!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДС да престане со манипулации и лаги за стечајците, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 18 август, 2017 - 11:17 (META) 

Крајно лицемерно е СДС да зборува за социјална заштита и грижа за функционирањето на социјалните работници, кога додека беа на власт, со прст не мрднаа за подобрување на системот на социјална заштита, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ за стечајните работници.

Во него се додава дека „СДС остави на улица 200.000 работници и стави клуч на 684 фабрики оставајќи без никаква егзистенција стотици илјади деца.“

„СДС е гробар на македонската економија. Десетици години и требаа на државата да излезе од провалијата во која што ја втурнаа. Врз грбот на граѓаните се прекршија сите приватизации додека олигарсите на СДС го зголемуваа своето богатство“, се додава во соопштението.


Основачот на „Амазон“, Џеф Безос е најбогатиот човек во светот


Њујорк, 27 јули, 2017 - 20:25 (META) 

Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, е на прво места на листата на најбогати луѓе во светот откако цената на акциите на компанијата се зголеми, пишува магазинот „Форбс“, кој секоја година прави ранг-листа на најбогати луѓе во светот.

Аналитичарите проценуваат дека цената на акциите на „Амазон“, која сега изнесува 1.071 долари за една акција, ќе се зголеми двојно. Безос поседува 17 проценти од акциите на „Амазон“ и неговото богатство се проценува на нешто повеќе од 90 милијарди долари.

На второ место по богатство е основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, кој беше прв на листата од 2013 година. Гејтс има една милијарда помалку од Безос, односно 89 милијарди долари.


ВМРО-ДПМНЕ: Министрите Поповски и Ибраимовски сè уште не го пријавиле имотот


Скопје, 2 јули, 2017 - 16:27 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека министрите на СДСМ во Владата го кријат своето богатство, посочувајќи дека министрите Роберт Поповски и Самка Ибраимовски сè уште немаат поднесено пријава за својот имот до Државната комисија за спречување на корупција.

– Тоа, согласно законот, преставува казниво дело. Тие демонстрираат беззаконие, но она што повеќе ја интересира јавноста е зошто го кријат својот имот и колку имаат заработено под услови на наводен режим? Дали во моментот прават префрлање на богаството на други лица за да не се дознае нивниот имот? Од СДС има целосен молк за тоа како министрите милионери од нивните редови дојдоа до богатство, станови, куќи, хациенди и до луксузни возила под услови на наводен режим и диктатура – изјави денеска на прес-конференција Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.

Од досега објавените анкетни листови, вели Колариќ, се гледа дека новата влада на СДСМ е составена од милионери кои своето богатство го стекнале за многу краток период.


Половина од светското богатство е во рацете на осум луѓе, тврди „Оксфам“


Лондон, 16 јануари, 2017 - 11:15 (META) 

Имотот на најсиромашните 3,6 милијарди лица или половина од светската популација е еднаков на вкупната нето-вредност на имотот на осум лица и тоа ниво на нееднаквост би можело да ги разори општествата, предупреди британското хуманистичко здружение „Оксфам“.

Во пресрет на годинешниот собир во Давос, здружението вели дека станува збор за шест американски, еден шпански и за еден мексикански бизнисмен.

Осумте милијардери се избрани според листата на магазинот „Форбс“, а меѓу нив се основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, основачот на „Фејсбук“, Марк Зукерберг, и основачот на „Амазон“, Џеф Безос.

Од „Оксфам“, исто така, предупредуваат дека постои поврзаност меѓу длабокиот јаз што ги дели богатите од сиромашните и сè поголемото глобално незадоволство со доминантната политика.

„Брексит и успешната претседателска кампања на Доналд Трамп, како и загрижувачкото зајакнување на расизмот и раширената разочараност од владејачката политика, спаѓаат меѓу зачестените сигнали дека сè поголем број луѓе во богатите земји не се подготвени да се помират со статус кво состојбата“, констатира здружението во извештајот „Економија за 99 отсто“.

Од „Оксфам“ истакнуваат дека новите податоци за распределба на богатствата во земјите како Индија и Кина ги поттикнале да ги поправат своите пресметки од пред една година, според кои се сметаше дека половина од светскиот имот е во рацете на 62 лица.

Нееднаквоста ќе биде главна тема на дневниот ред на годинешниот собир во Давос, на кој лидерите на светската политика и бизнисмените од вторник до петок ќе разговараат за клучните светски прашања.

„Оксфам“ во извештајот повикува на подигнување на даночните стапки за богатите поединци и компании, како и на склучување глобален договор со кој ќе се стави крај на натпреварот меѓу земјите во намалување на даночните стапки.

Од здружението го осудија лобирањето на корпорациите и блиските врски меѓу политиката и бизнис-светот и побараа да се воспостават задолжителни јавни регистри на лобисти и строги прописи за сузбивање на судирот на интереси.


Кризата го намалила богаството и заштедите на Грците за речиси 600 милиони евра


Атина, 4 декември, 2016 - 10:23 (META) 

Секое грчко домаќинство изгубило 67.703 евра во периодот од економската криза во последните девет години, пишува грчкиот весник „То вима“. Според анализата на весникот, домашниот бруто-производ на државата се намалил за 57 милиони евра, а вкупното богатство и имот на Грците се намалени за 587 милиони евра.

