Аеродромот „Сити“ во Лондон затворен поради пронајдена бомба


Лондон, 12 февруари, 2018 - 20:10 (META) 

Лондонскиот аеродром „Сити“ е затворен откако бомба од Втората светска војна била пронајдена во близина на реката Темза. Аеродромот ќе биде затворен цел ден и сите летови се откажани, а тоа ќе има влијание врз 16.000 патници, изјави портпаролката на аеродромот.

Полицијата воспостави забранета зона од 214 метри, поради што лондонскиот „Сити“ аеродром сега е затворен, стои во соопштението на аеродромот.

Бомбата е пронајдена за време на работата на кејот на реката Темза во близина на единствената писта на тој аеродром.

Аеродромот се наоѓа во источниот дел на Лондон, во близина на бизнис-областа Канари Ворф и од него се изведуваат кратки летови.


Најмалку 38 жртви во самоубиствен бомбашки напад во Багдад


Багдад, 15 јануари, 2018 - 10:19 (META) 

Најмалку 38 луѓе се убиени и уште 105 се повредени во двојниот бомбашки напад во средиштето на Багдад, втор во последните три дена. Двата напади уследија по неколкуте седмици релативен мирна состојба во главниот град на Ирак.

– Двајца самоубијци активираа експлозив кој го носеле на плоштадот Ал-Тајаран во центарот на Багдад – изјави генералот Сад Ман, портпарол на оперативната команда која ги координира војската и полицијата.

Плоштадот Ал-Тајаран е поприлично живо место во центарот на Багдад, а таму се собираат мајстори-надничари, во потрага по работа. Двајцата напаѓачи-самоубијци носеле елеци наполнети со експлозив.

 

 


Евакуиран аеродромот во Софија поради дојава за бомба


Софија, 10 јануари, 2018 - 14:12 (META) 

Аеродромот во Софија е евакуиран поради истрага која се спроведува откако била добиена дојава за поставена бомба, јавуваат светските медиуми.

Евакуацијата ја наредил министерот за внатрешни работи по повикот кој пристигнал во 13 часот и 20 минути по локално време, пренесе бугарската новинска агенција „Бгнес“.

На лице место веднаш пристигнале повеќе полициски единици, а на возилата не им е дозволен пристап до аеродромот.


Самоубиствен напад во џамија во Нигерија, загинаа 50 луѓе


Абуџа, 21 ноември, 2017 - 12:11 (META) 

Најмалку 50 лица загинале во североисточниот нигериски град Муби, кога бомбаш самоубиец, тинејџер, се разнел во џамија, соопштија локалните власти.

Според портпаролот на нигериската полиција, Отман Абубакар, сè уште не се знае колку лица се повредени затоа што се префрлени во многу болници.

Абубакар изјави дека бомбашот самоубиец го детонирал експлозивот додека се наоѓал со други верници во џамијата, а верниците пристигнувале на утринската молитва.

Засега никој не ја презема одговорноста за нападот, но постојат сомневање дека одговорни се припадниците на исламистичката милитантна група Боко харам.


Поради 130 лажни дојави за бомби, евакурани 100.000 жители на Москва


Москва, 6 октомври, 2017 - 21:01 (META) 

Во Москва денеска се создала огромна загриженост откако поради вкупно 130 дојави за подметнати бомби, биле евакуирани околу 100.000 луѓе од четирите московски аеродроми, од 15 трговски центри, повеќе од 20 училишта, пет железнички станици, неколку хотели и други објекти. Истрагите потоа утврдиле дека дојавите се лажни, односно не биле подметнати бомби.

– Од почетот на денот, безбедносните служби добија повеќе од 130 дојави за подметнати бомби. Од сите објекти беа евакуирани повеќе од 100.000 луѓе – вели за руските медиуми претставник на раководните структури во безбедносните служби.

Ова е досега најголемата серија лажни дојави, што е феномен што се случува од почетокот на септември годинава во неколку градови во Русија.

Најверојатно виновни за лажните дојави се руски државјани кои живеат во странство. Дојавите биле преку интернет и затоа било тешко да се идентификуваат.


Осум загинати во експлозија на бомба во близина на Мосул


Мосул, 17 септември, 2017 - 17:21 (META) 

Осум припадници на ирачките паравоени единици загинале во експлозија на бомба, подметната во училиште во регионот на Мосул, кој на почетокот на јули беше преземен од џихадистите на Исламска државата (ИД), јавуваат светските агенции.

