!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Реални се шансите да добиеме чиста препорака од ЕК


Скопје, 8 септември, 2017 - 15:45 (META) 

„Иднината наша, како граѓани, иднината на Република Македонија, е во ЕУ и во НАТО. Реални се шансите наесен Македонија да добие чиста препорака од ЕК.  Реални се шансите Македонија да стане 30. земја членка на НАТО. Реалност се економските перспективи, спокој во семејствата, децата дома, нови вработувања, успешни претпријатија, европско образование, современо здравство“, порача премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, во неговиот говор по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, на прославата во местото Три Круши во Драчево, што ја организираше неговата партија.

– Чекорот кон слободата и кон шансите го направивме заедно. Исто како што на 8 септември пред 26 години граѓаните масовно, самостојно излегоа на референдумот и избраа независна Република Македонија, и ние во големо мнозинство, сплотени во различностите, со силна верба во вистината и во правдата, избравме слобода. Затоа што, ако нешто е темел на социјалдемокртаската идеја, тоа е нашето чувство за солидарност и за слобода. И бидете горди и на тоа. Оваа шанса да бидеме подобри е нашата иднина. Затоа подаваме рака на сите. Затоа се отворивме за сите. Затоа работиме со сите – рече, меѓу другото, Заев.

Тој на сопартијците им порача дека треба да се подготвени за различностите по која било основа и за критичката мисла.

Премиерот Заев пред прославата во Три Круши, на градските гробишта Бутел во Скопје оддаде почит и положи венци со свежо цвеќе на вечните почивалишта на претседателите на Република Македонија, Киро Глигоров и Борис Трајковски.


Навивачите ќе може да се дружат со Лазаров и со другите ракометни репрезентативци


Скопје, 17 јуни, 2017 - 10:20 (META) 

Во пресрет на клучниот натпревар против Чешка од квалификациите за пласман на Европското првенство што ќе се одржи во Хрватска во 2018 г., навивачите денеска ќе имаат можност да се дружат со машката ракометна репрезентација.

Настанот во чии рамки селекторот Раул Гонзалес, капитенот Кире Лазаров и уште неколку репрезентативци ќе бидат на располагање за потпишување дресови, ќе се одржи од 12 до 13 часот на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

Од РФМ информираат дека билетите за утрешниот натпревар меѓу селекциите на Македонија и на Чешка се целосно распродадени и ги повикаа гледачите кои ќе ја бодрат македонската репрезентација од трибините на арената „Борис Трајковски“ да дојдат минимум половина час пред почетокот на натпреварот.


Делегации на партии и на институции положија цвеќе на гробот на Борис Трајковски


Скопје, 26 февруари, 2017 - 13:54 (META) 

Делегација на СДСМ, во состав Диме Велковски, Цветанка Ласкова и Дарко Давитковски, положи цвеќе и оддаде почит на поранешниот претседател Борис Трајковски, на 13-годишнината од неговата смрт.

– СДСМ, како и сите граѓани на Македонија, со достојна почит ги вреднува заложбите и придонесот на претседателот Трајковски кон Македонија, кој посветено работеше на соработка и на заедништо и отвори нови перспективи за граѓаните. Овие вредности остануваат водилка за генерациите што доаѓаат – се вели во соопштението на СДСМ.

Цвеќе на гробот на Борис Трајковски положија и делегации од Владата, Собранието, Град Скопје, дипломатскиот кор и здруженија на граѓани.


Денеска ќе се одбележат 13 години од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски


Скопје, 26 февруари, 2017 - 10:54 (META) 

Со повеќе настани денеска ќе се одбележат 13 години од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа во близина на Мостар.

Цвеќе на гробот на Трајковски ќе положат членови од семејството на претседателот, повеќе делегации и граѓани.

Годишнината од смртта на претседателот Трајковски ќе биде одбележана и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Во авионска несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година, освен претседателот, загинаа и осум члена на македонската делегација што патуваше на меѓународна конференција во Мостар.