Ако во 2007 година вкупната вредност на целокупниот имот и финансиска заштеда на секое домаќинство била 165.410 евра, во 2016 година таа опаднала за 41 отсто и сега е 97.706 евра. Податоците се од Институтот за анализи на швајцарската банка „Кредит Свис“, која го испитувала развојот на богатството во повеќе од 200 држави.

Во периодот од 1996 до 2007 година, во државата се влеале од 400 до 500 милијарди евра од странските пазари, институции и од други извори. Ова помогнало богатството на грчките домаќинства во најдобриот период во 2007 година да се зголеми од 595 милијарди евра на повеќе од 1,4 милијарди евра.

Според анализата, има 77.000 Грци милионери кои располагаат со повеќе од 116 трилиони долари на светско ниво. Цените на недвижнините поради кризата се намалени за 45 до 50 отсто. Според анализа на „Прајс Вотер Куперс“, интересот за купување недвижнини ќе се подигне повторно во 2047 година, додека цените ќе се вратат на ниво како пред кризата по 2050 година.


Основачот на „Зара“, Амансио Ортега, е најбогатиот човек во светот


Њујорк, 9 септември, 2016 - 19:44 (META) 

Основачот на модниот бренд „Зара“, Амансио Ортега, е прогласен за најбогат човек во светот од страна на магазинот „Форбс“.

Неговите акции во компанијата „Индитекс“, во чијашто сопственост се наоѓа „Зара“, бележат пораст на вредноста за 2,5 проценти и тоа го зголеми богатството на Ортега на 79,5 милијарди долари, пишува „Форбс“.

По Ортега, втор најбогат човек е основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, чиешто богатство се проценува на 78,5 милијарди долари.


Регионалната конференција за активен туризам во Охрид


Охрид, 10 мај, 2016 - 9:56 (META) 

Од денеска до 12 мај во Охрид се одржува првата Регионална конференција за активен туризам.

На собирот, кој се одржува под мотото „Знаење, партнерство“, присуствуваат повеќе од 200 претставници од јавниот и од приватниот сектор од 12 дестинации од Југоисточна Европа, кои ќе се поврзат со веќе потврдени 45 меѓународни туристички оператори од 16 земји.

Конференцијата има цел да го поттикне избивањето на Балканот како една од најдобрите дестинации за активен туризам во Европа.

Покрај другото, се организира обука за туристичките оператори кои ќе присуствуваат на конференцијата со свои бизнис-предлози.


Првпат повеќе милијардери во Кина отколку во САД


Пекинг, 15 октомври, 2015 - 13:54 (META) 

Бројот на милијардери во Кина првпат ја надмина бројката на милијардери во САД и покрај забавениот пораст на втората по големина светска економија, покажуваат резултатите од годишното истражување.

– Кина сега има 596 милијардери, што е значително зголемен број во однос на 242 од минатата година. Во САД има 537 милијардери – објави магазинот „Хурун репорт“ од Шангај.

Магазинот наведува дека и покрај економското забавување, најбогатите Кинези забележале најдобра година досега.

Најбогат човек во Кина е Ванг Џијанлин, основач на коaнгломератот „Ванда“, чие богатство се зголемило за повеќе од 50 процнети, на 34,4 милијарди долари, благодарение на порастот на вредноста на акциите.

Второпласиран е Џек Ма, основачот на трговскиот гигант „Алибаба“.


Еден отсто од најбогатите поседуваат половина од светското богатство


Цирих, 14 октомври, 2015 - 12:50 (META) 

Нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните е сè поголема, а еден отсто од најбогатите поседуваат половина од светското богатство, се наведува во извештајот на швајцарската банка „Креди Свис“.

Според резултатите од истражувањето, првпат во Кина има повеќе луѓе кои ѝ припаѓаат на средната класа (109 милиони), во однос на САД (92 милиони).

Како што е наведено, околу 70 отсто од возрасните лица во светот, односно 3,4 милијарди лица поседуваат помалку од 10.000 долари, додека 383 милиони лица или осум отсто од популацијата има повеќе од 100.000 долари.

„Нееднаквоста во богатството продолжува да се зголемува од 2008 година, па сега еден отсто од богатите поседуваат 50,4 отсто од вкупното богатство“, стои во соопштението.

Швајцарската банка оценила дека 14 отсто од возрасните лица во светот ѝ припаѓаат на средната класа и тие поседуваат од 50.000 долари до 500.000 долари.


Саудиски принц ќе донира 32 милијарди долари во добротворни цели


Ријад, 1 јули, 2015 - 20:42 (META) 

Саудискиот милијардер, принцот Алвалед бин Талал, изјавил дека ќе го донира целото свое богатство од 32 милијарди долари во добротворни цели, пренесува „Би-Би-Си“.

Принцот Алвалед, кој е на 60-годишна возраст и е еден од најбогатите луѓе на планетата, рекол дека на овој потег бил инспирирана од Фондацијата „Гејтс“, основана од Бил Гејтс и од неговата сопруга Милинда, во 1997 година.

Според него, парите, меѓу другото, ќе бидат искористени за поттикнување на културното разбирање, поддршка на жените и заштита при катастрофи.

Принцот Алвалед е на 34. место на листата на „Форбс“ на најбогати луѓе во светот.

Тој, инаку, не е на никаква државна позиција во Кралството Саудиска Арабија, туку е претседател на инвестициска компанија, која поседува удел во синџирот хотели „Фор сизонс“, „Фермонт“, „Рафлс“, како и во „Њус корп“, „Твитер“ и во „Епл“.