!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Наградата на Охридската академија за хуманизам за Јиржи Свобода


Охрид, 5 јануари, 2017 - 15:10 (META) 

Светската награда за хуманизам за 2017 година, на Охридската академија на хуманизам, му e доделeна на Јиржи Свобода, култно име на чешката и на светската кинематографија.

Доделувањето на наградата ќе се одржи во Охрид на 18 јануари, на празникот Богојавление, Водици, во Куќата на Уранија на МАНУ, со почеток во 19 часот.

– Неговиот исклучителен животен и творечки опус, чијашто уметничка круна беше остварена минатата година со филмското ремек-дело посветено на Јан Хус, го вброи меѓу големите имиња на светската хуманистичка мисла кои изминативе години ја збогатија духовната меморија на Охрид, градот на вечно живите македонски просветители свети Климент и свети Наум, ученици на апостолите на сесловенската култура светите Кирил и Методиј, заштитници на Европа – се вели во образложението на интернационалното жири.

 


Охрид подготвен за Богојавление – Водици


Охрид, 18 јануари, 2016 - 9:44 (META) 

Во Охрид, утре, на чинот на фрлањето на светиот крст во водите на Охридско Езеро за празникот Богојавление – Водици, се очекуваат повеќе илјади гости, пред сè, домашни, но и индивидуални туристи од Бугарија, Србија и од другите земји од соседството.

Хотелиерите и угостителите, и овојпат, аранжаманите за Водици ги нудат по промотивни цени, намалени, во просек од 10 до 20 отсто.

Организацијата на празникот Водици годинава ја презедоа Општината и црквата, откако граѓанското здружение „Богојављение“, по една деценија, се откажа.

– Традиционалните духовни и верски обичаи во Охрид сè понагласено стануваат туристички атракции. Партнерската соработка помеѓу локалната самоуправа, туристичкиот еснаф и верските заедници придонесува за понатамошна афирмација на традицијата и за зголемување на интересот на угостителските субјекти од градот за креирање привлечни понуди и ценовни прилагодувања за сите заинтересирани гости во деновите на манифестацијата – велат во локалната самоуправа.

Во меѓувреме, преземени се сите подготовки за утрешната атракција. Нуркачки тимови го исчистија дното на езерото во потегот на градското пристаниште и ги отстранија сите опасни предмети што може да им наштетат на капачите.

Црвениот крст од Охрид подготви осум тимови од спасители на вода, кои ќе бидат распоредени кај градското пристаниште, во чамци.

Спасувачките екипи ќе бидат засилени и со осум медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, заедно со две медицински тима на итната медицинска помош со две амбулантски возила.

Со оглед на релативно ниската температура на водата во Охридско Езеро кај пристаништето, 9 Целзиусови степени, и екстремно ниската температура на воздухот која, според најавите, ќе се спушти под минус 10 Целзиусови степени, Црвениот крст повика на исклучително високо внимание и на претпазливост.

За сите капачи кои планираат утре да скокнат во водите, вечерва, од 19 до 23 часот, на платото помеѓу Капетанијата и ресторанот „Чун“, Црвениот крст ќе постави посебен пункт за проверка на здравјето.


Меѓународна конференција за културно наследство: „Охрид – Водици 2016“


Охрид, 16 јануари, 2016 - 13:44 (META) 

Од утре до 19 јануари во Охрид ќе се одржи четвртата Меѓународна конференција за културно наследство, економски развој, туризам и за медиуми „Охрид – Водици 2016“.

Годинава учесниците на конференцијата ќе се фокусираат на темата „Тероризмот, миграција, бегалци – современи предизвици за културните идентитети, наследство, економијата, туризмот и за медиумите“.

Првпат на конференцијата ќе учествуваат претставници од Европа, Америка, Африка и од Азија.

Во рамките на конференцијата, утре во  12 часот, во галеријата на  Куќата на Робевци, ќе биде отворена фото-изложбата „Славата на бреговите на Нил: Културното наследство на Египет“.


Православните христијани во Измир по сто години првпат го одбележаа празникот Богојавление


Измир, 6 јануари, 2016 - 18:51 (META) 

Православните христијани во Измир првпат во 94 години добија дозвола да го одбележат празникот Богојавление, јавува агенцијата ДПА.

На пристаништето во третиот по големина град во Турција, што некогаш бил половина грчки, свештеник го фрли крстот во водата и пушти гулаб на слобода како дел од церемонијата. Ритуалот го симболизира крштевањето на Исус Христос и Светиот дух.

На церемонијата присуствуваа Грци кои работат во Измир, членови на други православни цркви, регионалниот католички епископ, посетители од Грција и локални жители на Измир.


Општината и црквата ја презедоа организацијата на Водици


Охрид, 6 јануари, 2016 - 10:36 (META) 

Откако граѓанското здружение „Богојавление“, по една деценија, ја откажа организацијата на големиот православен празник Богојавление – Водици, обврската за организација на манфестацијата ја презедоа Општината заедно со Дебарско-кичевската епархија.

Градоначалникот Никола Бакрачески формираше посебно координативно тело, во кое има и претставник на
црквата. До 19 јануари, има доволно време за да се спроведат сите подготовки.

– Традиционалните духовни и верски обичаи во Охрид сè понагласено стануваат туристички атракции, пред сè, благодарение на заложбите на локалната самоуправа и на добрата соработка со хотелско-угостителскиот еснаф и со бизнис-заедницата во Охрид – велат од Општината.