Училиштето се наоѓа на околу 20 километри од Мосул, а борците на ИД го минирале додека кон крајот на август се повлекувале од Мосул и од Тал Афар.

Во борбите за ослободување на провинцијата Нинива од Исламска држава, владините сили имаа помош и од шиитската племенска единица Хачд ал-Чаби.


Пронајдена бомба во близина на нуклеарната електрана Фукушима


Токио, 10 август, 2017 - 13:40 (META) 

Бомба за која се претпоставува дека е од Втората светска војна е пронајдена на градилиште во близина на комплексот на нуклеарната електрана Фукушима во Јапонија.

„Работниците рано утринава ја забележале бомбата ископувајќи земја на едно паркиралиште, кое е околу еден километар оддалечено од реакторот, кој во 2011 година беше уништен со земјотресот и со цунамито“, стои во соопштението на операторот на постројката, ТЕПКО.

Властите велат дека за’рѓаниот објект е со должина од околу 85 сантиметри и широк околу 15 сантиметри.

Воените единици, како што е соопштено, се упатени на терен за да ја деактивираат бомбата.


Турски авион приземјен во Алжир поради лажна тревога за бомба


Алжир, 25 јули, 2017 - 20:13 (META) 

Авион на компанијата „Туркиш ерлајсн“ е приземјен на аеродром во Алжир поради лажна тревога за подметната бомба, соопштија алжирските власти.

Пилотот на авионот, кој летал од Истанбул за Мароко, одлучил да го приземји леталото во главниот град на Алжир затоа што една од патничките рекла дека поседува бомба, соопшти претставник на компанијата „Ер Алжир“, кој побарал да остане анонимен.

Според изворот, извршено е пребарување и не е пронајдена никаква експлозивна направа.
Како што се наведува, патничката што тврдела дека има бомба не е по потекло од Алжир, но безбедносните служби ја задржале на распит.


Ќе се евакуираат 400 луѓе од село во Словенија зашто соселанец донел авионска бомба дома


Љубљана, 24 јули, 2017 - 11:42 (META) 

Евакуирани ќе бидат сите, речиси 400 жители на селото Вурберк во североисточниот дел на Словенија, откако нивни сосед нашол неексплодирана авионска бомба и со камион ја донел дома. Селаните ќе бидат евакуирани утре, а ќе им биде дозволено да се вратат во своите домови откако деминерите ќе ја онеспособат бомбата.

Селанецот ја нашол бомбата играјќи „Потрага по богатство“ во близина на замокот Вурберк и наместо да ја извести полицијата, ја откопал и со камион ја донел во својот двор, кој е блиску до селската црква, а дури потоа се јавил в полиција.

– Со оглед на видот на бомбата, тој имал многу среќа. Сè можело да заврши многу лошо. Со оглед на тоа дека бомбата била отстранета од местото на кое паднала за време на бомбардирањето и доколку не се ракувало со неа како што треба, новонастанатите промени би можеле да предизвикаат неконтролирана експлозија – изјавил за новинарите Игор Бох од одделението за неексплодирани средства.

Операцијата за деактивирање на бомбата ќе биде многу комплицирана и ќе се изведе во вторник, кога ќе биде евакуирана целата област во радиус од еден километар, односно, ќе се евакуираат 400 жители.

Човекот кој ја открил бомбата би можел да биде обвинет за нарушување на јавниот ред и мир и осуден на казна до пет години затвор.


Во Полска евакуирани 10.000 луѓе поради бомба од Втора светска војна


Варшава, 9 јули, 2017 - 13:21 (META) 

Во Бјалисток на североистокот на Полска почна евакуација на 10.000 луѓе поради бомба тешка половина тон од Втора светска војна.

Бомбата е откриена за време на градежни работи на една улица.

– Бомбата е обезбедена и покај неа стражарат припадниците на надлежните служби. Моментално нема опасност по граѓаните, но може да се појави во моментот кога ќе се вади – вели градоначалникот на Бјалисток, Тадеуш Турсколаски.

Градот во договор со полицијата одлучи да затвори 60 улици во пречник од 1,3 километри околу бомбата, а домовите мораа да ги напуштат околу 10.000 лица додека специјалците не ја извадат бомбата и ја однесат на воен полигон за безбедно да ја детонираат.