Сите аболиции во независна Македонија: Иванов ги надмина Трајковски и Црвенковски


Скопје, 13 април, 2016 - 12:12 (META) 

Тројца од вкупно четворицата претседатели на државата во историјата на самостојна Македонија ја искористија аболицијата како правен инструмент за ослободување лица од кривично гонење уште пред осомничените да седнат на обвинителна клупа во судот.

Единствен што не го употребил овој институт е првиот претседател на државата, покојниот Киро Глигоров.

Сите негови наследници во своите мандати аболираа лица осомничени за криминал, а последниот во таа низа е актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кој вчера соопшти дека донел одлука за аболиција и за амнестија на сите политичари за кои се водат кривични постапки.

  • Прв аболицијата ја употреби вториот македонски претседател Борис Трајковски. Тој во април 2003 година со ваквата одлука ја запре постапката против поранешната министерка за внатрешни работи и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Доста Димовска, и поранешниот началник на петтата управа на УБК, Александар Цветков, за случајот „Големото уво“ од 2001 година, во кој беа прислушувани серија новинари. Предметот беше ставен ад акта во моментот кога судијата го проучуваше предметот и се чекаше датумот за почеток на судењето.
  • Пет години подоцна, во август 2008 година, претседателот Бранко Црвенковски со акт на аболиција го помилуваше од понатамошно гонење сегашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, осомничен, со уште петмина соработници, за случајот со трговскиот центар „Глобал“ во Струмица.

Постапките на Трајковски и на Црвеновски, како и сегашната на Иванов, предизвикаа многу контроверзии во јавноста, а парламентарните мнозинства во Собранието бараа одговорност од претседателите.

СДСМ и ЛДП во 2003 година го поставија прашањето за импичмент на Трајковски за одлуката, додека во 2008 година со истиот предлог за Црвенковски настапија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Терминот аболиција доаѓа од латинскиот збор abolere – уништува и претставува ослободување од кривично гонење на лица за кои постои основан сомнеж дека се сторители на кривични дела.

Институтот општа амнестија во историјата на земјава, според македонската верзија на интернет-енциклопедијата „Википедија“, бил искористен четири пати. Во сите случаи амнестијата била донесена со посебни закони донесени од Собранието, како што пропишува Уставот.

  • Во 1991 година, донесен е првиот закон за амнестија и биле амнестирани 907 лица, од кои некои биле затвореници, додека другите биле осудени со правосилни пресуди, но не почнале со издржување на затворските казни.
  • Во 1999 година, донесен е уште еден, но порестриктивен закон за амнестија. Тогаш, целосно биле ослободени од казните сторителите на кривични дела со кои била предизвикана верска, национална и расна омраза. Притоа, на некои осуденици им биле намалени казните за 25 отсто, на некои за 15 осто, додека за 10 отсто им биле намалени казните на осудените за незаконско поседување оружје и за трговија со дрога. Овој закон, според „Википедија“, бил дел од политичкиот договор меѓу коалициските партнери во владата, ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, со кој биле ослободени градоначалниците на Тетово и на Гостивар, Алајдин Демири и Руфи Османи, како и учесниците во обидот за отворање на незаконскиот универзитет на албански јазик во Мала Речица.
  • Во 2002 година, како последица на Охридскиот рамковен договор, бил донесен третиот закон за амнестија, со кој се предвидувало ослободување од гонење, запирање на судските постапки и ослободување на затворениците поврзани со војната од 2001 година. Од овој закон биле изземени само воените злосторства.
  • Во 2003 година и со ревизијата од 2004 година, бил донесен четвртиот закон за амнестија, кој ги опфатил граѓаните што ја одбегнувале воената обврска, не одговориле на поканата за служење во Армијата и самоволно се оддалечиле од вооружените сили.

Владина и градска делегација положија цвеќе на гробот на Борис Трајковски


Скопје, 26 февруари, 2016 - 13:15 (META) 

Делегација предводена од секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски, и од членот на Советот на Град Скопје, Бранислав Саркањац, денеска положи цвеќе на гробот на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, и на гробовите на дел од загинатите во авионската несреќа, погребани во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел.

