Обвинет во „Шамарите“ имал фалц боледување, тврди Фетаи


Скопје, 3 април, 2018 - 11:49 (META) 

Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи, која го води предметот за насилството во Општина Центар, по пријава во Лекарската комора на Македонија, фати тројца лекари кои му давале фалц боледувања на обвинетиот Милан Андоновски, наменски само да се одолговлекува судењето и најави дека против лекарите ќе покренат соодветна постапка.

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на рочиштето посочи дека побарало Државниот санитарен и здравствен инспекторат да испрати инспекција со цел да се провери дали се оправдани боледувањата кои ги вадеше Андоновски поради што во три наврати беше одложувано судењето за насилството во Центар.

Инспекторатот испратил екипа во приватната медицинска ординација и специјалистичката државна клиника од каде на Андоновски му беше издадено боледување непосредно пред минатото рочиште во март.

Инспекцијата ги одзела медицинските документации за обвинетиот и ги предала до Лекарската комора и до Фондот за здравствено осигурување по што била формирана комисија која ги разгледала документите.

– Изготвен е извештај и било констатирано дека при издавање на специјалистичкиот извештај се направени пропусти во повеќе наврати. Лекарот и специјалистите кои го издавале боледувањето не ги исполниле потребните прописи, не се направени стандардни лабораториски анализи – рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Таа и на денешното рочиште во Кривичниот суд повторно побара од судијата Душан Јосифов да ја преиспита својата одлука во врска со притворот за обвинетиот Андоновски.

Минатото рочиште беше одложено поради отсуство на Милан Андоновски, кој според боледувањето имал ларингит, а денеска тој беше присутен во судницата.

Денешното рочиште за предметот на СЈО „Насилство во општина Центар“, на кое поранешниот градоначалник на Центар Андреј Жерновски одговараше на прашање на одбраната заврши, а следното е закажано за 19 април, кога треба да бидат испрашани уште двајца сведоци.

Во овој случај на СЈО, обвинети се екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова и уште девет лица кои се изјаснија за невини.


Психијатар ќе проценува дали обвинетиот во „Триста“ може да го следи судењето


Скопје, 27 ноември, 2017 - 14:20 (META) 

Поранешниот помошник на министерот за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, обвинет во случајот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство, денеска се појави на рочиште во Кривичниот суд, но тоа повторно беше одложено, на барање на неговите адвокати. Тие пред судот рекоа дека Поповски се лекува од депресија и дека е под лекарства, поради што сметаат дека не е во состојба да го следи судењето, а дошол на денешното рочиште бидејќи бил под притисок од СЈО и од медиумите.

Судијката Лидија Петровска, за следното рочиште, кое го закажа за 1 декември, нареди да биде повикан лекарот невролог кој ја одредил дијагнозата и му дал боледување на Поповски. Дополнително на барање на СЈО, ќе биде повикан и вештак – психијатар да процени дали обвинетиот е способен да ја следи главната расправа.

Претходните две рочишта за „Триста“ исто така беа одложени поради нарушена здравствена состојба на Поповски, кој тогаш воопшто не се појави во судот.

Поповски, кој е единствен обвинет во случајот „Триста“, се товари за набавка на 300 возила за МВР, со која бил оштетен буџетот за 453.570 евра, бидејќи тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на компании што не дале најевтина понуда.


Судењето за „Триста“ се одложи, обвинетиот Ѓоко Поповски бил болен


Скопје, 15 ноември, 2017 - 12:18 (META) 

Почетокот на судењето за случајот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство се одложи, бидејќи на денешното прво рочиште во судницата не беше присутен обвинетиот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски кој бил болен.

Адвокатите на Поповски до судот доставија медицинска документација со која на Поповски му се препорачува да мирува, но, не и дека е на боледување. Адвокатката, Сања Алексиќ рече дека на обвинетиот терапијата му завршува на 16 ноември и дека потоа ќе се знае дали ќе отвори боледување.

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи побара вештак да утврди дали Поповски со таква дијагноза може или не може да присуствува на судењето.

-Обвинетиот е лимитиран во одење и седење, но не и во зборување, тој не е неподвижен. Обвинетиот нема отворено боледување, но и кога би отворил боледување, тој може да присуствува и да зборува пред судот – рече Фетаи.
Судијката Лидија Петровска следното рочиште го закажа за 21 ноември.

Поповски, кој е единствен обвинет во случајот „Триста“ се товари за набавката на 300 возила за МВР, со која бил оштетен буџетот за 453.570 евра, бидејќи тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на компании кои не дале најевтина понуда.

