот на борците се заблагодари за ваквото одбележување на денешниот ден, какво што досега не е видено.

– Слободата и демократијата уште не се остварени, а борбата не е завршена. Државата ги заборава борците и хероите од НОБ, а се слават лица со сомнителна историја за слобода на Македонија – рече борецот Георгиевски.

Активистот Васко Лазаревски рече дека бројноста на маршот е показател дека тие се новото партизанско движење, кое ќе ја ослободи Македонија и кое ќе стави крај на режимот и на тоталитаризмот во земјата.

– Не смее луѓето да умираат по болниците, не смее да се работи за бедни пари, не смее да владеат лица што сакаат да нè поделат по секакви основи. Тука сме за да го одбележиме 11 Октомври. Овој ден сега е празник за визијата за Македонија каква што сакаме да биде, земја на еднаквост. Ние сме народот на Македонија и сè додека ние се бориме, Македонија ќе продолжи да живее. Наша задача е, како во Февруарскиот поход, да истрчаме уште еден јуриш за два месеци и да победиме – рече Лазаревски.

На маршот се обрати и студентката Ивана Туфагџиќ. Таа рече дека нејзината генерација доживеала егзодус не од странски окупатори, туку од домашната власт и оти на нејзината генерација ѝ е потребно ново востание.

– Оваа власт не ни дава шанса. Оваа власт го урниса демократскиот систем и на прво место ја постави партијата. Оваа власт нè тепа секогаш кога ќе кренеме глас. Оваа власт употреби сила против најдобрите студенти. Оваа власт им ги исече крилјата на најдобрите, а им ги даде на послушниците. Тука сум да кажам „стоп“ за општеството кое нè задушува, „стоп“ за солзите на нашите родители. Сакам да живеам во држава каде постои слобода и демократија, каде прославите се за успесите, а не за разделбите. Сакам држава каде нема да бидам обележана поради искажан став. Секој од мојата генерација се сомнева дека ваква држава е возможна, но јас верувам дека е можно – рече Туфагџиќ и порача дека веќе нема време за седење и за пиење кафиња, туку е време за востание за да се оствари сонот на сите млади.

Дел од организаторите му порачаа на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека ќе го држат за збор ова зло никогаш да не се повтори и оти граѓаните никогаш нема да престанат да се борат за слободата, која се наоѓа на крајот од трнливиот пат.

Граѓанскиот марш почна во 14 часот, во близина на новите простории на Специјалното јавно обвинителство на улицата Франклин Рузвелт. Оттаму неколкуте илјади граѓани, движејќи се по двете коловозни ленти на булеварот Партизански одреди, придружувани од звуци на тапани и револуционерни песни, пристигнаа пред Собранието на Република Македонија, каде пред говорите настапи групата „Ле ман“ од Велес, заедно со Петрит Сарачини и со Бени Шакири од „Нон-стоп“, а химната на Македонија ја испеа Кристина Арнаудова.


Франција: Повеќе од 600 лица се приклучиле кон ИД


Париз, 21 март, 2016 - 10:05 (META) 

Повеќе од 600 лица од Франција заминале во Сирија и во Ирак, а повеќе од 800 сакаат да одат и да им се придружат на милитантите на Исламска држава, соопшти францускиот премиерот Мануел Валс.
Бројките покажуваат намалување на бројот на лицата што се приклучиле кон џихадистичката група, без разлика на повеќекратните бомбардирања против ИД и обидите на француските власти да ги спречат лицата да ја напуштат земјата.

– Ние водиме борби на нашето тло. Секој ден ја следиме мрежата, пронаоѓаме ќелии, апсиме поединци. Денес, 2.029 француски државјани се вплеткани во џихадистичката мрежа – рече Валс, во обраќањето на приврзаниците на Социјалистичката партија.

Премиерот, исто така, додаде дека во моментов меѓу борците се наоѓаат 609 француски државјани кои имаат престој, а меѓу нив има 283 жени и 18 малолетници.

Речиси 170 лица досега се убиени во Сирија или Сирак, а 300 се вратиле во Франција.


Германската полиција истражува документи со идентитети на борци на ИД


Берлин, 10 март, 2016 - 16:44 (META) 

Германската полиција за борба против тероризмот почнала истрага во врска со документи што ги откриваат идентитетите на голем број борци на Исламска држава (ИД), јавува „Би-би-си“.

Според британските и германските медиуми, кои дошле до документите, станува збор за прашалници за регрутирање кои го откриваат идентитетот на илјадници поддржувачи на ИД од околу 50 земји.

Како што пренесува британскиот национален сервис, документите содржат имиња, адреси и телефонски броеви, а германските служби што работат на нив велат дека најверојатно станува збор за автентичен материјал.

Од германското министерство за внатрешни работи соопштиле дека документите се „одлична шанса за идентификување на германските државјани што учестуваат во терористичките активности на Исламска држава“ и можност за подобар увид во внатрешната структура на групата.

Британската министерка за внатрешни работи, Тереза Меј, одбила да ги коментира документите од безбедносни причини, но дадала дека ги видела извештаите за нив.

Според „Скај њуз“ документите содржеле 22.000 имиња, адреси, телефонски броеви и семејни контакти на џихадистите, а, наводно, потекнувале од припадник на ИД кој бил разочаран и дошол во конфликт со раководството на групата.


Сирија ќе понуди амнестија на сите бунтовнички борци што ќе го остават оружјето


Берлин, 1 март, 2016 - 19:35 (META) 

Башир ел Асад, претседателот на Сирија, во интервју за германскиот јавен сервис „А-ер-де“ рече дека е подготвен да им понуди амнестија на сите бунтовнички борци доколку се сложат да го остават оружјето.

Осврнувајќи се на актуелниот прекин на огнот во Сирија, што беше постигнат со посредништво на САД и на Русија, Асад истакна дека сириските власти од нивна страна ќе сторат сè за примирјето да функционира.

Сирискиот претседател рече дека му е потребна поддршка од Русија, Иран и од Либан, но дека тие освен што помагаат на Сирија, си ги бранат и своите држави.

Асад ѝ се заблагодари на Германија за помошта во прифаќањето на сириските бегалци, но праша дали немаше да биде попаметно и поевтино да им се помогне на Сиријците да живеат во сопствената држава.

Прекинот на огнот, што стапи на сила во петокот вечерта, главно се почитуваше изминативе денови, со одделни инциденти.