!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Сириската војска контролира 85 отсто од територијата


Дамаск, 12 септември, 2017 - 14:00 (META) 

Рускиот генерал потполковник Александар Лапин соопшти дека сириските сили ослободиле околу 85 отсто од територијата која била под контрола на екстремистите.

Лапин, во воздухопловната база Хемеимем, во близина на Латакија, рече дека сириската државна војска има уште 15 отсто од земјата, односно околу 27.000 квадратни километри, да исчисти од екстремисти.

Сириската војска во изминатите недели ги протера припадниците на Исламска држава од провинцијата Хомс, во близина на границата со Либан, а сега се бори за контрола на Деир ез Зор, источна провинција богата со нафта.

Русија од 2015 година им помага на силите на сирискиот претседател Башар ал Асад со воздушни напади на позиции на ИД.


Најмалку 13 цивили загинале во напади на северот на Авганистан


Кабул, 12 август, 2017 - 11:37 (META) 

Најмалку 13 цивили, меѓу кои жени и деца, загинале во северниот дел на Авганистан, кога нивната куќа била погодена во артилериски напад, соопштиле официјални претставници.

Куќата, како што јавуваат агенциите, била погодена синоќа за време на борбите во провинцијата Фарџаб. Полицијата соопштила дека во нападот се повредени уште двајца цивили.

Засега не е познато дали цивилите настрадале во напад на талибанците или на авгинистанските безбедносни сили.

Провинцијата Фарџаб во последните неколку месеци е средиште на судирите помеѓу талибанците и авганистанските безбедносни сили, а активистите ги обвинуваат и двете страни дека гаѓаат цивили.


Нападната воена болница во Кабул, сè уште се водат борби


Кабул, 8 март, 2017 - 13:09 (META) 

Најмалку две лица се убиени, а 25 се ранети при напад на воена болница во Кабул, која се наоѓа во близина на американската амбасада.

Генерал Давлат Вазири, портпарол на Министерството за одбрана, рече дека засега непознат број напаѓачи влегле во болницата по експлозијата и пукањето. Воената болница, која има 400 легла, е лоцирана покрај две цивилни болници.

– Напаѓачите се на вториот и на третиот кат од болницата и се водат борби – рече Вазири.

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани го осуди нападот за време на говорот по повод Меѓународниот ден на жената.

– Ова е напад на авганистанскиот народ и на авганистанските жени – рече Гани.

Засега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот, кој е извршен пред почетокот на пролетната офанзива против талибанците.

Подрачјето околу болницата е блокирано, а силите на НАТО соопштија дека се подготвени да им помогнат на силите за безбедност на Авганистан.


Повеќе од 10 жртви во разгорените борби во Источна Украина


Авдиивка, 30 јануари, 2017 - 16:42 (META) 

Повеќе од 10 луѓе загинале во борбите во Источна Украина денеска, во територија надвор од контрола на проруските бунтовници, јавија светските агенции. Тоа се меѓу најжестоките борби во последните неколку седмици, откако стапи на сила новото примирје, на 23 декември лани. Примирјето беше нарушено неколкупати оттогаш.

Седум украински војници загинале во борбите што почнаа меѓу армијата на Украина и проруските бунтовници во и близу гратчето Авдиивка, кое се наоѓа на линијата на фронтот. Загинал и командант на бунтовниците, познат како Грек, и двајца бунтовници. Има непотврдени извештаи и за двајца загинати цивили. Една жена, наводно, загинала при гранатирање на гратчето Макијивка, кое е под контрола на бунтовниците.


Русија и САД разгледуваат нови начини како да ги запрат борбите во Сирија


Рим, 2 декември, 2016 - 19:53 (META) 

Американскиот државен секретар, Џон Кери, денеска изјави дека со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, разговарале за тоа како да ги запрат борбите во сирискиот град Алепо.

Кери истакнал дека дополнително ќе разговараат следната недела за денешните предлозите што ги размениле со Лавров.

По состанокот во Рим, Кери изјавил дека „никој нема да чека на следната администрација“ во Вашингтон.

Тој истакнал дека двете земји поддржуваат спротивставени страни во сириската граѓанска војна, но дека се согласни дека ситуацијата во Сирија е алармантна.

Кери, исто така, изјавил дека треба да се види дали дипломатските напори ќе донесат добри резултати и додал дека американските и руските дипломати следната недела ќе одржат технички разговори во Женева.

 


Сириската војска ги презеде од опозициските сили клучните делови на Алепо


Алепо, 28 ноември, 2016 - 10:18 (META) 

Сиријските владини сили го зазеле клучниот дел на Алепо, Ал-Сакхур, и со тоа ја вратиле контролата над сите северни области од источниот дел на градот што ги држеа бунтовниците, јавуваат светските агенции.

