Бобан Илиќ осуден на шест години затвор за случајот „Алмир“


Куманово, 5 април, 2018 - 14:57 (META) 

Бобан Илиќ е осуден на шест години казна затвор за случајот со малиот Алмир, одлучи кумановскиот суд од каде велат дека казната е соодветна со оглед на настанатите последици.

-Судот ги имаше предвид сите докази и закон рамки за или соодветна казна согласно дејствијата кои ги презеле и настанатата ситуација. За останатите тројца, судот ја имаше предвид последицата, затоа е одредена минималната казна – рече судијката Денковска.

Таткото на Алмир, Седат Алиу, беше осуден на шест месеци затвор, Абдула Алиу, 9 месеци затвор, и Сами Демири 9 месеци затвор за делото „насилство“.

-Срамно е што за таков сериозен прекршок ќе му се изрече пресуда од 6 години. Судот не ги зема предвид многуте факти, вклучувајќи го и животот на младиот Алмир Алиу, а пак за да биде пресудата е уште поскандалозна, судот му изрече казна на таткото и на семејството на Алмир. Јас како правник ќе се борам да докажам дека е ова монтиран случај. Самото обвинителство го водеше процесот за ваков резултат да се добие. Ние верувавме дека судот ќе изрече многу повисока казна предвидена согласно Кривичниот законик рече адвокатот Асмир Алиспахиќ.

Обвинетиот Бобан Илиќ се товари за „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, во врска со смртта на Алмир.


Бобан Илиќ не се чувствува виновен за смртта на Алмир, пресуда в четврток


Куманово, 2 април, 2018 - 15:52 (META) 

В четврток во 14 часот во Основен суд Куманово ќе биде соопштена пресудата за смртта на 4-годишниот Алмир Алиу, кој пред нецели две години беше прегазен во Куманово. На денешното рочиште на кои се кажуваа завршните зборови, обвинетиот Бобан Илиќ, кој по измената на обвинителниот акт, сега одговара за сообраќајка со смртни последици, рече дека не се чувствува виновен, јави „Порталб“.

Асмир Алиспахиќ, адвокатот на семејството Алиу тврди дека се направени низа неправилности и во истражната постапка и во анализата на материјалните докази и порача дека обвинителството направило сериозна грешка со преформулирање на обвинението против Илиќ од убиство во сообраќајна несреќа со смртни последици. Според Алиспахиќ, обвинение требало да има и против братот на Бобан, Бојан Илиќ.

Обвинението беше преформулирано бидејќи, како што рече обвинителката Сузана Кусиѓерска, невропсихијатриско вештачење покажало дека Бобан Илиќ бил во состојба на емоционална растроеност и немало предумисла. Според адвокатот на семејството Алиу, тројца од четиримината вештаци имале истечено лиценца. Алиспахиќ побара и повлекување на обвинението за Седат Алиу, Абдула Алиу и Сами Демири, кои се обвинети за насилство против браќата Илиќ.

Во завршните зборови, Бобан Илиќ рече дека не се чувствува виновен.

Неговиот адвокат Стеван Павлески рече дека вистинските виновници се членовите на семејството на малиот Алмир.

Според Павлески, Бобан Илиќ не е виновен за сообраќајка со смртни последици, бидејќи не ја предизвикал опасната ситуација, туку на тоа бил поттикнат од постапките на роднините на Алмир, кои во болницата пред инцидентот првин усно, а потоа физички го нападнале.


На протестот пред Владата се бараше нова судска постапка за смртта на Алмир


Скопје, 21 март, 2018 - 16:54 (META) 

Со оставање играчки, балони, детска облека на оградата пред Владата мина денешниот протест поради преквалификација на делото од „убиство“ во „сообраќајка“ во случајот со загинувањето на четиригодишниот Алмир Алиу од Куманово.

На четвртиот протест учествуваа голем број граѓани, а двајца од организаторите, актерот Висар Вишка и Дијана Тоска побараа судскиот процес против Бобан Илиќ, кој го возеше автомобилот што го прегази Алмир Алиу, да почне од почеток и со обвинители што не се од Куманово, јави „Порталб“.

Protest za Almir Aliu 4 pred Vlada 21mar18 - Meta– Се собравме денес да протестираме за трулата правда во Република Македонија. Срамно, пред наши очи органите на правдата убиството на 4 годишниот Алмир го преквалификуваа во престап во сообраќајот. Овде сме да кажеме дека нема да го дозволиме тоа. Правда за Алмир мора да има. Бобан Илиќ изврши убиство! Случајот за Алмир ќе биде правично и праведно воден единствено доколку судската постапка започне одново и истата ја водат стручни, непристрасни и некорумпирани обвинители и судии, и тоа надвор од Куманово. Обвинители и судии кои ќе одлучуваат професионално, правично,чесно и непристрасно – рекоа тие.