Апелацискиот суд Скопје кон крајот на септември донесе одлука прислушуваните разговори да можат да се користат како доказ во судскиот процес за случајот „Триста“.


Судењето за „Транспортер“ ќе паузира – Џими мора да оди на тезга во Австралија


Скопје, 6 ноември, 2017 - 15:33 (META) 

Почетокот на главната расправа од судскиот процес за случајот „Транспортер“, во кој првообвинет е поранешниот градоначалника на Битола, Владимир Талески, денеска повторно се одложи бидејќи на рочиштето не дојде обвинетата Анита Ангеловска, која била на боледување.

Ова е второ одложување на судењето, откако на претходното рочиште на 28 септември не дојде друга обвинета, поради сообраќајка на патот Битола – Скопје.

Судијката Лидија Петровска следното рочиште го закажа на 13 декември. Таа сугерираше да се одвои постапката, односно наместо на целата група од дваесетина обвинети, да се водат постапки за секој од нив посебно, бидејќи предметот е обемен и постои опасност секогаш да недостига некој обвинет и судењето да се одложува до недоглед.

Сепак, од СЈО не го прифатија предлогот на Петровска. Обвинителот Трајче Пеливанов рече дека со тоа би се искомплицирала постапката бидејќи обвинетите во случајот се соучесници.

Џими Мицевски, кој е еден од обвинетите во случајот како овластено лице во една од фирмите превозници во Битола, побара да му се суди во издвоена постапка бидејќи поради веќе закажаната турнеја во Австралија со фолк-групата „Молика“, чиј член е, не можел да присуствува на рочиштата пред и околу новогодишните празници.

– Не можам никако да ги одложам концертите. Договорени ми се пред една година. Ќе ја запустам групата со која свирам. Закупивме сали во Австралија, потпишав договори. Ако не ги исполнам, по моја вина плаќам пенали во износ од 50.000 долари – рече Мицевски во судницата.

Пеливанов рече Мицевски да си најде замена за турнејата и да се појави не само на рочиштето на 13 декември, туку и на тие во јануари.

По ова судијката следните рочишта, по тоа на 13 декември, ги закажа за 23, 25, 29 и за 31 јануари 2018 година.


Пратенички од ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат „нов“ закон за продолжено породилно отсуство


Скопје, 9 јуни, 2017 - 15:05 (META) 

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Нола Исмајлоска – Старова денеска најави дека во Собранието заедно со нејзината партиска колешка Магдалена Манаскова, ќе поднесат измени на Законот за работни односи, со кои би се продолжило породилното отсуство. Предлог-законот е поддржан од останатите пратеници на коалицијата „За подобра Македонија“, а предложените измени се идентични на предлог-законот на граѓанската иницијатива, кој беше потпишан од 217 мајки, но не беше прифатен од собраниската Комисија за политички систем поради техничка неправилност. Со тие измени се предвидуваше двојно подолго отсуство на мајките – 18 месеци, наместо сегашните 9 месеци.

– Нашата цел не е да ја превземеме граѓанската иницијатива, туку преку овие законски измени да ја забрзаме постапката и да им помогнеме на  мајките кои што одново треба да ја повторуваат целата постапка која што ќе трае подолго време и повторно ја поднесат иницијативата до Собранието на Република Македонија – рече Исмајлоска – Старова.

Таа ги повика сите колеги пратеници да ги поддржат измените, за конечно тие да бидат изгласани во јули, со што веќе во август би можело да породилното отсуство да биде продолжено. Пратеничката посочи дека ќе треба да се организираат и јавни расправи со синдикатите, претставниците од засегнатите министерства, невладините организации, стопанските комори и идните мајки.


СДСМ: Флексибилно работно време за самохраните родители


Скопје, 13 февруари, 2017 - 13:13 (META) 

Во првите шест месеци од формирањето на новата Влада, законски ќе го обезбедиме правото на флексибилно работно време за самохраните родители, се вели во соопштението на СДСМ.

Оттаму додаваат дека, самохраните родители сега се принудени да земаат боледување или ден од одмор ако имаат обврски околу нивните деца, бидејки нема кој да им помогне.

– Со флексибилното работно време тие полесно ќе ги планираат своите секојдневни обврски. Покрај ова, еднородителските семејства со плата пониска од просечната ќе ги ослободиме и од јавните давачки како што се такса, јавен превоз, општински комунални давачки. Ќе бидат ослободени од надомест во градинка и основно училиште. Исто така, за овие семејства, каде едниот родител е починат или е непознат/непризнат ќе промовираме бесплатни сервиси на локално ниво, што ќе им помагаат во секојдневното функционирање – се вели во соопштението на СДСМ.


