Судењето за „Титаник“ се одложи за 24 септември поради болест на Протоѓер


Скопје, 12 септември, 2018 - 11:47 (META) 

Поради болест на обвинетиот Мартин Протоѓер судењето за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство е одложено за 24 септември.

Адвокатот на Протоѓер, Дончо Наков, на судот достави лекарска документација и објасни дека обвинетиот ноќеска во два часот бил однесен на ургентен центар.

Обвинителката Лиле Стефановска, рече дека со лекарската потврда се докажува спреченоста на обвинетиот да присуствува на рочиштето, но таа е со важност од седум дена.

На денешното рочиште беа присутни сите останати обвинети.

Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.


ИЈЗ: Во Македонија нема Западнонилска треска


Скопје, 16 август, 2018 - 11:05 (META) 

Во Македонија до вчера не е регистриран ниту еден случај на Западнонилска треска, болест што ја пренесуваат комарците, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Здравствените власти потсетуваат дека ниту еден случај на заболен од оваа болест нема од 2016 година до вчера, за разлика од соседството, каде од почетокот на сезоната до 9 август има 13 смртни случаи.

Така, од соседните земји најлоша е состојбата со Србија, каде се забележани 102 случаи на Западнонилска треска, од кои 9 се починати, потоа Грција со 59 случаи , од кои три смртни. Болеста се појави и на Косово, каде беа регистрирани два случаи, од кои еден е починат.

Во поблиските земји, по 23 случаи имаше во Унгарија и Романија, каде пак имаше и еден смртен случај.


Почина поранешниот вицепремиер Абдилаќим Адеми


Скопје, 16 февруари, 2018 - 9:37 (META) 

По тешко боледување, синоќа почина Абдилаќим Адеми, член на ДУИ и поранешен висок државен функционер.

Од 2008 година Адеми беше вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор, од 2011 до 2014 година беше министер за животна средина и просторно планирање, а од 2014 до 2016 година ја извршуваше функцијата министер за образование и наука.

Од 2002 до 2006 беше пратеник во Собранието на Република Македонија. Беше член на ДУИ од основањето на Централниот одбор и претседател на огранокот на ДУИ за општина Јегуновце.

Роден е на 20 декември 1969 година во тетовското село Шемшево. Дипломирал на Политехничкиот факултет во Тирана, а во Германија на Техничкиот универзитет стекнал обука во Институтот за градежни и стаклени материјали.

Адеми беше оженет и татко на еден син.

Ќе биде погребан денеска на пладне на гробиштата во неговото родно село Шемшово.


Судењето за „Труст“ одложено за 20 февруари, се разболе адвокатката на Авировиќ


Скопје, 13 февруари, 2018 - 11:03 (META) 

Денешното рочиште од судскиот процес за случајот „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан се одложи, бидејќи во Кривичниот суд не се појави адвокатката Сања Алексиќ, која го брани второобвинетиот Василије Авировиќ.

Причина за денешното отсуство е тоа што адвокатката се разболела, а за тоа ја известила и судијката, која следното рочиште го закажа за 20 февруари.

Инаку, судењето за случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство е во завршна фаза, односно одбраната треба да ги презентира своите докази, по што се очекуваат завршните зборови и пресдудата.

Во овој предмет покрај Кочан, Авировиќ и Сафет Ватиќ обвинети се и фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ. Тие се товарат дека со фалсификувани документи добиле тендер на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) вреден 17 милиони евра.

Денеска во Кривичниот суд е закажано рочиште и од судскиот процес за случајот „Тарифа“, каде обвинет е поранешниот директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски и уште две лица, кои се товарат за незаконска набавка на софтверски систем за потребите на ЕЛЕМ, вреден околу четири милиони евра.


Вакцинацијата против грип ќе почне в среда


Скопје, 16 октомври, 2017 - 16:06 (META) 

Вакцинацијата против грип ќе почне в среда (18 октомври) и ќе се врши во центрите за јавно здравје и во нивните подрачни единици на територијата на целата држава, информираат од Министерство за здравство.

„Вакцината е подготвена во согласност со препораките на СЗО и штити од два типа вируси од групата A и од еден тип вирус од групата Б, а производител е „Абот“ од Холандија. Вакцинацијата е единствена превентивна заштитна мерка против грип и се препорачува за лицата над 65 години, особено хронично болните лица, мали деца под три години со намален имунитет, здравствени работници, лица со кардиоваскуларни и со респираторни заболувања, како и воопшто за лица со намален имунитет“, се вели во сооопштението на Министерство за здравство.

Оттаму велат дека вакцината против грип е незадолжителна и се дава на доброволна база. Цената на вакцинацијата е 400 денари, исто како и минатите години.


Двајца мажи починале на Инфективна, надлежните велат нема простор за паника


Скопје, 26 јули, 2017 - 14:37 (META) 

Двајца мажи на возраст од 23 и од 50 години починале на Клиниката за инфективни болести во Скопје во тешка состојба, а Комисијата за заразни болести при Мининистерството за здравство сè уште не сака да ги соопшти причините за смртта. Од таму велат дека симптомите одговараат на повеќе болести, а официјалната причина ќе се знае по спроведените анализи.