На гробот на претседателот Трајковски цвеќе положија и делегации од Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, државни институции, политички партии, претставници на дипломатскиот кор и на здруженија на граѓани.

Денеска се одбележува 12-годишнината од трагичната смрт на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина.

Во авионската несреќа животите ги загубија и портпаролот на претседателот Трајковски, Димка Илкова-Бошковиќ, советниците на претседателот Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи, Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот, Марко Марковски и Бранко Ивановски.


Одбележана годишнина од смртта на Трајковски пред спортскиот центар


Скопје, 26 февруари, 2016 - 12:26 (META) 

По повод 12-годишнината од трагичната смрт на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски, денеска пред споменикот поставен во негова чест, пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ се оддржа пригодно чествување.

Свежо цвеќе пред спомен-обележјето положи директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и претставникот на Сојузот на спортски федерации на Македонија, Борче Боев.

Исто така, со положување свежо цвеќе почит му оддадоа и претставници од спортскиот центар „Борис Трајковски“, делегација од Општина Карпош и претставници на спортските клубови и на спортските медиуми.

Поранешниот pретседател на Република Македонија Борис Трајковски беше голем поддржувач на македонскиот спорт, а во младоста се занимаваше и со одбојка. Тој трагично загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар во 2004 година.


Обвинителство: Нема нови околности во истрагата за смртта на претседателот Трајковски


Скопје, 26 февруари, 2016 - 11:59 (META) 

До овој момент и од досега утврдените факти во истрагата, како и од извештајот од Меѓународната комисија за испитување на причините за авионската несреќата во која животот го загуби претседателот Борис Трајковски, не произлегле нови околности што би довеле до „донесување на поинаква одлука од претходно донесената резолуција“, соопшти денеска Јавното обвинителство.

„Јавното обвинителство на Република Македонија во врска со истрагата за авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски и неговите сопатници, информира дека до овој момент и од досега утврдените факти во предметот, како и од поднесениот извештај од Меѓународната комисија за испитување на причините за несреќата и од други во меѓувреме добиени и прибавени материјали, во досегашната компарација со претходните извештаи и докази, не произлегуваат нови околности што би довеле до донесување поинаква одлука од претходно донесената резолуција“, стои во соопштението на Обвинителството.

Оттаму додаваат дека иако извештајот на Меѓународната комисија не е дел од официјалната истрагата, тој бил разгледан и анализиран од Јавното обвинителство. Но, од него, како што велат од Обвининителството, не произлегуваат нови релевантни околности што би ја промениле веќе донесената одлука.

Јавното обвинителство истакнува дека резолуцијата не е конечна одлука, односно дека Обвинителството нема правна пречка и понатаму да ги испитува сите околности за случајот.

Денеска навршуваат 12 години од смртта на Трајковски, кој загина во трагична авионска несреќа во близина на босанскиот град Мостар. Заедно со претседателот животите ги загубија уште осум лица, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.


Денеска се одбележува 12-годишнина од смртта на претседателот Борис Трајковски


Скопје, 26 февруари, 2016 - 9:43 (META) 

Делегација на Собранието во состав Љупчо Димовски, Весна Дамчевска Илиевска, Александар Стојковски и Јагода Шахпаска, денеска во 11 часот ќе положат цвеќе на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, во Алејата на великаните на гробиштата Бутел.

Годишнината од смртта на претседателот Трајковски ќе биде одбележана и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Цвеќе ќе положат директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Златко Перински, директорот на Агенција за млади и спорт, Марјан Спасески, претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаревски, претставниците на Спортското радио, како и претседателот на Сојуз на спортови на Македонија, Борче Боев.

Цвеќе ќе биде положено и на спомен-обележјето во Ротимље во Босна и Херцеговина.

Денеска навршуваат 12 години од смртта на Трајковски, кој загина во трагична авионска несреќа во близина на босанскиот град Мостар. Заедно со претседателот загинаа осум лица, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.