Почина пејачката Есма Реџепова


Скопје, 11 декември, 2016 - 10:25 (META) 

Пејачката на ромски песни Есма Реџепова-Теодосиевска почина утринава на 73-годишна возраст, по кратко и тешко боледување.

Есма, која уште ја нарекуваат и кралица на ромската музика, во 2013 гoдина ја доби и титулата Национален уметник на Република Македонија.

Освен по пеењето, Есма беше позната и по нејзината хуманост, има одржано голем број на хуманитарни акции, а во својот живот има одгледано 47 деца.


Спасовски: До сега се сменети 11 началници во МВР, можно е да се сменат уште четворица


Скопје, 8 октомври, 2016 - 15:17 (META) 

Досега во Министерството за внатрешни работи се сменети 11 началници, а останува можност за промена уште на четворица, одговори денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на новинарско прашање за последните кадровски смени во МВР, на промоцијата на полициски службеници во Идризово.

Спасовски информираше дека добил информација оти четири до пет лица на битни позиции во МВР биле во исто време на боледување.

– Инаку, тоа не се позициите кои сакав да ги сменам. Ако е заради тоа боледувањето, мислам дека е злоупотреба и треба да се вратат на работа – изјави министерот Спасовски.

 


Во еден ден девет директори на центри за социјална работа најавиле боледување


Скопје, 10 септември, 2016 - 17:06 (META) 

Девет директори на центри за социјална работа испратиле известување до Министерството за труд и социјална политика дека се болни и дека отвориле боледување. Шесте писмени и трите усни најави за боледување во Министерството пристигнале во еден ден.

Оваа информација за „Телма“ ја потврдила и министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски, која беше назначена на оваа позиција од редовите на опозицискиот СДСМ, во согласност со Договорот од Пржино и со договорот од 20 јули.

Таа вели дека слично сценарио имало и претходно кога беше избрана за министер во преодната влада за спроведување на предвремените парламентарни избори.

Користење на боледување најавиле директорите на центрите за социјална работа во Битола, Струмица, Берово, Радовиш, Кавадарци и во други градови низ Македонија. Од вкупно 24 директори на овие институции, повеќе од една третина сега се на боледување.

Синдикатот на администрација и државна управа (САДУ) денеска обвини дека новата министерка за труд и социјална политика им ги скратила годишните одмори на вработените, со што го прекршила Законот за работни односи.

„Дел од вработените ни се обратија со претставки дека телефонски биле известени дека треба да се вратат на работа и да го прекинат користењето на годишниот одмор, поради зголемен обем на работа. Во случајот, вработените имале уредни барања за користење на годишни одмори, кои им биле одобрени од непосредно претпоставените државни службеници и врз основа на тоа донесени се решенија за остварување на правото. Но, и покрај уредно водената постапка, министерката за труд и социјална политика побарала писмено преку државниот секретар, а и усно до вработените, да го прекинат користењето на годишниот одмор и да се вратат на работа“, се вели во соопштението на САДУ.

Ременски за „Телма“ изјавила дека за потпишувањето на одморите е задолжен државниот секретар во Министерството, кој на одмор заминува во вторник следната недела. Според министерката, на четири раководителки на сектори им биле прекинати одмори, кои биле при крај, на што, како што рекла Ременски, тие се согласиле, откако им било кажано дека се потребни за функционирањето на Министерството.

Министерството за труд и социјална политика денека преку соопштение ја поздрави реакцијата на Синдикатот, нагласувајќи дека очекува САДУ во иднина со иста загриженост да ги разгледува и претставките за мобинг и за нарушување на правата на вработените во администрацијата.


СДСМ: Грујовски прима ефективна плата и во графата боледување му стои нула


Скопје, 16 јули, 2016 - 18:31 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, се преправа дека не ја разбрал прес-конференцијата на генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, и се крие зад МВР, велат од СДСМ.

„Документот од УЈП, ги побива обидите на Чавков да се оправда. Од документот може да се види дека Грујовски прима ефективна плата и дека во графата боледување стои нула. Чавков сака да каже дека УЈП измислува? Или, пак, тој лаже? Митко Чавков лично тврдеше дека началникот на петтата управа, Горан Грујовски бил на боледување, поради што тој не можел да поведе соодветни правни постапки против Грујовски, осомничен за уништување опрема за нелегално прислушување“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од опозициската партија го повикаа Чавков лично да излезе и да каже дали Грујовски е на боледување или не.