Пациентите на клиниката биле примени во тешка состојба, со висока телесна температура и во бесознание, со сериозни проблеми со црниот дроб, бубрезите и со проблеми при засирување на крвта.

Звонко Миленковиќ, претседател на Комисија за заразни болести, информираше дека едниот пацинет починал денеска, а другиот пред три дена. Едниот пациент починал три дена по приемот на Клинката, а другиот неколку часа откако бил примен.

Тој не сакаше да ја каже причината за сериозната здравствена состојба на пациентите и само кажа дека двајцата се роднински поврзани и дека на Клиниката за инфективни болести сега лежат уште четворица пациенти со исти симптоми од кои дел се роднински поврзани со починатите.

– Нема никаква потреба да се создава паника кај населението бидејќи не станува збор за болести со висок степен на заразност и се сомневаме дека болеста можеби била пренесена од некои животни, а здравствените власти, односно центрите за јавно здравје, ги преземаат неопходните мерки во ваква ситуација – рече Миленковиќ, појаснувајќи дека починатите биле од Гостиварско.

Миленковиќ додаде дека клиниката не е во карантин туку дека пацинетите се во изолација на клиниката.


Почина кинескиот нобеловец и дисидент Лју Сјаобо


Пекинг, 13 јули, 2017 - 20:26 (META) 

Кинескиот добитник на Нобеловата награда за мир и дисидент, Лју Сјаобо, почина на 61-годишна возраст, соопштија денеска властите во кинеската провинција Лиаонинг, каде Сјаобо беше хоспитализиран поради рак на црниот дроб.

Како што пренесуваат светските агенции, кинеската правосудна канцеларија соопштила дека нобеловецот починал три дена откако бил префрлен на интензивна нега поради откажување на повеќе органи.

Сјаобо кон крајот на мај оваа година беше префрлен од затвор во болница, откако му беше дијагностициран рак на црниот дроб во терминална фаза.

Кинеските власти, како што наведуваат странските агенции, ги одбиле бројните повици на групите за човекови права и на странски влади, да овозможат негово лекување во странство, наведувајќи дека Сјаобо го лечат најдобрите кинески лекари.

Лју Сјаобо, кој беше најпознатиот политички затвореник во Кина, беше уапсен во 2009 година поради наводна вмешаност во активности за уривање на кинеската влада. Тој беше осуден на затворска казна од 11 години.

Нобеловиот комитет на 8 октомври 2010 година го објави неговото име како добитник на Нобеловата награда за мир за 2010 година, со образложение дека наградата му се доделува за „долгата и ненасилна борба за основните човекови права во Кина“.


Кинескиот нобеловец и дисидент Лју Сјаобо ослободен од затвор


Пекинг, 26 јуни, 2017 - 12:33 (META) 

Кинескиот добитник на Нобеловата награда за мир и дисидент Лју Сјаобо е ослободен од затвор, откако на 23 мај му бил дијагностициран рак на црниот дроб во терминална фаза, соопштил неговиот адвокат Мо Шаопинг, јавуваат светските агенции.

Сјаобо се наоѓа на лечење во градот Шенгјанг, на североистокот на Кина и се наоѓа во стабилна состојба, соопштил адвокатот.

Лју Сјаобо, кој е најпознатиот политички затвореник во Кина, познат по своите заложби за заштита на човековите права и на демократија, беше уапсен во 2009 година поради наводна вмешаност во активности за уривање на кинеската влада. Тој е осуден на затворска казна од 11 години.

Нобеловиот комитет на 8 октомври 2010 година го објави неговото име како добитник на Нобеловата награда за мир за 2010 година, со образложение дека наградата му се доделува за „долгата и ненасилна борба за основните човекови права во Кина“.


Германија е четврта земја во Европа каде е регистриран птичји грип


Берлин, 24 ноември, 2016 - 10:31 (META) 

Птичји грип е потврден на една фарма во Долна Саксонија, каде што ќе бидат заклани 16.000 мисирки поради сомнеж дека се заразени, соопштија официјалните лица.

Вирусот е потврден во Клопенбург, Северна Германија и ова е прв случај во регионот кој е еден од најголемите производители на пердуви во Европа, соопшти министерството за земјоделство во Долна Саксонија.

Во последните неколку седмици, присуството на овој вирус е потврдено во уште неколку европски држави, но и во Израел.

Некои од тие држави издале наредби за држање на живината на затворено и подготвиле други санитарни мерки заради спречување за ширење на оваа болест.

Случаи на птичји грип забележани се на живинарските фарми во Германија, Унгарија, Австрија и во Данска.


По кратко боледување почина пејачката Љупка Димитровска


Скопје, 4 октомври, 2016 - 20:30 (META) 

По кратко боледување, вчера почина познатата македонско-хрватската пејачка Љупка Димитровска, јавуваат хрватските медиуми.

Димитровска беше родена во 1946 година во Скопје, но по првите пејачки успеси најголемиот дел од кариерата и од животот ги помина во Загреб.

Нејзиниот прв албум „Љупка“ беше објавен во 1975 година.