Креираните понуди на претставниците на туристичко-угостителскиот сектор ќе бидат објавени на официјалната веб-страница на Општина Охрид, со што ќе достапни за сите граѓани, потенцијални посетители и за домашните и за странски агенции.


Здружението „Богојавление“ ја откажа организацијата на манифестацијата Богојавление – Водици


Охрид, 4 декември, 2015 - 9:49 (META) 

Здружението „Богојавление“ се откажа од организацијата на свеченостите и на манифестациите поврзани со верскиот празник Водици – Богојавление. Иако ваквата одлука на здружението, на некој начин, беше очекувана, јавноста ја прими веста со големо изненадување бидејќи станува збор за манифестација што привлекува илјадници гости надвор од туристичката сезона и придонесува за афирмацијата на градот.

– Сакаме да ја информираме пошироката јавност за одлуката на здружението „Богојавление“ дека организацијата на манифестацијата за збогатување на верскиот празник Водици ѝ ја препуштаме на МПЦ, за што ја известивме Дебарско-кичевската епархија – соопштија од здружението.

Оттаму образложуваат дека манифестацијата и организациски и финансиски ги надминува можностите на здруженито, бидејќи истата од локален, прерасна најпрвин во национален, а потоа и во интернационален настан. Водици е голем православен празник кој припаѓа на црквата и на градот.

Од митрополијата на Дебарско-кичевската епархија во Охрид, велат дека не им придавале особено значење ниту на претходните шпекулации, ниту на конечната одлука на здружението.

– Дали oд „Богојавление“ ќе бидат организатори или не, тоа зависи од нив самите. Тие и така работат на своја рака. Во митрополијата не прашаа ниту кога се формираа – велат оттаму.

Според митрополијата, претставници на здружението кај надлежниот архиереј, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката г. Тимотеј, доаѓале два-три дена пред самата манифестација, колку да информираат и формално да поканат.

Дека владиката Тимотеј и поединци од Здужението „Богојављение“ не се во добри односи, не е непозната работа. Самиот митрополит јавно го искажа своето незадоволство, обвинувајќи ги челниците од здружението дека го приватизирале настанот, а самиот чин на осветувањето на водите го комерцијализирале.

Верскиот празник Богојавление – Водици се одбележува на 19 јануари.


Понеделник – Водици е неработен ден


Скопје, 14 јануари, 2015 - 10:51 (META) 

Неработен ден за граѓаните од православната вероисповед во Република Македонија е понеделник, Богојавление (Водици). Тоа е во согласност со Законот за празниците, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Министерството за труд и социјална политика на граѓаните од православната вероисповед во Република Македонија им го честита празникот Богојавление.


Владика Тимотеј: Здружението „Богојавление” не ја афирмира црквата туку личните интереси


Охрид, 11 јануари, 2015 - 13:28 (META) 

Охридскиот владика г. Тимотеј и оваа година нема да го фрла крстот за големиот верски празник Водици – Богојавление во водите на Охридско Езеро. Минатата година се шпекулираше дека владиката не се појави – официјално поради болест, неофицијално – поради присуството на премиерот Груевски, додека годинава открива други причини.

– Нема да бидам тука за Водици бидејќи ќе сум на службено патување во Австралија – вели митрополитот дебарско-кичевски и плаошки, владика г. Тимотеј, но додава дека на МПЦ-ОА не ѝ е потребно никакво здружение на граѓани, невладина организација или друга државна институција за да ја афирмира. Притоа мисли на Здружението „Богојављение“ кое ја организира манифестацијата.

– Тие од тоа здружението никогаш ниту барале согласност од нас ниту, пак, ја афирмираат црквата во реалност. Не би сакал да ја коментирам оваа програма бидејќи нема да бидам тука, но мислам дека се работи само за лични интереси, пред сè комерцијални – вели митрополитот Тимотеј за порталот „Охрид 1“.

Владиката Тимотеј додава дека фрлањето на крстот е дело на македонскиот народ.

– Прашајте ги кога е формирано тоа здружение и од кога се фрла крстот и ќе видите дали е тоа нивна активност или е активност на Црквата и на целиот македонски народ – ја пренесува порталот изјавата на митрополитот Тимотеј.
Владиката г. Тимотеј, комерцијализацијата на празникот ја оценува како антицрковна.

– Сето тоа што го прават со активности по кафеаните е антицрковно, само да се изнапијат, препијат, да се изнајадат и прејадат. Тоа ли е афримација на црква? Проверете колку од нив знаат да се прекрстат и од сето тоа ќе видите колку се верници и колку ја афирмираат црквата, поточно воопшто не ја афирмираат ни верата ни црквата, туку го прават обратното – додава владиката Тимотеј.

Здружението „Богојавление“, според неговата официјална веб-страница функционира од 2003 година кога „Љупчо Арнаудов и Митко Пендов ја покренале иницијативата за формирање на градски одбор кој врз себе ќе ја преземе целокупната организација на манифестацијата. Одборот, со погоре споменатите членови, почна да функционира во 2003 година, кога претседателот на одборот Љупчо Арнаудов беше и првиот кум“.

Локалната власт во Охрид години наназад отворено го подржува здружението, а двајцата последни градоначалници прифатија да бидат и кумови. Актуелниот, Бакрачески, на последната прес-конференција отиде чекор понатаму и лично ја соопшти речиси целата програма за оваа година. Кумови за празникот Водици во Охрид оваа година се скопскиот стопанственик Зоран Милевски и српскиот пејач Жељко Јоксимовиќ.