Итно се потребни специјалисти во прилепската болница


Прилеп, 14 септември, 2018 - 13:31 (META) 

Проблемот кој што со години беше ставан „под тепих“,станува алармантен во прилепската болница. Недостига специјалистички кадар во сите одделенија.

Спроед анализите на новото раководство потребно е да се вработат триесетина специјалисти во сите одделенија со цел работата да тече непречено. Ова затоа што наскоро голем дел од специјалистите ќе заминат во пензија.

„Се надеваме дека поради недостигот од лекари, дел од нив, ќе останат да работат уште некој период и по пензионирањето. Имаме недостиг во речиси сите одделенија: во очно, гинеколошко, хирургија. Наскоро така ќе биде и во ортопедското одделение“, вели директорот на болницата „Борка Талески“, Драги Богојески.

Барањата за нови специјализации се испратени до ресорното Министерство, од каде се чека одговор. Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека се преземаат одредени мерки за ублажување на проблемот.

„Одредена бројка е веќе дозволена од Министерството за финансии, како што впрочем во сите здравствени установи во земјата, од јануари досега се примени 2.200 луѓе. Разговаравме и за потребата од специјализации, а после измената на Програмата за специјализации донесена на последната седница на Влада, прилепската болница ќе ги добие потребните специјализации, врз основа на процената какви кадри недостигаат. Со меѓународни финансиски институции, правиме процена кој дел во болниците треба инфраструктурно да се подобри, а разговараме за тоа прилепската болница целосно да се реновира, во смисла на тоа да се замени фасадата и да стане енергетски ефикасна“, изјави Филипче.

Според него, а имајќи го во вид недостигот на специјалистички кадар, се размислува да се најде мотив, да се задржат специјалистите еден период по пензионирањето, како едукатори на новата генерација млади специјалисти.

Во болницата во Прилеп, неодамна пристигна донација со колоноскоп, мобилен рендген апарат за потребите на ортопедија, апарат за анестезија, плазма стерилизатор, а во процедура е набавка на опрема за физикална терапија. Но, многу вработени во болницата забележуваат дека нема кој да работи со новата опрема.

Во прилепската болница се пружа здравствена заштита на граѓаните од Прилеп, Крушево и двете помали рурални општини: Кривогаштани и Долнени.


Кривична пријава за Тодоров поради несовесно работење при реконструкција на болници


Скопје, 3 април, 2018 - 11:01 (META) 

Управата за финансиска полиција (УФП) поднела кривична пријава за несовесно работење во службата против поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, и против П.В., раководител на Единицата за спроведување на Проектот за реконструкција и доградба на објекти на јавните здравствени установи при Министерството за здравство.

Во пријавата до Основно јавно обвинителство – Скопје (ОЈО), УФП вели дека во врска со договор склучен во 2010 година со изведувачот Конструктор Инженеринг АД – Сплит, за градежни и градежно-занаетчиски работи за Општа болница Куманово, Општа болница Кочани и Општа болница Крива Паланка, дозволиле ненавремено и неквалитетно изведување на работите.

Според УФП, тие во 2011 година не се обиделе да ја наплатат банкарската гаранција од 3,81 милиони денари (речиси 62.000 евра), ниту пак побарале да се продолжи нејзината важност.

Потоа во 2012 година е раскинат договорот со хрватскиот изведувач и биле ангажирани нови изведувачи, кои ги довршиле почнатите работи и вршеле поправки.


41 лице загина во пожар во јужнокорејска болница


Сеул, 26 јануари, 2018 - 9:43 (META) 

Во пожарот кој избувна рано утринава во болница во јужнокорејскиот град Мирјанг загина 41 лица, а уште осумдесетина се повредени.

Светските медиуми пренесуваат дека постојат сомневања дека пожарот избувнал на првиот кат од болницата, во просториите за итни случаи. Пожарникарите евакуирале околу 200 лица кои се наоѓале во главната зграда на болницата.

Мирјанг се наоѓа околу 270 километри југоисточно од јужнокорејската престолнина Сеул. Јужнокорејскиот премиер Ли Нак-јеонг наложил да се употреби сета можна опрема за гаснење на пожарот и пребарување на болницата за да се спасат што повеќе човечки животи.

Шефот на пожарникарите Чои Ман-Ву вели дека засега не е познато што го предизвикало пожарот, а ситуацијата да биде полоша, во болницата немало инсталирани противпожарни прскалки.

Пожарот во Мирјанг доаѓа само еден месец откако огнена стихија однесе 29 животи во осумкатница во центарот на градот Јачеон.


Пукање во Чаир, повредено 24-годишно момче


Скопје, 20 декември, 2017 - 19:22 (META) 

Денеска околу 17.40 часот на ул. „Џон Кенеди“ во Скопје од возило во движење пукано е во лицето Б.И. (24), информираат од МВР.

Повредениот Б.И. веднаш е пренесен во болница, а полициски службеници се на лице место и преземаат мерки и активности за расчистување на случајот.


Уште 60 лица од Гостивар побарале лекарска помош поради дијареа и изнемоштеност


Гостивар, 27 октомври, 2017 - 12:33 (META) 

Bо текот на ноќта, во гостиварската болница, лекарска помош побарале уште 60 нови лица со симптоми на дијареа и на изнемоштеност, информираат од Министерство за здарвство.

Со ова, вкупната бројка на заболени се зголеми на 360 лица.