Освојувањето на областа Ал-Сакхур го потврдиле сириската државна телевизија, како и сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон.

Сириската армија, лојална на претседателот Башар ал-Асад, и нејзините сојузници во септември годинава почнаа голема офанзивна за преземање на Алепо, кој е втор по големина град во Сирија.

Илјадници цивили, како што јавува „Би-би-си“, ги напуштиле источните области на Алепо, по тешките борби меѓу владините и опозициските сили, кои траеле целиот викенд.

Заземањето на Алепо е клучната цел на сириската влада, во нејзината борба против бунтовниците.


Во масовна гробница кај Мосул пронајдени и тела на деца


Мосул, 8 ноември, 2016 - 19:27 (META) 

Вештаци кои ја истражуваат масовната гробница кај Мосул, во која се пронајдени околу 100 обезглавени тела, утврдија дека меѓу жртвите има и деца, пренесуваат светските медиуми.

Истражителите уште од утринава ги испитуваат причините за смртта на жртвите и нивните идентитети.

Тоа не е прва масовна гробница откриена на територијата ослободена од Исламска држава, а телата се откриени откако ирачките трупи почувствувале непријатен мирис.

Гробницата е откриена во место кое е оддалечено околу 30 километри од Мосул, град кој беше упориште на Исламска држава и околу кој се водат борби меѓу ирачките сили и џихадистите.

Официјални претставници на Обединетите нации сметат дека треба да се истражи дали пронајдените тела се поврзани со наводните убиства на полицајците во истата област.

Борбите за ослободување на вториот по големина ирачки град Мосул почнаа на 17 октомври.


Најмалку 4 лица загинаа, а 12 се ранети во експлозија во Јемен


Сана, 14 октомври, 2016 - 19:01 (META) 

Најмалку четири лица загинаа, а 12 се ранети при експлозија која се случила за време на погреб во јеменскиот град Марибу, источно од главниот град Сана.

Експлозијата се случила за време на оддавање на почест на починатиот Абдуралаб Шададиј, кој бил воен заповедник и бил убиен пред неколку дена во борбите против бунтовниците Хути.

Непријателствата во Јемен се зголемија по неуспешните мировни преговори на Обединетите нации во Кувајт во август минатата година. Борбите се концентрирани околу градот Сана, во делот на земјата кои го контролираат Хути.

Тензиите се зголемија по воздушниот напад на коалицијата на чело со Саудиска Арабија кој се случи на 8 октомври, со цел да ги потисне бунтовниците Хути и нивните сојузници, кои и понатаму ја имаат контролата во главниот град.

 


Сириската опозиција го зазеде градот Манбаџ


Манбиџ, 13 август, 2016 - 18:58 (META) 

Сириските опозициски сили, поддржани од САД, ја презедоа целосната контрола врз градот Манбиџ, во близина на турската граница, откако последните борци на Исламска држава го напуштија градот, изјави портпаролот на Сириските демократски сили, Шарфан Дарвиш.

Тој истакна дека бунтовниците сега го пребаруваат градот по заминувањето на последната група екстремисти, додавајќи дека се ослободени и повеќе од 2.000 цивили, кои биле чувани како заложници.

– Градот сега е целосно под наша контрола, но преземаме акции за негово чистење – објасни Дарвиш.

Сириските бунтовници нагласија дека не сакале да извршат напад од големи размери врз силите на ИД во градот поради цивилите, поради што бил и склучен договор да им биде дозволено на џихадистите слободно да го напуштат Манбиџ.

Според американски претставници, по завршувањето на операцијата за ослободување на Манбиџ ќе може да се почне акција за освојување на градот Рака, каде се очекуваат тешки борби.


Жестоки судири кај сирискиот град Алепо


Алепо, 3 август, 2016 - 10:43 (META) 

Интензивни судири се водат во околината на сирискиот град Алепо, каде бунтовниците се обидуваат да го пробијат обрачот што околу градот го направија државните сили.

За време на викендот, бунтовниците се обидувале да ги зголемат подрачјата кои ги контролираат во источниот и во западниот дел на градот.

Како што јавува „Би-би-си“, бунтовниците активирале силна бомба во тунел под позициите на сириската армија во стратешки важниот округ Раусех.

Армијата возвратила на нападите со поддршка од руските воздухопловни сили, за да ги спречи бунтовниците да се пробијат.

Се проценува дека околу 250.000 цивили живеат под опсада во областите што ги контролираат бунтовниците, откако државните сили ги опколија минатиот месец.

Извор од бунтовничките сили вели дека во тек е „голема епска битка за Алепо“, во која учествуваат околу 10.000 борци, најмалку 95 тенкови и неколку стотини ракетни фрлачи.