Protest za Almir Aliu 3 pred Vlada 21mar18 - MetaДемонстрантите, кои носеа фотографии од Алмир, албански знамиња и транспаренти „Нема правда, нема мир“, и „Каде ви е совеста македонско обвинителство“ на албански јазик, како и транспаренти со исправен среден прст побараа разрешување на републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески и најавија кривични пријави против јавната обвинителка Сузана Кусиѓерска поради, како што рекоа, намерно неизнесување на факти и сведоштва.

Побараа одговорност и од премиерот Зоран Заев поради неизвршување на ветените правосудни реформи.

– Бараме одговорност од Зоран Заев, оти не само што не се спроведоа правосудните реформи туку се дозволи истите судии да делат правда – рече Вишка.

Владата се огласи со соопштение по протестот, велејќи дека „судските одлуки се одлуки на правосудните органи како независни институции“, но дека Владата „со должно внимание ги зема предвид пораките од денешниот протест“.

„Овој став на Владата е во насока на сеопфатните заложби за реформи во правосудниот систем кој треба да ги врати достоинството и довербата во судските институции, и најмногу од сè да ги врати непристрасноста, независноста и владеењето на правото и правдата, во работата и одлуките на сите институции во правосудството“, стои во соопштението.

Истовремено, Владата порача дека ги осудува сите изрази на говор на омраза и на радикални постапки.


Обвинетиот ќе одговара за сообраќајка, а не за убиство на 4-годишниот Алмир


Куманово, 15 март, 2018 - 14:37 (META) 

Обвинетиот кумановец, Бобан Илиќ, нема да одговара за убиство со умисла на четиригодишниот Алмир Алиу, кој беше прегазен пред една година и девет месеци во Куманово. Наместо тоа, Илиќ, кој беше зад воланот на автомобилот кој го усмрти Алмир, е обвинет за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, кривично дело за кое Кривичниот законик предвидува максимална казна до десет години, јави Порталб.мк.

Иако претходно беше најавена ваквата измена, тоа стана дефинитивно откако во Основен суд Куманово денеска обвинителката Сузана Кусиѓерска во завршните зборови посочи дека причината за ваквиот чекор е што кога било покренато првичното обвинение за убиство со умисла, доцнеле вештачењата – психијатриското и техничко-сообраќајното, а исто така на видео-снимката, која не е прикажана целата во јавност, се гледало дека  Бобан Илиќ и неговите брат и девојка биле физички нападнати.

Четиригодишниот Алмир Алиу беше прегазен пред Здравствениот дом во Куманово на 25 јуни 2016 година.

Пред почетокот на денешното судско рочиште, пред Основниот суд во Куманово се одржа третиот протест на граѓанската иницијатива „Правда за Алмир“ со кој повторно се побара изземање на обвинителката Кусиѓерска. Беше поставен и транспарент, со кој се обвинуваше дека Јавното обвинителство и Кусиѓерска со помош на судијката Маја Денковска, по вторпат ќе го убијат Алмир.


Учесниците на протестот за малиот Алмир побараа изземање на обвинителката


Скопје, 2 март, 2018 - 15:05 (META) 

Триесетина учесници на денешниот протест за судскиот процес за смртта на 4-годишниот  Алмир Алиу, кој во јуни 2016 година во Куманово беше прегазен од Бобан Илиќ, при бркотница со членови на семејството Алиу, побараа изземање на обвинителката Сузана Кусигерска, јави „Порталб.мк“.

Протестот се одржа пред Јавното обвинителство на Република Македонија во Скопје, еден месец по првиот.

Актерот Висар Вишка, еден од организаторите на денешниот протест, пак, го обвини Јавниот обвинител Љубомир Јовески дека лажел пред Собранието дека преквалификацијата на делото од убиство во сообраќајка со смртни последици ја потпишал неговиот претходник Зврлевски. Вишка побара Јовески да го објави документот.

Една од организаторките на денешниот протест, Анита Љатифи, побара Кусиѓерска, која е од Основното јавно обвинителство – Куманово, веднаш да биде изземена поради одлуката обвинителниот акт од убиство со умисла да го преквалификува во сообраќајна несреќа со смртни последици.

Истото барање го имаше и адвокатот на семејството Алиу, но тоа беше отфрлено од Основниот суд.

Демонстрантите негодуваа што Основното јавно обвинителство – Куманово наместо да го конфискува „мерцедесот“ со кој е прегазен Алмир, го вратило на семејството на обвинетиот.
„Поради ваквата истражна постaпка; уништување на доказите, односно на оружјето со коешто е извршено делото; пристрастноста на Јавниот обвинител при водењето на постапката; „шетањето“ на квалификацијата на делото од основото кон вишото и републичкото обвинителство, односно ПОРАДИ САБОТАЖА НА ПРАВДАТА во случајот Алмир, бараме изземање на Јавниот Обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово, Сузана Кусигерска“, порачаа демонстрантите.