Од Министерство за здравство уште еднаш потврдуваат дека „од епидемиолошките и од другите спроведени мерки, со сигурност може да се констатира дека не постои поврзаност за консумирање храна од еден ист објект“.

„Од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) се на терен и ја следат состојбата. Во тек е обработка на податоци, по што надлежните институции ќе излезат со соопштение. Од податоците и информациите што ќе ги добијат од подрачниот ЦЈЗ, доколку има потреба, ДСЗИ ќе издаде решение за конкретни мерки“, се вели во соопштението на Министерство за здравство.


Физички нападнат градоначалникот на Шуто Оризари, Елвис Бајрам


Скопје, 2 октомври, 2017 - 19:39 (META) 

Актуелниот градоначалник на скопската општина Шуто Орузари, кој е и кандидат за истата функција на претстојните локални избори, Елвис Бајрам, и уште едно лице кое било со него, попладневно биле физички нападнати, објави „Нетпрес“.

Бајрам бил во друштво со лицето Аднан Мемет, кое е дел од неговиот изборен штаб. Двајцата оделе во посета на жители на населбата Шуто Оризари, како дел од предизборната кампања.

Околу 17.50 часот, четири непознати лица физички го нападнале прво Мемет, а потоа и Бајрам. Откако со тупаници ги собориле на земја, почнале да ги удираат со клоци и со метални и дрвени прачки.

Насилниците побегнале, а екипа на брзата помош констатирала тешки повреди кај Бајрам. Веднаш бил однесен во скопската градска болница „8 Септември“, каде поради сериозноста на повредите бил хоспитализиран и е критична состојба.

Директорот на болницата, Христијан Костов информираше дека на Бајрам санирана му е една рана, дека е сошениен е со 5-6 конци и дека е надвор од животна опасност.

Мемет во изјава за медиумите пред болницата апелираше до ДИК и до МВР да преземат мерки да се расчисти случајот.


Најмалку 22 лица загинаа, а 30 се повредени во стампедо во Индија


Мумбај, 29 септември, 2017 - 11:37 (META) 

Најмалку 22 лица загинаа, а 30 се повредени во стампедо на железничка станица во финансискиот центар на индискиот град Мумбај, соопштуваат од локалната болница.

Од полицијата велат дека стампедото било предизвикано од информација за уривање на надвозник, откако парчиња бетон почнале да паѓаат врз луѓето, а хаосот настанал кога луѓето побрзале да го поминат мостот.

Полицијата сè уште го истражува случајот.


Најмалку шестмина загинати во земјотресот во Мексико


Мексико Сити, 8 септември, 2017 - 12:59 (META) 

Во најсилниот земјотрес што во последниот век го погодил Мексико, засега бројката на загинати изнесува шест лица, но се стравува дека набргу би можела да се зголеми.

Се вршат масовни евакуации, а издадени се и предупредувања за цунами во регионот, по земјотресот со магнитуда од 8,4 степени според Рихтер, кој се случи околу полноќ по локално време на 165 километри од  Мексико Сити.

Во државата Чиапас има четворица загинати, а во државата Табаско две деца ги изгубија животите, потврди гувернерот на покраината, Артуро Нуњез. Тој рече дека едно дете загинало кога поради потресот се урнал ѕид, а едно бебе го загубило животот во детска болница кога поради прекин на струја, престанал да работи инкубаторот во кој било.


Во болница остануваат уште 12 патници повредени во автобуската несреќа


Скопје, 22 август, 2017 - 15:22 (META) 

Се очекува денеска дома да бидат пуштени уште тројца пациенти од автобуската несреќа што се случи во неделата на автопатот Велес – Скопје, кои беа хоспитализирани во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, соопшти Министерството за здравство.

Од Клиниката за oртопедија информираат дека петмина пациенти се веќе пуштени дома и во моментов кај нив се хоспитализирани уште осум повредени лица од сообраќајната несреќа. Исто така на Клиниката за неврохирургија има еден хоспитализиран пациент, како и уште еден на Клиниката за торакална хирургија.

Во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ остануваат уште двајца од повредените, а од Општа болница Велес информираат дека сите повредени се во добра општа состојба и се пуштени на домашно лекување.

Сообраќајната несреќа се случи во неделата околу 18.50 часот на 250 метри пред зимскиот пункт на „Македонија пат“. Автобусот „неоплан“ со скопски таблички, сопственост на „Бус Травел“ ДПУ ДООЕЛ Скопје, кој бил управуван од возачот А.Н. (48) од Скопје, излетал од коловозот и слетал во провалија. Во несреќата 68-годишна патничка го загуби животот, а 26 беа повредени.


Седумгодишното момче кое се водеше за исчезнато во нападот во Барселона починало


Барселона, 20 август, 2017 - 18:07 (META) 

Седумгодишното момче од Австралија, Џулијан Кадмен кое се водеше за исчезнато за време на терористичкиот напад во Барселона, денеска починало во болницата каде што се лекувало, јавуваат светските медиуми.

Дедото на Џулијан, Тони Кадмен од Сиднеј на неговиот фејсбук-профил напиша дека неговиот внук Џулијан исчезнал, а неговата мајка е во болница во тешка, но стабилна состојба.

Каталонската полиција од друга страна соопшти дека момчето никогаш не го третирале за исчезнато, туку дека имале увид во неговата состојба и местото каде се наоѓа.

Во нападот во Барселона на 17 август, кога комби влета на улицата Ла Рамбла, починаа 18 лица, а 100 беа повредени.